Зошто ни е потребна вера и мудрост
Врвни точки од писмото на Јаков
НА ЈЕХОВИНИТЕ слуги им треба издржливост кога се наоѓаат во искушенија. Исто така мора да избегнуваат однесување кое би ги довело до божествена осуда. Ваквите ставови се нагласени во писмото на Јаков, и според нив се бара активна вера и небесна мудрост да се направи нешто позитивно.
Писателот на ова писмо не се идентификува себеси како еден од Исусовите двајца апостоли кои се викале Јаков, туку како ’роб на Бога и на Господа Исуса Христа.‘ Исто и Исусовиот полубрат Јуда вели дека е ”роб на Исуса Христа, но брат на Јаков“ (Јаков 1:1; Јуда 1; Матеј 10:2, 3). Оттука, Исусовиот полубрат Јаков очигледно го напишал писмото кое го носи неговото име (Марко 6:3).
Ова писмо не го споменува уништувањето на Ерусалим во 70. н. е., и историчарот Јосиф Флавиј покажува дека Јаков бил маченички убиен кратко после смртта на римскиот управител Фест околу 62. н. е. Тогаш, писмото очигледно било напишано пред 62. н. е. Било упатено до ’дванаесетте племиња‘ на духовниот Израел, бидејќи им се обраќало на оние кои се држеле за ’верата на нашиот Господ Исус Христос‘ (Јаков 1:1; 2:1, NW; Галатјаните 6:16).
Јаков употребува илустрации кои можат да ни помогнат да го запамтиме неговиот совет. На пример, покажува дека оној кој бара мудрост од Бог не треба да се сомнева, ”зашто оној кој се сомнева е како морски бран којшто го носи ветрот и го дува наоколу“ (1:5-8, NW). Јазикот треба да го контролираме, бидејќи го насочува нашиот пат како што кормилото го насочува бродот (3:1, 4). За да се соочиме со искушенијата, треба да покажеме стрплива издржливост како што покажува земјоделецот кога очекува жетва (5:7, 8).
Вера, искушенија и дела
Јаков прво ни покажува дека може да бидеме среќни како христијани и покрај искушенијата (1:1-18). Некои од овие искушенија, како што се болестите, се заеднички за сите луѓе, но христијаните страдаат и затоа што се робови на Бог и на Христос. Јехова ќе ни подари потребна мудрост да истраеме ако тоа го бараме со вера. Тој никогаш не нѐ искушува со лоши работи, и можеме да имаме доверба во него дека ќе ни даде што е добро.
За да добиеме Божја помош, мораме да му искажуваме обожавање преку делата кои ја покажуваат нашата вера (1:19-2:26). Тоа бара да бидеме ’творци на речта‘, а не само слушачи. Мораме да го контролираме јазикот, да се грижиме за сирачињата и вдовиците, и да останеме неизвалкани од светот. Ако би биле наклонети спрема богатите и ги омаловажуваме сиромашните, би го кршеле ’царскиот закон‘ на љубовта. Исто така треба да запомниме дека верата се покажува преку дела, како што добро покажуваат примерите на Аврахам и Рахава. Навистина, ”верата без дела е мртва.“
Небесна мудрост и молитва
На учителите им треба и вера и мудрост за да ги извршат своите обврски (3:1-18). Како учители имаат многу голема одговорност. Слично на нив, мораме да го контролираме својот јазик, а небесната мудрост ни помага да го сториме тоа.
Мудроста исто така ни овозможува да сфатиме дека попустливоста спрема светските работи би го уништил нашиот однос со Бог (4:1-5:12). Ако сме се труделе да постигнеме себични цели или сме ги осудувале нашите браќа, треба да се покаеме. И колку е важно да го избегнуваме непријателството со овој свет, затоа што тоа е духовна прељуба! Никогаш да не ја занемаруваме Божјата волја поради материјалистичко планирање, и да се чуваме од нестрпливоста и од воздишувањето еден против друг.
Секој што е духовно болен треба да побара помош од собраниските старешини (5:13-20, NW). Ако се сторени гревови, нивните молитви и мудриот совет ќе помогнат да се обнови духовното здравје на грешникот кој се кае. Всушност, ”оној кој го враќа грешникот од заблудата на неговиот пат, ќе ја спаси душата [на грешникот] од [духовна и вечна] смрт“.
[Рамка на страница 23]
Творци на Речта: Треба да бидеме ”творци на речта, а не само слушачи“ (Јаков 1:22-25, NW). Обичниот слушател ”е како човек кој го гледа сопственото си лице во огледало“. После краткото гледање, си заминува ”и веднаш заборава каков бил“. Но, ’творецот на речта‘ внимателно гледа во Божјиот совршен или целосен закон, прифаќајќи сѐ што се бара од еден христијанин. Тој ’истрајува во тоа‘, и продолжува да го испитува тој закон со цел да се поправи за да што поблиску се држи до него (Псалми 119:16, NW). Како се разликува ’творецот на делата‘ од човекот кој се погледнува во огледало и заборава што открил? По тоа што творецот ја става Јеховината реч во дело и се радува на Неговата милост! (Псалми 19:7-11, NW).