Положување на испитот на лојалноста
„Облечете ја новата личност која е создадена според Божјата волја, во вистинска праведност и лојалност“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 4:24, НС).
1. Зошто му должиме лојалност на Јехова Бог?
ПОЛОЖУВАЊЕТО на испитот на лојалноста има многу фасети. Најважно е да се положи испитот на лојалност спрема Јехова Бог. Навистина, ако се има предвид кој е Јехова и што сторил тој за нас, како и нашата оддаденост спрема него, ние му должиме лојалност. Како ја покажуваме лојалноста спрема Јехова Бог? Еден главен начин е да бидеме лојални на Јеховините праведни начела.
2, 3. Каков однос постои помеѓу лојалноста и праведноста?
2 За да го положиме испитот, мораме да внимаваме на зборовите што се наоѓаат во 1. Петрово 1:15, 16: „По примерот на Светецот [Светиот, НС] Кој ве повика, и вие самите бидете светци [свети, НС] во сите ваши постапки. Оти е напишано: ‚Бидете свети, бидејќи Јас сум свет‘“. Лојалноста спрема Јехова Бог ќе нѐ поттикне да го слушаме во секое време, доведувајќи ги нашите мисли, зборови и постапки во склад со неговата света волја. Тоа значи да сочуваме чиста совест, како што ни е заповедано во 1. Тимотеј 1:3-5: „А целта на заповедта [да не учат различни доктрини или да не им обрнуваат внимание на лажни приказни] е: љубов од чисто срце, добра совест и нелицемерна вера“. Навистина, никој од нас не е совршен, но треба да се трудиме да го правиме најдоброто што можеме, зарем не?
3 Лојалноста спрема Јехова ќе нѐ чува од себично компромитирање на праведните начела. Навистина, лојалноста ќе нѐ чува да не бидеме едно однатре, а друго однадвор. Лојалноста е она што псалмистот го имал на ум кога отпеал: „Упати ме, Господи, кон Твојот пат, и јас ќе одам во Твојата вистина; и нека се радува срцето мое, плашејќи се од името Твое“ (Псалм 85:11). Лојалноста го бара она што е добро опишано како „послушност кон она што не може да се наметне“.
4, 5. Од каква погрешна постапка ќе нѐ чува лојалноста?
4 Лојалноста спрема Јехова Бог исто така ќе нѐ чува да не правиме нешто што би можело да му нанесе срам на неговото име и Царство. На пример, двајца христијани еднаш западнале во таква меѓусебна тешкотија, што неисправно се обратиле до еден световен суд. Судијата прашал: ‚Дали вие обајцата сте Јеховини сведоци?‘ Очигледно не можел да сфати што бараат тие на суд. Колкава срамота било тоа! Лојалноста спрема Јехова Бог требало да ги наведе овие браќа да внимаваат на советот од апостол Павле: „Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата?“ (1. Коринтјаните 6:7). Секако, патот на лојалноста спрема Јехова Бог подразбира да се претрпи лична загуба наместо да му се нанесе срам на Јехова и на неговата организација.
5 Лојалноста спрема Јехова Бог исто така подразбира да не потклекнеме пред стравот од човек. „Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господа, ќе се развесели [ќе биде заштитен, НС]“ (Изреки 29:25). На тој начин, ние не се компромитираме кога сме соочени со прогонство, туку го следиме примерот што го дале Јеховините сведоци од поранешниот Советски Сојуз, од Малави, од Етиопија и од многу други земји.
6. Од какво дружење ќе нѐ чува лојалноста?
6 Ако сме му лојални на Јехова Бог, ќе избегнуваме да се спријателуваме со сите оние кои се негови непријатели. Токму поради тоа ученикот Јаков напишал: „Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4:4). Ние сакаме да ја имаме лојалноста што ја докажал цар Давид кога рекол: „Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе Те мразат, и зар не се изедов поради непријателите Твои? Со полна омраза ги замразив; тие ми станаа непријатели“ (Псалм 138:21, 22). Ние не сакаме да се зближуваме со никакви намерни грешници, бидејќи немаме ништо заедничко со нив. Зарем лојалноста спрема Бог нема да нѐ чува од дружење со таквите непријатели на Јехова, било лично или преку телевизискиот медиум?
Застани во одбрана на Јехова
7. На што ќе нѐ поттикне лојалноста во врска со Јехова, и како Елијуј го сторил тоа?
