ПОГЛАВЈЕ 1
Божјата љубов ќе трае засекогаш
„Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. ЈОВАНОВО 5:3)
1-2. Зошто го сакаш Јехова Бог?
ДАЛИ го сакаш Бог? Можеби толку многу го сакаш што веќе си му го заветувал својот живот. Можеби го сметаш за твој најдобар пријател. Сепак, Јехова те сакал дури и пред ти да го засакаш него. Во Библијата пишува: „Ние покажуваме љубов, бидејќи прво тој покажа љубов кон нас“ (1. Јованово 4:19).
2 Размисли на кои сѐ начини Јехова покажал дека нѐ сака. Тој ни ја дал Земјата како еден прекрасен дом, и ни дал сѐ што ни е потребно за да му се радуваме на животот (Матеј 5:45; Откровение 4:11). Јехова сака да бидеме блиски пријатели со него и затоа ни дава можност да го запознаеме. Додека ја читаме Библијата, ние, всушност, го слушаме Јехова. А кога му се молиме, тој нѐ слуша нас (Псалм 65:2). Јехова нѐ води и нѐ зајакнува преку својот моќен свет дух (Лука 11:13). Тој дури го испратил својот сакан Син на Земјата за да нѐ ослободи од гревот и од смртта. (Прочитај Јован 3:16; Римјаните 5:8.)
3. Како можеме да си го зачуваме пријателството со Јехова?
3 Помисли за момент на некој од твоите најдобри пријатели, некој што бил покрај тебе и во добро и во лошо. Потребно е да вложуваш труд за да зачуваш едно такво цврсто пријателство. Ова важи и за нашето пријателство со Јехова, најдобриот пријател што би можеле да го имаме. Нашето пријателство со него може да трае вечно. Затоа Библијата нѐ поттикнува: „Стојте во Божјата љубов“ (Јуда 21). Како можеме да останеме достојни за Бог да нѐ сака и да покажеме дека и ние го сакаме него? Библијата ни го дава одговорот: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).
„ЉУБОВТА КОН БОГ“
4-5. Како почнала да расте твојата љубов кон Јехова?
4 Дали се сеќаваш кога во твоето срце почна да се раѓа љубов кон Јехова? Сети се како си се чувствувал кога си дознал дека Јехова сака да живееш засекогаш во неговиот нов свет.
5 Ти си дознал што сѐ направил Јехова за да го овозможи тоа и си сфатил колку скапоцен дар ни дал кога го испратил својот Син на Земјата (Матеј 20:28; Јован 8:29; Римјаните 5:12, 18). Кога си станал свесен колку многу те сака Јехова, тоа длабоко те трогнало, и си почнал и ти да го сакаш него. (Прочитај 1. Јованово 4:9, 10.)
6. а) Што значи да сакаш некого? б) На што те поттикнала твојата љубов кон Бог?
6 Но тоа било само почеток на твојата љубов кон Бог. На пример, кога сакаме некого, освен што му кажуваме „те сакам“, поттикнати сме и да правиме работи со кои ќе го усреќиме. Слично на тоа, љубовта кон Јехова те поттикнала да живееш на начин со кој ќе го радуваш. Како што растела твојата љубов кон него, веројатно си му се заветувал и си се крстил. Со тоа што си му се заветувал на Јехова, всушност, си му ветил дека ќе му служиш во сета вечност. (Прочитај Римјаните 14:7, 8.) Како можеш да го исполниш тоа ветување?
„ДА СЕ ДРЖАТ НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ“
7. а) Што ќе правиме ако го сакаме Јехова? б) Кои се некои од неговите заповеди?
7 Бидејќи го сакаме Јехова, ние ги држиме неговите заповеди. Од Библијата дознаваме како сака Јехова да живееме. На пример, тој ни кажува дека е погрешно да се опиваме, да крадеме и да лажеме, да имаме сексуални односи надвор од бракот и да обожаваме некој или нешто друго освен него (1. Коринќаните 5:11; 6:18; 10:14; Ефешаните 4:28; Колошаните 3:9).
8-9. Како можеме да дознаеме што сака Јехова да правиме во ситуации за кои нема конкретен закон во Библијата? Наведи пример.
8 Но, за да го радуваме Јехова, не е доволно само да ги држиме неговите заповеди. Тој не ни дал некој долг список со закони за секоја ситуација во животот. Затоа, нема секогаш да најдеме конкретен закон во Библијата според кој ќе знаеме како да постапиме. Како можеме да донесеме добри одлуки во такви ситуации? (Ефешаните 5:17). Во Библијата има начела, односно основни вистини кои ни откриваат како Јехова гледа на работите. Додека ја читаме Библијата, уште подобро го запознаваме Јехова. Дознаваме како размислува тој, на пример, што сака, а што мрази. (Прочитај Псалм 97:10; Изреки 6:16-19; види Белешка 1.)
9 На пример, како можеме да одлучиме што ќе гледаме на телевизија или на интернет? Јехова не ни кажува конкретно што да гледаме, а што не. Но, начелата што ни ги дал ни помагаат да носиме добри одлуки. Голем дел од забавата е полна со насилство и сексуален неморал. Во Библијата, Јехова ни кажува дека „го мрази оној што го сака насилството“ и дека „ќе им суди на блудниците и на прељубниците“, односно на неморалните луѓе (Псалм 11:5; Евреите 13:4). Како можат овие начела да ни помогнат да носиме добри одлуки? Откако ќе дознаеме дека Јехова мрази нешто или смета дека нешто не е чисто во морален поглед, треба да го избегнуваме тоа.
10-11. Зошто сме му послушни на Јехова?
