Едно големо мноштво принесува света служба
„Му служат [му принесуваат света служба, НС] во Неговиот храм и дење и ноќе“ (ОТКРОВЕНИЕ 7:15).
1. До каква пресвртница во духовното разбирање дошло во 1935?
НА 31 мај 1935, меѓу делегатите на еден конгрес на Јеховините сведоци во Вашингтон (Д. К.) владеела голема радост. Тогаш за првпат било јасно идентификувано големото мноштво (или големата толпа) од Откровение 7:9, во склад со останатиот дел од Библијата и во согласност со настаните кои веќе почнале да се одвиваат.
2. Што покажало дека еден растечки број поединци увиделе дека Бог не ги повикал за небесен живот?
2 Околу шест недели пред тоа, на прославата на Господовата Спомен-вечера во собранијата на Јеховините сведоци, 10.681 од присутните (скоро секој шести) не зеле од симболичните леб и вино, а 3.688 од нив биле активни објавители на Божјето Царство. Зошто се воздржале да земат од симболите? Затоа што на темел на она што го научиле од Библијата, сфатиле дека Бог не ги повикал за небесен живот, туку дека би можеле да имаат удел во Јеховините љубезни подготовки на еден поинаков начин. Затоа, кога на тој конгрес говорникот запрашал: „Дали би сакале да станат сите оние кои ја имаат надежта да живеат вечно на Земјата“, што се случило? Илјадници станале, а присутните ги поздравиле со долготрајно аплаудирање.
3. Како идентификацијата на големото мноштво ѝ дало нов поттик на службата на проповедање, и што мислеле Сведоците за тоа?
3 Она што делегатите го научиле на тој конгрес им дало нов поттик во нивната служба. Почнале да сфаќаат дека сега, пред крајот на стариот систем, не само на неколку илјади туку и на едно големо мноштво луѓе ќе им биде дадена прилика да се вклучат во Јеховината подготовка за зачувување на животите, со изглед да живеат вечно на рајска Земја. Каква охрабрувачка порака им била изнесена на љубителите на вистината! Јеховините сведоци сфатиле дека треба да се изврши едно големо дело — едно радосно дело. Со години подоцна, Џон Бут, кој станал член на Водечкото тело, се сеќава: „Тој собир ни даде многу причини за радување“.
4. а) До кој обем всушност се собира големото мноштво од 1935 наваму? б) На кој начин оние од големото мноштво даваат доказ дека имаат жива вера?
4 Во текот на годините кои следеле, бројот на Јеховините сведоци драматично пораснал. И покрај честите насилнички прогонства со кои биле опсипувани за време на II Светска војна, нивниот број скоро се утроил за само една деценија. А бројот од 56.153 објавители кои во 1935 давале јавно сведоштво, до 1994 пораснал на преку 4.900.000 објавители на Царството, лоцирани во повеќе од 230 земји. Најголемиот дел од нив со горливо исчекување се надеваат да се најдат меѓу оние на кои Јехова ќе им подари совршен живот на рајска Земја. Споредени со малото стадо, тие навистина станале големо мноштво. Тие не се луѓе кои само велат дека имаат вера без да ја покажуваат (Јаков 1:22; 2:14-17). Секој од нив ја споделува со другите добрата вест за Божјето Царство. Дали си и ти еден од тоа среќно мноштво? Да се биде активен Сведок е важен знак за препознавање, но тоа подразбира уште нешто.
„Стоеја пред престолот“
5. Што е покажано со фактот дека големото мноштво ‚стои пред престолот‘?
5 Во визијата што му била дадена на апостол Јован, тој ги видел како ‚стоеле пред престолот и пред Агнецот‘ (Откровение 7:9). Тоа што стојат пред Божјиот престол, како што е опишано во овој контекст, покажува дека потполно ја признаваат Јеховината сувереност. Но, тоа вклучува уште нешто. На пример: 1) Го признаваат Јеховиното право да одлучува за своите слуги што е добро а што лошо (1. Мојсеева 2:16, 17; Исаија 5:20, 21). 2) Го слушаат Јехова кога им зборува преку неговата Реч (5. Мојсеева 6:1-3; 2. Петрово 1:19-21). 3) Ја сфаќаат важноста да им се потчинуваат на оние на коишто Јехова им го доверил надгледувањето (1. Коринтјаните 11:3; Ефесјаните 5:22, 23; 6:1-3; Евреите 13:17). 4) Иако несовршени, сериозно настојуваат да се оѕвијат на теократското водство, не безволно туку спремно, од срце (Изреки 3:1; Јаков 3:17, 18). Тие се пред престолот за да му принесуваат света служба на Јехова, кого тие длабоко го почитуваат и силно го љубат. Во случајот на ова големо мноштво, самото тоа што ‚стојат‘ пред престолот го покажува одобрувањето од Оној кој е седнат на престолот. (Спореди Откровение 6:16, 17.) На што се темели ова одобрување?
