Дариј — цар со чувство за правда
ВО ВРСКА со градежните проекти кои ги презел, еден прочуен цар во една прилика се фалел: „Кај оградата на Вавилон направив ограда од цврст ѕид на источната страна. Ископав канал . . . со битумен и цигли изѕидав еден јак ѕид кој како планина не може да се помести“. Да, вавилонскиот цар Навуходоносор се зафатил со една опсежна градежна програма и напорно работел за да ја зајакне престолнината на неговото царство. Но, градот Вавилон не се покажал така несовладлив како што тој си замислувал.
Тоа се докажало на 5 октомври 539 пр. н. е. Тогаш, придружуван од војската на Мидија, персискиот владетел Кир II го победил Вавилон и го погубил неговиот халдејски владетел Валтазар. Кој сега ќе биде првиот владетел на овој новоосвоен град? Божјиот пророк Даниил, кој бил присутен кога паднал градот, напишал: „Дариј Мидијанинот го презеде царството, кој тогаш беше на шеесет и две години“ (Даниил 5:30, 31).
Кој бил Дариј? Каков владетел испаднал тој? Како се однесувал со пророкот Даниил кој бил во изгнанство во Вавилон над 70 години?
ЦАР СО НЕДОСТАТОЧНА ИСТОРИЈА
Историските информации за Дариј Мидијанинот се недостаточни. Мидите практично не оставиле пишани записи. Освен тоа, стотици илјади клинести плочки кои биле ископани на Средниот Исток претставуваат некомплетна историја со многу јазови. Има мал број други преживеани древни световни записи и тие се одвоени од настаните кои го вклучуваат Дариј дури за еден век или повеќе.
Сепак, доказот укажува на тоа дека откако го освоил Екбатан, престолнината на Мидија, персискиот владетел Кир II бил во можност да ја стекне лојалноста на Мидите. После тоа, Мидите и Персијците обединето се бореле под негово водство. Во врска со нивниот однос, во својата книга The Medes and Persians, авторот Роберт Колинс забележува: „Во време на мир, Мидите имале еднаков статус со Персијците. Честопати биле назначувани на високи служби во граѓанската влада и на водечки места во персиската војска. Странците укажувале на Мидите и на Персијците без да прават разлика меѓу освоениот и освојувачот“. На тој начин Мидија се стопила со Персија формирајќи го Медо-персиското Царство (Даниил 5:28; 8:3, 4, 20).
Сигурно Мидите одиграле главна улога во поразувањето на Вавилон. Писмото го претставува „Дариј, синот на Асуира, од мидијски род“ како првиот цар на Медо-персиското Царство кој владеел над Вавилон (Даниил 9:1). Неговата царска моќ вклучувала авторитет да воспоставува статути „како закон Мидијански и Персијски и да не биде нарушен“ (Даниил 6:8). Исто така, она што го вели Библијата за Дариј ни дава бегол поглед во неговата личност, како и една полноважна причина за недостигот на световни информации за него.
ДАНИИЛ Е ПОВЛАСТЕН
Набрзо откако ја презел моќта во Вавилон, Дариј поставил „сто и дваесет сатрапи за да бидат управители во целото царство“, вели Библијата, ‚а над нив тројца кнезови, од кои еден бил Даниил‘ (Даниил 6:1, 2). Меѓутоа, високата положба на Даниил им била одвратна на другите службеници. Несомнено, неговиот интегритет служел за да се спречи корупцијата, и на тој начин веројатно предизвикал огорченост. Сигурно дека врз другите виши службеници влијаела и зависта, бидејќи царот бил повеќе наклонет кон Даниил и размислувал да го постави за премиер.
Надевајќи се дека ќе стават крај на таа ситуација, двајцата службеници и сатрапите измислиле една законска клопка. Отишле пред царот и му поднеле да потпише еден указ кој би забранил ‚молење на кој и да било бог или човек‘ освен на Дариј, во период од 30 дена. Тие предложиле секој прекршител на законот да биде фрлен во лавовска јама. Дариј бил наведен да поверува дека таквиот указ ќе биде поддржан од сите истакнати владини службеници, а се чинело дека предлогот е израз на нивната лојалност кон царот (Даниил 6:1—3, 6—8).
Дариј го потпишал указот и наскоро директно се соочил со последиците. Даниил станал првиот прекршител на указот бидејќи продолжил да му се моли на Јехова Бог. (Спореди Дела 5:29.) Верниот Даниил бил фрлен во лавовската јама и покрај искрените напори на царот да најде начин да се заобиколи непроменливата уредба. Дариј изразил доверба дека Богот на Даниил има моќ да го сочува пророкот во живот (Даниил 6:9—17).
После една бессона ноќ на постење, Дариј побрзал кон лавовската јама. Колку само бил среќен кога го нашол Даниил жив и неповреден! Како заслужена казна, царот веднаш наредил оние кои го обвиниле Даниил, како и нивните семејства да бидат фрлени во лавовската јама. Исто така, издал наредба ‚во секоја област на неговото царство, да треперат и да се плашат пред Данииловиот Бог‘ (Даниил 6:18—27).
Јасно, Дариј ги почитувал Богот и религијата на Даниил и бил желен да го исправи она што било погрешно. Сепак, казнувањето на оние кои го обвиниле Даниил сигурно го навлекло непријателството на останатите службеници. Освен тоа, прогласот на Дариј кој заповедал сите во царството да ‚се плашат пред Данииловиот Бог‘ сигурно предизвикал длабока огорченост меѓу моќното вавилонско свештенство. Со оглед на тоа што книжниците сигурно биле под влијание на тие фактори, не е чудно записите да биле изменети за да се отстранат информациите во врска со Дариј. Сепак, краткиот извештај во книгата на Даниил го прикажува Дариј како владетел со чувство на чесност и правда.