Блесоци на светлина — големи и мали — втор дел
„Во Твојата светлина ќе гледаме светлина“ (ПСАЛМ 35:9).
1. Какви почетни напори се направени за да се разбере симболиката на книгата Откровение?
БИБЛИСКАТА книга Откровение ги интересира христијаните уште од најрани времиња. Таа претставува одличен пример за тоа како светлината на вистината станува сѐ посилна. Во 1917, Јеховиниот народ објави едно објаснување на Откровението во книгата The Finished Mystery (Завршена мистерија). Таа бестрашно ги разоткри религиозните и политичките лидери на христијанскиот свет, но голем дел од нејзините објаснувања беа позајмени од различни извори. Сепак, The Finished Mystery послужи како тест за лојалноста на Истражувачите на Библијата спрема видливиот канал што Јехова го користеше.
2. Каква светлина фрлила врз книгата Откровение статијата „Раѓање на нацијата“?
2 Еден впечатлив блесок на светлина засветли над книгата Откровение со објавувањето на статијата „Раѓање на нацијата“, во Стражарска кула од 1 март 1925 (англ.). Дотогаш се мислеше дека 12. поглавје од Откровение опишува војна меѓу паганскиот и папскиот Рим и дека машкото дете го претставува папството. Но таа статија покажа дека Откровение 11:15-18 го содржи значењето на 12. поглавје, покажувајќи дека тоа се однесува на раѓањето на Божјето Царство.
3. Кои публикации фрлиле посилна светлина на Откровението?
3 Сето ова водеше до многу појасно разбирање на Откровението што се доби со објавувањето на публикацијата Light (Светлина), во два тома, во 1930. Други прочистувања се појавија во “Babylon the Great Has Fallen!” God’s Kingdom Rules! („Падна големиот Вавилон!“ Божјето Царство владее!, 1963) и “Then Is Finished the Mystery of God” (Тогаш заврши Божјата тајна, 1969). И покрај тоа, имаше уште работи што требаа да се научат за пророчката книга Откровение. Така, посилна светлина засветли во 1988, со публикацијата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!). Клучот на ова напредно просветлување, може да се рече, е фактот што пророштвата на Откровението се однесуваат на „Господовиот ден“, кој започна во 1914 (Откровение 1:10, НС). Затоа, како што одминува тој ден, книгата Откровение треба да биде уште повеќе разбрана.
Разјаснето е значењето на „вишите сили“
4, 5. а) Како го сфаќале Истражувачите на Библијата стихот од Римјаните 13:1? б) Кој библиски став подоцна го согледале во врска со „вишите сили“?
4 Еден силен блесок на светлина се виде во 1962 во врска со Римјаните 13:1, кој гласи: „Секоја душа да им биде подложна на вишите сили [„вишите власти“, НС]“ (King James Version). Раните истражувачи на Библијата разбраа дека „вишите сили“ споменати тука, се однесуваат на световните власти. Врз основа на овој стих, тие сфатија дека еден христијанин, ако се најде во воено време, должен е да облече униформа, да носи оружје и да оди на фронт по рововите. Се сметаше дека христијаните, бидејќи не можат да убиваат други луѓе, би биле принудени да пукаат во воздух ако се случи најлошото.a
5 Стражарска кула од 15 ноември и од 1 декември 1962 (англ.) фрлија јасна светлина врз таа тема, дискутирајќи ги Исусовите зборови од Матеј 22:21: „Подајте го царевото на царот [Цезарот, НС] а Божјото на Бога!“ Суштествени беа зборовите на апостолите во Дела 5:29: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“. Христијаните му се подложни на Цезарот — „вишите сили“ — сѐ додека тој не бара од христијанинот нешто што е против Божјиот закон. Подложноста на Цезарот се смета за релативна, а не за апсолутна. Христијаните му го подаваат на Цезарот само она што не е во судир со Божјите барања. Какво само задоволство е да се има јасна светлина на оваа тема!
Блесоци на светлина во организациските работи
6. а) За да ја избегнат хиерархиската структура која преовладува во христијанскиот свет, кој принцип бил прифатен? б) Што било увидено на крајот, кој е исправниот начин да се бираат оние кои ќе надгледуваат во собранието?
6 Постоеше прашањето кој треба да служи како старешина или како ѓакон во собранието. За да се избегне хиерархиската структура која преовладува во христијанскиот свет, беше заклучено дека треба да бидат бирани демократски, со гласање од страна на членовите на секое собрание. Но зголемената светлина што ја содржеше Стражарска кула од 1 септември и од 15 октомври 1932 (англ.), покажа дека Писмото не дава основа за бирани старешини. Затоа, тие беа заменети со службен одбор, а управникот на службата беше биран од страна на Друштвото.
