Инспириран образец на христијанско мисионерско дело
„Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 11:1).
1. Кои се некои начини на кои Исус поставил извонреден пример за неговите следбеници да го имитираат? (Филипјаните 2:5-9).
КАКОВ извонреден пример поставил Исус за своите ученици! Тој радо ја напуштил својата небесна слава за да дојде долу на Земјата и да живее меѓу грешни луѓе. Бил спремен да поднесе големо страдање за спасение на човештвото и, што е поважно, за посветувањето на името на својот небесен Татко (Јован 3:16; 17:4). Кога му се судело за живот, Исус храбро изјавил: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37).
2. Зошто воскреснатиот Исус можел да им заповеда на своите ученици да го продолжат делото што тој го започнал?
2 Пред својата смрт, Исус им дал извонредна поука на своите ученици за да можат да продолжат со делото на сведочење за вистината за Царството (Матеј 10:5-23; Лука 10:1-16). Затоа, после неговото воскресение, Исус можел да ја даде заповедта: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28:19, 20).
3. Како се проширило делото на правење ученици, но во кои области било воглавно сконцентрирано?
3 Во наредните три и пол години, Исусовите ученици ја послушале таа заповед, но правењето ученици го ограничиле на Евреите, еврејските проселити и необрежаните Самарјани. Потоа, во 36 н. е., Бог управувал со тоа добрата вест да му биде проповедана на еден необрежан човек, Корнилиј, и на неговото домаќинство. Во текот на следната деценија, во собранието биле доведени други од Народите. Меѓутоа, поголемиот дел од работата бил ограничен на подрачјата на источниот Медитеран (Дела на св. апостоли 10:24, 44-48; 11:19-21).
4. Кој значаен развој се одиграл околу 47-48 н. е.?
4 Било потребно нешто за христијаните да се мотивираат или оспособат да прават ученици од Евреите и од народите во подалечните предели. Затоа, околу 47-48 н. е., старешините од собранието во сириска Антиохија ја добиле следнава божествена порака: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав!“ (Дела на св. апостоли 13:2). Забележи дека Павле тогаш бил познат по своето првобитно име, Савле. Забележи го и тоа дека Бог го именувал Варнава пред Павле, можеби поради тоа што во тоа време Варнава бил сметан за постар од нив двајцата.
5. Зошто извештајот за мисионерското патување на Павле и Варнава е од голема вредност за христијаните денес?
5 Деталниот извештај за мисионерското патување на Павле и Варнава е од големо охрабрување за Јеховините сведоци, особено за мисионерите и пионерите кои се отселиле од своите родни градови за да му служат на Бог во туѓа средина. Понатаму, разгледувањето на 13. и 14. поглавје од Дела на св. апостоли сигурно ќе мотивира повеќемина да ги имитираат Павле и Варнава и да го зголемат својот удел во многу важното дело на правење ученици.
Островот Кипар
6. Каков пример поставиле мисионерите на Кипар?
6 Без одложување мисионерите отпловиле од сириското пристаниште Селевкија до островот Кипар. Откако стигнале во Саламин, не биле одвлечени од главната цел, туку „го проповедаа словото Божјо во јудејските синагоги“. Следејќи го Христовиот пример, не биле задоволни со тоа да се сместат во тој град и да чекаат луѓето од островот да доаѓаат кај нив. Наместо тоа, работеле и ‚го поминале [целиот, NW] остров‘. Тоа, без сомнение, вклучувало многу пешачење и многупати да го менуваат сместувањето, бидејќи Кипар е голем остров, а нивното патување ги водело по должината на неговиот најширок дел (Дела на св. апостоли 13:5, 6).
7. а) Кој истакнат настан се одиграл во Пафос? б) На каков став нѐ охрабрува овој извештај?
7 На крајот од нивниот престој, двајцата мажи биле наградени со прекрасно искуство во градот Пафос. Владетелот на островот, Сергиј Павле, ја слушал нивната порака и ‚поверува‘ (Дела на св. апостоли 13:7, 12). Павле подоцна напишал: „Гледајте, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни“ (1. Коринтјаните 1:26). Сепак, меѓу силните кои одговориле бил Сергиј Павле. Тоа искуство треба да ги охрабри сите, особено мисионерите, да имаат позитивен став во врска со сведочењето на државните службеници, како што во 1. Тимотеј 2:1-4 и ние сме охрабрени да го правиме тоа. Понекогаш луѓе од власта им пружиле голема помош на Божјите слуги (Неемија 2:4-8).
8. а) Каков изменет однос се гледа помеѓу Варнава и Павле од ова време па натаму? б) На кој начин Варнава бил добар пример?
