Предадени — кому?
„Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни“ (2. МОЈСЕЕВА 24:7).
1, 2. а) На што се предадени некои луѓе? б) Дали преданието се однесува само на оние кои се поврзани со некоја религија?
ВО ФЕВРУАРИ 1945, пилотите на зероловците од јапонскиот летачки одред Јатабе биле собрани во една слушалница. На секого му бил врачен лист хартија на кој требало да напише дали сака да биде доброволец во ескадрилата на камиказите. „Си мислев дека тоа беше мој позив — да се жртвувам во едно такво време на национална криза“ — вели еден офицер кој бил присутен во таа прилика. „Бидејќи бев емоционално принуден да се ставам на располагање, се понудив за мисијата.“ Бил обучуван да ракува и да пилотира со ока (самоубиствен ракетен авион) и со него да удри во некој непријателски воен брод. Меѓутоа, војната завршила пред да има прилика да го стори тоа и на тој начин да умре за својата земја и за царот. Кога Јапонија ја изгубила војната, неговата вера во царот била разбиена.
2 Едно време многу Јапонци биле оддадени на царот, за кого верувале дека е жив бог. Во други земји имало и сѐ уште има други предмети на кои луѓето им се оддадени. Милиони им се оддадени на Марија, на Буда или на други божества, кои честопати се претставени со идоли. Под влијание на возбудливи говорнички вештини, некои ги фрлаат своите тешко заработени пари во џебовите на ТВ-евангелисти, правејќи го тоа со една таква сесрдна поддршка која е рамна на оддаденост. По војната, разочараните Јапонци барале нов предмет на кој ќе можат да му ги посветат своите животи. За некои, такво нешто станала работата. И на Исток и на Запад, мнозина се посветуваат на трупањето богатства. Младите ги концентрираат своите животи околу музичари чијшто начин на живот го имитираат. Голем број лица денес станале обожаватели на самите себе, така што им се оддаваат на сопствените желби (Филипјаните 3:19; 2. Тимотеј 3:2). Но, дали таквите работи или луѓе навистина ја заслужуваат нашата сесрдна оддаденост?
3. Како некои предмети на предаденост се покажале безвредни?
3 Кога ќе се соочат со реалноста, обожавателите на идоли честопати се разочаруваат. Оддаденоста на идоли доведува до фрустрација кога обожавателите ќе сфатат дека нивните идоли не се ништо друго освен „дело на човечки раце“ (Псалм 113:12). Кога ќе дојде до скандали во кои се вмешани угледни евангелисти, искрените луѓе се чувствуваат изневерени. Кога нестабилната економија ќе крахира, работниците доживуваат душевен немир кога ќе се најдат на списокот на оние кои се отпуштени од работа. Неодамнешните рецесии им зададоа тежок удар на обожавателите на Мамон. Долговите што биле натоварени со надеж дека ќе се спечалат многу пари, станале товар заради малите изгледи дека ќе бидат исплатени (Матеј 6:24). Кога идолизираните рок ѕвезди и други забавувачи ќе умрат или ќе избледнеат, нивните обожаватели остануваат напуштени. А оние кои воделе самодопадлив начин на живот, честопати жнеат горки плодови (Галатјаните 6:7).
4. Што ги тера луѓето да ги предаваат своите животи на безвредни работи?
4 Што ги тера луѓето да се предаваат на таква ништожност? Во голема мера, тоа е духот на светот што е под влијание на Сатана Ѓаволот (Ефесјаните 2:2, 3). Влијанието на овој дух се гледа на различни начини. Поединецот може да биде контролиран од некоја семејна традиција што била пренесена од неговите претци. Образованието и воспитанието можат силно да влијаат врз размислувањето. Атмосферата на работното место може да ги присилува „борците за фирмата“ на работоманија која може да биде опасна по животот. Желбата да се има повеќе поттикната е од материјалистичкиот став на светот. Срцата на многумина се расипани и ги наведуваат да се оддаваат на сопствените желби. Тие не испитуваат дали овие тежнеења заслужуваат таква оддаденост.
Предаден народ
5. Какво предание на Јехова било направено пред повеќе од 3.500 години?
5 Пред повеќе од 3.500 години, еден народ пронашол многу подостоен предмет на оддаденост. Тие му се предале на Суверениот Бог, Јехова. Како група, израелскиот народ ја објавил својата предаденост на Бог во Синајската пустина.
