Направи го својот живот успешен!
„Блажен е оној човек, што не оди на совет безбожнички . . . сѐ што прави, напредува [ќе биде успешно, NW]“ (ПСАЛМ 1:1, 3).
1. а) Како многу млади во светот гледаат на успехот? б) Како Библијата опишува едно успешно лице?
УСПЕХ — што ти значи тебе овој збор? „Најважна цел ми е да бидам успешен во бизнисот“, рекол еден млад човек. Една млада жена рекла: „Најголем сон ми е да имам среќно семејство“. Но, друга млада жена вели: „Мојот сон е само да имам убав стан, убава кола . . . да си гледам само за себе“. Проблемот е во тоа што ниту парите ниту семејството, па дури ни доходовната кариера се мерило за вистински успех. Во Псалм 1:1—3 читаме: „Блажен е оној човек, што не оди на совет безбожнички . . . му омилел законот на Господа . . . сѐ што прави, напредува [ќе биде успешно, NW]“ (Псалм 1:1—3).
2. Каде лежи вистинскиот успех, и кој е единствениот начин да се постигне?
2 Со ова Библијата ветува нешто што ниеден човек не може да го понуди — вистински успех! Но, овде не се зборува за финансиска добивка. Самата Библија предупредува: „Коренот на сите зла е среброљубието“ (1. Тимотеј 6:10). Вистинскиот успех лежи во угодувањето на Бог — вклучувајќи го и следењето на Јеховиниот закон. Само тоа може да донесе потполно задоволство и вистински успех! Можеби идејата да се биде под Јеховиниот закон и да ни се кажува што да правиме не звучи баш привлечно. Сепак, Исус рекол: „Среќни се оние кои се свесни за својата духовна потреба“ (Матеј 5:3, NW). Без разлика дали го увидуваш тоа или не, ти си создаден со духовни потреби — вклучувајќи ја и длабоко вкоренетата потреба да го запознаеш Бог и да ги разбереш неговите намери. Според тоа, можеш да доживееш вистинска среќа само ако ги задоволиш тие потреби и ако го следиш ‚законот на Господа‘.
Зошто ни се потребни Божјите закони
3. Зошто треба да ни биде драго да дозволиме Јехова да ‚ги управува нашите чекори‘?
3 Пророкот Јеремија напишал: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа [управува, NW] стапките свои“ (Јеремија 10:23). Ова е случај за сите луѓе, и млади и стари. Нам не само што ни недостасува мудрост, искуство и спознание за да управуваме со своите чекори; ние едноставно немаме право на тоа. Во Откровение 4:11 Библијата вели: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ Како наш Творец, Јехова е „изворот на животот“ (Псалм 35:9). Како таков, тој подобро знае од кој и да е друг како треба да го користиме животот. Значи, тој донел закони, не за да нѐ лиши од уживање туку да ни помогне самите да извлечеме корист од нив (Исаија 48:17). Игнорирај го Божјиот закон и ќе се осудиш на неуспех.
4. Зошто толку многу млади си го упропастуваат животот?
4 На пример, дали некогаш си се запрашал зошто толку многу млади луѓе си го упропастуваат животот со дрога, промискуитет и со други пороци? Псалм 35:1, 2 објаснува: „Беззаконикот зборува во себеси — дека греши, нема страв Божји пред очите негови, зашто тој се залажува себеси, место да го увиди своето беззаконие и да го намрази“. Бидејќи им недостига здрав „страв Божји“, многу млади се залажуваат со тоа што веруваат дека ризичното однесување нема последици. Но, на крај, мораат да се соочат со ова непроменливо начело: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее: кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (Галатјаните 6:7, 8).
‚Да ги броиме деновите‘
5, 6. а) Зошто младите треба да ги ‚бројат своите денови‘, и што значи тоа? б) Што значи да ‚си спомнуваме за својот Творец‘?
5 Како можеш својот живот да го направиш успешен и да ‚пожнееш вечен живот‘? Мојсеј напишал: „Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години . . . брзо минуваат и ние летаме со нив“ (Псалм 89:10). Можеби ти ретко, ако и воопшто, размислуваш за смрт. Всушност, многу младинци се однесуваат на начин како да се неуништливи. Но, Мојсеј нѐ соочува со болната реалност дека животот е краток. Не постои гаранција дека ќе доживееме дури и 70 или 80 години. „Времето и непредвидениот настан“ можат да ги покосат дури и оние кои се млади и здрави (Проповедник 9:11, NW). Тогаш, како ќе го употребиш скапоцениот живот кој го уживаш сега? Мојсеј се молел: „Покажи ни точно како да ги броиме нашите денови на таков начин за да донесеме срце полно со мудрост“ (Псалм 90:12, NW).
