Надежта — животоважна заштита во безнадежен свет
Едно младо момче од Кореја сакало да ѝ помогне на мајка си да увери некоја студентка колку е важно да се има надеж во иднината. Се сетило на споредба што ја слушнало на еден од христијанските состаноци. Ја прашало студентката дали би сакала да одгатне една досетка и таа се сложила. Момчето започнало: „Биле две семејства, и двете биле страшно сиромашни. Врнело многу дожд, а покривите и на двете куќи прокиснувале. Едното семејство било многу тажно и постојано се жалеле заради тоа што кровот им прокиснувал. А другото семејство било среќно и задоволно додека го поправало својот покрив. Зошто помеѓу двете семејства постоела толкава голема разлика?“ Девојката љубопитно рекла дека не знае. „Па“, одговорило детето, „второво семејство било среќно поради тоа што штотуку од градоначалникот добило известување дека ќе добијат нов дом. Така, тие имале надеж. Во тоа се состоела разликата!“
ДОСЕТКАТА на момчето ја илустрира познатата вистина — надежта го го менува начинот на кој размислуваме во животот, честопати и покрај околностите во кои се наоѓаме. Повеќето од нас, како и двете семејства кои беа опишани, поднесуваме неволји во животот — здравствени проблеми, финансиски грижи, притисоци во семејството, злосторства и безброј други искушенија и навреди. Честопати не можеме да сториме многу за да исчезнат ваквите проблеми. Затоа може се чувствуваме разочарано, осамено — со еден збор — беспомошно. Да биде уште полошо, во црква можеби сме учеле дека за повеќето грешници иднината е црна, односно дека ги чека вечна казна.
Некој рекол дека рецепт за депресија е беспомошност плус безнадежност. Но, бездруго можеме да отстраниме барем една од овие примеси — никој од нас не мора нема да биде безнадежен. Надежта е најдоброто оружје кое ќе нѐ штити и од други примеси како што е чувството на беспомошност. Ако имаме надеж, можеме смирено и со задоволство да ги поднесеме животните неволји наместо постојано да се жалиме и да се јадосуваме. Да, надежта е животоважна заштита.
Можеби размислуваш скептично кога ќе слушнеш вакво нешто? Дали надежта навистина има таква моќ за да може толку да ги смени работите? И, дали постои сигурна надеж за секој од нас?
Исто како шлем
Медицината сѐ повеќе ја признава извонредната моќ што ја има надежта. Д-р Шломо Брезниц, кој го преживеал нацистичкиот холокауст, специјалист од областа на стресот, изјавил дека за повеќето животни проблеми „стресот се јавува поради нашето толкување за тоа колку се тешки, а не поради нивната вистинска тежина“. Надежта ја намалува нивната тежина. Една статија во The Journal of the American Medical Association (списание на Американското здружение на лекарите) тврди дека надежта е „моќен лек“. Списанието American Health известува: „Бројни се примерите на пациенти, особено оние болни од рак, на кои одненадеж им се влошува состојбата кога поради нешто ќе изгубат надеж — или на кои одненадеж им се подобрува состојбата кога ќе откријат нешто ново за што би можеле да живеат“. (Спореди Соломонови изреки 17:22.)
На истражувачите на Библијата одамна им е познато колку надежта може да биде важна. Во 1. Солунјаните 5:8, апостол Павле ги храбрел христијаните: „Да бидеме трезвени и облечени во . . . шлем на надежта за спасение.“ На кој начин „надежта за спасение“ е како шлем?
Размисли која е функцијата на шлемот. Војникот во библиските времиња носел шлем од бакар или железо, поставен над капа од ткаенина, волна или кожа. Во борбите, ваквиот шлем му ја заштитувал главата од стрелите кои фрчеле, силните удари на стаповите и оштриците на мечовите. Според тоа, малкумина војници би се двоумеле дали да го носат шлемот ако го имале. Сепак, кога војникот го носел шлемот, тоа не значело дека тој бил непобедлив или дека ништо не чувствувал кога ќе го удреле по глава; всушност, шлемот само пружал гаранција дека најголемиот број удари наместо да бидат смртоносни, ќе се одбијат.
Како што шлемот ја штити главата така надежта го штити умот. Надежта можеби нема да ни овозможи да ја одбиеме со леснотија секоја криза или неуспех. Но, таа ги ублажува таквите удари и ни дава сигурност дека нема да бидат смртоносни за нашето ментално, емоционално или духовно здравје.
