Дали ќе ја имитираш Божјата милост?
”Бидете имитатори на Бог, како љубени деца“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 5:1, NW).
1. Зошто имитирањето на другите треба да нѐ интересира сите нас?
ЗА ДОБРО или за лошо, многу луѓе имитираат други. Оние со кои се дружиме и кои можеби ги имитираме, можат во голема мера да влијаат на нас. Инспиририраниот писател на Изреките 13:20 (NW) предупредил: ”Оној кој оди со мудри ќе стане мудар, но оној кој се впушта со неразумните, лошо ќе помине“. Затоа, Божјата Реч со право вели: ”Бидете имитатори, не на она што е лошо, туку на она што е добро. Оној кој прави добро потекнува од Бог“ (3. Јованово 11, NW).
2. Кого треба да го имитираме, и на кои начини?
2 Имаме одлични библиски примери на мажи и жени кои можеме да ги имитираме (1. Коринтјаните 4:16; 11:1; Филипјаните 3:17). Сепак, најпрво треба да го имитираме Бог. Во Ефесјаните 4:31-5:2 (NW), откако ги наведува особините и обичаите кои треба да ги избегнуваме, апостол Павле нѐ поттикнува да бидеме ’сочувствителни, проштавајќи си еден на друг‘. Тоа довело до клучниот совет: ”Затоа, бидете имитатори на Бог, како љубени деца, и понатаму одете во љубовта“.
3, 4. Каков опис за себеси ни оставил Бог, и зошто треба да да го земеме во обѕир како праведен Бог?
3 Кои се Божјите патишта и особини коишто треба да ги имитираме? Постојат многу аспекти на неговата личност и постапки, како што може да се види од начинот на кој му се опишал на Мојсеј: ”Јехова, Бог милосрден и милостив, спор на гнев и изобилен во љубезна доброта и вистина, кој ја чува љубезната доброта за илјадници, и кој простува грешка и престап и грев, но никако не ослободува од казна, зашто донесува казна врз синовите и врз внуците поради грешките на татковците“ (2. Мојсеева 34:6, 7, NW).
4 Бидејќи Јехова е ’љубител на праведноста и правдата‘, сигурно треба да го запознаеме и да го имитираме овој аспект на неговата личност (Псалми 33:5; 37:28, NW). Тој е Творецот, и врховен Судија на човештвото и Законодавач, затоа покажува правда спрема сите (Исаија 33:22). Ова јасно се покажува по начинот на кој ја барал правдата и предизвикал да биде спроведена меѓу неговиот народ Израел и подоцна во христијанското собрание.
Спроведена божествената правда
5, 6. Како била покажана правдата во Божјето постапување со Израел?
5 Кога го избирал Израел за свој народ, Бог го прашал дали ’точно ќе го слуша неговиот глас и вистински ќе го чува неговиот сојуз‘. Собрани во подножјето на Синајската Гора, тие одговориле: ”Сѐ што кажал Јехова, ќе направиме“ (2. Мојсеева 19:3-8, NW). Каков сериозен потфат! Со помош на ангели, Бог им дал околу 600 закони на Израелците, кои тие, како нему предаден народ, биле одговорни да ги чуваат. А што ако некој не би го правел тоа? Еден стручњак за Божјиот Закон објаснил: ”Зборот кажан преку ангелите се докажа цврст, и секој престап и непослушно дело прими казна во согласност со правдата“ (Евреите 2:2, NW).
6 Да, Израелецот кој не бил послушен, се соочувал со ’казна во согласност со правдата‘, не обична човечка правда, туку правда од нашиот Творец. Бог утврдил различни казни за прекршување на законот. Најсериозната казна била ’отсечување‘, или погубување. Тоа се однесувало на тешки прекршоци, како идолопоклонство, прељуба, родосквернавење, бестијалност, хомосексуалност, жртвување на деца, убиство и злоупотреба на крв (3. Мојсеева 17:14; 18:6-17, 21-29, NW). Освен тоа, Израелецот кој самоволно, непокајнички прекршувал некој божествен закон, можел да биде ’отсечен‘ (4. Мојсеева 4:15, 18; 15:30, 31, NW). Кога таквата божествена правда ќе се спроведела, постоела можност последиците да се почувствуваат на потомците на прекршителите.
7. Кои биле некои од последиците на извршувањето на правдата меѓу древниот Божји народ?
7 Таквите казнувања ја истакнувале сериозноста на кршењето на божествениот закон. На пример, ако некој син би станел пијаница или лакомник, бил доведуван пред зрели судии. Ако тие откриеле дека е намерен, непокајнички грешник, родителите требало да учествуваат во извршувањето на правдата (5. Мојсеева 21:18-21). Оние од нас кои се родители можат да си замислат дека тоа не било лесно. Сепак, Бог знаел дека тоа било потребно за да таквото зло не се прошири меѓу правите обожаватели (Книга пророк Језекиил 33:17-19). Тоа го одредил Оној за кого можело да се каже: ’Сите негови патишта се правда. Бог на верност, кај кого нема неправда; тој е праведен и честит‘ (5. Мојсеева 32:4, NW).