6 Што значи да ги броиш деновите? Тоа не значи дека треба да станеш преокупиран со тоа колку долго би можел да живееш. Мојсеј се молел Јехова да го поучи Својот народ за тоа како да ги употреби преостанатите денови на начин кој ќе му донесува чест Нему. Дали ги броиш деновите од својот живот — гледајќи на секој ден како на скапоцено средство кое треба да се искористи за фалба на Бог? Библијата им го дава на младите луѓе ова охрабрување: „Гони ја скрбата од срцето свое и отстранувај го злото од телото свое, зашто детството и младоста се суета! И спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја“ (Проповедник 11:10—12:1). Да си спопомнуваме за својот Творец значи повеќе отколку само да не заборавиме дека тој постои. Кога злосторникот го преколнувал Исус, „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“, тој сакал Исус да стори повеќе отколку само да се сети на неговото име. Тој сакал Исус да дејствува, да го воскресне! (Лука 23:42; спореди 1. Мојсеева 40:14, 23; Јов 14:13). На сличен начин, да си спомнуваме за Јехова вклучува акција, да се прави она што му е угодно. Може ли да се каже дека ти си спомнуваш за Јехова?
Избегнувај да им завидуваш на престапниците
7. Зошто некои млади избираат да го заборават својот Творец? Наведи еден пример.
7 Многу младинци избираат да го заборават Јехова бидејќи мислат дека да се биде Сведок вклучува премногу ограничувања. Еден брат од Шпанија се присетува како се чувствувал кога бил тинејџер: „Светот ме привлекуваше бидејќи вистината ми изгледаше тешка и строга. Тоа значеше седење, проучување, одење на состаноци, ставање кравата, а тоа беа работи во кои не уживав“. Дали и ти понекогаш мислиш дека нешто пропушташ бидејќи му служиш на Бог? Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека еден од писателите на Библијата ги доживеал истите чувства. Те молиме, отвори ја Библијата и прочитај го Псалм 72 (NW 73).
8. Зошто Асаф ‚им позавидел на беззакониците‘?
8 Да го испитаме овој псалм подетално. Стихови 2 и 3 велат: „А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, — зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи како мирно живеат грешниците“. Според натписот во преводот The New World Translation, овој псалм го напишал Асаф. Тој бил левитски музичар и современик на цар Давид (1. Летописи 25:1, 2; 2. Летописи 29:30). Иако имал убава предност да служи во Божјиот храм, тој им ‚позавидел‘ на луѓето кои се фалеле со своето беззаконие. Се чинело дека ним им оди добро; изгледало како да уживаат во мир и безбедност. Всушност, нивните привидни успеси ‚ги надминувале замислите на нивното срце!‘ (NW) (стихови 5, 7). Тие зборувале за своите подвизи на еден ‚горделив‘ т. е. арогантен начин (стих 8). ‚Ја кревале устата кон небото, а јазикот нивни ја обиколувал земјата‘ (стих 9).
9. Како некои христијански млади денес би можеле да се чувствуваат како Асаф?
9 Можеби истото може да се рече и за твоите врсници на училиште. Можеби ги слушаш како бесрамно се фалат со своите сексуални авантури, со дивите забави и со препуштањето на алкохол и дрога. Кога ќе го споредиш нивниот живот на таканаречено задоволство со тесниот пат по кој ти мораш да одиш како христијанин, можеби понекогаш ‚им позавидуваш на беззакониците‘ (Матеј 7:13, 14). Самиот Асаф дошол до тој степен што извикал: „Зар залудо го држев срцето свое во праведност и во невиност ги измив рацете свои. И се изложував на непријатности секој ден“ (стихови 13, 14). Да, тој почнал да се сомнева во вредноста на служењето на Бог и на водењето чесен живот.
10, 11. а) Што го навело Асаф да го промени својот став? б) Како престапниците се „на лизгава почва“? Наведи еден пример.
