Корените на современиот Божиќ
ЗА МИЛИОНИ луѓе ширум светот, божиќната сезона е многу радосно време во годината. Тоа е време на раскошни оброци, традиции почитувани од дамнина, како и семејно заедништво. Празникот Божиќ исто така е време кога пријателите и роднините се радуваат да разменуваат картички и подароци.
Меѓутоа, до пред само 150 години, Божиќ бил многу поинаков празник. Во својата книга The Battle for Christmas (Битката за Божиќ), професорот по историја Стивен Нисенбаум пишува: „Божиќ . . . бил време на тешко пиење кога правилата, кои го управувале јавното однесување на луѓето, моментално се отфрлале во полза на еден необуздан ‚карневал‘ — еден вид декемвриски поклади“.
За оние кои на Божиќ гледаат со побожна стравопочит, овој опис би можел да биде вознемирувачки. Зошто некој би обесветувал еден празник кој тврди дека го комеморира раѓањето на Божјиот Син? Одговорот би можел да те изненади.
Неисправен темел
Уште од својот зачеток во четвртиот век, Божиќ бил опкружен со контроверзија. На пример, постоело прашањето за Исусовиот роденден. Со оглед на тоа дека Библијата не го специфицира ниту денот ниту месецот на Христовото раѓање, била предложена една разноликост од датуми. Во третиот век, една група египетски теолози го ставила на 20 мај додека, пак, други претпочитале порани датуми, како 28 март, 2 април или 19 април. До 18 век, Исусовото раѓање било поврзано со секој месец од годината! Тогаш, како најпосле бил избран 25 декември?
Повеќето научници се сложуваат дека 25 декември бил избран од Католичката црква како Исусов роденден. Зошто? „Најверојатно“ — вели The New Encyclopædia Britannica, „причината е таа што раните христијани посакувале датумот да се совпаѓа со паганската римска свеченост која го обележувала ‚роденденот на непобеденото Сонце‘ .“ Но, зошто христијаните, кои преку два и пол века биле злобно прогонувани од паганите, одеднаш би им попуштиле на своите прогонувачи?
Воведена е расипаност
Во првиот век, апостол Павле го предупредил Тимотеј дека во христијанското собрание ќе се вовлечат ‚лоши луѓе и лажливци‘ и ќе заведат мнозина (2. Тимотеј 3:13). Овој голем отпад почнал по смртта на апостолите (Дела 20:29, 30). После таканареченото преобраќање на Константин во четвртиот век, огромни броеви пагани се собрале во јата во обликот на христијанство што преовладувал тогаш. Со какви последици? Книгата Early Christianity and Paganism наведува: „Сразмерно малото тело од навистина сериозни верници се изгубило во огромното мноштво лица кои тврделе дека се христијани“.
Колку вистинити се покажале Павловите зборови! Тоа било како вистинските христијани да биле проголтани од паганската расипаност. И ова загадување никаде не било поочигледно отколку во славењето на празниците.
Всушност, единствената прослава која им е заповедана на христијаните да ја слават е Господовата вечера (1. Коринтјаните 11:23—26). Поради идолопоклоничките практики поврзани со римските свечености, раните христијани не учествувале во нив. Од оваа причина, паганите од третиот век ги прекорувале христијаните, велејќи: „Вие не ги посетувате егзибициите; не се грижите за јавните изложби; ги отфрлате јавните банкети и се гадите од светите натпревари“. Паганите, од друга страна, се фалеле: „Ние ги обожаваме боговите со веселост, со гозби, песни и игри“.
До средината на четвртиот век, негодувањето попуштило. Како тоа? Додека сѐ повеќе и повеќе фалсификат-христијани се вовлекувале во трлото, отпадничките идеи се множеле. Ова довело до компромиси со римскиот свет. Коментирајќи за ова, книгата The Paganism in Our Christianity наведува: „Дефинитивна христијанска политика беше да се преземат паганските свечености што им омилеле на луѓето преку традицијата, и да им се даде христијанско значење“. Да, големиот отпад си го земал својот данок. Спремноста на таканаречените христијани да усвојат пагански прослави, сега им донела извесна мера на прифаќање во заедницата. Набргу, христијаните имале исто толку годишни свечености како и самите пагани. Не е за изненадување што Божиќ бил на предно место меѓу нив.