Верниот човек Авраам очигледно го носел овој симболичен шлем. Јехова од него барал да го жртвува својот љубен син Исак (1. Мојсеева 22:1, 2). Авраам можел лесно да падне во очај, состојба која можела да го наведе на непослушност спрема Бог. Што ги заштитило неговите мисли од таквите чувства? Важна улога имала надежта. Според Евреите 11:19 ‚тој мислел дека Бог и мртви [Исак] може да воскреснува‘. На сличен начин, надежта што ја имал Јов во воскресението можела да ги зачува неговите мисли од огорченост поради која би можел да го проколне Бог (Јов 2:9, 10; 14:13-15). Соочен со мачна смрт, Исус Христос нашол сила и утеха во својата радосна надеж во иднината (Евреите 12:2). Верата во тоа дека Бог никогаш нема да постапи неисправно и дека никогаш не пропушта да ја изврши својата реч е темелот за вистинска надеж (Евреите 11:1).
Темелот за вистинска надеж
Слично на верата, и надежта се базира на факт, реалност и вистина. Ова можеби некого ќе го изненади. Како што еден писател рекол — „повеќето луѓе изгледа сметаат дека надежта е само замелушен начин да се негира вистината“. Меѓутоа, вистинската надеж не е некаков неоснован оптимизам, сувопарно верување дека ќе добиеме сѐ што ќе посакаме или дека дури и ситните проблеми што ги имаме ќе бидат решени. Реалноста ги прекинува ваквите нестварни илузии (Проповедник 9:11).
Вистинската надеж е поинаква. Се јавува како резултат на спознание, а не на желби. Размисли за второто семејство во досетката на почетокот. Каква надеж би имале кога градоначалникот би бил познат по тоа што ги одрекува своите ветувања? Меѓутоа, ветувањето плус доказот за неговата доверливост можело да му даде на семејството цврст темел за надеж.
Слично на тоа, Јеховините сведоци денес имаат надеж која е тесно поврзана со една влада — Божјето Царство. Ова Царство се наоѓа во самото срце на библиската порака. Со милениуми таа била извор на надеж за жени и мажи како Авраам (Евреите 11:10). Бог ветува дека преку своето Царство ќе му стави крај на овој расипан стар светски систем, а ќе воведе нов (Римјаните 8:20-22; 2. Петрово 3:13). Оваа надеж за Царството не е сон, туку реалност. Нејзиниот извор — Јехова Бог, Суверениот Господар на универзумот — е беспрекорен, што може да се рече без претерување. Доволно е само да ги набљудуваме Божјите материјални творби па да увидиме дека тој постои и дека има огромна моќ да ги исполни сите свои ветувања (Римјаните 1:20). Потребно е да го истражиме записот за неговите постапки со човечкиот род и да се увериме дека неговата реч секогаш се исполнувала (Исаија 55:11).
За жал, и покрај тоа, повеќето кои се изјаснуваат за христијани ја изгубиле вистинската надеж. Теологот Пол Тилих во една проповед која неодамна се објави рекол: „[Првите] христијани научиле да чекаат на крајот. Но полека престанале да чекаат. . . . Очекувањето на нова состојба на работите на земјата ослабело, иако во секоја Господова молитва се молеле за тоа — да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата!“
Каква трагедија! Милиони, дури милијарди луѓе кои имаат страшна потреба од надеж немаат никаква, а сепак таа им е достапна во нивните Библии само ако ја прочитааат. Види ги жалосните резултати! Без вистинска надеж која би ги заштитувала нивните мисли, дали е воопшто чудно што нивниот безнадежен, „изопачен ум“ ги навел многумина да го загадуваат светот со растечки неморал и насилство? (Римјаните 1:28). За нас е пресудно да не паднеме во истата замка. Наместо да го отфрлиме, потребно е секогаш да го зацврстуваме шлемот на надежта.
Како ќе ја изградиш својата надеж
Најдобар начин да ја изградиш надежта е да го насочиш вниманието кон нејзиниот извор, Јехова Бог. Марливо студирај ја неговата Реч, Библијата. Во Римјаните 15:4 се вели: „А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“.
Понатаму, мораме да внимаваме нашата надеж во иднината да не биде само замаглена апстракција. Потребно е да ја направиме реална во нашите мисли. Дали се надеваш дека ќе живееш засекогаш во Рајот на Земјата? Би сакал ли да ги сретнеш твоите сакани кои умреле, кога ќе воскреснат на Земјата? Ако да, дали се гледаш себе си во тоа време? На пример, Исаија 65:21, 22 зборува за тоа дека секој ќе си гради куќа и ќе живее во неа. Можеш ли да ги затвориш очите и да се замислиш како работиш на кровот од твојата нова куќа, додека ја ковеш последната штица? Замисли си само кога ќе погледнеш околу себе и ќе ги видиш резултатите од сето твое планирање и труд. Радосниот звук на градењето стивнал. Го набљудуваш пејзажот, додека попладневните сенки се простираат попреку. Ветрето нежно ги ниша дрвјата и те лади од жештината после работата. До твоите уши допира детска смеа, слеана со песната на птиците. Долу слушаш како домашните си разговараат.
