Јехова — нашиот нежно сочувствителен Татко
„Јехова е многу нежен во наклоноста и сочувствителен“ (ЈАКОВ 5:11, фуснота, НС).
1. Зошто скромните се привлечени кон Јехова Бог?
ВСЕЛЕНАТА е толку огромна што астрономите не се во состојба ниту да ги избројат сите нејзини галаксии. Нашата галаксија, Млечниот пат, е толку голема што човек не би можел ниту да започне да ги брои сите нејзини ѕвезди. Некои ѕвезди, како Антарес, се илјадници пати поголеми и посветли од нашето Сонце. Колку мора да е моќен Големиот Творец на сите ѕвезди во вселената! Всушност, тој ‚го пресметал бројот на војската нивна. Он сите нив ги нарекува по име‘ (Исаија 40:26). Сепак, истиот овој Бог кој влева стравопочитување е и „многу нежен во наклоноста и сочувствителен“. Колку освежувачко е таквото спознание за понизните слуги на Јехова, особено за оние кои страдаат од прогонство, болест, депресија или други тешкотии!
2. Како луѓето од овој свет честопати гледаат на нежните емоции?
2 Мнозина ги сметаат нежните чувства, како што се Христовото „милосрдие и сострадание [сочувствителност, НС]“, за слабост (Филипјаните 2:1). Под влијание на еволуционистичката филозофија, тие ги охрабруваат луѓето да се стават себеси на прво место, дури и ако тоа значи да се газат чувствата на другите. Извесен број влијателни личности на полето на забавата и спортот се мачо-типови кои не леат солзи или кои не покажуваат нежна наклоност. Некои политички владетели постапуваат на сличен начин. Стоичкиот филозоф Сенека, кој го воспитувал суровиот император Нерон, истакнал дека „сожалувањето е слабост“. Cyclopædia-та од Меклинток и Стронг наведува: „Влијанието на стоицизмот . . . продолжува да дејствува врз умовите на луѓето дури и ден-денеска“.
3. Како се опишал Јехова себеси кога му се обратил на Мојсеј?
3 Спротивно на тоа, личноста на Творецот на човештвото го трогнува срцето. Тој се опишал себеси на Мојсеј со овие зборови: „Господ, Господ Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! . . . Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Вистина, Јехова го завршил овој личен опис така што ја истакнал својата правда. Тој нема да ги поштеди намерните грешници од заслужена казна. Сепак, себеси се опишува пред сѐ како Бог кој е милосрден, или дословно „полн со милост“.
4. Кое е трогателното значење на хебрејскиот збор што честопати е преведен со „милост“?
4 Понекогаш зборот „милост“ се сфаќа само во една ладна, правна смисла на воздржување од казна. Меѓутоа, ако ги споредиме библиските преводи, ќе се истакне богатото значење на хебрејската придавка што е изведена од глаголот раха́м. Според некои научници, нејзиното основно значење е „да се биде нежен“. Книгата Synonyms of the Old Testament (Синоними од Стариот завет) вели: „Рахам изразува длабоко и нежно чувство на сожалување, како она кое се јавува кога ќе ја видиме слабоста или страдањето на оние кои ни се драги или на кои им е потребна нашата помош“. Други трогателни дефиниции за оваа пожелна особина можат да се најдат во Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 2, страници 375-379.
5. Како била очигледна милоста во Мојсеевиот закон?
5 Божјето нежно сочувство јасно се гледа во Законот што му го дал на Израелскиот народ. Со оние кои се наоѓале во неповолна положба, како вдовиците, сирачињата и сиромасите, требало да се однесуваат сочувствително (2. Мојсеева 22:22-27; 3. Мојсеева 19:9, 10; 5. Мојсеева 15:7-11). Сите, вклучувајќи ги робовите и животните, требало да имаат корист од седмичниот Сабат на одмарање (2. Мојсеева 20:10). Понатаму, Бог ги забележувал поединците кои постапувале нежно спрема скромните. Изреки 19:17 вели: „Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина“.
Границите на божественото сочувство
6. Зошто Јехова испраќал пророци и гласници кај својот народ?
