Можеш да го придобиеш својот брат
„Оди и искарај го насамо [разоткриј ја грешката само меѓу тебе и него, NW]; ако те послуша, си го придобил брата си“ (МАТЕЈ 18:15).
1, 2. Кој практичен совет го дал Исус за справување со грешките?
КОГА останало помалку од една година од неговата служба, Исус имал животоважни поуки за своите ученици. Можеш да ги прочиташ во Матеј, поглавје 18. Една од нив била важноста на тоа да бидеме понизни, како деца. Потоа нагласил дека мора да избегнуваме да спрепнеме ‚едно од тие мали‘ и дека треба да се обидеме да ги повратиме ‚малите‘ кои застраниле за да не исчезнат. Потоа, Исус додал скапоцен, практичен совет за тоа како да се решаваат тешкотиите меѓу христијаните.
2 Можеби се сеќаваш на неговите зборови: „Ако згреши против тебе [направи грев, NW] братот твој, оди и искарај го насамо [разоткриј ја грешката само меѓу тебе и него, NW]; ако те послуша, си го придобил брата си; ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“ (Матеј 18:15—17). Кога треба да го примениме овој совет, и каков став треба да имаме притоа?
3. Кој општ пристап треба да го имаме кон грешките на другите?
3 Претходната статија нагласи дека со оглед на тоа што сите сме несовршени и склони да грешиме, треба да работиме на тоа да простуваме. Тоа особено е случај кога чувствуваме болка поради нешто што рекол или сторил некој сохристијанин (1. Петрово 4:8). Честопати е најдобро едноставно да се премине преку навредата — да се прости и да се заборави. На тоа можеме да гледаме како на придонес кон мирот во христијанското собрание (Псалм 133:1; Изреки 19:11, обата NW). Сепак, може да се јави прилика кога сметаш дека мора да расчистиш некоја работа со својот брат или сестра кои ти нанеле болка. Во таков случај, добиваме водство од гореспоменатите Исусови зборови.
4. Во принцип, на кој начин можеме да го примениме Матеј 18:15 на грешките на другите?
4 Исус советувал да ‚се разоткрие грешката само меѓу тебе и него‘. Тоа е мудро. Некои германски преводи ова го изразуваат во смисла да се изнесе неговата грешка „во четири очи“, што значи меѓу твоите и неговите. Кога љубезно ќе го изнесеш проблемот насамо, обично е полесно да се расчисти. Еден брат кој сторил или рекол нешто навредливо или нељубезно можеби поспремно ќе ти ја признае грешката насамо. Ако слушаат и други, несовршената човечка природа би можела да го наведе да одрече дека згрешил или да се обиде да го оправда она што го сторил. Но, додека го изнесуваш спорното прашање „во четири очи“, можеби ќе увидиш дека се работело за недоразбирање, а не за грев или намерна грешка. Штом обајцата сфатите дека е недоразбирање, можете да го расчистите, не дозволувајќи некое безначајно спорно прашање да порасне и да го наруши вашиот однос. Според тоа, начелото од Матеј 18:15 може да се примени дури и на ситни навреди во секојдневниот живот.
Што мислел?
5, 6. Според контекстот, на какви гревови се укажува во Матеј 18:15, и што покажува тоа?
5 Во потесна смисла, она за кое советувал Исус се однесува на посериозни работи. Исус рекол: ‚Ако братот твој направи грев“. Во поширока смисла, „грев“ може да биде која и да било грешка или пропуст (Јов 2:10; Изреки 21:4: Јаков 4:17). Меѓутоа, контекстот укажува дека гревот на кој мислел Исус сигурно бил сериозен. Бил доволно тежок за да може да води до тоа на престапникот да се гледа како на „незнабожец и митник“. Што се подразбира под оваа фраза?
6 Исусовите ученици кои ги слушнале овие зборови знаеле дека нивните сонародници не би се дружеле со не-Евреи (Јован 4:9; 18:28; Дела 10:28). И несомнено ги избегнувале митниците, луѓе кои биле родени како Евреи, но се претвориле во лица кои го злоупотребувале народот. Значи, во потесна смисла во Матеј 18:15—17 се укажувало на сериозни гревови, не на лични навреди или болки кои можеш едноставно да ги простиш и да ги заборавиш (Матеј 18:21, 22).a
7, 8. а) Со какви гревови треба да се справаат старешините? б) Какви гревови, во склад со Матеј 18:15—17, можеле да се решат меѓу двајца христијани?