8. Како правдата го обележала Божјето постапување со христијанското собрание?
8 По многу векови Бог ја отфрлил нацијата Израел и го одбрал христијанското собрание. Но, Јехова не се променил. Сѐ уште бил оддаден на правдата и можел да се опише како ’оган што изгорува‘ (Евреите 12:29; Лука 18:7, 8). Затоа, и понатаму имал потребни подготовки за да всади божествен страв во целото собрание со истерување на грешниците. Предадените христијани кои станале непокајнички грешници биле исклучувани.
9. Што претставува исклучувањето и што се постигнува со тоа?
9 Што сѐ е вклучено во исклучувањето? Поучен пример наоѓаме во начинот на кој бил решен еден проблем во првиот век. Некој христијанин во Коринт се впуштил во неморал со жената на својот татко и не се покајал, и затоа Павле дал упатства да се исклучи од тоа собрание. Тоа морало да се стори за да се заштити чистотата на Божјиот народ, зашто ’малку квасец го потквасува целото тесто‘. Со неговото исклучување би се спречило неговото зло да го срамоти и Бог и Неговиот народ. Строгата казна на исклучување може исто така да го отрезни да се вразуми, и во него и во собранието да влее должен страв од Бог (1. Коринтјаните 5:1-13; спореди 5. Мојсеева 17:2, 12, 13.).
10. Како треба да реагираат Божјите слуги ако некој биде исклучен?
10 Божествената заповед е, ако еден злобник е исклучен, христијаните мораат ”да престанат да се мешаат во друштво со [него] (. . .) дури и да не јадат со таков човек“.a Значи, тој е отсечен од заедницата, вклучувајќи го и дружењето со лојалните кои го почитуваат и одат во согласност со Божјиот закон. Некои од нив можеби се роднини надвор од потесното семејство, кои не се дел од истото домаќинство. За тие роднини може да биде тешко да го применат тоа божествено упатство, како што не им било лесно на еврејските родители под Мозаитскиот закон да учествуваат во погубувањето на злобниот син. Сепак, Божјата заповед е јасна; оттука можеме да бидеме сигурни дека исклучувањето е праведно (1. Коринтјаните 5:1, 6-8, 11, NW; Тит 3:10, 11; 2. Јованово 9-11; види Стражарска кула од јануари 1982, стр. 22-26; септември 1988, стр. 9-12).
11. Како можеле да се покажат различните аспекти на Божјата личност во поглед на исклучувањето?
11 Впрочем, сети се дека нашиот Бог не е само праведен; тој е исто ’изобилен во љубезна доброта, кој простува грешка и престап‘ (4. Мојсеева 14:18, NW). Неговата Реч објаснува дека еден исклучен може да се покае, барајќи божествено простување. Што потоа? Искусни надгледници можат да се состанат со него за да одредат внимателно и преку молитва дали тој покажува дека се кае за престапот што довел до негово исклучување. (Спореди Дела на светите апостоли 26:20.) Ако е така, тогаш може повторно да се врати во собранието, како што 2. Коринтјаните 2:6-11 покажува дека се случило со човекот во Коринт. Сепак, некои исклучени биле отсутни од Божјето собрание со години, и дали може нешто да се стори да им се помогне да го најдат патот за назад?
Правда урамнотежена со милост
12, 13. Зошто нашето имитирање на Бог треба да вклучува повеќе отколку одразување на неговата правда?
12 Во претходните пасуси воглавно беше разработен еден аспект на Божјите особини кој е споменат во 2. Мојсеева 34:6, 7. Меѓутоа, тие стихови истакнуваат повеќе отколку само Божјата правда, и оние кои сакаат да го имитираат не се задржуваат само на насилно спроведување на правда. Кога би правел модел на храмот изграден од Соломон, дали би проучил само еден од столбовите? (1. Царевите 7:15-22, NW). Не, затоа што тоа не би ти дало урамнотежена слика за природата и улогата на храмот. Слично на тоа, ако сакаме да го имитираме Бог, треба да ги имитираме и другите негови постапки и особини, како што е ’милосрден и милостив, спор на гнев и изобилен во љубезна доброта и вистина, кој ја чува љубезната доброта за илјадници, и кој простува грешка‘.
