Да му се служи на Богот кој е достоен за доверба
Раскажал Кимон Прогакис
Тоа беше една остра, студена вечер во 1955 година. Мојата сопруга Јанула и јас почнавме да се секираме поради тоа што нашиот 18-годишен син Јоргос не беше вратен од киоскот каде што работеше. Неочекувано, на нашата врата тропна еден полицаец. „Вашиот син го згазиле додека возел накај дома на својот велосипед“, рече, и „мртов е.“ Потоа се навали нанапред и прошепоти: „Ќе ви речат дека бил несреќен случај, но верувајте ми, тој е убиен“. Локалниот свештеник и некои паравоени водачи сковале завера да го убијат.
ВО ТИЕ години, кога Грција се опоравуваше од времињата на судир и неволја, беше опасно да се биде Јеховин сведок. Знаев од прва рака за моќта на Грчката православна црква и на паравоените организации, бидејќи повеќе од 15 години бев нивни активен член. Дозволете ми да ви кажам за настаните што доведоа до оваа трагедија во нашето семејство пред повеќе од 40 години.
Израснат во Грција
Роден сум 1902 година во богато семејство, во едно мало село близу градот Халкис, во Грција. Татко ми беше активен во локалната политика, а ние како семејство бевме искрени членови на Грчката православна црква. Станав страстен читател на политички и религиозни книги во време кога поголемиот дел од моите сонародници беа неписмени.
Сиромаштијата и неправдата кои беа широко распространети на почетокот на XX век, создадоа во мене желба за еден свет со подобри услови. Мислев дека религијата би требало да биде способна да ја подобри лошата ситуација на моите сонародници. Поради мојата склоност кон религијата, водечките мажи од селото ме предложија да станам грчки православен свештеник на нашата општина. Меѓутоа, иако посетив многу манастири и имав долги дискусии со епископи и игумени, не се чувствував спремен или желен да прифатам таква одговорност.
Среде граѓанска војна
Со години подоцна, во април 1941, Грција падна под нацистичка окупација. Тоа отвори еден беден период на убивања, глад, оскудица и неискажливи човечки страдања. Се разви едно силно движење на отпорот, а јас се придружив на една од герилските групи што се бореа против нацистичките освојувачи. Како последица на тоа, мојот дом неколку пати беше запалуван, јас бев ранет, а посевите ми беа уништени. На почетокот од 1943 година, моето семејство и јас немавме друг избор освен да избегаме во карпестите планини. Таму останавме сѐ до крајот на германската окупација во октомври 1944.
По заминувањето на Германците избувна внатрешен политички и граѓански судир. Герилската група на отпорот, на која ѝ припаѓав, стана една од најголемите борбени сили во граѓанската војна. Иако комунистичките идеали за правда, еднаквост и другарство ми беа привлечни, реалноста на крај ме остави потполно разочаран. Со оглед на тоа што имав висока положба во групата, од прва рака видов дека моќта има склоност да ги расипе луѓето. И покрај наизглед благородните теории и идеали, себичноста и несовршеноста ги расипуваат и најдобрите политички намери.
Она што најмногу ме шокира беше тоа што на различни страни во граѓанскиот конфликт, православните свештеници земаа оружје да ги убиваат оние од сопствената религија! Во себе си мислев: ‚Како можат овие свештеници да велат дека го претставуваат Исус Христос, кој предупредил: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“?‘ (Матеј 26:52).
За време на граѓанската војна, во 1946 година, се криев близу градот Ламија, во централна Грција. Алиштата ми беа сосема изветвени, па затоа решив да се премаскирам и да отидам на кројач во градот за да си сошијам нови. Кога пристигнав таму, се одвиваше жешка дебата и наскоро се најдов себеси како зборувам не за политиката туку за мојата стара љубов — религијата. Забележувајќи ги моите информирани гледишта, посматрачите ми предложија да зборувам со некојси ‚професор по теологија‘. Веднаш отидоа да го донесат.