8 Под влијание на Јеховиниот дух, Павле ја одиграл главната улога во преобраќањето на Сергиј Павле (Дела на св. апостоли 13:8-12). А од тоа време, се гледа дека Павле го презел водството. (Спореди Дела на св. апостоли 13:7 со Дела на св. апостоли 13:15, 16, 43.) Тоа било во согласност со божествената заповед што ја добил Павле во времето на неговото покрстување (Дела на св. апостоли 9:15). Можеби таквиот развој ја искушал понизноста на Варнава. Меѓутоа, наместо таа промена да ја смета за лична навреда, Варнава веројатно останал достоен на значењето на неговото име, „Син на утеха“, и лојално го поддржувал Павле во текот на мисионерското патување, а и после тоа кога некои еврејски христијани ја ставиле на испит својата служба пред необрежаните од народите (Дела на св. апостоли 15:1, 2). Колку прекрасен пример за сите нас, вклучувајќи ги и станарите на мисионерските и бетелските домови! Секогаш треба да бидеме подготвени да прифаќаме теократски измени и да ја дадеме нашата целосна поддршка на оние кои се поставени да предводат меѓу нас (Евреите 13:17).
Рамнината на Мала Азија
9. Што учиме од спремноста на Павле и Варнава да патуваат до Писидиска Антиохија?
9 Од Кипар, Павле и Варнава отпловиле на север кон азискиот континент. Од некоја непозната причина, мисионерите не останале во крајбрежниот предел, туку тргнале на долг и опасен пат од 180 километри до Антиохија Писидиска, сместена во централната висорамнина на Мала Азија. Тоа вклучувало качување преку планински теснец и слегување до една рамнина на околу 1.100 метри надморска височина. Библискиот научник Џ. С. Хаусон вели: „Беззаконите и пљачкашки навики на населението од тие планини што ја одвојуваат висорамнината . . . од рамнините на јужниот брег, биле озлогласени во сите делови од древната историја“. Освен тоа, мисионерите се соочувале со опасност од природни непогоди. „Ниедна област во Мала Азија“, додава Хаусон, „не е толку карактеризирана со ‚поплави‘ колку што е планинскиот предел на Писидија, кадешто реките се распрснуваат од основите на огромните карпи, или бесно се спуштаат долу низ тесни клисури“. Овие поединости ни помагаат да си претставиме на какви патувања мисионерите биле спремни да тргнат заради ширењето на добрата вест (2. Коринтјаните 11:26). Исто и денеска, многу Јеховини слуги храбро се спротивставуваат на секакви препреки за да стигнат до луѓето и со нив да ја споделат добрата вест.
10, 11. а) Како Павле одржал заеднички темел со своите слушатели? б) Зошто многу Евреи веројатно биле зачудени кога слушнале за страдањата на Месијата? в) Каков вид спасение им пружил Павле на своите слушатели?
10 Бидејќи во Антиохија Писидиска имало еврејска синагога, мисионерите отишле прво таму за на оние кои биле најмногу запознаени со Божјата Реч да им дадат прилика да ја прифатат добрата вест. Кога бил повикан да зборува, Павле станал и одржал мајсторско јавно предавање. Во текот на говорот, задржал заедничка основа со Евреите и со проселитите кои биле меѓу слушателите (Дела на св. апостоли 13:13-16, 26). После својот увод, Павле се осврнал на прочуената историја на Евреите, потсестувајќи ги дека Јехова ги одбрал нивните прататковци и потоа ги ослободил од Египет, како и тоа дека им помогнал да ги победат жителите на Ветената Земја. Потоа Павле го истакнал Јеховиното постапување со Давид. Таквите информации им биле познати на Евреите од првиот век, зашто очекувале Бог од Давид да подигне потомок како спасител и вечен владетел. Тогаш Павле храбро изјавил: „Од неговото [Давидово] потомство Бог, според ветувањето на Израилот, Го издигна Спасителот Исуса“ (Дела на св. апостоли 13:17-23).
11 Меѓутоа, многу Евреи како спасител очекувале некој воен херој кој ќе ги ослободи од римска доминација и кој ќе ја издигне еврејската нација над сите други. Според тоа, несомнено биле зачудени кога слушнале како Павле вели дека нивните сопствени религиозни водачи го предале Месијата на погубување. „Но Бог Го воскресна од мртвите“, храбро изјавил Павле. При крајот на својот говор, на своите слушатели им покажал дека можеле да стекнат едно прекрасно спасение. „И . . . знајте“, рекол тој, „дека преку Него вам ви се проповеда простување на гревовите. И од сѐ, од што не сте можеле да се оправдате преку Законот Мојсеев, преку Него се оправдува секој кој верува“. Павле го заклучил својот говор со поттикнување на своите слушатели да не бидат вброени меѓу оние многуте за кои Бог прорекол дека ќе ја занемарат оваа прекрасна подготовка на спасение (Дела на св. апостоли 13:30-41).