7. До какво подобрување довеле блесоците на светлина во поглед на начинот на кој се наименуваат слугите во собранието?
7 Стражарска кула од 1 и од 15 јуни 1938 (англ.), содржеше блесоци на светлина кои покажуваа дека слугите во собранието треба да бидат, не бирани, туку наименувани, што значи наименувани теократски. Во 1971, еден друг блесок на светлина покажа дека секое собрание не треба да биде управувано само од еден собраниски слуга. Напротив, секое треба да има тело од старешини, односно надгледници, наименувани од Водечкото тело на Јеховините сведоци. Така, со сѐ поголемата светлина, во период од околу 40 години, стана очигледно дека старешините, како и ѓаконите, сега познати како слуги помошници, треба да бидат наименувани од страна на „верниот и разумен роб“ преку неговото Водечко тело (Матеј 24:45-47, НС). Ова е во склад со настаните од апостолските времиња. Мажи, како Тимотеј и Тит, биле наименувани за надгледници од страна на водечкото тело од првиот век (1. Тимотеј 3:1-7; 5:22; Тит 1:5-9). Сето ова е впечатливо исполнување на Исаија 60:17: „Место бакар ќе ти испраќам злато, место железо — сребро, и место дрво — бакар, а место камења — железо; и ќе го поставам мирот за твој управител и правдата — за твои надзорници“.
8. а) Какво подобрување во начинот на кој работи Друштвото донела зголемената вистина? б) Кои се одборите на Водечкото тело, и какви се нивните сфери на активност, односно надгледување?
8 Тука беше и прашањето за работењето на Друштвото Стражарска кула. Водечкото тело на Јеховините сведоци со години беше синоним за управниот одбор на Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Пенсилванија, а работите во голема мера беа во рацете на неговиот претседател. Како што беше покажано во 1977 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишникот на Јеховините сведоци за 1977, страници 258, 259), во 1976 Водечкото тело започна да функционира со шест одбори, секој задолжен да се грижи за извесни аспекти од светското дело. Одборот за персонал се занимава со лични работи, вклучувајќи ги интересите на сите кои служат во бетелското семејство низ целиот свет. Одборот за издавање ги обработува сите световни и правни работи, како што се имотот и печатењето. Службениот одбор се грижи за делото на сведочење и ги надгледува патувачките надгледници, пионерите и активностите на собраниските објавители. Одборот за поучување е одговорен за собраниските состаноци, деновите на посебен состанок, покраинските собири, обласните и меѓународните конгреси, како и за различните школи за духовно образование на Божјиот народ. Одборот за пишување ги надгледува подготовките и преведувањето на сите публикации, осигурувајќи сѐ да биде во склад со Писмото. Одборот на претседавачот се грижи за вонредните состојби и за други итни работи.b Исто така, во 1970-тите, надгледувањето на подружниците на Друштвото Стражарска кула почна да го врши еден одбор наместо еден надгледник.
Светлина во врска со христијанското однесување
9. Како влијаела светлината на вистината врз односот на христијаните кон владите во светот?
9 Многу блесоци на светлина беа во врска со христијанското однесување. На пример, неутралноста. Особено силен блесок на светлина светна над оваа тема во статијата „Неутралност“, што се појави во Стражарска кула од 1 ноември 1939 (англ.). Колку само навремено беше тоа, излегувајќи непосредно по почетокот на II светска војна! Статијата ја дефинира неутралноста и покажа дека христијаните не смеат да се вклучуваат во политички работи или во меѓунационални судири (Михеј 4:3, 5; Јован 17:14, 16). Ова е уште еден фактор поради кој ќе бидат омразени од сите народи (Матеј 24:9). Борбите на древниот Израел не даваат никаков преседан за христијаните, како што покажува јасно Исус во Матеј 26:52. Освен тоа, ниту една политичка нација денес не е теократија, управувана од Бог, како што бил древниот Израел.
10. Што откриле блесоците на светлина во врска со тоа како треба христијаните да гледаат на крвта?
10 Светлина, исто така, засветли над светоста на крвта. Некои истражувачи на Библијата мислеа дека забраната да се јаде крв, од Дела 15:28, 29, била ограничена на еврејските христијани. Меѓутоа, Дела 21:25 покажа дека во апостолските времиња оваа заповед се однесувала и на оние што дошле од нациите и станале верници. Така, светоста на крвта важи за сите христијани, како што е покажано во Стражарска кула од 1 јули 1945 (англ.). Тоа не значи само одбивање да се јаде животинска крв, како на пример во крвавици, туку и воздржување од човечка крв, како во случај на трансфузија на крв.