6 Израелците го носеле Божјето име и вршеле обожавање во храмот во Ерусалим, кој бил „дом на името Господово“ (2. Летописи 2:4; 6:33). Меѓутоа, со текот на времето почнале да толерираат неморал, идолопоклонство и убиства, нанесувајќи му голем срам на Јеховиното име. Во склад со својата сочувствителна личност, Бог стрпливо се обидувал да ја поправи оваа лоша ситуација, без да му нанесе неволја на целиот народ. Тој ‚им испраќал Свои гласници, зашто Му било жал за Својот народ и Своето живеалиште. Но тие се подбивале со испратените од Бога и не се грижеле за зборовите Негови, ги понижувале пророците Негови, додека гневот на Господа не паднал врз народот Негов, та немало за него спасение‘ (2. Летописи 36:15, 16).
7. Што му се случило на царството Јудеја кога Јеховиното сочувство ја достигнало својата граница?
7 Иако Јехова е сочувствителен и бавен на гнев, Тој, кога е неопходно, покажува оправдан гнев. Во тоа време, божественото сочувство ја достигнало својата граница. Во врска со последиците читаме: „И Он [Јехова] го испрати врз нив халдејскиот цар, и тој ги уби со меч младинците нивни во домот на нивната светиња; не . . . поштеди . . . ни девица, ни старец, ни немоќен. Сѐ предаде Бог во раката негова“ (2. Летописи 36:17). Така, Ерусалим и неговиот храм биле уништени, а народот бил одведен во заробеништво во Вавилон.
Сочувство спрема своето име
8, 9. а) Зошто Јехова изјавил дека ќе има сочувство спрема своето име? б) Како биле замолкнати Јеховините непријатели?
8 Околните народи се радувале на оваа несреќа. Подбивно велеле: „Тие се народ на Господа и излегоа од Неговата земја“. Осетлив на овој срам, Јехова изјавил: „Зажалив [Ќе имам сочувство, НС] заради името Мое свето . . . Ќе го осветам великото име Свое, . . . па ќе познаат народите дека Јас сум Господ [Јехова, НС]“ (Језекиил 36:20-23).
9 По 70 години заробеништво, сочувствителниот Бог, Јехова, го ослободил неговиот народ и му дозволил да се врати и повторно да го изгради храмот во Ерусалим. Тоа ги замолкнало околните народи кои гледале со вчудовиденост (Језекиил 36:35, 36). За жал, Израелскиот народ повторно западнал во лоши обичаи. Еден верен Евреин, Неемија, помогнал да се поправи ситуацијата. Во една јавна молитва, тој ги повторил Божјите сочувствителни постапки со народот, велејќи:
10. Како го истакнал Неемија Јеховиното сочувство?
10 „Секогаш кога, во тешко време за нив, ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слушаше од небесата и, по големото Свое милосрдие, им даваше спасители, што ги спасуваа од рацете на непријателите нивни. А кога се успокојуваа, пак почнаа да прават зло пред Твоето лице, и Ти ги предаваше во рацете на непријателите нивни, и тие владееја со нив. Но кога пак ќе повикаа кон Тебе, Ти ги слушаше од небесата и, според големото Свое милосрдие, многупати ги спасуваше. . . . Ти одлагаше многу години“ (Неемија 9:26-30; види и Исаија 63:9, 10).
11. Каков контраст постои помеѓу Јехова и боговите на луѓето?
11 Најпосле, откако свирепо го отфрлиле Божјиот сакан Син, еврејскиот народ засекогаш го изгубил својот привилегиран статус. Божјата лојална приврзаност кон нив траела преку 1.500 години. Тоа претставува вечно сведоштво за фактот дека Јехова навистина е Бог на милост. Каков остар контраст во споредба со свирепите богови и бесчувствителни божества измислени од грешните луѓе! (Види страница 8.)
Најголемиот израз на сочувство
12. Кој бил најголемиот израз на Божјето сочувство?
12 Најголемиот израз на Божјето сочувство било тоа што го испратил својот сакан Син на Земјата. Вистина, Исусовиот беспрекорен живот му донел големо задоволство на Јехова, давајќи совршен одговор на Ѓаволовите лажни обвиненија (Изреки 27:11). Но, во исто време, кога морал да го гледа својот сакан Син како поднесува сурова и понижувачка смрт, без сомнение, на Јехова му била нанесена болка која била поголема од било која болка што некогаш ја поднел некој човечки родител. Тоа било жртва полна со многу љубов, која го отворила патот за спасение на човештвото (Јован 3:16). Како што прорекол Захарија, таткото на Јован Крстител, тоа ја возвеличило „големата милост [сочувство, НС] на нашиот Бог“ (Лука 1:77, 78).