Меѓународен празник
Како што преовладувачкиот облик на христијанство се ширел низ Европа, така и Божиќ се ширел заедно со него. Католичката црква го усвоила гледиштето дека е прикладно да се овековечи една радосна свеченост во чест на Исусовиот роденден. Според тоа, во 567 н. е., од страна на Концилот од Тур, „12-те дена од Божиќ па сѐ до Водици биле прогласени за света и свечена сезона“ (The Catholic Encyclopedia for School and Home).
Христијаните набргу апсорбирале многу одлики од световните жетвени свечености од северна Европа. Веселењето останало повообичаено отколку пиететот додека развратниците се впуштале во лакомо јадење и пиење. Наместо да проговори против раскалашеното однесување, црквата го одобрувала. (Спореди Римјаните 13:13; 1. Петрово 4:3.) Во 601 н. е., папата Григориј I му пишал на Мелит, негов мисионер во Англија, кажувајќи му ‚да не ги запира таквите древни пагански свечености, туку да ги адаптира на обредите на Црквата, само да го промени поводот за нив од пагански на христијански‘. Така известува Артур Вајгл, кој некогаш бил главен инспектор за старини при египетската влада.
Во текот на средниот век, реформаторски настроени поединци ја чувствувале потребата да проговорат против таквите претерувања. Тие испраќале бројни декрети против „злоупотребите на божиќната веселба“. Во својата книга Christmas in America—A History, д-р Пене Рестад вели: „Некои свештеници нагласиле дека на паднатото човештво му е потребна сезона на отфрлување и претерување, сѐ додека тоа се врши под чадорот на христијанско надгледување“. Ова само придонело за конфузијата. Сепак, тоа едвај да значело нешто, бидејќи паганските обичаи веќе биле толку тесно фузирани со Божиќ што повеќето луѓе не биле спремни да ги напуштат. Писателот Тристрам Кофин се изразил вака: „Општо земено, луѓето [го] правеа токму она што отсекогаш и [го] правеа и им обрнуваа мало внимание на дебатите на моралистите“.
До времето кога Европејците почнале да го населуваат Новиот свет, Божиќ бил добро познат празник. Па сепак, Божиќ не бил прифатен во колониите. Пуританските реформатори ја сметале прославата за паганска и ја забраниле во Масачусетс помеѓу 1659 и 1681.
Откако забраната била укината, прославувањето на Божиќ се зголемило ширум колониите, особено јужно од Нова Англија. Меѓутоа, со оглед на минатото на празникот, не е изненадувачки тоа што некои повеќе биле загрижени да имаат убав помин отколку да му оддадат чест на Божјиот Син. Еден божиќен обичај кој бил особено подривачки, бил обичајот на гоштавање. Насилнички банди од млади мажи влегувале во домовите на богатите соседи и барале бесплатна храна и пијалак во стилот на „коледе“. Ако одбиел, домаќинот обично бил хулен, а понекогаш куќата му била вандализирана.
Условите во 1820-тите се влошиле до тој степен што „божиќниот неред“ станал „акутна општествена закана“ — вели професор Нисенбаум. Во градовите како Њујорк и Филаделфија, богатите земјопоседници почнале да изнајмуваат стражари за да им ги чуваат имотите. Дури се вели дека Њујорк Сити ги организирал своите први професионални полициски сили како одговор на еден насилнички метеж за време на божиќната сезона во 1827/28!
Пренамената на Божиќ
19 век донел невидени промени за човештвото. Луѓето, добрата и вестите почнале да патуваат многу побрзо како што никнувала една мрежа од патишта и железници. Индустриската револуција создала милиони работни места, а фабриките произведувале постојана залиха од стока. Индустријализацијата исто така вовела нови и сложени општествени проблеми, кои на крајот повлијаеле врз начинот на кој се славел Божиќ.
Луѓето долго време ги користеле празниците како средство за зајакнување на семејните врски, а така е и со Божиќ. Преку селективно преправање на некои од постарите божиќни традиции, неговите промотори делотворно го измениле Божиќ од дива, карневалска свеченост во семеен празник.
Всушност, до крајот на 19 век, Божиќ почнал да се смета како еден вид противотров за болестите на современиот американски живот. „Од сите празници“ — вели д-р Рестад — „Божиќ бил совршено средство за пренесување на религија и религиозно чувство во домот и за исправање на претерувањата и пропустите на јавниот свет.“ Таа додава: „Давањето дарови, гестовите на добротворност, па дури и пријателската размена на празнично поздравување, како и украсувањето и уживањето во зимзеленото дрво, поставено во гостинската соба или подоцна во холот на неделното училиште, ги поврзувало членовите на секое потесно семејство едни со други, со црквата и со општеството“.