11. Што било разбрано во врска со христијанскиот став кон употребата на тутун?
11 Како резултат на зголемената светлина, со навиките на кои отпрво се гледаше само со неодобрување, подоцна се постапуваше со соодветно сериозна одбивност. Еден ваков пример беше во врска со употребата на тутун. Во Сионска стражарска кула од 1 август 1895 (англ.), брат Расел го насочи вниманието на 1. Коринтјаните 10:31 и 2. Коринтјаните 7:1, и напиша: „Не можам да согледам како би можела да биде на Божја слава или на лична корист за кој и да било христијанин, употребата на тутун, сеедно во кој облик“. Од 1973 беше јасно разбрано дека ниту еден корисник на тутун не може да биде Јеховин сведок. Во 1976 беше појаснето дека Сведоците не можат да бидат вработени во коцкарница и да останат во собранието.
Други прочистувања
12. а) Што открил еден блесок на светлина во врска со бројот на клучевите на Царството што му биле доверени на Петар? б) Какви биле околностите кога Петар го употребил секој клуч?
12 Исто така беше зголемена светлината и во поглед на бројот на клучевите што Исус му ги дал на Петар. Истражувачите на Библијата сметаа дека Петар добил два клуча кои им го отвориле патот на луѓето за да станат наследници на Царството — едниот за Евреите, употребен на Пентакост 33 година н. е., а другиот за паганите, по првпат во 36 година н. е. кога Петар му проповедал на Корнилиј (Дела 2:14-41; 10:34-48). Со текот на времето беше согледано дека е вклучена и трета група — Самарјаните. Петар го употребил вториот клуч кога им ја отворил и ним приликата за Царството (Дела 8:14-17). Така, третиот клуч бил употребен кога Петар му проповедал на Корнилиј (Стражарска кула од 1 октомври 1979 [англ.], страници 16-22, 26).
13. Што откриле блесоците на светлина за трлата споменати во Јован 10. поглавје?
13 Од еден друг зрак на светлина беше увидено дека Исус не се осврнал само на две туку на три трла (Јован, 10. поглавје). Тоа се 1) еврејското трло, чиј вратар бил Јован Крстител; 2) трлото од помазани наследници на Царството; и 3) трлото од „други овци“, кои имаат земна надеж (Јован 10:2, 3, 15, 16; Стражарска кула од 15 февруари 1984 [англ.], страници 10-20).
14. Како се зголемила светлината што ги расветлила работите во врска со почетокот на прототипниот Јубилеј?
14 Разбирањето на прототипниот Јубилеј исто така доби извесно појаснување. Според Законот, секоја 50-та година била голем Јубилеј кога работите му биле враќани на првобитниот сопственик (3. Мојсеева 25:10). Долго време се разбираше дека ова го претставува Илјадагодишното владеење на Христос. Меѓутоа, во поново време се увиде дека прототипниот Јубилеј всушност започнал на Пентакост 33 н. е., кога оние што го примиле излеаниот свет дух биле ослободени од ропството на Сојузот на Мојсеевиот Закон (Стражарска кула, 1. мај 1987, страници 10-19).
Зголемена светлина врз терминологијата
15. Каква светлина била фрлена врз употребата на зборот „план“?
15 „Проповедникот се трудеше да најде убави изреки и точно ги запиша зборовите на вистината“ (Проповедник 12:10). Овие зборови можат добро да се применат на нашава тема бидејќи светлината засветлила не само над такви важни работи, како што се доктрините и однесувањето, туку и на христијанската терминологија и нејзиното точно значење. На пример, меѓу Истражувачите на Библијата, една од најомилените публикации беше првиот том од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото), со наслов The Divine Plan of the Ages (Божјиот план низ вековите). Меѓутоа, со текот на времето беше сфатено дека Божјата Реч зборува само за луѓето дека прават планови (Изреки 19:21, НС). Писмото никогаш не вели дека Јехова планира. Тој нема потреба да планира. Што и да науми, ќе успее поради бескрајната мудрост и моќ што ги има, токму како што читаме во Ефесјаните 1:9, 10: „Според Своето благоволение, што го беше од порано положил [наумил, НС] во Себеси, во уредувањето и извршувањето на времињата“. Постепено беше увидено дека терминот „намера“ е посоодветен кога се работи за Јехова.
16. Како било постепено увидено исправното разбирање на Лука 2:14?