12. Каков бил резултатот од Павловиот говор, и како тоа треба да нѐ охрабри нас?
12 Колку добро изнесен говор, темелен на Библијата! Како реагирале слушателите? „Мнозина Јудејци и побожни преселници [проселити, NW] појдоа по Павла и Варнава“ (Дела на св. апостоли 13:43). Колку е тоа охрабрувачко за нас денес! Нека и ние го дадеме најдоброто од себе за делотворно да ја изнесеме вистината, сеедно дали во нашата јавна служба или во коментарите и говорите на нашите собраниски состаноци (1. Тимотеј 4:13-16).
13. Зошто мисионерите морале да ја напуштат Писидиска Антиохија, и кои прашања се појавиле во врска со новите ученици?
13 Новозаинтересираните во Антиохија Писидиска не можеле таа добра вест да ја чуваат за себеси. Како резултат на тоа, „во идната сабота се собра скоро целиот град да го чуе словото Божјо“. И набргу пораката се раширила надвор од градот. Всушност, „словото Господово [Јеховино, NW] се распространуваше по целиот крај“ (Дела на св. апостоли 13:44, 49). Наместо да го прифатат тој факт, љубоморните Евреи успеале да ги исфрлат мисионерите од градот (Дела на св. апостоли 13:45, 50). Како влијаело тоа на новите ученици? Дали се обесхрабриле и откажале?
14. Зошто противниците не можеле да му стават крај на делото што го започнале мисионерите, и што учиме од тоа?
14 Не, бидејќи тоа било Божје дело. И мисионерите положиле солидна основа на вера во воскреснатиот Господ Исус Христос. Очигледно, новите ученици тогаш го сметале Христос, а не мисионерите, како свој водач. Затоа, читаме дека „се исполнија со радост и Дух Свети“ (Дела на св. апостоли 13:52). И колку е тоа охрабрувачки за мисионерите и другите кои прават ученици денес! Ако понизно и ревносно го направиме својот дел, Јехова Бог и Исус Христос ќе ја благословат нашата служба (1. Коринтјаните 3:9).
Иконија, Листра и Дерва
15. Каква постапка следеле мисионерите во Иконија и со каков резултат?
15 Павле и Варнава сега патувале околу 140 километри југоисточно до следниот град, Иконија. Стравот од прогонство не ги спречил да ја следат истата постапка како во Антиохија. Како резултат на тоа, Библијата вели: „Мнозина Јудејци и Елини поверуваа“ (Дела на св. апостоли 14:1). Уште еднаш, Евреите кои не ја прифатиле добрата вест предизвикале противење. Но, мисионерите издржале и во Иконија останале прилично долго време, помагајќи им на новите ученици. Потоа, откако дознале дека нивните еврејски противници ќе ги каменуваат, Павле и Варнава мудро побегнале во соседното подрачје, „Листра и Дервија и во нивната околина“ (Дела на св. апостоли 14:2-6).
16, 17. а) Што му се случило на Павле во Листра? б) Како Божјето постапување со апостолот влијаело на еден млад човек од Листра?
16 Храбро „го проповедаа Евангелието“ во тоа ново, необработено подрачје (Дела на св. апостоли 14:7). Кога Евреите од Антиохија Писидиска и Иконија слушнале за тоа, дошле дури до Листра и ги наговориле толпите да го каменуваат Павле. Бидејќи немал време да побегне, Павле бил опсипан со камења, така што неговите противници биле уверени дека тој е мртов, и го одвлечкале надвор од градот (Дела на св. апостоли 14:19).
17 Можеш ли да ја замислиш болката што тоа ја предизвикало кај новите ученици? За големо чудо, кога го опколиле Павле, тој станал! Библијата не кажува дали некој младич по име Тимотеј бил еден од тие нови ученици. Секако дека Божјето постапување со него во одредено време му било познато и оставило длабок впечаток на неговиот млад ум. Во своето второ писмо до Тимотеј, Павле напишал: „Ти се угледа на моето учење, животот, . . . на моите гонења и страдања, што ми се случија во Антиохија, и во Иконија, и во Листра, какви прогони претрпев; и од сѐ Господ ме избави“ (2. Тимотеј 3:10, 11). Околу две или три години после Павловото каменување, тој се вратил во Листра и открил дека младиот Тимотеј бил примерен христијанин, „посведочен како добар меѓу браќата во Листра и Иконија“ (Дела на св. апостоли 16:1, 2). Затоа Павле го избрал како придружник на патувањата. Тоа му помогнало на Тимотеј да порасне во духовниот раст, и со текот на времето бил оспособен да биде испратен од Павле да посети различни собранија (Филипјаните 2:19, 20; 1. Тимотеј 1:3). Слично и денеска, ревносните Божји слуги на прекрасен начин влијаат на младите, а многу од нив пораснуваат во драгоцени Божји слуги, како Тимотеј.
