Животот и службата на Исус
Предаден и одведен
КОГА Пилат, трогнат од мирното достоинство на измачениот Исус, повторно се обидува да го ослободи, свештеничките главари стануваат уште погневни. Одлучни се ништо да не ги спречи во нивната зла намера. Затоа непрестајно повторуваат, викајќи: ”Распни го! Распни го!“
”Земете го и распнете го сами“, одговара Пилат со одвратност. Спротивно на своите поранешни барања, Евреите имаат право да ги погубат злосторниците за тешки религиозни престапи. Тогаш, барем по петти пат, Пилат го прогласува Исус за невин, со зборовите: ”Јас не најдов никаква вина кај него.“
Увидувајќи дека нивните политички обвиненија промашиле во донесувањето резултат, Евреите се враќаат на религиозните обвиненија за богохулство кои ги изрекле неколку часа порано при Исусовото судење пред Синедриумот. ”Ние имаме закон“, велат тие, ”а според законот тој треба да умре, бидејќи се прогласи за Божји син.“
Овој пропис е нов за Пилат, и од ова станува уште поплашлив. Сега сфаќа дека Исус не е обичен човек, како што покажа и сонот на неговата жена, а и Исусовата извонредно цврста личност. Но, ”Божји син“? Пилат знае дека Исус е од Галилеја. Дали е можно да живеел и порано? Одведувајќи го повторно во палатата, Пилат прашува: ”Од каде си?“
Исус и понатаму молчи. Порано му беше рекол дека е цар, но дека неговото царство не е дел од овој свет. Никакво ново објаснување сега не би било од корист. Но, Пилатовата гордост е повредена што не добива одговор, и пламнува на Исус со зборовите: ”Не сакаш да ми одговориш? Знаеш ли дека имам власт да те пуштам, и имам власт да те распнам?“
”Ти не би имал никаква моќ над мене, ако не ти е дадено од озгора“, одговара Исус со почитување. Тој мисли на од Бога допуштениот авторитет на човечките владетели да управуваат со земските работи. Исус додава: ”Затоа оној што ме предаде на тебе, има поголем грев.“ Навистина, првосвештеникот Каифа и неговите совиновници и Јуда Искариот, сите тие сносат поголема одговорност отколку Пилат поради неправедното постапување со Исус.
Уште повеќе импресиониран од Исус и плашејќи се дека има божествено потекло, Пилат повторно настојува да го ослободи. Меѓутоа, Евреите го одбиваат Пилат. Ги повторуваат своите политички обвиненија, лукаво заканувајќи се: ”Ако го ослободиш овој човек, не си му пријател на Цезарот. Секој човек кој сам себе се прави цар, говори против Цезарот.“
Противејќи се на погубното соучесништво, Пилат уште еднаш го изведува Исус. ”Гледајте! Вашиот цар!“, се обраќа повторно.
”Води го одовде! Води го одовде! Распни го!“, возвраќаат.
”Зарем да го приковам вашиот цар?“, прашува Пилат очајно.
Евреите се бунтувале под власта на Римјаните. Да, тие ја презирале римската доминацијата! И покрај тоа, свештеничките поглавари лицемерно велат: ”Ние немаме цар освен Цезарот.“
Плашејќи се за својата политичка позиција и угледот, Пилат најпосле попушта под немилосрдните, заканувачки барања на Евреите. Тој им го предава Исус. Војниците ја соблекуваат Исусовата пурпурна наметка и го облекуваат во неговата горна облека. Додека Исус го водат да биде распнат, морал самиот да го носи сопствениот маченички столб.
Сега е средина на утрото, петок, 14. низан; веројатно се приближува пладне. Исус е буден од четврток изутрина и преживува едно болно искуство по друго. Се разбира, неговата сила брзо се исцрпува под тежината на столбот. Така, еден минувач по име Симон од Кирена во Африка, е присилен да го носи. Како што оди понатаму, го следат голем број луѓе, вклучувајќи и многу жени кои се удираат од тага и го оплакуваат Исус.
Исус се свртува кон жените и им вели: ”Ќерки Ерусалимски, престанете да плачете по мене. Туку плачете по себе и по своите деца; зашто гледај! доаѓаат денови кога ќе речете: ’Среќна е неротката и утробата која не раѓала, и градите кои не доеле!‘ Тогаш ќе им говорите на планините: ’Паднете врз нас!‘ и на ридовите: ’Покријте нѐ‘. Зашто, ако ги прават овие работи додека дрвото е влажно, што ќе биде кога ќе овене?“
Исус мислел на дрвото на еврејската нација, кое сѐ уште имало малку влага на живот во себе поради Исусовата присутност и постоењето на остатокот кој верува во него. Но кога тоа ќе ѝ се одземе на нацијата, ќе остане само духовно мртвото дрво, да, овенатата национална организација. Ах, колкава ќе биде причината за плачење кога римските војски, употребени како Божји извршители на осудата, ќе ја опустошат еврејската нација! Јован 19:6-17; 18:31; Лука 23:24-31; Матеј 27:31, 32; Марко 15:20, 21.
◆ Кои обвиненија ги користат религиозните водачи против Исус откако политичките обвиненија останале без резултат?
◆ Зошто Пилат веројатно станал уште поплашлив?
◆ Кој носи поголем грев за она што му се случува на Исус?
◆ Како свештениците постигнале Пилат да им го предаде Исус на погубување?
◆ Што им рекол Исус на жените кои плачеле по него, и што мислел со зборовите за дрвото кое било ”влажно“, а потоа ”овенало“?