Остани безбеден како дел од Божјата организација
„Името на Господа е цврста кула: ако во неа побегне праведник, во безопасност е [добива заштита, NW]“ (ИЗРЕКИ 18:11).
1. Во склад со Исусовата молитва, во каква тешка ситуација се христијаните?
КРАТКО пред да умре, Исус му се молел на својот небесен Татко во корист на своите следбеници. Со грижа полна со љубов, тој рекол: „Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од Него. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото [злобниот, NW]“ (Јован 17:14, 15). Исус знаел дека светот ќе биде опасно место за христијаните. Тој ќе ја покаже својата омраза со тоа што ќе кажува лаги за нив и ќе ги прогонува (Матеј 5:11, 12; 10:16, 17). Исто така, тој ќе биде извор на расипаност (2. Тимотеј 4:10; 1. Јованово 2:15, 16).
2. Каде можат христијаните да најдат место на духовна безбедност?
2 Светот кој ќе ги мрази христијаните е составен од лицата кои се отуѓени од Бог и кои се под контрола на Сатана (1. Јованово 5:19, NW). Овој свет е далеку поголем од христијанското собрание, а самиот Сатана е далеку помоќен од кој и да било човек. Според тоа, омразата од светот е вистинска закана. Каде можат да најдат духовна безбедност Исусовите следбеници? Една изјава во изданието на Стражарска кула од 1 декември 1922 го навела одговорот: „Сега живееме во зло време. Се води војна меѓу сатанската организација и Божјата организација. Тоа е очајничка војна“. Во овој конфликт, Божјата организација е место на духовна безбедност. Зборот „организација“ не се појавува во Библијата, па така во 1920-тите, „Божја организација“ бил нов израз. Тогаш, што претставува оваа организација? И како можеме да најдеме заштита во неа?
Јеховината организација
3, 4. а) Според еден речник и според Стражарска кула, што е тоа организација? б) Во која смисла меѓународното друштво на Јеховините сведоци може да се нарече организација?
3 Според Concise Oxford Dictionary, организација е едно „организирано тело“. Имајќи го тоа на ум, разбираме дека, бидејќи апостолите ги организирале христијаните од првиот век во локални собранија под надзор на едно водечко тело во Ерусалим, исправно е да се зборува за тоа „здружение од браќа“ (NW) како за организација (1. Петрово 2:17). Јеховините сведоци денес имаат слична организациона структура. Единството на телото од првиот век било зајакнато преку „дарови во облик на луѓе“ (NW), како на пример „пастири и учители“. Некои од нив патувале од собрание до собрание додека, пак, други биле старешини во локалните собранија (Ефесјаните 4:8, 11, 12; Дела 20:28). Слични „дарови“ го зајакнуваат единството на Јеховините сведоци денес.
4 Изданието на Стражарска кула од 1 ноември 1922 за зборот „организација“ рекло: „Организација е здружение на лица со цел да спроведат една поставена задача“. Понатаму, Стражарска кула објаснила дека тоа што Јеховините сведоци се нарекуваат организација не ги прави „секта во смислата во која се употребува тој термин, туку тоа само значи дека Библиските студенти [Јеховините сведоци] настојуваат да ги извршат Божјите намери и да го вршат тоа онака како што Господ правел сѐ, на еден уреден начин“ (1. Коринтјаните 14:33). Апостол Павле покажал дека, на сличен начин, христијаните во негово време дејствувале на еден уреден начин. Друштвото на помазаните христијани го споредил со човечкото тело кое има многу делови од кои секој ја исполнува својата доделена улога за да може телото исправно да функционира (1. Коринтјаните 12:12—26). Тоа е одлична илустрација за една организација! Зошто биле организирани христијаните? За да служат за „Божјите намери“, да ја вршат Јеховината волја.
5. Што е Божјата видлива организација?
5 Библијата претскажала дека денешните вистински христијани ќе бидат обединети, доведени во една ‚земја‘ како еден „народ“, каде што ќе ‚светат како светила на светот‘ (Исаија 66:8; Филипјаните 2:15). Денес, овој организиран „народ“ брои повеќе од пет и пол милиони (Исаија 60:8—10, 22). Меѓутоа, тоа не е Божјата организација во целост. Вклучени се и ангелите.
6. Во најширока смисла, кој ја сочинува Божјата организација?
