Пеколот — вечно мачење или општ гроб?
ДАЛИ си знаел дека раните црковни оци, средновековни теолози и реформатори тврделе дека измачувањата доживеани во пеколот се вечни? Ако да, можеби ќе те изненади кога ќе дознаеш дека некои високо ценети библичари сега го побиваат тоа гледиште. Еден од нив, Џон Р. В. Стот од Британија, пишува дека „Библијата укажува на уништување, и дека ‚вечното свесно мачење‘ е само традиција која мора да му се потчини на врховниот авторитет на Библијата“ (Essentials—A Liberal-Evangelical Dialogue).
Што го довело до заклучокот дека вечното мачење не се темели на Библијата?
Јазична поука
Неговиот прв аргумент е јазикот. Објаснува дека кога Библијата означува конечна состојба на осуда („гехена“; види ја рамката, страница 8), повеќе пати го употребува вокабуларот за „погубување“, односно грчкиот „глагол аполуми (погубува) и именката аполеиа (погубување)“. Дали овие зборови се однесуваат на мачење? Стот објаснува дека кога глаголот е во активна и преодна форма, аполуми значи „погубува“ (Матеј 2:13; 12:14; 21:41). Всушност, кога во Матеј 10:28 се споменува Божјето погубување ‚и на душата и на телото во пеколот‘, суштинската идеја е погубување со смрт, а не вечно страдање. Во Матеј 7:13, 14, Исус го споредува ‚тесниот пат што води кон живот‘ со ‚широкиот пат што води кон пропаст‘. Стот коментира: „Според ова би било чудно ако луѓето за кои се вели дека претрпуваат уништување, всушност, не се уништени“. Тој донел сосем оправдан заклучок: „Ако убивањето има значење да му се одземе животот на едно тело, тогаш пеколот би значел одземање и на физичкиот и на духовниот живот, односно да се отстрани од постоење“ (Essentials, страници 315-316).
Толкување на претставите за пеколот
Сепак, многу религиозни луѓе би се согласиле со претседателот на Јужната баптистичка конференција Морис Х. Чепмен, кој рекол: „Јас проповедам за дословен пекол“. И додал: „Библијата го нарекува ‚огнено езеро‘, а јас сметам дека подобра дефиниција и не може да се даде.“
Вистина, сликовитата употреба на огнот во Библијата би можела да предизвика во нашите глави сцена на мачење. Затоа, книгата Essentials забележува: „Тоа несомнено е така поради тоа што сите ние сме доживеале силна болка кога сме се опекле и со тоа огнот во нашите мисли е поврзан со ‚мачење во свесна состојба‘. Но суштествената улога на огнот не е да причини болка, туку да изврши сигурно уништување, на ист начин како што и сите огнени печки во светот тоа ќе го потврдат“ (страница 316). Ако ја имаме на ум оваа забележителна разлика ќе избегнеме да пронаоѓаме во Библијата некакво значење кое всушност и не постои. Еве неколку примери:
Што се однесува до оние кои се фрлени во гехена, Исус рекол дека „нивниот црв не гине, и огнот не изгаснува“ (Марко 9:47, 48). Под влијание на зборовите од апокрифната книга Јудита („ќе испрати оган и црви врз нивните тела; во болките свои вечно ќе викаат и ќе плачат“ — Јудита 16:17), некои библиски коментатори тврдат дека Исусовите зборови значат вечно мачење. Сепак, апокрифната книга на Јудита, која не е вдахновена од Бог, не е критериум за утврдување на значењето на Марковите списи. Библискиот цитат на кој Исус очигледно мислел, а тоа е Исаија 66:24, вели дека огнот и црвите ги уништуваат мртвите тела (Исаија вели „труповите“) на Божјите непријатели. Ниту во зборовите на Исаија ниту пак во зборовите на Исус не постои навестување за некакво вечно мачење при свест. Сликовитата употреба на огнот симболизира целосно уништување.
Откровение 14:9-11 наведува дека некои се ‚мачени со оган и сулфур . . . и димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови‘a. Дали ова е доказ за вечно мачење при свест во пеколен оган? Всушност, овој пасус зборува дека злобните се само мачени, а не дека вечно се мачат. Цитатот наведува дека димот — доказот дека огнот го направил своето дело на уништување — е она што вечно трае, а не мачењето со оган.
Откровение 20:10-15 објавува дека во „огнено и сулфурно езеро . . . тие ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков“. На прв поглед, ова може да изгледа како доказ за вечно мачење при свест со оган, но тоа воопшто не е така. Зошто? Една од причините е што и „ѕверот и лажниот пророк“ и „смртта и пеколот“ ќе завршат во она што овде се нарекува „огнено езеро“. Одовде можеш лесно да заклучиш дека ѕверот, лажниот пророк, смртта и пеколот не се дословни личности; според тоа, тие не можат да доживеат мачење при свест. Наместо тоа, Г. Б. Кард во A Commentary on the Revelation of St. John the Divine пишува дека „огнено езеро“ означува „изумирање и целосен заборав“. Овој заклучок може лесно да се донесе бидејќи самата Библија за ова огнено езеро изјавува: „Тоа е втората смрт“ (Откровение 20:14).