7 Лојалноста ќе нѐ поттикне да застанеме во одбрана на Јехова Бог. Каков извонреден пример за тоа ни е Елијуј! Јов 32:2, 3 ни кажува: „Се разгори гневот на Елијуја . . . се разгоре гневот негов против Јова, поради тоа што тој се правеше поправеден од Бога; а против тројцата негови пријатели се разгоре гневот негов затоа што тие не знаеја, што да одговорат, а пак го обвинуваа Јова [Бога, НС]“. Во Јов, поглавја 32 до 37, Елијуј застанува во одбрана на Јехова. На пример, тој рекол: „Стрпи се малку, ќе ти покажам, зашто има уште нешто да кажам за Бога. . . . Ќе ти покажам дека мојот Создател е справедлив, . . . не ги отстранува очите Свои од праведниците“ (Јов 36:2-7).
8. Зошто е потребно да се ставиме во одбрана на Јехова?
8 Зошто постои потреба да се застане во одбрана на Јехова? Денес, на нашиот Бог Јехова се хули на многу начини. Се тврди дека тој не постои, дека е дел од тројство, дека вечно ги мачи луѓето во огнен пекол, дека малку се труди да го преобрати светот, дека не се грижи за човештвото, итн. Ние ја покажуваме нашата лојалност спрема него со тоа што застануваме во одбрана, докажувајќи дека Јехова постои; дека тој е мудар, праведен, семоќен Бог полн со љубов; дека тој има време за сѐ и дека кога ќе дојде неговото одредено време, тој ќе му стави крај на сето зло и целата Земја ќе ја направи рај (Проповедник 3:1). Тоа бара да ја користиме секоја прилика за да сведочиме за Јеховиното име и Царство.
Лојалност спрема Јеховината организација
9. Во кои работи некои покажале дека имаат недостиг на лојалност?
9 Сега доаѓаме до точката да бидеме лојални на Јеховината видлива организација. Секако, ние ѝ должиме лојалност нејзе, вклучувајќи го и „верниот и разумен роб“, преку кого христијанското собрание духовно се храни (Матеј 24:45-47, НС). Да претпоставиме дека во публикациите на Стражарска кула се појавило нешто што не го разбираме или со кое моментално не се согласуваме. Што ќе направиме? Да се навредиме и да ја напуштиме организацијата? Некои тоа и го направиле кога, пред многу години, Стражарска кула го применила новиот сојуз на Милениумот. Други се навредиле од она што Стражарска кула еднаш го рекла во врска со прашањето за неутралноста. Доколку тие кои се спрепнале на овие работи, ѝ биле лојални на организацијата и на своите браќа, тие би чекале Јехова да ги разјасни овие работи, коешто тој и го сторил во свое одредено време. Според тоа, лојалноста подразбира стрпливо да чекаме додека биде објавено натамошно разбирање од страна на верниот и разумен роб.
10. Од каква љубопитност ќе нѐ чува лојалноста?
10 Лојалноста спрема Јеховината видлива организација исто така значи да немаме ништо заедничко со отпадниците. Лојалните христијани нема да бидат љубопитни околу тоа што имаат да кажат тие луѓе. Вистина, оние кои Јехова Бог ги користи за да го управуваат неговото дело на Земјата, не се совршени. Но, што ни вели Божјата Реч да направиме? Да ја напуштиме Божјата организација? Не. Братската наклоност треба да нѐ одржува лојални спрема неа и треба да продолжиме ‚да се сакаме еден со друг постојано [силно, НС] со чисто срце‘ (1. Петрово 1:22).
Лојалност спрема лојалните старешини
11. Од какво негативно размислување ќе нѐ чува лојалноста?
11 Кога во собранието ќе се каже или направи нешто што ни паѓа тешко да го разбереме, лојалноста ќе нѐ чува да не судиме за мотивите и ќе ни помогне да го заземеме ставот дека можеби се работи за расудување. Зар не е многу подобро да се задржуваме на добрите особини на наименуваните старешини и другите соверници, отколку на нивните маани? Да, ние сакаме да се чуваме од секое такво негативно размислување, бидејќи тоа е поврзано со нелојалност! Лојалноста исто така ќе ни помогне да го послушаме Павловото упатство ‚никого да не хулиме [за никого да не зборуваме неповолно, НС]‘ (Тит 3:1, 2).