„Облечени во бели облеки“
6. а) Што е мислено со тоа дека големото мноштво е ‚облечено во бели облеки‘? б) Како големото мноштво постигнува праведна положба пред Јехова? в) До која мера верата во Христовата пролеана крв влијае врз животите на големото мноштво?
6 Според описот на апостол Јован за она што го видел, членовите на тоа големо мноштво се „облечени во бели облеки“. Тие бели облеки ја симболизираат нивната чиста, праведна положба пред Јехова. Како постигнале таква положба? Веќе забележавме дека во Јовановата визија тие стоеја „пред Агнецот“. Тие го признаваат Исус Христос како ‚Јагне Божјо, Кое ги зело гревовите на светот врз Себе‘ (Јован 1:29). Јован слушнал како еден од старешините, кои во визијата биле присутни кај Божјиот престол, објаснува: „Тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот. Затоа се пред престолот на Бога“ (Откровение 7:14, 15). Симболично речено, тие ги испрале своите наметки така што покажале вера во Христовата откупна крв. Тие не се согласуваат само интелектуално со библиските учења за откупнината. Ценењето за неа влијае врз нивната внатрешна личност; на тој начин тие покажуваат вера „со своето срце“ (Римјаните 10:9, 10). Тоа во голема мера влијае врз начинот на кој ќе ги употребат своите животи. Со вера му се предаваат на Јехова на темел на Христовата жртва, го симболизираат тоа предание со подронување во вода, навистина живеат во склад со нивното предание и така почнуваат да се радуваат на еден прифатлив однос со Бог. Каква извонредна предност — предност која треба грижливо да се чува! (2. Коринтјаните 5:14, 15).
7, 8. Како Јеховината организација им помогнала на оние од големото мноштво да ги зачуваат неизвалкани своите облеки?
7 Со љубезна грижа за нивното трајно добро, Јеховината организација честопати го свртувала вниманието на ставовите и однесувањето кои би можеле да извалкаат или осквернат нечија наметка на идентификација, така што, и покрај надворешното изјавување, лицето да не одговара на пророчкиот опис од Откровение 7:9, 10 (1. Петрово 1:15, 16). Засилувајќи го она што беше објавено порано, Стражарска кула во 1941 а и потоа, секогаш одново покажуваше дека би било крајно неприкладно човек да им проповеда на другите, а потоа, во слободното време, да се впушта во такво однесување како што е блуд или прељуба (1. Солунјаните 4:3; Евреите 13:4). Во 1947 беше нагласено дека Јеховините мерила за христијанскиот брак важат во сите земји; без оглед на тоа што одобруваат локалните обичаи, оние кои продолжиле да практикуваат полигамија не можеле да бидат Сведоци на Јехова (Матеј 19:4-6; Тит 1:5, 6).
8 Во 1973, на Јеховините сведоци по целиот свет им беше покажано дека секој мора да избегнува да има било што со неоспорно загадувачките обичаи, како што е злоупотребата на тутунот, без разлика каде се наоѓа — не само во Салата на Царството или во службата на проповедање туку и на световната работа или на некои изолирани места вон погледите на јавноста (2. Коринтјаните 7:1). Во 1987, на обласните конгреси на Јеховините сведоци, младите христијани беа уверливо советувани дека, за да задржат чиста положба пред Бог, мораат да се вардат од водење двоен живот (Псалм 25:1, 4). Секогаш одново Стражарска кула предупредуваше на различните аспекти на духот на светот, затоа што ‚чистата и непорочна вера пред Бога и Отецот‘ подразбира да се чуваме ‚неосквернети од светот‘ (Јаков 1:27).
9. Кој всушност по големата неволја ќе стои признат пред Божјиот престол?
9 По доаѓањето на големата неволја, само оние чијашто вера ги поттикнува да живеат на начин на кој ќе останат духовно и морално чисти, ќе ‚стојат пред престолот‘ како признати Божји слуги. Тоа се луѓе кои не само што почнуваат да живеат како христијани туку и лојално истрајуваат во тоа (Ефесјаните 4:24).
