Наскоро — свет без војна!
НА 24. ДЕКЕМВРИ 1914, еден млад британски војник по име Џим Принс одел преку неутрална зона за да зборува со еден германски пешадинец. „Јас сум Саксонец. Ти си Англосаксонец. Зошто се тепаме?“ — го прашал Германецот. Многу години после тоа, Принс признал: „Јас сѐ уште не го знам одговорот на тоа прашање“.
Во текот на една посебна седмица во 1914, војниците на британската и германската војска се спријателиле, играле фудбал и дури и си размениле божиќни подароци. Се разбира, ова примирје било неофицијално. Генералите не сакале нивните трупи да откријат дека „непријателот“ не е злобен монструм како што го опишувала воената пропаганда. Британскиот војник Алберт Морен подоцна раскажувал: „Доколку прекинот на огнот потраеше уште некоја недела, ќе беше многу тешко повторно да се започне војната“.
Овој спонтан прекин на огнот укажува дека и голем број обучени војници повеќе копнеат по мир отколку по војна. Многу војници кои ги запознале стравотиите на бојот ќе се сложат со шпанската изрека: „Пуштете го да оди во војна оној што не знае што е тоа“. Без сомнение, кога би се спровела една анкета меѓу целото светско население, би се открило дека најголемиот дел повеќе го љуби мирот отколку војната. Но, како може оваа сеопшта желба за мир да се пренесе во еден свет без војна?
За да може да се укине војната, мора да бидат сменети ставовите. Уставот на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура наведува: „Со оглед на тоа што војната започнува во мислите на луѓето, во мислите на луѓето мора да се конструира заштита на мирот“. Меѓутоа, денешното општество, во кое недовербата и омразата се во пораст, станува сѐ понасилно, а не помирољубиво.
Сепак, Бог лично ветил дека еден ден мирот ќе биде втиснат во мислите на луѓето кои се наклонети кон праведност. Преку својот пророк Исаија, тој рекол: „И ќе им суди Он на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна“ (Исаија 2:4).
Поттикнување на мир во мислите
Може ли да се случи ваква значајна промена во размислувањето? Ќе научат ли луѓето некогаш повеќе да го штитат мирот отколку да ја величаат војната? Осврни се на примерот на Волфганг Кусеров. Во 1942, нацистите на овој 20-годишен Германец му ја отсекле главата бидејќи ‚не сакал да се учи на војна‘. Зошто одбрал да умре? Во пишаната изјава цитирал такви библиски начела како што се „возљуби го својот ближен како себеси“ и „сите, што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 22:39; 26:52). Потоа, остро прашал: „Дали нашиот Творец го дал ова да се запише за дрвјата“?
Божјата реч запишана во Библијата „дејствува“ и таа го натерала овој млад Сведок на Јехова да се стреми кон мир без обѕир на последиците (Евреите 4:12; 1. Петрово 3:11). Но Волфганг Кусеров не бил единствениот кој се стремел кон мир на овој начин. Во книгата The Nazi Persecution of the Churches 1933-45, Џ. С. Конвеј цитирал од службените нацистички архиви кои сведочеле дека Јеховините сведоци како група одбиле да земат оружје. Како што Конвеј укажал, таквиот бестрашен став практично значел потпишување на смртна пресуда.
Денес, Јеховините сведоци и понатаму се стремат кон мир без обѕир на која раса или националност ѝ припаѓаат. Зошто? Бидејќи од Библијата научиле дека вистинските Божји слуги мораат да ги прековаат своите мечеви во плугови. Алехандро, еден млад Аргентинец кој имигрирал во Израел во 1987, лично може да посведочи во врска со овој факт.
Три години Алехандро живеел во кибуц додека студирал на еден универзитет и работел во повеќе хотели и ресторани. Во тоа време, почнал да ја чита Библијата и ја барал смислата на животот. Над сѐ, копнеел да види свет каде луѓето би се радувале на мир и праведност. Алехандро — инаку Евреин — работел заедно со Евреи и Арапи, но претпочитал да остане неутрален.
Во 1990, еден пријател кој ја студирал Библијата со Јеховините сведоци го поканил на еднодневен конгрес во Хаифа. Вчудовиден кога сретнал 600 Евреи и Арапи радосно помешани на конгресот, си помислил: „Ова е вистинскиот начин на кој луѓето треба да живеат“. За шест месеци и самиот станал Сведок и сега најголемиот дел од своето време го посветува во проповедање на библиската порака на мирот.