Замислувањето на такви среќни мигови не е напразно размислување; тоа е всушност медитирање за пророштво кое има сигурно исполнување (2. Коринтјаните 4:18). Колку повеќе таквиот изглед е реалност за тебе толку повеќе ќе се надеваш дека ќе бидеш таму. Таква цврста, опиплива надеж ќе те заштити од тоа да се „срамуваш од Евангелието“ поради кое можеби го избегнуваш налогот да го споделуваш со другите (Римјаните 1:16). Наместо тоа, ќе имаш желба да се „фалиш со надежта“, како апостол Павле, и ќе го споделуваш уверливо со другите (Евреите 3:6).
Постои нешто повеќе од самата вечна иднина која ни влева надеж. Постојат извори на надеж и во овој момент. Како тоа? Еден римски државник од V век н. е., по име Касиодор, рекол: „Оној кој ја признава користа од она што се случило, добива надеж за добивките во иднина“. Мудри зборови! Каква утеха ќе најдеме во ветувањата за идните благослови ако не можеме да ги цениме сегашните?
И молитвата исто така ја гради надежта. Покрај тоа што ќе се молиме за работи кои имаат долгорочно исполнување, би требало да се молиме и за нашите сегашни потреби. Можеме да се надеваме и да молиме да се подобрат нашите односи со членовите во семејството и со сохристијаните, за нашиот нареден духовен оброк, дури да бидат задоволени и нашите материјални потреби (Псалми 24:4; Матеј 6:11). Ако ги оставиме таквите надежи во рацете на Јехова тоа ќе ни помогне секојдневно да истраеме (Псалми 54:22). Додека истрајуваме, самата истрајност ќе го зацврстува и нашиот шлем на надежта (Римјаните 5:3-5).
Да имаме надежен став за луѓето
Негативното размислување е како ’рѓа за шлемот на надежта. Тоа е корозивно и постепено би можело да направи шлемот да стане неупотреблив. Дали си научил да го препознаваш негативното размислување и да се бориш против него? Немој да те измами погрешното сфаќање дека циничниот, критичен и песимистички став значи интелигенција. Всушност, за негативно размислување потребно е малку интелигенција.
Многу е лесно да заземеме безнадежно становиште спрема нашите ближни. Некои, поради болните искуства кои ги доживеале во минатото изгубиле надеж дека повторно ќе примат помош или утеха од луѓето. Нивното мото е „Кој се попарил од млекото, дува и на матеницата“. Таквите дури и се двоумат да појдат кај христијанските старешини да побараат помош во решавањето на проблемите.
Библијата ни помага да имаме урамнотежено гледиште за луѓето. Вистина, не е мудро сета наша надеж да ја положиме на човек (Псалми 145:3, 4). Но во христијанското собрание старешините служат како „дарови во облик на луѓе“ од Јехова (Ефесјаните 4:8, 11). Тие се совесни, искусни христијани кои искрено сакаат да бидат „како заштита од ветар и засолниште за лошо време“ (Исаија 32:2).
И други во христијанското собрание исто така од сѐ срце се грижат да бидат извор на надеж. Размисли само колку стотици илјади од нив токму сега постапуваат како мајки, татковци, сестри, браќа и деца спрема оние што ги изгубиле своите семејства; размисли уште колку постапуваат како пријатели „поприврзани од брат“ спрема оние кои се во неволја (Изреките 18:24; Марко 10:30).
Ако му се молиш на Јехова за помош, не губи надеж. Тој можеби веќе ти одговорил. Можеби постои старешина или друг зрел христијанин кој е спремен да ти помогне веднаш откако ќе ја изнесеш твојата потреба. Урамнотежената надеж во луѓето ќе нѐ заштити од тоа да се повлечеме и да се изолираме од сите, што може да води до себично, непослушно однесување (Изреките 18:1).
Понатаму, доколку имаме проблем со сохристијаните, не треба да им приоѓаме со еден безнадежен, негативен став. На крајот на краиштата, „љубовта . . . на сѐ се надева“ (1. Коринтјаните 13:4-7). Обиди се на своите христијански браќа и сестри да гледаш како што и Јехова гледа на нив — со надеж. Сосредоточи се на нивните добри особини, верувај им, и насочи ги своите напори кон решавање на проблемите. Таквата надеж ќе нѐ заштити од непријателство и кавги кои никому не му користат.
Никогаш не се предавај на безнадежноста од овој стар свет што умира. Надежта е тука — како за нашата вечна иднина, така и за решавање на нашите сегашни проблеми. Ќе ја зграпчиш ли надежта? Ако се носи надежта за спасение како заштитен шлем, ниту еден слуга на Јехова нема да биде толку безнадежен — без обзир колку да се страшни настаните. Ако самите не се откажеме, ниту на небото ниту на Земјата ништо не може да ни ја оттргне надежта што Јехова ни ја дал. (Спореди Римјаните 8:38, 39.)