13. На кој истакнат начин Исус ја одразувал личноста на својот Татко?
13 Со тоа што Божјиот Син бил испратен на Земјата, човештвото добило и појасно гледиште за Јеховината личност. Како тоа? Па Исус совршено ја одразувал личноста на својот Татко, особено во нежниот сочувствителен начин на кој постапувал со скромните! (Јован 1:14; 14:9). Тројцата писатели на Евангелијата — Матеј, Марко и Лука — во врска со ова го употребуваат грчкиот глагол сплагни́зомаи, кој доаѓа од грчкиот збор за „утроба“. „Од самото негово потекло“, објаснува библискиот научник Вилијам Беркли, „може да се види дека тој не опишува некаква вообичаена милост или сочувство, туку емоција која го допира човека до самите длабочини на неговото битие. Тоа е најсилниот збор во грчкиот јазик за чувството на сомилост“. Преведен е различно, како: „се смилува“ или ‚му е жал‘ (Марко 6:34; 8:2).
Исус се смилувал
14, 15. Како се сожалил Исус во еден град во Галилеја, и што илустрира тоа?
14 Местото на настанот е еден град во Галилеја. Некој човек, „сиот лепрозен“, му приоѓа на Исус без да го даде вообичаеното предупредување (Лука 5:12). Дали Исус строго го прекорил затоа што не извикал: „Нечист сум!“, како што се барало со Божјиот закон? (3. Мојсеева 13:45). Не. Наместо тоа, Исус ја слуша очајничката молба на човекот: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш“. „Кога се смилува“, Исус се испружува и го допира лепрозниот, велејќи: „Сакам! Очисти се!“ На човекот веднаш му се враќа здравјето. Со тоа Исус ја покажува не само својата чудесна од Бог дадена сила туку и чувствата на нежност кои го мотивираат да ги користи таквите сили (Марко 1:40-42).
15 Дали морало да му се пристапи на Исус пред тој да покаже чувства на сомилост? Не. Нешто подоцна, тој среќава една погребна поворка која излегувала од градот Наин. Без сомнение, Исус и порано бил сведок на многу погреби, но овој е особено трагичен. Починатиот е син единец на една вдовица. Исус ‚се сожалува‘, ѝ приоѓа и вели: „Не плачи!“ Потоа го прави познатото чудо на воскреснување на нејзиниот син (Лука 7:11-15).
16. Зошто Исус го сожалил големото мноштво кое го следело?
16 Впечатливата поука што ја учиме од горните настани е тоа дека, кога Исус ‚се сожалува‘, тој прави нешто позитивно со цел да помогне. Во една друга прилика, Исус ги надгледува големите мноштва кои постојано го следат. Матеј известува дека ‚се сожалил, зашто биле изморени и прснати како овци без пастир‘ (Матеј 9:36). Фарисеите прават малку за да го задоволат духовниот глад на обичните луѓе. Наместо тоа, ги оптоваруваат понизните со многубројни непотребни правила (Матеј 12:1, 2; 15:1-9; 23:4, 23). Нивното гледиште за обичните луѓе било откриено кога за оние коишто го слушале Исуса, рекле: „Овој народ, што не го знае Законот, е проклет“ (Јован 7:49).
17. Како Исус бил трогнат од сомилост кон мноштвата, и какво далекусежно водство дал таму?
17 Спротивно на тоа, Исус е длабоко трогнат од лошата духовна состојба на мноштвата. Но, едноставно има премногу заинтересирани луѓе за да може да им посвети поединечна грижа. Затоа им вели на неговите ученици да се молат за повеќе работници (Матеј 9:35-38). Во склад со тие молитви, Исус ги испраќа своите апостоли со пораката: „Се приближи царството небесно“. Поуките кои биле дадени во таа прилика, послужиле како вреден водич за христијаните сѐ до денешен ден. Без сомнение, Исусовата сочувствителност го поттикнала да го задоволи духовниот глад на човештвото (Матеј 10:5-7).