6. Какво значење требало да има Божјето име за Израелците?
6 Што ги поттикнало Израелците да постапат на ваков начин? Кога биле во ропство во Египет, Јехова го овластил Мојсеј да ги изведе на слобода. Мојсеј прашал како да го идентификува Богот кој го испратил, а Бог му се открил како „Јас сум Оној, Кој вечно постои“. Тој го упатил Мојсеј да им рече на синовите Израилеви: „Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас“ (2. Мојсеева 3:13, 14). Овој израз покажал дека Јехова станува сѐ што е потребно за да ги изврши своите намери. Тој требало да се открие себеси како Исполнувач на ветувања, и тоа на начин каков што прататковците на Израелците никогаш не го познавале (2. Мојсеева 6:2, 3).
7, 8. Какви докази имале Израелците дека Јехова е Бог кој е достоен за нивната оддаденост?
7 Израелците биле сведоци на несреќата врз египетската земја и врз луѓето во неа, што им била нанесена преку десетте неволји (Псалм 77:44-51). Тогаш, веројатно преку три милиони од нив, вклучувајќи жени и деца, се спакувале за една ноќ и заминале од земјата Гесем, што самото по себе претставувало значаен подвиг (2. Мојсеева 12:37, 38). Потоа, на Црвеното Море, Јехова им се открил како „воин“, кога го спасил својот народ од фараоновите воени сили така што го разделил морето за да им овозможи премин на Израелците, а потоа го затворил за да ги удави Египќаните кои ги гонеле. Како последица на тоа, ‚Израел ја видел големата сила, што Господ ја покажал над Египтјаните, и народот се уплашил од Господа, и поверувал во Бога‘ (2. Мојсеева 14:31; 15:3, НС; Псалм 135:10-15).
8 Како сепак да им недостигал доказ за тоа што значи Божјето име, Израелците мрмореле против Јехова и против неговиот застапник Мојсеј поради оскудицата на храна и вода. Јехова испратил потполошки, направил да паѓа мана од небото и предизвикал да бликне вода од една карпа кај Мерива (2. Мојсеева 16:2-5, 12-15, 31; 17:2-7). Исто така, Јехова ги спасил Израелците од нападот на Амаликијците (2. Мојсеева 17:8-13). Израелците никако не можеле да го негираат она што Јехова подоцна му го изјавил на Мојсеј: „Господ, Господ Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Навистина, Јехова се покажал како достоен за нивната оддаденост.
9. Зошто Јехова им дал на Израелците прилика да го изразат своето предание да му служат, и како одговориле тие?
9 Иако Јехова го имал правото на сопствеништво над Израелците затоа што ги откупил од Египет, тој, како љубезен и милостив Бог, им дал прилика доброволно да ја изразат својата желба да му служат (5. Мојсеева 7:7, 8; 30:15-20). Исто така ги изложил условите за сојузот помеѓу него и Израелците (2. Мојсеева 19:3-8; 20:1–23:33). Кога Мојсеј ги соопштил овие услови, Израелците изјавиле: „Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни“ (2. Мојсеева 24:3-7). По нивна слободна волја, тие станале народ предаден на Суверениот Господ Јехова.
Ценењето води кон предание
10. На што треба да се темели нашето предание на Јехова?
10 Јехова, Творецот, и понатаму ја заслужува нашата сесрдна оддаденост (Малахија 3:6; Матеј 22:37; Откровение 4:11). Меѓутоа, нашето предание не треба да се темели на лековерност, минливи емоции или принуда од другите — дури ни од родителите. Тоа мора да се темели на точно спознание за вистината за Јехова и на ценењето за она што Јехова го сторил за нас (Римјаните 10:2, НС; Колосјаните 1:9, 10; 1. Тимотеј 2:4). Исто како што им дал прилика на Израелците доброволно да ја изразат својата предаденост, така Јехова и нам ни дава можност доброволно да се предадеме и тоа предание да го извршиме јавно (1. Петрово 3:21).
11. Што открило за Јехова нашето проучување на Библијата?