13 Милоста и простувањето се основни особини на Бог, како што гледаме од начинот на кој постапувал со Израел. Богот на правдата не ги исклучил од казнување за повторно грешење, но покажал обилна милост и простување. ”Му даде на Мојсеј да ги знае неговите патишта, и неговите постапки дури на синовите Израелови. Јехова е милосрден и милостив, спор на гнев и изобилен во љубезна доброта. Нема засекогаш да критикува, ниту ќе држи гнев до недогледно време“ (Псалми 103:7-9; 106:43-46, NW). Да, ако се осврнеме на неговите постапки во текот на стотици години, ќе ја увидиме вистинитоста на тие зборови (Псалми 86:15; 145:8, 9, NW; Михеј 7:18, 19).
14. Како Исус покажал дека ја имитирал Божјата милосрдност?
14 Бидејќи Исус Христос ”е отсјај на [Божјата] слава и точен приказ на самото негово битие“, треба да очекуваме да покажува слична милост и спремност за простување (Евреите 1:3, NW). А тоа и го сторил, како што е видливо од неговите постапки со другите (Матеј 20:30-34). Исто така со своите зборови ја нагласувал милоста, кое го читаме во Лука 15. поглавје. Трите прикази покажуваат дека Исус го имитирал Јехова и претставуваат животоважна лекција за нас.
Заинтересираност за она што било загубено
15, 16. Што го навело Исус да ги даде споредбите во Лука 15?
15 Тие прикази сведочат за Божјата милосрдна заинтересираност за грешниците, давајќи една хармонична слика која треба да ја имитираме. Размисли за околностите на приказите: ”Се приближуваа кон Него сите митници и грешници за да го слушаат. А фарисеите и книжниците негодуваа, велејќи: ’Овој прима грешници и јаде со нив‘“ (Лука 15:1, 2).
16 Сите споменати луѓе биле Евреи. Фарисеите и книжевниците се гордееле со своето претпоставено точно придржување на Мозаитскиот закон, еден вид на законска праведност. Но, Бог не се согласувал со таквата самонаречена праведност (Лука 16:15). Очигледно спомнатите собирачи на данок биле Евреи кои собирале данок за Рим. Бидејќи многу од нив барале прекумерни суми од своите земјаци, собирачите на данок како група биле презрени (Лука 19:2, 8). Биле вброени во класата со ’грешниците‘, во кои спаѓале неморални луѓе, дури и блудници (Лука 5:27-32; Матеј 21:32). Но, Исус ги прашал религиозните водачи кои се жалеле:
17. Која била првата Исусова споредба во Лука 15?
17 ”Кој од вас, имајќи сто овци, кога загуби една од нив, не ќе ги остави девеесет и деветте во пустињата и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде? А откако ќе ја најде, ќе ја крене на рамо радосен; и кога ќе дојде дома, ќе повика пријатели и соседи, и ќе им рече: ’Радувајте се со мене, оти ја најдов мојата загубена овца!‘ Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење“. Религиозните водачи можеле да го разберат сликовитиот приказ, зашто овците и овчарите биле вообичаена глетка. Од заинтересираност, овчарот ги оставил 99-те овци да пасат на познато пасиште додека тој отишол да ја бара заскитаната. Бил упорен додека не ја нашол, и нежно ја однел исплашената овца назад во стадото (Лука 15:4-7).
18. Што дало повод за радување, како што е истакнато во втората Исусова споредба од Лука 15?
18 Исус додал втора споредба: ”Или која жена, имајќи десет драхми, кога загуби една, нема да запали светило и да ја помете куќата, за да побара внимателно, дури не ја најде? А штом ја најде, ќе повика пријателки и сосетки, велејќи: ’Радувајте се со мене, оти ја најдов загубената драхма!‘ Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае“ (Лука 15:8-10). Драхмата вредела повеќе од еднодневна плата на еден работник. Паричката на жената можеби била од наследството, или дел од комплет направен во вид на накит. Кога била загубена, многу пребарувала за да ја најде паричката, и потоа таа и нејзините пријателки се радувале. Што ни кажува ова за Бог?
Радост на небото — поради што?
19, 20. За кого првенствено се работело во првите две Исусови споредби од Лука 15, и која главна мисла ја истакнале?
19 Овие две споредби биле одговор на критиката упатена до Исус, кој неколку месеци пред тоа се идентификувал себеси како ’добриот пастир‘ кој би ја дал душата за своите овци (Јован 10:11-15). Сепак, споредбите не биле првенствено во врска со Исус. Поуките кои книжевниците и фарисеите требало да ги научат биле сосредоточени на Божјите ставови и начини. Според тоа, Исус рекол дека има радост на небото за грешникот кој се кае. Тие религионисти тврделе дека му служат на Јехова, но не го имитирале. Од друга страна, Исусовите милостиви постапки ја претставувале волјата на неговиот Татко (Лука 18:10-14; Јован 8:28, 29; 12:47-50; 14:7-11).