6 Постојат многу примери за тоа дека ангелите работат заедно со Божјите човечки слуги (1. Мојсеева 28:12; Даниил 10:12—14; 12:1; Евреите 1:13, 14; Откровение 14:14—16). Тогаш, соодветно е тоа што изданието на Стражарска кула од 15 мај 1925 рекло: „Сите свети ангели се дел од Божјата организација“. Освен тоа, навело: „На чело на Божјата организација, поседувајќи ја сета моќ и авторитет, [е] Господ Исус Христос“ (Матеј 28:18). Според тоа, во најширока смисла, Божјата организација е составена од сите оние на небото и на Земјата кои работат заедно за да ја вршат Божјата волја. (Види ја рамката.) Колкава само прекрасна предност е да се биде дел од неа! И колкава само радост е со душа да се чека времето кога сите живи суштества, небесни и земни, ќе бидат организирани за да го фалат Јехова Бог во единство! (Откровение 5:13, 14). Но, каква е таа заштита што ја обезбедува Божјата организација денес?
Заштитени во Божјата организација — како?
7. На кој начин нѐ заштитува Божјата организација?
7 Божјата организација може да ни помогне со тоа што ќе нѐ чува од Сатана и од неговите лукавства (Ефесјаните 6:11). Сатана врши притисок, ги прогонува и ги искушува Јеховините обожаватели имајќи на ум само една цел: да ги одвлече од ‚патот по кој треба да одат‘ (Исаија 48:17; спореди Матеј 4:1—11). Во овој систем на ствари нема да можеме никогаш во потполност да ги избегнеме тие напади. Меѓутоа, нашиот близок однос со Бог и со неговата организација нѐ зајакнува, нѐ заштитува и, на тој начин, ни помага да останеме на „патот“. Како резултат на тоа, ние нема да претрпиме пораз во поглед на нашата надеж.
8. Како Јеховината невидлива организација ги поддржува неговите земни слуги?
8 Како Божјата организација ја обезбедува таа заштита? Како прво, ја имаме постојаната поддршка од Јеховините духовни слуги. Кога Исус бил под силен притисок, нему му служел еден ангел (Лука 22:43). Кога Петар се наоѓал под закана од смрт, на чудесен начин бил спасен од еден ангел (Дела 12:6—11). Иако денес нема такви чуда, на Јеховиниот народ му е ветена ангелска поддршка во проповедничката активност (Откровение 14:6, 7). Честопати, кога се соочуваат со тешки ситуации, тие имаат сила која е над нормалната (2. Коринтјаните 4:7, NW). Освен тоа, свесни се дека „ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Псалм 33:7).
9, 10. Како може да се рече дека „името на Господа е цврста кула“, и како ова начело се применува на Божјата организација како целина?
9 Јеховината видлива организација исто така претставува заштита. Како? Во Изреки 18:11 читаме: „Името на Господа е цврста кула: ако во неа побегне праведник, во безопасност е [добива заштита, NW]“. Ова не подразбира дека самото повторување на Божјето име обезбедува заштита. Напротив, да најдеме заклон во Божјето име значи да имаме доверба во самиот Јехова (Псалм 19:1; 122:4, NW). Тоа значи да се поддржи неговиот суверенитет, неговите закони и начела, како и да се има вера во неговите ветувања (Псалм 8:1—9; Исаија 50:10; Евреите 11:6). Тоа вклучува на Јехова да му се покаже исклучителна оддаденост. Само оние кои го обожаваат Јехова на тој начин можат да речат како псалмистот: „Во Него [Јехова] ќе се весели срцето наше; оти на името Негово свето се надеваме“ (Псалм 32:21; 123:8).
10 Денес, сите кои се во Божјата видлива организација велат како и Михеј: „А ние ќе одиме во името на Господа, нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5). Современата организација се собира околу „Израилот Божји“ кој во Библијата е наречен „народ што ќе го носи Неговото име“ (Галатјаните 6:16; Дела 15:14; Исаија 43:6, 7; 1. Петрово 2:17). Според тоа, да се биде дел од Јеховината организација значи да се биде дел од еден народ кој бара и кој добива заштита во Божјето име.
11. На кои специфични начини Јеховината организација обезбедува заштита за оние кои се нејзин дел?