10 За среќа, Асаф не останал долго време во оваа состојба на очај. Брзо сфатил дека привидниот мир на злобните бил само илузија — и бил само привремен! Тој извикал: „И така, заради подмолноста нивна дозволи да ги снајде зло [ти ги поставуваш на лизгава почва, NW], и ги понизи кога се возгордеаја. Како запустеа, како ненадејно исчезнаа и загинаа поради своето беззаконие!“ (стихови 18, 19). Многумина од твоите врсници се исто така на „лизгава почва“. Порано или подоцна нивното безбожно однесување ќе ги стигне, така што може да има за последица несакана бременост, некоја сексуално пренослива болест, па дури и затвор или смрт! Што е уште полошо, тие страдаат од отуѓеност од Бог (Јаков 4:4).
11 Една девојка Сведок од Шпанија ја сфатила оваа вистина од прва рака. Додека била млада, водела двоен живот со тоа што била длабоко заплеткана со една група безбожни младинци. Набрзо се вљубила во еден од нив — зависник од дрога. Иако самата не се дрогирала, сепак купувала дрога за него. „Дури и му помагав да си ја стави иглата“, признава таа. За среќа, оваа сестра се освестила и го обновила своето духовно здравје. Но, колку само била шокирана кога дознала дека после некое време, нејзиниот дечко наркоман умрел од СИДА. Да, токму како што рекол псалмистот, безбожните луѓе се „на лизгава почва“. Некои можат ненадејно да умрат како резултат на својот распуштен животен стил. Останатите, пак, доколку не ги променат своите патишта, во блиска иднина ќе се соочат со „[откривањето, NW] кога Господ Исус ќе се јави од небото со ангелите на Својата сила, во пламенен оган да им се одмаздува на оние, кои не Го познаваат Бога, кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос“ (2. Солунјаните 1:7, 8).
12. Како еден младинец од Јапонија сфатил дека е глупаво да им се завидува на престапниците?
12 Значи, колку само е глупаво да им завидуваме „на оние кои не Го познаваат Бога“! Всушност, треба да им се завидува на оние кои го познаваат Јехова и кои имаат надеж да живеат засекогаш. Еден млад брат од Јапонија го сфатил тоа. Како младич, и самиот „сакал поголема слобода“. Тој објаснува: „Мислев дека нешто пропуштам. Тогаш сфатив каков ќе беше мојот живот без вистината. Можев да си замислам како живеам 70 или 80 години и потоа умирам. Но, Јехова дава надеж за вечен живот! Фактот што го сфатив тоа ми помогна да го ценам она што всушност го имам“. Сепак, да се остане верен кога си опкружен со луѓе кои не ги следат Божјите закони не е баш лесно. Кои работи можеш да ги правиш за да им се спротивставиш на тие притисоци?
Пази на друштвото!
13, 14. Зошто е важно да се биде избирлив кога станува збор за друштвото?
13 Да го погледнеме повторно описот на успешниот човек, запишан во Псалм 1:1—3: „Блажен е оној човек, што не оди на совет безбожнички, не застанува на пат на грешници и не седи во друштво на развратници, па му омилел законот на Господа и во законот Негов дење и ноќе се поучува [со придушен глас чита, NW]; тој е како дрво посадено крај воден извор, кое својот род го дава навреме, и чиј лист не вене; и . . . сѐ што прави, напредува [ќе биде успешно, NW]“.
14 Пред сѐ, забележи дека твоето друштво игра голема улога. Изреки 13:21 вели: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“. Ова не значи да се биде студен, непријателски настроен или груб кон младите кои не се Јеховини сведоци. Библијата нѐ поттикнува да ги сакаме ближните и да ‚бидеме во мир со сите луѓе‘ (Римјаните 12:18; Матеј 22:39). Меѓутоа, доколку премногу блиску се дружиш со оние кои не ги следат библиските мерила, можеби ќе се фатиш како и ти ‚одиш на совет безбожнички‘.
Користи од читањето на Библијата
15. Како можат младите да негуваат копнеж за читање на Библијата?
