Совеста — бреме или предност?
‚МЕ МАЧИ совеста!‘ Одвреме навреме, практично секој од нас ги доживува грижите на совеста. Таквите чувства може да се движат од обична нелагодност па до агониска мака. Вознемирената совест може да предизвика дури и депресија или, пак, длабоко чувство на неуспех.
Затоа, гледано од оваа перспектива, зарем совеста не е бреме? Некои може да мислат дека е. Претходните генерации мислители честопати совеста ја сметале за природна, вродена способност. Мнозина мислеле дека таа е морален водич даден директно од самиот Бог. Затоа, совеста била наречена „Божје присуство во човекот“, „наша првобитна природа“, па дури и „Божји глас“.
Меѓутоа, во последниве години стана популарно да се тврди дека совеста најчесто претставува стекната способност — продукт на родителската и општествената условеност. На пример, некои психолози аргументираат дека детето учи да се воздржува од непожелно однесување главно поради страв од казна, мислејќи дека она што ние го нарекуваме совест, едноставно претставува апсорпција на вредностите и верувањата на нашите родители. Други укажуваат на улогата што, општо земено, ја игра општеството при пренесувањето на вредностите и мерилата. Некои мислат дека грижата на совеста не е ништо друго освен за конфликт помеѓу она што би сакале да го правиме и она што едно угнетувачко општество бара да го правиме!
И покрај теориите, луѓето секогаш одново им се спротивставувале на родителите, семејствата и на цели општества, затоа што нивната совест им кажувала да го прават тоа. Некои биле спремни да го жртвуваат дури и својот живот поради совеста! А и покрај длабоките разлики меѓу културите на светот, таквите постапки како што е убиство, кражба, прељуба, лажење и инцест, скоро универзално се сметаат за неисправни. Зарем ова не дава доказ дека совеста е природна, вродена?
Совеста — библиското гледиште
Вистинскиот авторитет по оваа тема е Јехова Бог. На крајот на краиштата, „Он [Бог] нѐ создаде нас, а не ние самите“ (Псалм 99:3). Тој темелно го разбира нашиот состав. Божјата Реч, Библијата, објаснува дека човекот бил направен според Божји „образ“ (1. Мојсеева 1:26). Човекот бил создаден со осет за тоа што е исправно а што погрешно; уште од самиот почеток, совеста била вроден дел од човековата природа. (Спореди 1. Мојсеева 2:16, 17.)
Апостол Павле го потврдува ова во своето писмо до Римјаните, пишувајќи: „Незнабошците, немајќи [Божји] Закон, сами од себе вршат сѐ по законот; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа, и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуваат“ (Римјаните 2:14, 15). Забележи дека мнозина кои не биле одгледани под божествениот Закон што им бил даден на Евреите, сепак следеле некои од начелата на Божјиот закон, не поради општествен притисок, туку „сами од себе [по природа, НС]“!
Затоа, далеку од тоа да биде бреме, совеста претставува божествен дар, предност. Додуша, таа може да ни предизвика болка. Но, кога исправно се внимава на неа, таа може и да нѐ награди со чувство на длабоко задоволство и внатрешен мир. Таа може да нѐ води, да нѐ штити и мотивира. The Interpreter’s Bible коментира: „Менталното и емоционалното здравје може да се сочува само додека поединецот се труди да го премости јазот меѓу она што го прави и она што мисли дека треба да го прави“. Како може човек да го премости тој јаз? Можно ли е да ја обликуваме и школуваме својата совест? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија?