Што би требало да знаеш за љубомората
ШТО е тоа љубомора? Тоа е една силна емоција која може да направи лицето да се чувствува исплашено, тажно или луто. Може да почувствуваме љубомора кога изгледа дека некој е поуспешен од нас во некоја работа. Или може да чувствуваме љубомора кога некој пријател ќе прими повеќе пофалби отколку самите ние. Но, дали е секогаш неисправно да се биде љубоморен?
Луѓето кои се совладани од љубомора тежнеат кон тоа да бидат скептично расположени спрема потенцијалните ривали. Цар Саул, од древниот Израел, бил еден таков пример. На почетокот го сакал својот носач на оружје, Давид, тој дури и го унапредил да биде водач на војската (1. Царства 16:21; 18:5). Но, еден ден царот Саул ги слушнал жените како го фалат Давида со зборовите: „Саул победи илјади, а Давид — десетици илјади!“ (1. Царства 18:7). Саул не требало да дозволи ова да влијае на неговиот добар однос со Давид. Меѓутоа, тој се навредил. „Од тој ден Саул гледаше на Давида подозриво“ (1. Царства 18:9).
Лицето кое е љубоморно можеби не му посакува зло на другиот. Тој или таа можеби само негодуваат поради успехот на некој другар и копнеат да ги имаат истите способности или услови. Од друга страна, пак, завидливоста е еден особено негативен облик на љубомора. Едно завидливо лице може потајно да го лишува од добрите работи оној кој ја предизвикува неговата љубомора или можеби посакува истиот да го снајде зло. Понекогаш, едно завидливо лице не може да ги сокрие своите чувства. Тоа може да биде наведено отворено да ги повреди другите, исто како што цар Саул се обидел да го убие Давид. Саул повеќе пати фрлил копје во обид ‚да го прикове Давид за ѕидот‘ (1. Царства 18:11; 19:10).
‚Но, јас не сум љубоморен тип‘, можеби ќе одговориш. Навистина, можеби љубомората не управува со твојот живот. Меѓутоа, во извесна мера, секој од нас е погоден од љубомората — од нашите лични чувства на љубомора и од љубомората на другите. И додека бргу ја забележуваме љубомората кај другите, ние можеби сме спори да ја забележиме истата кај самите нас.
„Тенденција кон завист“
Записот за грешната човечка природа, каква што е откриена во Божјата Реч, Библијата, честопати истакнува гревови направени поради завист. Дали се сеќаваш на извештајот за Каин и Авел? Обата сина на Адам и Ева принеле жртви на Бог. Авел го направил тоа бидејќи бил човек од вера (Евреите 11:4). Тој имал вера во Божјата способност да ја исполни својата величествена намера во врска со Земјата (1. Мојсеева 1:28; 3:15; Евреите 11:1). Исто така, Авел верувал дека Бог ќе ги награди верните луѓе со живот во земскиот рај кој требало да дојде (Евреите 11:6). Така, Бог покажал дека е задоволен од жртвата на Авел. Ако Каин навистина го сакал својот брат, тогаш требало да биде среќен што Бог го благословил Авела. Наместо тоа, Каин ‚многу се огорчил‘ (1. Мојсеева 4:5).
Бог го поттикнал Каин да прави добро за да може и тој да прими благослов. Потоа го предупредил: „Ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата: тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ (1. Мојсеева 4:7). За жал, Каин не го надвладал својот љубоморен гнев. Тоа го натерало да го убие својот праведен брат (1. Јованово 3:12). Оттогаш, борби и војни однеле стотици милиони животи. „Некои од основните причини за војна може да бидат: желба за повеќе земја, желба за поголемо богатство, желба за поголема моќ или желба за сигурност“, објаснува The World Book Encyclopedia.
Вистинските христијани не се мешаат во војните на светот (Јован 17:16). Меѓутоа, жално е што некои поединци во христијанското собрание понекогаш се впуштаат во вербални конфликти. Ако во тоа се вмешаат и други членови на собранието, ваквите борби можат да се претворат во опасни вербални војни. „Од каде се војните и расправиите меѓу вас“, ги запрашал своите соверници библискиот писател Јаков (Јаков 4:1). Тој одговорил на прашањето, разоткривајќи ја нивната материјалистичка лакомост, и додал: „Продолжувате да . . . копнеете“, односно да бидете „љубоморни“ (Јаков 4:2, НС, фуснота). Да, материјализмот може да доведе до страсно копнеење по нешто и до љубоморење на оние кои изгледа уживаат подобри услови. Од оваа причина, Јаков предупредил на човечката „тенденција кон завист“ (Јаков 4:5, НС).
Каква корист има од тоа да се испитуваат причините за љубомора? Па, тоа може да ни помогне да бидеме искрени и да унапредуваме подобри односи со другите. Исто така, може да ни помогне да бидеме поразбрани, потолерантни и поспремни да простиме. Најмногу од сѐ, ја истакнува човековата очајничка потреба од Божјата љубезна подготовка за спасение и избавување од грешните човечки тенденции (Римјаните 7:24, 25).
Свет без грешната љубомора
Од човечка гледна точка, може да изгледа неможен свет без грешна љубомора. Авторот Рам Лендау признал: „Акумулираната мудрост на многуте векови, со сето она што филозофите . . . и психолозите го рекле во врска со темата, не му нуди водство на човекот кој е измачуван од љубомора. . . . Дали некогаш некој доктор излечил некого од љубомора?“
Но, Божјата Реч ја нуди надежта за постигнување на совршен човечки живот во еден нов свет каде што никој повеќе нема да биде измачуван од безбожна љубомора или завист. Освен тоа, мирот на тој нов свет нема да биде нарушен од луѓе кои покажуваат такви зли карактеристики (Галатјаните 5:19-21; 2. Петрово 3:13).
Сепак, секоја љубомора не е неисправна. Всушност, Библијата наведува дека Јехова „е љубоморен Бог“ (2. Мојсеева 34:14, НС). Што значи тоа? Што вели Библијата за исправната љубомора? А воедно, како може едно лице да стекне контрола над неисправната љубомора? Разгледај ги статиите што следат.