18. Како реагирал Исус кога мноштвата ја прекинале неговата приватност, и каква поука извлекуваме од тоа?
18 Во една друга прилика, Исус повторно чувствува грижа за духовните потреби на мноштвата. Овојпат, тој и неговите апостоли се изморени после една интензивна служба на проповедање и бараат место да се одморат. Но набргу луѓето ги пронаоѓаат. Наместо Исус да биде иритиран затоа што му сметаат во приватноста, Марко забележува дека тој ‚се смилувал‘. А која била причината за Исусовите длабоки чувства? „Беа како овци без пастир.“ Повторно, Исус постапува според своите чувства и почнува да ги учи мноштвата „за царството Божјо“. Да, толку длабоко бил поттикнат од нивниот духовен глад, што го жртвувал потребниот одмор за да ги поучи (Марко 6:34; Лука 9:11).
19. Како Исусовата грижа за мноштвата одела дури и подалеку од нивните духовни потреби?
19 Иако првенствено бил заинтересиран за духовните потреби на луѓето, Исус никогаш не ги занемарувал и нивните основни физички потреби. Во таа прилика, исто така ‚ги излекувал оние што имале потреба од лекување‘ (Лука 9:11). Подоцна, во една друга прилика, мноштвата биле со него подолго време и се наоѓале далеку од дома. Насетувајќи ја нивната физичка потреба, Исус им рекол на своите ученици: „Жал ми е за луѓето, оти три дена веќе стојат при Мене и немаат што да јадат; да ги распуштам гладни, не би сакал, за да не премалеат по патот“ (Матеј 15:32). Исус сега прави нешто за да го спречи можното страдање. На чудесен начин, од седум сомуни и неколку рипчиња, тој им обезбедува храна на илјадници мажи, жени и деца.
20. Што учиме од последниот забележан пример за тоа дека Исус бил трогнат од сомилост?
20 Последниот забележан пример за тоа како Исус се смилувал е на неговото последно патување за Ерусалим. Големи мноштва патуваат со него за да ја прослават Пасхата. На патот близу Ерихон, двајца слепи просјаци повеќе пати извикуваат: „Помилуј нѐ, Господи“. Мноштвата се обидуваат да ги замолчат, но Исус ги повикува и ги прашува што сакаат да направи. „Да ни се отворат очите наши“, молат тие. „Се смилува“, им ги допира очите и тие добиваат вид (Матеј 20:29-34). Каква важна поука учиме од ова! Исус навлегува во последната седмица од својата земска служба. Треба да заврши многу работа пред да претрпи сурова смрт од рацете на Сатановите застапници. Сепак, тој не дозволува притисокот на ова значајно време да ги истисне неговите нежни чувства на сомилост заради помалку важни човечки потреби.
Илустрации кои го истакнуваат сочувството
21. Што е илустрирано со тоа што господарот му го поништил големиот долг на својот роб?
21 Грчкиот збор сплагни́зомаи, употребен во овие извештаи за Исусовиот живот, исто така е употребен во три Исусови илустрации. Во една приказна, еден роб моли да му се даде време за да го плати големиот долг. Неговиот господар ‚се смилувал‘ и го поништува долгот. Ова илустрира дека Јехова Бог покажал големо сочувство кога го поништил големиот долг на грев на секој поединечен христијанин кој покажува вера во Исусовата откупна жртва (Матеј 18:27; 20:28).
22. Што илустрира параболата за расипничкиот син?
22 Потоа, следи приказната за расипничкиот син. Сети се што се случува кога своеглавиот син се враќа дома. „Кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива“ (Лука 15:20). Ова покажува дека, кога еден христијанин којшто станал тврдоглав, ќе покаже искрено каење, Јехова чувствува милост и нежно го прима таквиот назад. Така, со овие две илустрации, Исус покажува дека нашиот Татко, Јехова, „е многу нежен во наклоноста и сочувствителен“ (Јаков 5:11, фуснота, НС).
23. Каква поука извлекуваме од Исусовата илустрација за милосрдниот Самарјанин?