„Палмови гранчиња во рацете“
10. Од какво значење се палмовите гранчиња што ги видел Јован во рацете на големото мноштво?
10 Меѓу истакнатите одлики на големото мноштво, како што забележал апостол Јован, е тоа дека имало ‚палмови гранчиња во нивните раце‘. Какво значење има тоа? Без сомнение, тие палмови гранчиња го потсетувале Јован на еврејскиот празник Сеници — најрадосниот празник во еврејскиот календар, што се одржувал по летната жетва. Во склад со Законот се користеле палмови листови, како и гранчиња од други дрвја, за правење на колиби во кои се престојувало за време на празникот (3. Мојсеева 23:39, 40; Неемија 8:14-18). Исто така, обожавателите мавтале со нив во храмот додека се пеел Халелот (Псалми 112-117). Тоа што големото мноштво мавтало со палмови гранчиња веројатно го потсетило Јована и на приликата кога Исус вјавал во Ерусалим, додека едно мноштво од обожаватели радосно мавтале со палмови гранчиња, извикувајќи: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“ (Јован 12:12, 13). Според тоа, мавтањето со палмови гранчиња покажува дека големото мноштво радосно го поздравува Јеховиното Царство и неговиот помазан Цар.
11. Зошто Божјите слуги навистина наоѓаат радост во службата за Јехова?
11 Големото мноштво и сега покажува таков радосен дух додека му служи на Јехова. Тоа не значи дека тие не се соочуваат со тешкотии или дека не доживуваат тага или болка. Но, задоволството што доаѓа од служењето и угодувањето на Јехова, помага да се изедначат овие работи. Така, една мисионерка која со својот сопруг 45 години служела во Гватемала, раскажала за примитивните услови што ги опкружувале и за ризичното патување што било дел од животот додека се напрегале да ги достигнат индијанските села со пораката за Царството. Заклучила: „Тоа беше најсреќниот период од нашиот живот“. Иако ги чувствувала последиците од поодминатите години и од болеста, меѓу последните податоци во нејзиниот дневник било запишано: „Тоа беше толку добар, наградувачки живот“. Јеховините сведоци по целата Земја го чувствуваат истото за нивната служба.
‚Света служба и дење и ноќе‘
12. Што набљудува Јехова овде на Земјата, сеедно дали е ден или ноќ?
12 Овие радосни обожаватели му принесуваат на Јехова „[света служба, НС] во Неговиот храм и дење и ноќе“ (Откровение 7:15). По целата Земјина топка, милиони луѓе учествуваат во оваа света служба. Кога во некои земји е ноќ и луѓето спијат, во други земји грее Сонце и Јеховините сведоци активно сведочат. Додека Земјината топка се врти, постојано, дење и ноќе, тие ги пеат Јеховините фалби (Псалм 85:9). Но, деноноќната служба за којашто станува збор во Откровение 7:15, е од уште полична природа.
13. Како покажува Библијата што било мислено со служењето „и дење и ноќе“?
13 Поединците кои го сочинуваат големото мноштво принесуваат света служба и дење и ноќе. Дали ова значи дека сѐ што прават тие се смета за света служба? Точно е дека без разлика што прават, тие се учат да го прават тоа на начин кој му носи чест на Јехова (1. Коринтјаните 10:31; Колосјаните 3:23). Меѓутоа, „света служба“ (НС) се однесува само на она што директно вклучува нечие обожавање на Бог. Ангажирањето во некоја активност „и дење и ноќе“ подразбира редовност или доследност, како и сериозен напор. (Спореди Исус Навин 1:8; Лука 2:37; Дела 20:31; 2. Солунјаните 3:8.)
14. Како може нашата лична служба на подрачјето да одговара на описот на служењето „и дење и ноќе“?
14 Додека служат во земското предворје на Јеховиниот голем духовен храм, оние кои го сочинуваат големото мноштво настојуваат редовно и доследно да учествуваат во службата на проповедање. Мнозина си имаат поставено за цел секоја седмица да земат некаков удел во службата на подрачјето. Други се напрегаат како општи или помошни пионери. Тие честопати се зафатени уште од рано утро со сведочење по улиците и по продавниците. За да им излезат во пресрет на заинтересираните, некои Сведоци ги водат библиските студии доцна навечер. Тие сведочат кога купуваат, кога патуваат, за време на паузите за ручек и по телефон.