20 Ако една од сто било причина за радост, тогаш една паричка од десет била уште повеќе. Дури и денес, можеме да си ги замислиме чувствата на жените кои се радувале на пронајдената паричка! И овде поуката се сосредоточува на небесата, со тоа што ’ангелите Божји‘ се радувале со Јехова ’за еден грешник што се кае‘. Забележи го последниот збор, ’се кае‘. Овие споредби всушност биле во врска со грешници кои се каат. Може да се види дека и обете ја нагласувале соодветноста да се има радост за нивното покајание.
21. Каква лекција треба да научиме од Исусовите споредби во Лука 15?
21 Тие залутани религиозни водачи кои биле задоволни со привидното покорување на Законот, го превиделе фактот дека Бог е ’милосрден и милостив, (. . .) кој простува грешка и престап‘ (2. Мојсеева 34:6, 7, NW). Кога би го имитирале овој аспект на Божјите постапки и личност, тие би ја ценеле Исусовата милост спрема грешниците кои се каеле. А како е со нас? Дали ја земаме поуката при срце и дали ја применуваме? А сега забележи ја Исусовата трета споредба.
Покајание и милост на дело
22. Накратко, што дал Исус како трета споредба во Лука 15?
22 Ова често се нарекува споредба за изгубениот син. Сепак, читајќи ја можеби ќе видиш зошто некои мислат дека е парабола за татковска љубов. Зборува за помладиот син во семејството, кој го добива своето наследство од татка си. (Спореди 5. Мојсеева 21:17.) Тој син оди во далечна земја каде расипнички потрошува сѐ, мора да работи чувајќи свињи, и дури се понижува со тоа што гладува по храната на свињите. Конечно се вразумува и одлучува да се врати дома, спремен да работи за својот татко како наемен работник. Кога се приближува дома, татко му презема позитивен чекор да го пречека, дури и да приреди гозба. Постариот брат, кој останал дома да работи, се лути на покажаната милост. Но, таткото вели дека треба да се радуваат бидејќи синот кој бил мртов, сега живее (Лука 15:11-32).
23. Што треба да научиме од споредбата за изгубениот син?
23 Некои книжевници и фарисеи можеби сметале дека биле споредени со постариот син, спротивно на грешниците кои биле како помладиот син. Но, дали ја сфатиле клучната мисла на споредбата, и дали ние ја сфаќаме? Таа нагласува една извонредна особина на нашиот милостив небесен Татко, неговата спремност да простува на темел на покајанието од срце и преобраќањето на еден грешник. Требало да ги поттикне слушателите со радост да реагираат на откупувањето на покајничките грешници. На тој начин Бог гледа на работите и така постапува, а оние кои го имитираат постапуваат слично (Исаија 1:16, 17; 55:6, 7).
24, 25. Кои постапки на Бог треба да бараме да ги имитираме?
24 Јасно е дека правдата ги обележува сите Божји патишта, па затоа оние кои сакаат да го имитираат Јехова, ја ценат и се стремат кон правдата. Сепак, нашиот Бог не е мотивиран од некоја апстрактна или крута правда. Неговата милост и љубов се големи. Тоа го покажува со својата спремност да простува, која се темели на искрено покајание. Тогаш е на место тоа што Павле го поврзува нашето простување со нашето имитирање на Бог: ”Слободно простувајте си еден со друг, како што Бог спремно ви простил вам преку Христос. Затоа, бидете имитатори на Бог како љубени деца, и понатаму одете во љубовта“ (Ефесјаните 4:32-5:2, NW).
25 Вистина е дека христијаните долго се труделе да ја имитираат Јеховината правда како и неговата милост и спремност за да простува. Колку повеќе го запознаваме, толку полесно треба да ни биде да го имитираме во овие погледи. Но, како можеме да го примениме ова спрема некого кој добил строг укор бидејќи одел по патот на гревот? Да видиме.
[Фуснота]
a ”Екскомуникација во најопштата смисла е намерно дело со кое една група им ги скратува привилегиите како членови на оние кои некогаш биле членови со добра положба. (. . .) Екскомуникацијата се појавила во ерата на христијанството и се однесува на чинот на исклучување, со кој една религиозна заедница на прекршителите им ги скратува сакраментите, собраниското обожавање и веројатно дружењето и контактирањето од секаков вид“ (The International Standard Bible Encyclopedia).
Што си научил?
◻ Како била манифестирана Божјата правда во собранието на Израел и во христијанското собрание?
◻ Зошто треба да ја имитираме Божјата милост покрај неговата правда?
◻ Што дало повод за трите споредби во Лука 15. поглавје, и на што треба да нѐ поучат?
[Слика на страници 16 и 17]
Рамнината на ер-Раха пред Синајската Гора (лева позадина)
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Извор на слика на страница 15]
Garo Nalbandian
[Извор на слика на страница 18]
Garo Nalbandian