18. а) Што им се случило на мисионерите во Дерва? б) Каква прилика сега им се отворила, но кој пат го избрале?
18 Следното утро, откако ја избегнал смртта во Листра, Павле отишол со Варнава за Дерва. Овојпат не ги следеле противници, и Библијата вели дека „мнозина придобија и научија“ (Дела на св. апостоли 14:20, 21). Бидејќи воспоставиле собрание во Дерва, Павле и Варнава морале да донесат одлука. Еден доста прометен римски пат продолжувал од Дерва до Тарс. Оттука имало само кратко да се патува назад до Сириска Антиохија. Веројатно тоа било најпогодниот пат за назад, и тие мисионери би можеле да си помислат дека сега заслужуваат одмор. Сепак, имитирајќи го својот Учител, Павле и Варнава насетиле поголема потреба (Марко 6:31-34).
Потполно да се изврши Божјето дело
19, 20. а) Како Јехова ги благословил мисионерите поради тоа што се вратиле во Листра, Иконија и Антиохија? б) Каква поука му дава тоа на Јеховиниот народ денес?
19 Наместо да одат по пократкиот пат дома, мисионерите храбро се вратиле назад и повторно ги посетиле истите градови кадешто нивните животи биле во опасност. Дали Јехова ги благословил поради таа несебична грижа за новите овци? Секако, затоа што извештајот кажува дека успеале ‚да ги утврдат душите на учениците и да ги советуваат во верата да бидат постојани‘. Соодветно на тоа, на тие нови ученици им рекле: „Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела на св. апостоли 14:21, 22). Павле и Варнава ги потсетиле и на нивниот позив како сонаследници во претстојното Божје Царство. Денес, треба да им даваме слично охрабрување на новите ученици. Можеме да ги зајакнеме да ги издржат искушенијата, ако пред нив го држиме изгледот за бескраен живот на Земјата под владата на истото тоа Божје Царство што го проповедале Павле и Варнава.
20 Пред напуштањето на секој град, Павле и Варнава му помагале на секое собрание подобро да се организира. Очигледно, обучувале способни мажи и ги поставувале да го преземат водството (Дела на св. апостоли 14:23). Тоа, без сомнение, придонело за понатамошното ширење. Слично и денес, мисионерите и другите, откако ќе им помогнат на неискусните да напредуваат до степен кога можат сами да ги носат одговорностите, понекогаш се преселуваат и го продолжуваат своето добро дело на други места каде што потребата е поголема.
21, 22. а) Што се случило откако Павле и Варнава го завршиле своето мисионерско патување? б) Какви прашања двигнува тоа?
21 На крајот, кога мисионерите се вратиле во Сириска Антиохија, можеле да чувствуваат длабоко задоволство. Навистина, библискиот извештај наведува дека ‚[потполно, NW] го завршиле‘ делото што им го доверил Бог (Дела на св. апостоли 14:26). Разбирливо е што раскажувањето на нивните доживувања предизвикало „голема радост кај сите браќа“ (Дела на св. апостоли 15:3). Но што било со иднината? Дали сега ќе се опуштат и како што се вели ќе бидат задоволни со својот ловоров венец? Никако. Откако го посетиле водечкото тело во Ерусалим за да добијат одлука за спорното прашање околу обрежувањето, двајцата повторно тргнале на мисионерски патувања. Овојпат отишле во различни правци. Варнава го зел Јован Марко и отишол на Кипар, а Павле нашол нов партнер, Сила, и пропатувал низ Сирија и Силиција (Дела на св. апостоли 15:39-41). На ова патување го избрал младиот Тимотеј и го зел со себе.
22 Библијата не ги открива резултатите од второто патување на Варнава. Што се однесува до Павле, тој продолжил во ново подрачје и воспоставил собранија во најмалку пет градови — Филипи, Берија, Солун, Коринт и Ефес. Кој бил клучот на Павловиот извонреден успех? Дали истите начела важат за христијаните кои прават ученици денес?
Се сеќаваш ли?
◻ Зошто Исус е извонреден пример за имитирање?
◻ На кој начин бил Варнава пример?
◻ Што учиме од Павловиот говор во Писидиска Антиохија?
◻ Како Павле и Варнава потполно ја извршиле својата задача?
[Слика на страница 15]
Издржливоста на апостол Павле под прогонства оставила траен впечаток на младиот Тимотеј