15 Исто така, псалмистот забележал дека на успешниот човек му омилело да го чита Божјиот закон „со придушен глас дење и ноќе“ (Псалм 1:1, 2, NW). Секако, Библијата не е лесно градиво и во неа има „некои работи тешки за разбирање“ (2. Петрово 3:16). Но, читањето на Библијата не треба да биде тешка и досадна работа. Можно е да ‚се развие копнеж за нерасипаното млеко‘ (NW) на Божјата реч (1. Петрово 2:2). Обиди се да читаш по малку секој ден. Доколку има некои точки кои не ги разбираш, истражувај. После тоа, размислувај за она што си го прочитал (Псалм 77:11, 12, NW). Ако ти е проблем да се сконцентрираш, обиди се да читаш гласно „со придушен глас“. Со текот на времето, твојата љубов кон читањето на Библијата сигурно ќе порасне. Една млада сестра од Бразил се сеќава: „Јехова секогаш ми изгледаше далечен. Но, има веќе неколку месеци како ја подобрив мојата лична студија и читањето на Библијата. Сега чувствувам дека мојот однос со Јехова е појак. Тој ми е пореален“.
16. Како можеме да извлечеме поголема корист од собраниските состаноци?
16 Присуствувањето на собраниските состаноци е исто така животоважно за твојот духовен раст. Доколку ‚пазиш како слушаш‘, ќе можеш да добиеш големо охрабрување (Лука 8:18). Дали понекогаш мислиш дека состаноците не се многу интересни? Па, запрашај се: ‚Што правам јас за да бидат состаноците интересни? Дали внимавам? Дали се подготвувам? Дали коментирам?‘ На крајот на краиштата, Библијата ни кажува да „се поттикнуваме кон љубов и добри дела . . . да се поучуваме [храбрејќи се, NW] еден друг“ (Евреите 10:24, 25). За да го правиш тоа, мораш да учествуваш! Секако, за да учествуваш, мораш однапред да проучуваш. Една млада сестра признава: „Навистина е полесно да учествуваш на состаноците кога се подготвуваш за нив“.
Следењето на Божјиот пат води до успех
17. На кој начин еден марлив читател на Библијата е како „дрво посадено крај воден извор“?
17 Псалмистот понатаму го опишува успешниот човек како „дрво посадено крај воден извор“. Со воден извор можеби се укажува на каналите за наводнување кои биле користени за да се навадат дрвјата во овоштарниците (Исаија 44:4). Секојдневното читање на Библијата е како да си припоен на таков постојан извор на прехрана и освежување (Јеремија 17:8). Секојдневно ќе ја добиваш силата што ти е потребна за да ги издржиш испитите и тешкотиите. Штом ќе го научиш Јеховиното размислување, ќе ја имаш мудроста која е потребна за да донесуваш мудри одлуки.
18. Што може да го осигура успехот на една млада личност во служењето на Јехова?
18 Понекогаш можеби изгледа тешко да му се служи на Јехова. Но, никогаш немој да мислиш дека е премногу тешко (5. Мојсеева 30:11). Библијата ти ветува дека ‚сѐ што ќе правиш ќе успее‘ сѐ додека твоја главна цел е да му угодиш на Јехова и да го радуваш неговото срце! (Изреки 27:11). И запомни, не си сам. Ја имаш поддршката од Јехова и од Исус Христос (Матеј 28:20; Евреите 13:5). Тие знаат со какви притисоци се соочуваш и никогаш нема да те напуштат (Псалм 55:22, NW). Исто така, имаш поддршка и од ‚браќата‘ и од своите родители, доколку се богобојазливи (1. Петрово 2:17). Со таа поддршка, како и со твојата одлучност и напор, можеш да уживаш успешен живот не само сега туку вечно!
Прашања за повторување
◻ Што е вистински успех?
◻ Зошто ни е потребно Јехова да управува со нашите чекори?
◻ Како можат младите да ги ‚бројат своите денови‘?
◻ Зошто е глупаво да им завидуваме на престапниците?
◻ Како можат секојдневното читање на Библијата и редовното присуство на состаноците да им помогнат на младите да водат успешен живот?
[Слика на страница 20]
Бидејќи им недостига здрав „страв Божји“ многу младинци се впуштаат во погубно однесување
[Слика на страница 22]
Младите честопати забораваат дека нивните постапки си носат и последици
[Слика на страница 23]
Негувај љубов кон читањето на Библијата
[Слика на страница 23]
Повеќе ќе уживаш во состаноците доколку учествуваш на нив