На сличен начин, мнозина денес го слават Божиќ како средство за потврдување на нивната меѓусебна љубов, и за да помогнат да се одржи семејното единство. Секако, не треба да се превидат и духовните димензии. Милиони луѓе го слават Божиќ во чест на Исусовото раѓање. Тие можеби присуствуваат на специјални црковни служби, дома поставуваат сцени со Христово рождество или, пак, кажуваат молитви на благодарност до самиот Исус. Но, како гледа Бог на тоа? Дали овие работи наидуваат на негово одобрување? Разгледај што има да каже Библијата.
„Сакајте ги вистината и мирот“
Додека бил на Земјата, Исус им рекол на своите следбеници: „Бог е Дух и оние, што Му се клањаат [кои го обожаваат, НС], треба да се поклонуваат [да го обожаваат, НС] со дух и со вистина“ (Јован 4:24). Исус живеел според овие зборови. Тој секогаш ја зборувал вистината. Совршено го имитирал својот Татко, ‚[Јехова, НС], Богот на вистината‘ (Псалм 30:5; Јован 14:9).
На страниците на Библијата, Јехова објаснил дека тој ги мрази сите облици на измама (Псалм 5:6). Со оглед на ова, зарем не е иронично тоа што толку многу одлики, поврзани со Божиќ, мирисаат на лажност? На пример, помисли на приказната за Дедо Мраз. Дали некогаш си се обидел да му објасниш на едно дете зошто Дедо Мраз претпочита да влезе низ оџакот, а не низ врата, како што нашироко се верува во многу земји? И како Дедо Мраз посетува толку многу милиони домови само за една вечер? А што е со летечкиот северен елен? Кога едно дете ќе дознае дека било измамено во врска со верувањето оти Дедо Мраз е вистинска личност, зарем тоа не ја поткопува неговата доверба во родителите?
The Catholic Encyclopedia јасно наведува: „Паганските обичаи . . . се приклониле кон Божиќ“. Тогаш, зошто Католичката црква и останатите цркви на христијанскиот свет продолжуваат да овековечуваат еден празник чии обичаи не се од христијанско потекло? Зарем тоа не покажува одобрување на пагански учења?
Додека бил на Земјата, Исус не ги охрабрувал луѓето да го обожаваат него. Самиот Исус рекол: „Јехова твојот Бог, мораш да го обожаваш, и само нему мораш да му принесуваш света служба“ (Матеј 4:10, НС). На сличен начин, после Исусовото небесно прославување, еден ангел му кажал на апостол Јован да ‚го обожава Бог‘, покажувајќи дека ништо не се изменило во врска со оваа работа (Откровение 19:10, НС). Ова води до прашањето: Дали Исус би ја одобрил сета оддаденост полна со почит, што во времето на Божиќ му се упатува нему, а не на неговиот Татко?
Јасно, фактите во врска со современиот Божиќ не се многу ласкави. Тој во голема мера е еден измислен празник, при што многу докази укажуваат на едно деградирано минато. Затоа, со потполно мирна совест, милиони христијани одлучиле да не слават Божиќ. На пример, еден младинец по име Рајан во врска со Божиќ вели: „Луѓето толку се восхитуваат поради неколку дена во годината кога семејството се собира заедно и сите се среќни. Но, што има толку посебно во тоа? Моите родители ми даваат подароци преку целата година!“ Една друга 12-годишна младинка вели: „Јас не се чувствувам лишена од нешто. Добивам подароци преку целата година, а не само на еден посебен ден кога луѓето се чувствуваат обврзани да купуваат подароци“.
Пророкот Захарија ги охрабрил со-Израелците да ‚ги сакаат вистината и мирот‘ (Захарија 8:19). Ако ние, како Захарија и другите верни мажи од старо време, ‚ја сакаме вистината‘, зарем не треба да избегнуваме секаква лажна религиозна прослава која го срамоти „живиот и вистински Бог“, Јехова? (1. Солунјаните 1:9).
[Слика на страница 7]
„Јас не се чувствувам лишена од нешто. Добивам подароци преку целата година“