23 Третата илустративна употреба на сплагни́зомаи се однесува на сочувствителниот Самарјанин кој ‚се сожалил‘ на лошата состојба на еден Евреин кој бил опљачкан и оставен полумртов (Лука 10:33). Постапувајќи според овие чувства, Самарјанинот сторил сѐ што било во негова моќ за да му помогне на странецот. Ова покажува дека Јехова и Исус очекуваат вистинските христијани да го следат нивниот пример во покажувањето на нежност и сочувство. Некои од начините на коишто можеме да го правиме тоа, ќе бидат разгледани во следната статија.
Прашања за повторување
◻ Што значи да се биде милостив?
◻ Како Јехова покажал сочувство спрема своето име?
◻ Кој е најголемиот израз на сочувство?
◻ На кој истакнат начин Исус ја одразува личноста на својот Татко?
◻ Што учиме од Исусовите сочувствителни постапки и од неговите илустрации?
[Рамка на страници 12 и 13]
СЛИКОВИТ ИЗРАЗ ЗА „НЕЖНА ГРИЖА ПОЛНА СО ЉУБОВ“
„УТРОБО моја! Утробо моја!“ — викал пророкот Јеремија. Дали се жалел на проблеми со цревата поради тоа што јал нешто расипано? Не. Јеремија употребил една хебрејска метафора за да ја опише својата длабока загриженост поради несреќата што дошла врз царството Јудеја (Јеремија 4:19).
Бидејќи Јехова Бог има длабоки чувства, хебрејскиот збор за „утроба“ или „црева“ (меи́м), се употребува и за да ги опише неговите нежни чувства. На пример, со децении пред деновите на Јеремија, десетплеменското царство Израел било поробено од страна на асирскиот цар. Јехова го дозволил тоа како казна за нивната неверност. Но, дали Бог ги заборавил додека биле во изгнанство? Не. Тој сѐ уште бил длабоко приврзан кон нив како дел од неговиот заветен народ. Осврнувајќи се на нив преку името на угледното племе Ефрем, Јехова прашал: „Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Оти, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува [моите црева станале немирни, НС] за него; ќе се смилувам над него“ (Јеремија 31:20).
Кога рекол „моите црева станале немирни“, Јехова употребил стилска фигура за да ги опише своите длабоки чувства на наклоност кон својот прогонет народ. Во својот коментар кон овој стих, Е. Хендерсон, библиски научник од 19. век, напишал: „Ништо не може да го надмине трогателниот израз на нежното родителско чувство коешто овде го прикажал Јехова спрема изгубените кои се вратиле. . . . Иако со тоа зборувал против [идолопоклоничките Ефремовци] и ги казнил . . . ‚ тој никогаш не ги заборавил, туку, напротив, се радувал чекајќи го нивното конечно закрепнување“.
Грчкиот збор за „утроба“, односно „црева“, е употребен на сличен начин во Христијанските Грчки списи. Кога не е употребен дословно како во Дела 1:18, се однесува на нежните чувства на наклоност или сочувство (Филимон 12). Овој збор понекогаш се додава на грчкиот збор што значи „добро“ или „исправно“. Апостолите Павле и Петар го употребуваат комбинираниот израз кога ги охрабруваат христијаните да бидат „сочувствителни“, или дословно: „добро расположени за сожалување“ (Ефесјаните 4:32; 1. Петрово 3:8). Грчкиот збор за „утроба“ може да биде придружен со грчкиот збор поли́. Комбинацијата дословно значи „да има многу утроба“. Овој многу редок грчки израз само еднаш е употребен во Библијата и се однесува на Јехова Бог. New World Translation (Нов свет преводот) го преведува вака: „Јехова е многу нежен во наклоноста“ (Јаков 5:11).
Колку благодарни треба да бидеме што најмоќниот во вселената, Јехова Бог, не е како суровите богови измислени од луѓе без сочувство! Имитирајќи го својот Бог кој е „нежно сочувствителен“, вистинските христијани се поттикнати да постапуваат на сличен начин во своите меѓусебни односи (Ефесјаните 5:1).
[Слика на страница 10]
Кога божественото сочувство ја достигнало својата граница, Јехова им дозволил на Вавилонците да го поробат неговиот тврдоглав народ
[Слика на страница 11]
Додека гледал како неговиот сакан Син умира, Јехова Бог сигурно ја доживеал најголемата болка што некој некогаш ја претрпел
[Слика на страница 15]
Исус совршено ја одразувал сочувствителната личност на својот Татко