Наоѓање веродостојна надеж
Во дискусијата што следеше, „професорот“ ме запраша која е основата на моите верувања. „Светите Отци и екуменските синоди“, одговорив. Наместо да ми противречи, тој ја отвори својата мала Библија во Матеј 23:9, 10, и ме замоли да ги прочитам Исусовите зборови: „И никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник — Христос“.
Тоа ненадејно ми ги отвори очите! Осетив дека овој човек ја кажува вистината. Кога се идентификува како Јеховин сведок, му побарав литература за читање. Ми ја донесе книгата Light (Светлост), која е коментар на библиската книга Откровение, и ја земав во моето скривалиште. Доста долго време, ѕверките на кои се укажува во Откровението, за мене беа тајна, но сега дознав дека тие ги претставуваат политичките организации што постојат во нашиов XX век. Почнав да разбирам дека Библијата има практично значење за нашите времиња, дека треба да ја проучувам и да го прилагодам мојот живот според нејзините вистини.
Заробен и уапсен
Кратко после тоа, во моето скривалиште упаднаа војници и ме уапсија. Ме фрлија во една темна ќелија. Со оглед на тоа што извесно време ме бараа, очекував да ме погубат. Таму, во ќелијата, имав посета од Сведокот кој прв разговараше со мене. Ме охрабри да имам безусловна доверба во Јехова, каква што и имав. Казната беше шест месеци да бидам протеран на Егејскиот остров Икарија.
Веднаш штом пристигнав, се идентификував не како комунист, туку како Сведок на Јехова. И други кои ја дознале библиската вистина беа исто така протерани таму, па ги пронајдов и така заеднички редовно ја проучувавме Библијата. Тие ми помогнаа да стекнам поголемо спознание од Писмото и подобро разбирање за нашиот достоен за доверба Бог, Јехова.
Во 1947, кога мојата казна заврши, бев повикан во канцеларијата на јавниот обвинител. Тој ми кажа дека е импресиониран од моето однесување и ми рече дека можам да го користам неговото име како препорака, ако некогаш повторно бидам уапсен. Откако пристигнав во Атина, каде што во меѓувреме се пресели моето семејство, почнав да се дружам со собранието на Јеховините сведоци и наскоро се крстив како симбол на моето предание на Јехова.
Обвинет за прозелитизам
Со децении Грција ги тужеше Јеховините сведоци според законите кои беа донесени во 1938 и 1939 за забрана на прозелитизам. Затоа, од 1938 до 1992, во Грција имаше 19.147 апсења на Сведоци, а судовите изрекоа затворски казни од вкупно 753 години, од кои 593 беа целосно одлежани. Лично бев апсен повеќе од 40 пати заради проповедање на добрата вест за Божјето Царство, а одлежав вкупно 27 месеци во различни затвори.
До едно мое апсење дојде како резултат на писмото што му го напишав на еден грчки православен свештеник во Халкис. Во 1955, собранијата на Јеховините сведоци беа охрабрени на сите свештеници да им ја испратат брошурата Christendom or Christianity–Which One Is “the Light of the World”? (Христијанскиот свет или христијанството — кое е „светлина на светот“?). Еден од свештениците со високи чинови, на кого јас му напишав, ме даде на суд поради прозелитизам. За време на судењето, и адвокатот Сведок и локалниот правник дадоа авторитетна одбрана, објаснувајќи ја обврската дека вистинските христијани мораат да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14).
Судијата кој претседаваше на судот го праша архимандритот (црковен достоинственик кој по ранг е под епископот): „Дали Вие ги прочитавте писмото и брошурата?“
„Не“, одговори тој силно, „ги искинав и се ослободив од нив веднаш штом го отворив пликот!“
„Тогаш, како можете да кажете дека овој човек Ве прозелитизирал?“ праша судијата кој претседаваше.
Потоа, нашиот адвокат цитираше примери за професори и други кои подариле цели купови книги на јавни библиотеки. “Дали би рекле дека тие луѓе се обиделе да ги прозелитизираат другите?“ праша тој.
Јасно, таквата активност не претставувала прозелитизирање. Му се заблагодарив на Јехова кога го слушнав решението на поротата: „Не е виновен“.
