ПОГЛАВЈЕ 90
Исус умрел на местото Голгота
Главните свештеници го одвеле Исус во палатата на управителот Пилат. Тој ги прашал: „За што го обвинувате овој човек?“ Тие му одговориле: „Вели дека е цар!“ Пилат го прашал Исус: „Дали си ти царот на Евреите?“ Исус му одговорил: „Моето Царство не е дел од овој свет“.
Тогаш Пилат го испратил Исус кај Ирод, владетелот на Галилеја, да види дали тој ќе најде нешто против него. Бидејќи Ирод не нашол ништо против Исус, го вратил кај Пилат. Затоа Пилат му рекол на народот: „Ниту Ирод ниту јас не најдовме ништо против овој човек. Ќе го ослободам“. Но луѓето почнале да викаат: „Погуби го! Погуби го!“ Тогаш војниците почнале да го камшикуваат Исус, да го плукаат и да го удираат. На главата му ставиле круна од трње и со потсмев му велеле: „Здраво, царе на Евреите“. Пилат повторно им кажал на луѓето: „Не најдов ништо лошо кај овој човек“. Но, тие силно викале: „Прикови го на столб!“ Тогаш Пилат наредил Исус да биде погубен.
Војниците го однеле Исус на местото наречено Голгота, го приковале на столб и потоа го исправиле столбот. Исус се помолил: „Татко, прости им. Не знаат што прават“. Луѓето го исмевале Исус со зборовите: „Ако си Божји Син, слези од столбот! Ајде, спаси се“.
Еден од злосторниците што биле приковани до него му рекол: „Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето Царство“. Исус му ветил: „Ќе бидеш со мене во рајот“. Попладнето, по целата земја се спуштила темнина која траела три часа. Во близина на столбот стоеле некои од учениците, меѓу кои била и Марија, мајката на Исус. Исус му рекол на Јован да се грижи за Марија како за своја мајка.
На крајот, Исус рекол: „Довршено е!“ Ја наведнал главата и умрел. Во тој момент настанал многу силен земјотрес. Во храмот, тешката завеса која ја одделувала Светињата од Светињата над светињите се расцепила на половина. Еден војник рекол: „Тој навистина беше Божји Син“.
„Колку и да има Божји ветувања, преку него станаа ’да‘“ (2. Коринќаните 1:20)