12, 13. Со кои особени предизвици мораат да се соочат старешините?
12 Лојалноста поставува особени предизвици за старешините. Еден од тие предизвици е доверливоста. Некој член на собранието може да му се довери на еден старешина. Лојалноста спрема тоа лице ќе го чува старешината да не го прекрши начелото за доверливост. Тој ќе внимава на советот од Изреки 25:9: „Туѓи тајни [доверлив разговор со другиот, НС] не откривај“. Тоа значи дури ни пред својата сопруга!
13 Старешините имаат и други испити кои треба да ги положат. Дали ќе им угодуваат на луѓето или, пак, смело и љубезно ќе им помагаат на оние на кои им е потребна исправка, макар и да се крвни роднини или блиски пријатели? Лојалноста спрема Јеховината организација ќе ги наведе оние помеѓу нас кои се старешини да се трудат да им помагаат на сите оние на кои им е потребна духовна помош (Галатјаните 6:1, 2). Покрај тоа што ќе бидеме љубезни, лојалноста ќе нѐ мотивира да бидеме отворени со нашите старешини, исто како што Павле зборувал отворено со апостол Петар (Галатјаните 2:11-14). Од друга страна, надгледниците сакаат да бидат внимателни за да не се случи со своето немудро постапување или покажување пристрасност или, пак, со некоја друга злоупотреба на авторитетот, да им отежнат на оние за коишто се грижат, да ѝ бидат лојални на Божјата организација (Филипјаните 4:5).
14, 15. Кои фактори би можеле да ја стават на испит лојалноста на членовите на собранието?
14 Постојат и други аспекти во врска со положувањето на испитот на лојалност спрема собранието и спрема неговите старешини. Ако во собранието постојат некакви вознемирувачки ситуации, тоа ни дава прилика да покажеме лојалност спрема Јехова и спрема оние кои Го претставуваат. (Види Стражарска кула, 1 октомври 1987 година, страници 24—25.) Кога ќе дојде до исклучување, лојалноста бара да ги поддржуваме старешините и да не се обидуваме отпосле да критизираме дали имало доволно причини за преземената постапка.
15 Лојалноста спрема собранието исто така бара од нас да ги поддржуваме сите пет седмични состаноци, онолку колку што ни дозволуваат околностите и способноста. Лојалноста бара не само редовно да присуствуваме на нив туку и да се подготвуваме за нив и да даваме изградувачки коментари, колку што дозволуваат приликите (Евреите 10:24, 25).
Брачна лојалност
16, 17. Со какви предизвици за лојалноста мораат да се соочуваат христијаните кои се во брак?
16 Кому уште му должиме лојалност? Ако сме во брак, со оглед на нашиот брачен завет, мораме да го положиме испитот да му бидеме лојални на својот брачен другар. Лојалноста спрема нашиот брачен другар ќе нѐ чува да не ја правиме грешката да бидеме пофини спрема другите жени или мажи отколку спрема сопствената сопруга или сопругот. Лојалноста спрема нашиот брачен другар исто така бара да не ги откриваме пред други слабостите или мааните на својот сопружник. Полесно е човек да се жали на другите отколку да се напрега да ги држи отворени линиите на комуникацијата со својот сопружник, како што и треба да правиме во склад со Златното правило (Матеј 7:12). Всушност, брачната состојба претставува вистински предизвик за нашата христијанска лојалност.
17 За да го положиме овој испит на лојалноста, не само што мораме да избегнуваме да бидеме виновни за тежок случај на лошо однесување туку мораме да ги чуваме и нашите мисли и чувства (Псалм 18:14). На пример, ако нашите измамливи срца се лакоми по задоволства и возбудувања, тогаш ни е многу лесно да одиме себично од одушевување до посакување. Поттикнувајќи на брачна верност, цар Соломон ги советува сопрузите на симболичен начин да ‚пијат вода од својот извор‘ (Изреки 5:15). А Исус додава: „Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (Матеј 5:28). Сопрузите кои уживаат во порнографски материјал, ризикуваат да бидат наведени да извршат неморал и со тоа да ги измамат своите сопруги и да им станат нелојални. Од истата причина, една сопруга која е обземена со духот на гледање ТВ-сапуници кои прикажуваат прељубнички епизоди, може да биде искушана да му стане нелојална на својот сопруг. Меѓутоа, ако навистина сме му лојални на својот брачен другар, ние ја јакнеме брачната врска и си помагаме еден на друг во нашите напори да му угодиме на Јехова Бог.