Смртта на мојот син
И син ми Јоргос беше постојано прогонуван, обично на подбуцнување на православните свештеници. Тој, исто така, беше апсен многу пати поради неговата младешка ревност во објавувањето на добрата вест за Божјето Царство. На крајот, противниците решиле да се ослободат од него и, во исто време, да испратат до нас останатите заканувачка порака да престанеме да проповедаме.
Полицаецот кој дојде во нашата куќа да нѐ извести за смртта на Јоргос ни рече дека локалниот свештеник и некои паравоени водачи сковале завера да го убијат нашиот син. Таквите „несреќни случаи“ беа вообичаени во текот на тие опасни времиња. И покрај тагата која ја предизвика неговата смрт, нашата одлучност да останеме активни во делото на проповедање и во потполност да имаме доверба во Јехова беше уште позајакната.
Помагање на другите да имаат доверба во Јехова
Во средината на 1960-тите, мојата сопруга и децата ги поминуваа летните месеци во крајбрежното село Скала Оропос, околу 50 километри од Атина. Во тоа време таму немаше Сведоци, па затоа неформално им сведочевме на соседите. Некои локални фармери поволно реагираа. Со оглед на тоа што луѓето работеа долги часови на полињата во текот на денот, библиските студии со нив ги водевме доцна во ноќта и голем број станаа Сведоци.
Гледајќи како Јехова ги благословува нашите напори, околу 15 години секоја седмица патувавме за да водиме библиски студии со заинтересираните лица. Скоро 30 лица со кои проучувавме напредуваа до крштавање. На почетокот беше формирана група за проучување, а јас бев доделен да ги водам состаноците. Подоцна групата стана собрание и денес повеќе од стотина Сведоци од тоа подрачје го сочинуваат собранието Малакаса. Се радуваме што четворица од лицата на кои им помогнавме, сега служат како полновремени слуги.
Богато наследство
Кратко откако му го предадов мојот живот на Јехова, мојата сопруга почна духовно да напредува и се крсти. Во текот на тешкиот период на прогонство, таа задржа јака вера и остана цврста и непоколеблива во нејзиниот интегритет. Никогаш не се жалеше поради многуте потешкотии кои ги поднесуваше како последица на тоа што често бев затворан.
Низ годините, заедно водевме многу библиски студии, а таа делотворно им помогна на многумина со нејзиниот едноставен и воодушевен пристап. Моментално, таа има обиколка со списанија што вклучува десетици лица на кои редовно им носи Стражарска кула и Разбудете се!
Во голема мера поради поддршката од мојот љубезен брачен другар, сите наши три живи деца и нивните семејства, во кои спаѓаат шест внуци и четири правнуци, се активни во Јеховината служба. Иако тие не мораат да се борат со прогонството и горкото противење со кое се соочивме мојата сопруга и јас, тие ја ставаат својата безусловна доверба во Јехова и продолжуваат да одат по неговите патишта. Колкава само радост ќе биде за сите нас повторно да се обединиме со нашиот драг Јоргос кога ќе се врати при воскресението!
Одлучни да имаме доверба во Јехова
Во текот на сите овие години, гледав како Јеховиниот дух дејствува врз неговиот народ. Неговата организација водена со дух ми помогна да видам дека не можеме да ја ставаме нашата доверба во напорите на луѓето. Нивните ветувања за подобра иднина се безвредни и не се еднакви на ништо друго освен на една голема лага (Псалм 145:3, 4).
И покрај моите поодминати години и тешките здравствени проблеми, моите очи се сосредоточени на реалноста на надежта на Царството. Навистина жалам за годините кои ги поминав оддаден на лажната религија и на обидот да донесам подобри околности по пат на политика. Кога би требало повторно да го живеам мојот живот, без двоумење повторно би се одлучил да му служам на Јехова, Богот кој е достоен за доверба.
(Кимон Прогакис неодамна почина. Тој имаше земна надеж.)
[Слика на страница 26]
Неодамнешна фотографија на Кимон со неговата сопруга Јанула