11 Освен тоа, Божјата видлива организација е заедница на вера, здружение на соверници кои се изградуваат и се храбрат еден со друг (Изреки 13:21; Римјаните 1:12). Тоа е место каде што христијанските пастири се грижат за овците, ги храбрат болните и депримираните, и настојуваат да ги опорават оние кои паднале (Исаија 32:1, 2; 1. Петрово 5:2—4). Преку организацијата, ‚верниот и разборит роб‘ обезбедува „храна во право време“ (Матеј 24:45, NW). Тој „роб“, составен од помазаните христијани, ја обезбедува најдобрата од духовно добрите работи — точното спознание темелено на Библијата кое може да води до вечен живот (Јован 17:3). Благодарение на водството од ‚робот‘, на христијаните им се помага да задржат високи морални мерила и да бидат „мудри како змии и незлобни како гулаби“ во опасната околина која ги опкружува (Матеј 10:16). И секогаш им се помага да бидат ‚богато [вработени, NW] во делото Господово‘ — што само по себе е една моќна заштита (1. Коринтјаните 15:58).
Кој е дел од Божјата организација?
12. Кој е идентификуван како дел од Божјата небесна организација?
12 Бидејќи оваа заштита им е на располагање на сите кои се дел од Божјата организација, кого вклучува таа? Во врска со небесната организација, не постои сомнение што се однесува до одговорот на ова прашање. Сатана и неговите ангели повеќе не се на небото. Од друга страна, пак, верните ангели сѐ уште се таму во „општиот собир“ (NW). Апостол Јован видел дека во текот на последните денови, „јагнето“, херувимите („четирите животни“) и ‚многуте ангели‘ ќе бидат во непосредна близина на Божјиот престол. Со нив ќе бидат 24-те старешини кои ги претставуваат оние помазани христијани кои веќе влегле во нивното славно небесно наследство (Евреите 12:22, 23; Откровение 5:6, 11; 12:7—12). Очигледно, сите тие се дел од Божјата организација. Но, меѓу луѓето, работите не се така едноставни.
13. Како Исус ги идентификувал оние кои се дел од Божјата организација, а како оние кои не се?
13 Исус зборувал за некои кои ќе тврдат дека го следат: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‚Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли име многу чуда правевме?‘ И тогаш Јас ќе им кажам: ‚Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела [творци на беззаконие, NW]!‘“ (Матеј 7:22, 23). Доколку некој е творец на беззаконие, тој сигурно не е дел од Божјата организација, без разлика на тоа што тврди и без разлика каде оди да обожава. Исто така, Исус покажал како да се идентификува оној кој е дел од Божјата организација. Тој рекол: „Не секој што Ми вели: ‚Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7:21).
14. Кои аспекти на Божјата волја се идентификувани како задолжителни за оние кои се дел од Божјата организација?
14 Според тоа, за некој да биде дел од Божјата организација — чиј централен дел е „царството небесно“ — треба да ја врши Божјата волја. Која е неговата волја? Павле идентификувал еден нејзин витален аспект кога рекол: „[Божја] волја е сите видови луѓе да бидат спасени и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4, NW). Доколку некој навистина настојува да стекне точно спознание од Библијата, да го примени во својот живот и да го шири до „сите видови луѓе“, тогаш тој ја врши Божјата волја (Матеј 28:19, 20; Римјаните 10:13—15). Исто така, Божја волја е Јеховините овци да бидат нахранети и згрижени (Јован 21:15—17). Христијанските состаноци играат витална улога во тоа. Ако некој е слободен да присуствува на таквите состаноци, но пропушта да го прави тоа, му недостасува ценење за неговото место во Божјата организација (Евреите 10:23—25).
Пријателство со светот
15. Кое предупредување им го дал Јаков на собранијата во негово време?
15 Околу 30 години после Исусовата смрт, неговиот полубрат Јаков идентификувал некои фактори кои можат да загрозат нечие место во Божјата организација. Тој напишал: „Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога“ (Јаков 4:4). Еден Божји непријател сигурно не е дел од неговата организација. Тогаш, што претставува пријателството со светот? Објаснето е дека тоа има различни облици како, на пример, негување лоши друштва и впуштање во нив. Освен тоа, Јаков се сосредоточил на нешто што е многу специфично — погрешни умствени ставови кои водат до неисправно однесување.
16. Кој бил контекстот на Јакововото предупредување дека пријателството со светот е непријателство со Бог?
16 Во Јаков 4:1—3 читаме: „Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли — од вашите похоти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти [копнежи по сетилно задоволство, NW]“. Јаков предупредил на пријателството со светот откако ги напишал овие зборови.
17. На кој начин имало ‚војни‘ и ‚борби‘ во христијанското собрание од првиот век?