Видови помош за да останеме лојални
18. Што треба да сфатиме за да бидеме лојални?
18 Што ќе ни помогне да го положиме испитот на лојалноста на овие четири подрачја: лојалност спрема Јехова, спрема неговата организација, спрема собранието и спрема нашиот брачен партнер? Еден вид помош е да го сфатиме фактот дека положувањето на испитот на лојалноста е поврзан со оправдувањето на Јеховината сувереност. Да, ако останеме лојални, покажуваме дека Јехова го сметаме за Универзален Суверен. На тој начин, ќе можеме да имаме и самопочитување и надеж за вечен живот во Јеховиниот нов свет. Можеме самите да си помогнеме да останеме лојални и ако размислуваме за добрите примери на лојалност, почнувајќи од Јехова па сѐ до оние кои се споменати во Библијата и во нашите публикации на Стражарска кула, вклучувајќи ги и извештаите во Годишниците.
19. Каква улога игра верата во нашата лојалност?
19 Цврстата вера во Јехова Бог и стравот дека нема да му угодиме, ќе ни помогнат да го положиме испитот на лојалноста. Ние ги јакнеме нашата вера и стравот од Јехова преку марливото проучување на Божјата Реч и преку ангажирањето во христијанската служба. Тоа ќе ни помогне да дејствуваме во склад со Павловиот совет запишан во Ефесјаните 4:23, 24, (НС): „Треба да бидете обновени во силата која го поттикнува вашиот ум, и треба да ја облечете новата личност која е создадена според Божјата волја, во вистинска праведност и лојалност“.
20. Која особина, пред сѐ, ќе ни помогне да му бидеме лојални на Јехова и на сите други на кои им должиме лојалност?
20 Ценењето на Јеховините особини ни помага да бидеме лојални. Над сѐ, несебичната љубов кон нашиот небесен Татко и благодарноста за сѐ што сторил за нас, сакајќи го со сето свое срце и душа и ум и сила, ќе ни помогнат да му бидеме лојални. Освен тоа, ако ја имаме љубовта за која Исус рекол дека ќе ги идентификува неговите следбеници, тоа ќе ни помогне да им бидеме лојални на сите христијани во собранието, како и на своето семејство. Со други зборови, навистина се работи за тоа дали сме себични или несебични. Нелојалноста значи дека сме себични. Лојалноста, пак, значи дека сме несебични (Марко 12:30, 31; Јован 13:34, 35).
21. Како може да се сумира сето она што е поврзано со положувањето на испитот на лојалноста?
21 Да резимираме: Лојалноста е извонредна особина што ја покажале Јехова Бог, Исус Христос и сите Јеховини вистински слуги. За да имаме добар однос со Јехова Бог, мораме да го положиме испитот на лојалноста спрема него, со тоа што ќе живееме според неговите праведни барања, ќе немаме ништо заедничко со неговите непријатели и ќе се ставиме во одбрана на Јехова, сведочејќи формално и неформално. Исто така, мораме да го положиме испитот да ѝ бидеме лојални на Јеховината видлива организација. Мораме да му бидеме лојални на своето собрание и на својот брачен другар. Ако успешно го положиме испитот на лојалноста, ќе имаме удел во оправдувањето на Јеховината сувереност и ќе застанеме на неговата страна по ова прашање. На тој начин ќе ја придобиеме неговата милост и ќе ја добиеме наградата на вечен живот. Она што го рекол апостол Павле за оддаденоста на Бога, може да се рече и за нашето положување на испитот на лојалноста. Тоа е корисно како за сегашниот живот така и за оној што треба да дојде (Псалм 18:25, НС; 1. Тимотеј 4:8).
Како би одговорил?
◻ На кои начини можеме да го положиме испитот на лојалност спрема Бог?
◻ Што бара од нас лојалноста спрема Јеховината организација?
◻ Како можат старешините да го положат испитот на лојалноста?
◻ Кој испит во поглед на лојалноста мораат да го положат христијаните кои се во брак?
◻ Кои особини ќе ни помогнат да го положиме испитот на лојалноста?
[Слика на страница 17]
Лојалноста спрема членовите на собранието ќе ги чува старешините да не откриваат доверливи работи
[Слики на страница 18]
Лојалноста спрема брачниот партнер ја јакне брачната врска