11 Преку проучување на Библијата ние го запознаваме Бог како личност. Неговата Реч ни помага да увидиме како неговите особини се одразуваат во творештвото (Псалм 18:1-4). Од неговата Реч можеме да видиме дека тој не е некакво мистериозно Тројство кое не може да се разбере. Тој не ги губи војните и затоа не е принуден да се откаже од својата Божественост (2. Мојсеева 15:11; 1. Коринтјаните 8:5, 6; Откровение 11:17, 18). Бидејќи ги исполнувал своите намери, потсетени сме на она што значи неговото прекрасно име — Јехова. Тој е Голем Наумител (1. Мојсеева 2:4, НС, фусноста; Осија 12:5; Исаија 46:9-11). Преку проучување на Библијата јасно разбираме колку е тој верен и доверлив (5. Мојсеева 7:9; Псалм 18:7, 9; 110:7).
12. а) Што нѐ привлекува кон Јехова? б) На кој начин вистинитите искуства што се запишани во Библијата, нѐ мотивираат да сакаме да му служиме на Јехова? в) Што чувствуваш ти во врска со служењето на Јехова?
12 Она што особено нѐ привлекува кон Јехова е неговата личност полна со љубов. Библијата покажува колку е полн со љубов, колку простува и колку е милостив во односите со луѓето. Помисли на тоа како го усреќил Јов откако овој верно ја задржал својата беспрекорност. Јововото искуство истакнува дека „Господ е многумилостив и се смилува на него“ (Јаков 5:11; Јов 42:12-17). Помисли на тоа како постапил Јехова со Давид кога овој извршил прељуба и убиство. Да, Јехова е спремен да прости дури и сериозни гревови ако грешникот му пристапи со „срце понизно и смирено“ (Псалм 50:3-11, 17). Помисли на начинот на кој Јехова постапил со Савле од Тарс, кој во почетокот бил категоричен прогонител на Божјиот народ. Овие примери ја истакнуваат Божјата милост и великодушна спремност да ги употреби покајниците (1. Коринтјаните 15:9; 1. Тимотеј 1:15, 16). Павле чувствувал дека може да го заложи и самиот свој живот во службата за овој Бог полн со љубов (Римјаните 14:8). Дали и ти го чувствуваш истото?
13. Кој голем израз на љубов од страна на Јехова ги поттикнува лицата со исправни срца да му се предадат нему?
13 Јехова им дал на Израелците ослободување од ропството во Египет, а има подготвено средство да нѐ спаси и нас од ропството на гревот и смртта — откупната жртва на Исуса Христа (Јован 3:16). Павле вели: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8). Оваа подготовка полна со љубов ги поттикнува лицата со исправни срца да му се предадат на Јехова преку Исус Христос. „Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени. А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15; Римјаните 8:35-39).
14. Дали самото спознание за Јеховините постапки е доволно за да нѐ мотивира да му ги предадеме своите животи? Објасни.
14 Па сепак, не е доволно само да се има спознание за Јеховината личност и за неговите постапки со човештвото. Мора да се негува лично ценење за Јехова. Како може да се стори тоа? Ако се применува Божјата Реч во животот и ако лично се доживее дека начелата што се наоѓаат во неа се навистина делотворни (Исаија 48:17). Мораме да почувствуваме дека Јехова нѐ спасил од мочуриштето на овој зол свет под власта на Сатана. (Спореди 1. Коринтјаните 6:11.) Во нашата борба да го правиме она што е исправно, учиме да се ослонуваме на Јехова и лично доживуваме дека Јехова е живиот Бог, „Слушач на молитвите“ (Псалм 61:8; 65:2, НС). Наскоро се чувствуваме многу блиски со него и во состојба сме да му ги довериме нашите најинтимни чувства. Срдечното чувство на љубов кон Јехова расте во нас. Тоа, без сомнение, ќе нѐ наведе да му го предадеме својот живот.
15. Од што бил мотивиран еден човек кој порано ѝ бил посветен на работата, да му служи на Јехова?