17 Со векови после смртта на Јаков, лажните христијани воделе војни и се убивале еден со друг во дословна смисла. Меѓутоа, Јаков им пишувал на членовите на „Израилот Божји“ од првиот век, потенцијалните небесни ‚свештеници и цареви‘ (Откровение 20:6). Тие не се убивале ниту колеле во дословни војни. Тогаш, зошто Јаков зборувал за такви работи меѓу христијаните? Па, секој кој го мрази својот брат, апостол Јован го нарекол човекоубиец. А за конфликтите поради разлика во личностите и караниците во собранијата, Павле зборувал како за „препирки“ [борби, NW] и „расправии“ (Тит 3:9; 2. Тимотеј 2:14; 1. Јованово 3:15—17). Во истиот контекст, очигледно Јаков го имал на ум пропустот да се љубат сохристијаните. Христијаните меѓусебно постапувале на начинот на кој постапуваат еден со друг луѓето кои се во светот.
18. Што може да доведе до постапки и чувства кои се без љубов меѓу христијаните?
18 Зошто се случувале такви работи во христијанските собранија? Поради погрешните ставови како, на пример, алчноста и ‚копнежите по сетилно задоволство‘. Горделивоста, љубомората и амбицијата можат исто така да го раскинат христијанското друштво во собранието кое е полно со љубов (Јаков 3:6, 14). Таквите ставови доведуваат до тоа да се биде пријател на светот, а според тоа, и непријател Божји. Никој кој негува такви ставови не може да очекува да остане дел од Божјата организација.
19. а) Кој првенствено е виновен доколку христијанинот увиди дека погрешното размислување пушта корен во неговото срце? б) Како еден христијанин може да го надмине погрешното размислување?
19 Кого можеме да го обвиниме ако откриеме дека во нашето срце пушта корен погрешното размислување? Дали Сатана? До некој степен, да. Тој е „кнезот на воздухот“ на овој свет во кој таквите ставови се нашироко распространети (Ефесјаните 2:1, 2; Тит 2:12). Но, обично корените на погрешното размислување лежат во нашето сопствено несовршено тело. Откако предупредил на пријателството со светот, Јаков напишал: „Или ви се чини дека писмото залудно вели: ‚Духот, кој се вселил во нас, постојано копнее со склоност кон завист‘?“ (Јаков 4:5, NW). Сите имаме вродена склоност да постапуваме погрешно (1. Мојсеева 8:21; Римјаните 7:18—20). Но, ние можеме да се бориме против таа склоност ако ги признаеме нашите слабости и ако се ослонуваме на Јеховината помош за да ги совладаме. Јаков вели: „Незаслужената љубезност која [Бог] ја дава е поголема [од нашата вродена склоност да завидуваме]“ (Јаков 4:6, NW). Благодарение на помошта од Божјиот свет дух и на поддршката од верните христијански браќа, а преку заслугата на Исусовата откупна жртва, верните христијани не се победени од слабостите на телото (Римјаните 7:24, 25). Тие се безбедни во Божјата организација — пријатели на Бог, а не на светот.
20. Какви богати благослови уживаат оние кои се дел од Божјата организација?
20 Библијата ветува: „Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој“ (Псалм 28:11). Доколку навистина сме дел од Јеховиниот современ „народ“ — неговата видлива организација — тогаш, ќе имаме удел во силата која тој ја дава и ќе го уживаме мирот со кој го благословува својот народ. Точно, сатанскиот свет е многу поголем од Јеховината видлива организација, а Сатана е многу посилен од нас. Но, Јехова е Семоќниот. Неговата активна сила е непобедлива. Неговите моќни ангели се исто така обединети со нас во служењето на Бог. На тој начин, и покрај омразата со која се соочуваме, можеме да останеме цврсти. Како Исус, и ние можеме да го победиме светот (Јован 16:33; 1. Јованово 4:4).
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е Божјата видлива организација?
◻ На кои начини Божјата организација обезбедува заштита?
◻ Кој е дел од Божјата организација?
◻ Како можеме да избегнеме да бидеме пријатели на светот?
[Рамка на страница 9]
Што е Божја организација?
Во литературата на Јеховините сведоци изразот „Божја организација“ се користи на три начини.
1 Јеховината небесна, невидлива организација составена од верни духовни суштества. Во Библијата е наречена „горниот Ерусалим“ (Галатјаните 4:26).
2 Јеховината човечка, видлива организација. Денес таа се состои од помазаниот остаток придружен од големото мноштво.
3 Јеховината универзална организација. Денес таа се состои од Јеховината небесна организација заедно со неговите помазани, усвоени синови на Земјата, кои имаат духовна надеж. Со текот на времето, ќе ги опфаќа и совршените луѓе на Земјата.
[Слика на страница 10]
Најдобрата духовна храна ја обезбедува Јеховината организација