7 Некои гревови, според законот, изискувале повеќе отколку само простување од страна на лицето кое е навредено. За хулењето, отпадништвото, идолопоклонството и сексуалните гревови — блуд, прељуба и хомосексуалност — требало да се известат старешините (или свештениците) и тие да се справат со нив. Тоа е случај и во христијанското собрание (3. Мојсеева 5:1; 20:10—13; 4. Мојсеева 5:30; 35:12; 5. Мојсеева 17:9; 19:16—19; Изреки 29:24). Но, забележи дека видот на гревови за кои Исус овде зборувал можеле да се решат меѓу две лица. Како примери: Наведено од гнев или љубомора едно лице го клевети ближниот. Еден христијанин склучува договор да изврши некоја работа со одреден материјал и да ја заврши до одреден датум. Некој се сложува дека ќе ги врати парите навреме или до одредениот датум. Друг дава збор дека, доколку работодавецот го обучи, нема (дури и ако ја смени работата) да му конкурира или да му ги зема муштериите за некое одредено време или на извесно подрачје.b Ако некој брат не се држи за зборот и не се кае заради таквите престапи, тоа сигурно би било сериозно (Откровение 21:8). Но, таквите престапи можат да се решат меѓу двајцата кои се вклучени.
8 Но, како ти би почнал да ја решаваш таа работа? Исусовите зборови честопати се сметаат како три чекори. Да го разгледаме секој од нив. Наместо да ги сметаш за фиксни, правни процедури, настојувај да ја сфатиш нивната смисла и никогаш немој да ја губиш од вид својата љубезна цел.
Настојувај да го придобиеш својот брат
9. Што треба да имаме на ум додека го применуваме Матеј 18:15?
9 Исус започнал: „[Ако братот твој направи грев, оди и разоткриј ја грешката само меѓу тебе и него] (NW). Ако те послуша, си го придобил брата си“. Јасно, ова не е чекор кој се темели само на сомневање. Треба да имаш доказ или конкретни информации кои можеш да ги употребиш за да му помогнеш на својот брат да увиди дека извршил неправда и дека треба да ги исправи работите. Добро е да се дејствува веднаш и да не се дозволи работата да стане посериозна или неговиот став да се утврди. И не заборавај дека мрачното размислување за тоа може и тебе да ти нанесе штета. Бидејќи дискусијата треба да биде само меѓу тебе и него, воздржувај се претходно да зборуваш за тоа со другите за да освоиш симпатии или да си го подобриш имиџот (Изреки 12:25; 17:9). Зошто? Заради твојата цел.
10. Што ќе ни помогне да го придобиеме својот брат?
10 Твоја цел треба да биде да го придобиеш својот брат, а не да го казниш, понижиш или срушиш. Ако тој навистина направил грешка, на коцка е неговиот однос со Јехова. Ти сигурно сакаш да го задржиш како свој христијански брат. Веројатноста за успех ќе биде поголема ако при дискусијата насамо останеш смирен и избегнуваш груби зборови или тон на обвинување. При ваквото љубезно соочување, сети се дека обајцата сте несовршени, грешни луѓе (Римјаните 3:23, 24). Кога ќе сфати дека ти не си го озборувал и увиди дека искрено сакаш да му помогнеш, може брзо да се најде решение. Ваквиот љубезен, отворен пристап особено ќе одразува мудрост ако се покаже дека обајцата во извесна мера сте згрешиле или дека во коренот на проблемот лежело недоразбирање (Изреки 25:9, 10; 26:20; Јаков 3:5, 6).
11. Дури и ако престапникот не нѐ слуша, што би можеле да сториме?
11 Ако му помогнеш да увиди дека настанала грешка и дека таа е сериозна, можеби ќе биде поттикнат да се покае. Но, реалистично гледано, препрека може да биде гордоста (Изреки 16:18; 17:19). Затоа, дури и ако во почетокот не ја признава грешката и не се кае, може да почекаш пред да ја тераш работата понатаму. Исус не рекол ‚отиди само еднаш и разоткриј ја неговата грешка‘. Бидејќи се работи за грев што можеш да го решиш, размисли повторно да му пристапиш во духот на Галатјаните 6:1 и „во четири очи“. Можеби ќе успееш. (Спореди Јуда 22, 23, NW.) Сепак, што ако си уверен дека бил направен грев и дека тој нема да реагира?