15 Многумина го запознале овој Бог полн со љубов, Јехова, и му ги предале своите животи за да му служат. Да го разгледаме искуството на еден електричар кој водел успешен бизнис. Имало времиња кога ќе почнувал со работа наутро, работел цел ден сѐ до ноќта и си доаѓал дома во пет изутрина. Откако ќе се одморел околу еден час, заминувал на следната работа. „Ѝ бев предаден на мојата работа“ — се сеќава тој. Кога неговата сопруга почнала да ја проучува Библијата, тој ѝ се придружил. Вели: „Сите богови за кои знаев дотогаш, само чекаа да бидат послужени без да направат нешто за нас. Но Јехова ја презеде иницијативата и го испрати својот единороден Син на Земјата по огромна лична жртва“ (1. Јованово 4:10, 19). По десет месеци, овој човек му се предал на Јехова. После тоа се сконцентрирал на служењето на живиот Бог. Стапил во полновремената служба и се преселил да служи таму каде што потребата била поголема. Како апостолите, и тој ‚оставил сѐ и одел по Исуса‘ (Матеј 19:27). По два месеца, тој и неговата сопруга биле повикани да служат во подружницата на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула во земјата каде што живееле, така што можел да помага околу електриката. Веќе преку 20 години работи во подружницата, вршејќи ја работата што ја сака — но не за себе, туку за Јехова.
Изврши го јавно твоето предание
16. Кои се некои чекори што едно лице треба да ги преземе кога му се предава на Јехова?
16 Откако ја проучуваат Библијата некое време, и млади и стари почнуваат да го ценат Јехова и она што тој го сторил за нив. Тоа треба да ги мотивира да му се посветат на Бог. Можеби и ти си еден од нив. Како можеш да му се предадеш на Јехова? Откако ќе примиш точно спознание од Библијата, треба да постапуваш според тоа спознание и да покажуваш вера во Јехова и во Исус Христос (Јован 17:3). Покај се и одврати се од секакво грешно постапување во минатото (Дела 3:19). Тогаш ќе дојдеш до чекорот на предание, изразувајќи го тоа во свечени зборови на молитва до Јехова. Оваа молитва, без сомнение, ќе остави траен впечаток врз твојот ум, зашто таа ќе биде појдовната точка на еден нов однос со Јехова.
17. а) Зошто старешините разгледуваат подготвени прашања со новопредадените? б) Кој важен чекор треба да се преземе набргу по преданието, и со која цел?
17 Исто како што Мојсеј им ги објаснил на Израелците условите за стапување во сојузен однос со Јехова, така и старешините во собранијата на Јеховините сведоци им помагаат на оние кои неодамна извршиле предание да испитаат што точно вклучува тоа. Тие користат прашања за да утврдат дали секој поединец потполно ги разбира темелните учења од Библијата и дали е свесен што значи да се биде Јеховин сведок. Потоа, најприкладна е една церемонија со цел преданието да се изврши јавно. Секако, новопредадениот има желба да им каже на другите дека стапил во ваков привилегиран однос со Јехова. (Спореди Јеремија 9:24.) Ова се прави исправно преку подложување на крштевање во вода, како симбол на предание. Да се биде потопен во вода и повторно подигнат, симболизира дека тој умира во поглед на поранешниот себичен начин на живот и дека е подигнат во нов живот, во кој ќе се врши Божјата волја. Тоа не е некаков сакрамент ниту, пак, некаков ритуал како што е шинто ритуалот мисоги, за кој се верува дека преку него лицето се очистува со вода.a Напротив, крштевањето е јавна изјава за предание што веќе било направено во молитва.
18. Зошто можеме да бидеме уверени дека нашето предание нема да биде залудно?
18 Оваа свечена прилика е незаборавно доживување и го потсетува новиот Божји слуга на трајниот однос што сега го има со Јехова. За разлика од преданието што го направил камиказа пилотот за својата земја и за царот, ова предание на Јехова нема да биде залудно бидејќи тој е вечниот семоќен Бог кој го извршува сето она што започнува да го прави. Тој, и само тој, е достоен за нашето сесрдно предание (Исаија 55:9-11).
19. Што ќе биде разгледано во следната статија?
19 Меѓутоа, во преданието е вклучено уште нешто. На пример, како влијае преданието врз нашиот секојдневен живот? Тоа ќе биде разгледано во следната статија.
[Фуснота]
a Види Mankind’s Search for God (Човештвото во потрага по Бог), издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк., страници 194-195.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто предаденоста, каква што постои во светот, завршува со разочарување?
◻ Што ги поттикнало Израелците да му се предадат на Јехова?
◻ Што нѐ мотивира нас денес да му се предадеме на Јехова?
◻ Како му се предаваме на Бог?
◻ Какво е значењето на крштевањето во вода?
[Слика на страница 10]
Израел кај Синај му се предава на Јехова