16 Тука беше и прашањето за појасно разбирање на Лука 2:14. Според King James Version, овој стих гласи: „Слава на Бог на висините, а на Земјата мир, добра волја спрема луѓето“. Се увиде дека ова не ја изразува точната мисла бидејќи Божјата добра волја не е изразена спрема злите. Затоа, Сведоците го гледаа тоа како мир кон луѓето кои имаа добра волја спрема Бог. Поради тоа, на оние што се интересираа за Библијата се осврнуваа како на луѓе од добра волја. Но потоа беше разбрано дека се работи за добра волја, не од страна на луѓето, туку од страна на Бог. Така, фуснотата во New World Translation за Лука 2:14 зборува за „луѓе кои тој [Бог] ги одобрува“. Сите христијани кои живеат според својот завет на предаденост имаат Божја добра волја.
17, 18. Што ќе оправда Јехова, а што ќе посвети?
17 Слично на тоа, долго време Сведоците зборуваа за оправдување на Јеховиното име. Но зарем Сатана го довел во прашање Јеховиното име? Што се однесува до овој проблем, зарем го сторил тоа некој Сатанов застапник, како Јехова да нема право на тоа име? Не, во никој случај. Не било доведено во прашање Јеховиното име, па да има потреба да биде оправдано. Токму затоа поновите публикации на Друштвото Стражарска кула не зборуваат за оправдување на Јеховиното име. Тие зборуваат дека е оправдан Јеховиниот суверенитет, а неговото име дека е светено. Ова е во склад со зборовите со кои Исус ни кажал да се молиме: „Да се свети името Твое“ (Матеј 6:9). Јехова многупати рекол дека ќе го посвети своето име кое Израелците не го доведувале во прашање, туку го хулеле (Језекиил 20:9, 14, 22; 36:23).
18 Интересно е тоа што во 1971, во книгата “The Nations Shall Know That I Am Jehovah”—How? („Народите ќе знаат дека јас сум Јехова“ — Како?) е направена следнава разлика: „Исус Христос се бори . . . за оправдување на Јеховиниот универзален Суверенитет и за прославување на Јеховиното име“ (страници 364, 365). Во 1973, God’s Kingdom of a Thousand Years Has Approached (Божјето илјадагодишно Царство се приближило) вели: „Претстојната ‚голема неволја‘ е време кога Семоќниот Бог Јехова ќе го оправда својот универзален суверенитет и ќе го посвети своето достојно име“ (страница 409). Потоа, во 1975, Man’s Salvation Out Of World Distress at Hand! (Близу е спасувањето на човекот од неволјите на светот!), наведе: „Тогаш ќе се одигра најголемиот настан во сеопштата историја, оправдувањето на Јеховиниот универзален суверенитет и посветувањето на неговото свето име“ (страница 281).
19, 20. Како можеме да го покажеме своето ценење за блесоците на духовна светлина?
19 Колку само благословен е Јеховиниот народ што може да ужива во сета оваа духовна светлина! Во остра спротивност на ова, одраз на духовната темнина во која се наоѓаат водачите на христијанскиот свет претставува следнава изјава на еден свештеник: „Зошто грев? Зошто страдање? Зошто ѓаволот? Овие прашања сакам да му ги поставам на Господ кога ќе отидам на небото“. Но, Јеховините сведоци можат да му кажат зошто: Поради спорното прашање за законитоста на Јеховиниот суверенитет и прашањето дали човечките суштества можат да задржат беспрекорност кон Бог и покрај Ѓаволовите противења.
20 Низ годините, блесоци на светлина, и големи и мали, ја осветлуваат патеката на Јеховините предадени слуги. Ова е исполнување на стиховите како што се Псалм 96:11 и Изреки 4:18. Никогаш да не заборавиме дека одењето во светлина значи да се има ценење за зголемената светлина и да се живее во склад со неа. Како што видовме, оваа зголемена светлина го вклучува и нашето однесување и нашиот налог да проповедаме.
[Фусноти]
a Како реакција на ова гледиште, Стражарска кула од 1 и од 15 јуни 1929 (англ.), толкуваше дека „вишите сили“ се Јехова Бог и Исус Христос. Првенствено овој став беше поправен во 1962.
b Стражарска кула од 15 април 1992, објави дека избрани браќа, главно од ‚другите овци‘, се наименувани да им помагаат на одборите на Водечкото тело, што одговара на Нетинејците од деновите на Ездра (Јован 10:16; Ездра 2:58).
Дали се сеќаваш?
◻ Каква светлина била фрлена врз подложноста на „вишите сили“?
◻ До каков организациски напредок довеле блесоците на светлина?
◻ Како влијаела посилната светлина врз христијанското однесување?
◻ До какви прочистувања во нашето разбирање на извесни библиски термини довела духовната светлина?
[Извор на слика на страница 25]
Клучевите од 24. страница: Цртеж врз основа на фотографија земена од Cooper-Hewitt, National Desigh Museum, Smithsonian Institution