Како Бог ќе донесе мир
Колку и да се трогателни, овие примери се повеќе исклучок отколку правило во денешниов свет. Сегашниов систем се фали само со празни зборови што се однесува до мирот, а всушност го залева семето на војната. Дали би сакал да живееш на улица чии што жители трошат од 7 до 16 проценти од својата заработувачка на огнено оружје и други средства за заштита на своите домови? Всушност, токму тоа го прават нациите со воените издатоци во последниве години. И не е за изненадување, Исаиното пророштво ни открива дека човештвото во целина никогаш нема да ги прекове мечевите во плугови сѐ додека Бог ‚не ги изобличи многуте племиња‘. На кој начин ќе го стори тоа?
Главното средство за исправно поставување на работите е Царството на Јехова Бог. Пророкот Даниел претскажал дека „небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш“. Тоа Царство, додава тој, „ќе ги победи и разруши сите царства [световните влади], а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44). Овие зборови ни откриваат дека Божјето Царство цврсто ќе ја воспостави својата контрола над целата Земја. Со тоа што ќе ги отстрани националните граници, Царството ќе го направи ривалството застарено. Понатаму, бидејќи неговите поданици ќе бидат ‚синови научени од Господа‘ нивниот мир ќе биде „голем“ (Исаија 54:13). Не е чудо што Исус ни рекол да се молиме на Бог: „Да дојде царството Твое“! (Матеј 6:10).
Отстранување на религиозните препреки
Бог исто така ќе ги отстрани и религиозните препреки за мир. Религијата стоела зад најдолгиот вооружен судир во историјата — крстоносните војни или „Свети војни“ кои ги поттикнал папата Урбан II во 1095 н. е.a Во нашево столетие, свештенството било најистакнато во придобивањето на поддршка од јавноста за војни, дури и ако тие биле од чисто световна природа.
Осврнувајќи се на улогата на номиналните христијански цркви за време на Првата светска војна, историчарот Пол Џонсон напишал: „Свештенството не беше во состојба, а во најголемиот дел ниту сакаше, да ја постави христијанската вера пред националноста. Повеќето го одбраа полесниот пат и го изедначија христијанството со патриотизмот. Христијанските војници од сите деноминации беа наговорени да се убиваат едни со други во името на нивниот Спасител“.
Религијата сторила повеќе во разгорувањето на војна отколку во негувањето на мирот. Всушност, Библијата ја опишува лажната религија како „блудница“ која им угодува на световните владетели (Откровение 17:1, 2). Бог ја прогласил неа за главен виновник кој е одговорен за пролевањето на крвта на сите оние кои се убиени на Земјата (Откровение 18:24). Затоа Јехова Бог ќе ги отстрани овие препреки за мирот еднаш и засекогаш (Откровение 18:4, 5, 8).
Дури и со исчезнувањето на вакви разделувачки елементи, како што се политиката и лажната религија, мирот никогаш нема да биде сигурен без да се отстрани најголемиот поттикнувач на војната на сите времиња — Сатана, Ѓаволот. Тоа е конечната задача која Божјето Царство ќе ја преземе во својата програма да донесе тотален мир на Земјава. Библиската книга Откровение објаснува дека Сатана ќе биде ‚фатен‘, ‚врзан‘ и ‚фрлен во бездна‘ за да не може да „ги лаже веќе народите“. После тоа целосно ќе биде уништен (Откровение 20:2, 3, 10).
Библиското ветување за крај на војната не е само пуст сон. Подготовките на Јехова Бог за мир веќе стапиле на сила. Неговото Царство веќе е воспоставено на небесата и спремно е да ги спроведе натамошните мерки кои гарантираат глобален мир. Во меѓувреме, милиони Јеховини сведоци кои ја поддржуваат оваа небесна влада научиле да живеат во мир.
Очигледно е, тогаш, дека имаме разумни причини да веруваме дека војните не се неизбежни. Со сигурност можеме да гледаме во иднината во пресрет на денот кој е близу кога Јехова ќе направи војната засекогаш да престане (Псалм 45:9). Тој ќе се погрижи наскоро да постои свет без војна.
[Фуснота]
a Понекогаш, самите религиозни водачи станале воини. Во битката кај Хастингс (1066), католичкиот бискуп Одо го оправдал своето активно учество со тоа што употребил боздоган наместо меч. Тврдел дека ако не се пролие крв, тогаш Божјиот човек може легитимно да убие. Пет века подоцна, кардинал Хименес лично ја предводел шпанската инвазија на Северна Африка.
[Слика на страница 7]
И ти можеш да живееш во нов свет без војна