15. Освен службата на подрачјето, што уште е вклучено во нашата света служба?
15 Учествувањето на собраниските состаноци е исто така дел од нашата света служба; исто така и работата што е вклучена во градењето и одржувањето на местата за христијански собири. Во неа спаѓаат и напорите за охрабрување и помагање на нашите христијански браќа и сестри во духовен и материјален поглед за да останат активни во Јеховината служба. Тука спаѓа и работата на нашите Одбори за контактирање со болниците. Бетелската служба во сите нејзини различни видови, како и доброволната служба на нашите конгреси — сето тоа претставува света служба. Навистина, кога нашите животи се концентрирани околу нашиот однос со Јехова, тие се исполнети со света служба. Како што вели стихот, Јеховиниот народ принесува ‚света служба и дење и ноќе‘, и тие наоѓаат голема радост во тоа (Дела 20:35; 1. Тимотеј 1:11).
„Од сите племиња и колена, народи и јазици“
16. Како се покажува точен фактот дека големото мноштво доаѓа ‚од сите народи‘?
16 Поединците од големото мноштво доаѓаат од сите народи. Бог не е пристрасен, а подготовката на откупнината направена преку Исус Христос е доволно обемна за да извлечат корист сите тие. Кога во 1935 големото мноштво за првпат било библиски идентификувано, Јеховините сведоци биле активни во 115 земји. До 1990-тите, потрагата по лицата слични на овци се прошири во двапати повеќе земји (Марко 13:10).
17. Што се прави за да им се помогне на луѓето од сите ‚племиња, народи и јазици‘ да се вклучат во големото мноштво?
17 Додека ги бараат потенцијалните членови на големото мноштво, Јеховините сведоци им обрнале внимание не само на националните групи туку и на племињата, народите и јазичните групи во тие нации. За да ги достигнат овие луѓе, Сведоците издаваат библиска литература на преку 300 јазици. Тоа подразбира обучување и одржување на тимови од оспособени преведувачи, обезбедување на компјутерска опрема со која можат да се обработат сите овие јазици, како и самото печатење. За само последниве пет години, на списокот се додадени уште 36 јазици на кои зборуваат околу 98.000.000 луѓе. Освен тоа, Сведоците настојуваат и лично да ги посетуваат овие луѓе за да им помогнат да ја разберат Божјата Реч (Матеј 28:19, 20).
‚Од големата неволја‘
18. а) Кој ќе биде сочуван кога ќе избувне големата неволја? б) Каква радосна објава ќе биде дадена тогаш?
18 Кога ангелите ќе ги отпуштат ветровите на уништувањето за кои се зборува во Откровение 7:1, не само помазаните ‚слуги на нашиот Бог‘ туку и големото мноштво коешто им се придружило во вистинското обожавање, ќе ја доживее љубезната заштита од Јехова. Како што му било речено на апостол Јован, овие од големото мноштво ќе ‚излезат од големата неволја‘ (НС) како преживеани. Каков восклик на благодарност и фалба тогаш ќе се чуе од нив кога ќе објават: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот!“ И сите лојални Божји слуги на небото ќе ги придружат своите гласови во објавата: „Амин! Благослов и слава, премудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!“ (Откровение 7:10-14).
19. Во која радосна активност ќе сакаат ревносно да имаат удел преживеаните?
19 Какво среќно време ќе биде тоа! Сите живи ќе бидат слуги на единствениот вистинит Бог! Најголемата радост за сите нив ќе биде служењето на Јехова. Ќе треба да се заврши многу работа, и тоа радосна работа! Земјата треба да биде претворена во Рај. Милијарди умрени треба да бидат воскреснати а потоа поучени за Јеховините патишта. Каква радосна предност ќе биде да се има удел во сето тоа!
Како би прокоментирал?
◻ Какво влијание извршиле настаните од 1935 врз службата на проповедање на Јеховините сведоци?
◻ Што е покажано со фактот дека големото мноштво ‚стои пред престолот‘?
◻ Како треба ценењето спрема крвта на Јагнето да влијае врз нашиот начин на живот?
◻ Што претставува нивното мавтање со палмови гранчиња?
◻ Како големото мноштво принесува света служба и дење и ноќе?
[Слики на страници 16 и 17]
Нивната света служба одразува редовност, марливост и сериозен напор