Да се одвојат теолошките пандани
И покрај ваквите аргументи, многу верници упорно тврдат дека зборот „погубување“ го нема тоа значење, туку означува вечно мачење. Зошто? Нивното размислување е под влијание на религиозниот пандан на пеколот — науката за бесмртност на човечката душа. А бидејќи нивната црква со векови ги унапредува овие две науки, тие сметаат дека кога во цитатот се зборува за погубување, тоа всушност означува вечно мачење. На крајот на краиштата, бесмртната човечка душа не може да престане да постои — или барем многумина така размислуваат.
Но забележи го толкувањето на англиканскиот свештеник Филип Е. Хјуз: „Да се тврди дека единствено човечката душа е вродено бесмртна значи да се задржи став кој никаде не е докажан во библиската наука, бидејќи Библијата секогаш го опишува човекот како интегрално духовно и телесно суштество. . . . Во врска со забранетото дрво, Божјето предупредување: ‚во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш‘ на самиот почеток му било упатено на човекот како психофизичко суштество — доколку јаде од него тој ќе умре како такво суштество. Не постои претпоставка дека еден дел од него бил бесмртен и дека според тоа само делумно ќе умре“ (The True Image—The Origin and Destiny of Man in Christ).
На сличен начин теологот Кларк Пинок забележува: „Овој концепт [дека човечката душа е бесмртна] влијаел на теологијата во текот на еден долг, долг период, но не е библиски. Библијата не учи за природна бесмртност на душата“. Језекиил 18:4, 20 и Матеј 10:28 тоа го потврдуваат. Самиот Исус за својот мртов пријател Лазар велел дека „заспал“, и рекол дека ‚ќе отиде да го разбуди‘ (Јован 11:11-14). Значи, човечкото суштество или човечката душа Лазар умрела, но иако поминало извесно време, тој можел да биде воскреснат и вратен во живот. Овој факт покажува дека Исус го воскреснал Лазар од мртвите (Јован 11:17-44).
Како овие заклучоци влијаат врз науката за вечно мачење? Уште во 17. век, есеистот Вилијам Темпл забележал: „Постојат [цитати] кои зборуваат за фрлање во вечен оган. Но, доколку не би приоѓале со претпоставката дека тоа што се фрла е неуништливо, би дошле до заклучок дека нема вечно да гори, туку дека ќе биде уништено“. Овие исправни анализи сѐ уште се вистинити бидејќи тоа е всушност она што го учи Библијата.
Неоспорно, ти имаш оправдани причини да ја испиташ идејата за вечно мачење при свест во пеколот. Или, можеби сакаш да сториш нешто повеќе отколку само да испитуваш и да го следиш советот на теолошкиот професор Пинок, кој рекол: „Целокупниот збир на верувања во врска со пеколот, вклучувајќи го и она за вечните маки . . . би требало да биде исфрлен во името на здравата наука“. Да, моралот, правдата и — најважното — Божјата Реч, Библијата, те уверуваат да го сториш токму тоа.
Доколку го сториш тоа, ќе увидиш дека вистинската природа на пеколот е навистина веровита. Можеш да најдеш додатни информации за оваа тема во книгата Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјатаb. Те молиме побарај ја кога ќе ги сретнеш Јеховините сведоци. Прочитај ги поглавјата „Што се случува при смртта?“, „Дали навистина постои пекол?“ и „Воскресение — за кого и каде?“ Ќе откриеш дека вистинската природа на пеколот не само што е веровита туку и полна со надеж.
[Фусноти]
a Во овој библиски пасус „мачењето со оган“ првенствено се однесува на духовно, а сепак конечно мачење. За понатамошни детали види Откривење — Близу је величанствени врхунац! издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Рамка на страница 8]
ДЕФИНИРАЊЕ НА ПОИМИТЕ
Грчкиот збор гехена, кој се појавува 12 пати во „Новиот Завет“, теолозите на т.н. христијанство го преведуваат со изразите „пекол“ и „пеколен оган“ како што се наведени и во оваа статија (Матеј 5:22, 29, 30; 10:28; 18:9; 23:15, 33; Марко 9:43, 45, 47; Лука 12:5; Јаков 3:6). Иако различни библиски преводи го преведуваат овој грчки збор со „пекол“, некои преводи го транслитерираат со „гехена“. Тоа е соодветно на ‚огнено езеро, втората смрт‘, симбол за вечно уништување кој се наоѓа во последната книга на Библијата (Откровение 20:14).
За другите два збора, кои понекогаш се преведуваат со „пекол“, A Dictionary of the Bible (1914) издадена од Вилијам Смит, забележува: „Пеколот . . . е збор кој обично и за жал нашите преведувачи го употребуваат кога го преведуваат хебрејскиот збор шеол. Можеби би било подобро да се остави хебрејскиот збор шеол или секогаш да се преведува со ‚гроб‘ или ‚јама‘. . . . Во Н[овиот] З[авет] зборот хадес, слично како и шеол, понекогаш означува само ‚гроб‘ . . . Во таа смисла верувањата велат за нашиот Господ дека ‚тој се спушти во пеколот‘, мислејќи на состојбата на мртвите воопшто“.
За разлика од гехена, која симболизира конечно уништување, шеол и хадес укажуваат на смртта во заедничкиот гроб на човештвото, за која сепак постои надеж повторно да се биде подигнат во живот (Откровение 20:13).
[Слика на страница 9]
Исус го разбудил Лазар од смртниот сон