10 Зошто сме му послушни на Јехова? Тоа не го правиме само за да не бидеме казнети или за да ги избегнеме последиците од лошите одлуки (Галатите 6:7). Ние сме му послушни на Јехова од љубов. Исто како што децата сакаат да го израдуваат својот татко, и ние сакаме да го израдуваме нашиот небесен Татко. Нема ништо подобро од тоа да знаеме дека Јехова е задоволен од нас! (Псалм 5:12; Изреки 12:2; види Белешка 2).
11 Ние не сме му послушни на Јехова само кога тоа е лесно или кога немаме друг избор. Исто така, не избираме кои од неговите закони и мерила ќе ги почитуваме, а кои не (5. Мојсеева 12:32). Напротив, ние сме му послушни во сѐ, исто како и псалмистот кој рекол: „Ќе уживам во твоите заповеди, кои ги сакам“ (Псалм 119:47; Римјаните 6:17). Ние сакаме да бидеме како Ное кој ја покажал својата љубов кон Јехова така што правел сѐ што тој му заповедал. Во Библијата за Ное пишува: „Токму така направи“ (1. Мојсеева 6:22). Сигурно би сакал Јехова да го каже тоа и за тебе.
12. Како можеме да го радуваме Јехова?
12 Како се чувствува Јехова кога сме му послушни? Тој многу се радува (Изреки 11:20; 27:11). Замисли, со нашата послушност можеме да го израдуваме Творецот на вселената! Но тој никогаш не нѐ присилува да му бидеме послушни. Напротив, Јехова ни дал слободна волја. Ова значи дека имаме слобода да избереме дали ќе постапиме исправно или погрешно. Јехова сака нашата љубов кон него да нѐ поттикне да носиме добри одлуки за да можеме потполно да му се радуваме на животот (5. Мојсеева 30:15, 16, 19, 20; види Белешка 3).
„НЕГОВИТЕ ЗАПОВЕДИ НЕ СЕ ТЕШКИ“
13-14. Од каде знаеме дека Божјите заповеди не се претешки за нас? Наведи пример.
13 Понекогаш можеби си мислиме дека заповедите на Јехова се претешки или дека ни ја ограничуваат слободата. Библијата јасно вели: „Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Грчкиот збор што е преведен како „тешки“, во други библиски стихови се користи за да се опишат неразумните правила или луѓето што се обидуваат да ги контролираат и да ги повредуваат другите (Матеј 23:4; Дела 20:29, 30). Заповедите на Јехова не се тешки. Во која смисла? Во таа смисла што не ни е претешко да им бидеме послушни. Тој е разумен и никогаш не очекува од нас нешто што не можеме да го направиме.
14 На пример, замисли дека му помагаш на некој пријател да се пресели во друг стан. Тој ги спакувал сите свои работи во кутии. Некои од нив се лесни, но некои се толку тешки што се потребни двајца за да ги кренат. Дали твојот пријател би побарал од тебе сам да кренеш многу тешка кутија? Се разбира дека не! Зошто? Бидејќи не сака да се повредиш. Исто како тој пријател, Јехова никогаш не би побарал да направиме нешто што е претешко за нас (5. Мојсеева 30:11-14). Тој има разбирање за нашите ограничувања. Јехова „добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14).
15. Зошто можеме да бидеме сигурни дека заповедите на Јехова се за наше добро?
15 Мојсеј им кажал на Израелците дека, ако ги држат заповедите на Јехова, секогаш ќе им биде добро и дека благодарение на послушноста ќе останат живи (5. Мојсеева 5:28-33; 6:24). Истото важи и за нас денес. Сѐ што бара Јехова од нас ни помага да водиме подобар живот. (Прочитај Исаија 48:17.) Нашиот небесен Татко Јехова секогаш знае што е најдобро за нас (Римјаните 11:33). Библијата вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Ова значи дека сѐ што кажува и сѐ што прави Јехова е поттикнато од љубов.
16. Што ни помага да му бидеме послушни на Бог иако сме несовршени и живееме во еден злобен свет?
16 Не е секогаш лесно да му бидеме послушни на Бог. Ние живееме во злобен свет со кој владее Ѓаволот. Тој се обидува да ги наведе луѓето да прават лоши работи (1. Јованово 5:19). Освен тоа, мора да се бориме со нашите несовршени мисли и чувства бидејќи тие можат да нѐ наведат да му бидеме непослушни на Бог (Римјаните 7:21-25). Но, љубовта кон Јехова ни дава сила да го правиме она што е исправно. Тој гледа дека се трудиме да му бидеме послушни и ни помага така што ни го дава својот моќен свет дух (1. Самоилова 15:22, 23; Дела 5:32). Светиот дух ни помага да развиваме особини кои ни олеснуваат да му бидеме послушни на Бог (Галатите 5:22, 23).
17-18. а) Што ќе дознаеме од оваа публикација? б) Што ќе разгледаме во следното поглавје?
17 Од оваа публикација ќе дознаеме како можеме со нашиот начин на живот да го радуваме Јехова. Ќе дознаеме како да ги применуваме неговите начела и како да се држиме за неговите морални мерила. Не заборавај дека Јехова никогаш не нѐ присилува да му бидеме послушни. Ако решиме да му бидеме послушни, животот ќе ни биде поубав и ќе имаме прекрасна иднина. И што е најважно, со нашата послушност му покажуваме на Бог колку многу го сакаме. (Види Белешка 4.)
18 За да ни помогне да знаеме што е исправно, а што погрешно, Јехова секому од нас му дал совест. Ако ја обликуваме нашата совест според Библијата, тоа може да ни помогне да ги држиме неговите заповеди. Тогаш, што е совеста и како можеме да ја обликуваме? Тоа ќе го разгледаме во следното поглавје.