Да се добие зрела помош
12, 13. а) Кој втор чекор го изложил Исус при справувањето со грешките? б) Кои мерки на претпазливост се пригодни при применувањето на овој чекор?
12 Дали би сакал другите брзо да се откажат од тебе ако си виновен за некоја сериозна грешка? Тешко. Според тоа, Исус покажал дека после првиот чекор не треба да се откажуваш од обидот да го придобиеш својот брат, да го задржиш обединет со тебе и со другите во обожавањето на Бог на прифатлив начин. Исус го изложил вториот чекор: „Ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор“.
13 Тој рекол да земеш „уште еден или двајца“. Не рекол дека после преземањето на првиот чекор, ти си слободен да дискутираш за проблемот уште со многу други, да стапиш во контакт со некој патувачки надгледник или да им пишуваш на браќата за проблемот. Колку и да си убеден дека имало неправда, тоа всушност не е целосно утврдено. Ти не би сакал да шириш негативни информации кои би можеле да испаднат клевета од твоја страна (Изреки 16:28; 18:9). Но, Исус рекол да земеш уште еден или двајца. Зошто? И кои би можеле да бидат тие?
14. Кого би можеле да го земеме за вториот чекор?
14 Ти ќе се обидеш да го придобиеш својот брат со тоа што ќе го увериш дека бил направен грев и со тоа што ќе го поттикнеш да се покае за да биде во мир со тебе и со Бог. За таа цел, идеално би било ако има „еден или двајца“ кои биле сведоци на грешката. Можеби биле присутни кога се случило тоа, или имаат непобитни информации за она што било направено (или не било направено) во некоја деловна работа. Ако нема на располагање такви сведоци, тогаш оние кои ќе ги донесеш можеби имаат искуство на тоа поле и затоа ќе можат да утврдат дали она што се случило навистина било неправда. Освен тоа, ако подоцна има потреба, би можеле да бидат сведоци на она што било кажано, потврдувајќи ги изнесените факти и вложениот напор (4. Мојсеева 35:30; 5. Мојсеева 17:6). Значи, тие не се само неутрални странки, арбитри. Сепак, целта на нивното присуство е да ти помогне да го придобиеш својот и нивниот брат.
15. Зошто христијанските старешини би можеле да бидат од помош ако мора да го преземеме вториот чекор?
15 Не треба да мислиш дека оние кои ќе ги донесеш мора да бидат мажи кои се старешини во собранието. Меѓутоа, зрелите мажи кои се старешини можеби ќе можат да придонесат со своите духовни квалификации. Тие старешини се „како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во жедна земја“ (Исаија 32:1, 2). Тие имаат искуство во расудувањето и во исправањето на браќата и сестрите. А престапникот има добра причина да покаже доверба во тие „дарови во облик на луѓе“c (Ефесјаните 4:8, 11, 12, NW). Разговорот за таа работа во присуство на такви зрели лица и учеството во молитва заедно со нив може да создаде нова атмосфера и да се реши она што изгледало нерешливо. (Спореди Јаков 5:14, 15.)
Последен обид да го придобиеш
16. Кој е третиот чекор што го изложил Исус?
16 Ако со вториот чекор не се успее да се реши работата, тогаш во третиот чекор дефинитивно се вклучуваат собраниските надгледници. „Ако ли, пак, не ги послуша [едниот или двајцата] кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и митник“. Што налага тоа?
17, 18. а) Кој образец ни помага да го разбереме значењето на зборовите ‚да се каже на црквата‘? б) Како го применуваме овој чекор денес?
17 Ова не го сфаќаме како директива да го изнесеме гревот или неправдата на некој редовен или специјален состанок пред целото собрание. Можеме да одредиме соодветна процедура од Божјата реч. Погледни што требало да се стори во древниот Израел во случај на бунт, лакомост и пијанство: „Ако некој имаа буен и непокорен син, којшто не го слуша гласот на својот татко и гласот на својата мајка, па иако го казнувале, тој пак е непослушен, тогаш татко му и мајка му нека го земат и одведат при старешините на градот и при вратите на своето место на живеење, па нека им кажат на градските старешини: ‚Овој наш син е буен и непокорен, не ги слуша нашите совети, расипник е и пијаница;‘ — тогаш сите мажи од градот негов нека го каменуваат до смрт“ (5. Мојсеева 21:18—21).
18 Гревовите на тој човек не ги сослушувала или судела целата нација ниту, пак, целото негово племе. Наместо тоа, со нив се справувале признатите „старешини“ како претставници на собранието. (Спореди 5. Мојсеева 19:16, 17 за случај со кој се справувале ‚свештениците и судиите кои дејствувале во тие денови‘.) Слично и денес, кога е потребно да се преземе третиот чекор, со тоа се справуваат старешините, кои го претставуваат собранието. Нивната цел е иста, да го придобијат христијанскиот брат, доколку е воопшто можно. Тоа го одразуваат на тој начин што покажуваат справедливост и не донесуваат суд за случајот однапред ниту, пак, се пристрасни.
19. Што ќе настојуваат да прават старешините кои се назначени да ја сослушаат работата?
19 Тие ќе настојуваат да ги одмерат фактите и да ги сослушаат сведоците кои се потребни за да се утврди дали навистина бил направен грев (или и понатаму се прави). Сакаат да го заштитат собранието од расипаност и да не дозволат во него да навлезе духот на светот (1. Коринтјаните 2:12; 5:7). Во склад со своите библиски квалификации, тие ќе настојуваат ‚да поучуваат во здравото учење, и да ги изобличуваат [укоруваат, NW] оние, кои се противат‘ (Тит 1:9). Се надеваат дека престапникот нема да биде како Израелците за кои Јеховиниот пророк напишал: „Викав — и не одговаравте, говорев — не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја“ (Исаија 65:12).
20. Според зборовите на Исус, што мора да се случи ако грешникот одбива да послуша и да се покае?
20 Меѓутоа, во релативно мал број случаи, грешникот ќе одразува токму таков став. Во тој случај, јасно е Исусовото упатство: „Нека ти биде тој како незнабожец и митник“. Господ не препорачал да се биде нечовечен ниту, пак, да се има желба да се нанесе штета. Но, не постои двосмисленост во Павловото упатство да се отстранат непокајничките грешници од собранието (1. Коринтјаните 5:11—13). Ова на крај може да доведе дури и до целта — да се придобие грешникот.
21. Која можност останува отворена за оној што е отстранет од собранието?
21 Таа можност можеме да ја видиме од Исусовата парабола за расипничкиот син. Како што е илустрирано, после еден период живеење надвор од љубезната заедница во куќата на својот татко, тој грешник ‚се освестил‘ (Лука 15:11—18, NW). Павле му спомнал на Тимотеј дека некои престапници со текот на времето ќе се покаат и ‚ќе се ослободат од мрежата на ѓаволот‘ (2. Тимотеј 2:24—26). Сигурно, се надеваме дека некои од оние кои непокајнички грешат и мора да бидат отстранети од собранието, ќе почувствуваат загуба — како на Божјето одобрување така и на срдечната заедница и друштвениот контакт со лојалните христијани — и потоа ќе се освестат.
22. Како сепак можеме да го придобиеме својот брат?
22 Исус не сметал дека на незнабошците и митниците им нема спас. Еден митник, Матеј Левиј, се покајал, искрено ‚го следел‘ (NW) Исус и дури бил избран за апостол (Марко 2:15; Лука 15:1). Затоа, ако еден грешник денес „и црквата не ја послуша“ и е отстранет од неа, можеме да чекаме за да видиме дали тој, со текот на времето, ќе се покае и ќе ги исправи патеките на своите нозе. Кога ќе го стори тоа и повторно ќе стане член на собранието, ќе бидеме среќни што пак сме го придобиле својот брат во стадото на вистинското обожавање.
[Фусноти]
a Cyclopedia на Мекклинток и Стронг вели: „Даночниците од Новиот завет биле сметани за предавници и отпадници, загадени од нивното често дружење со безбожниците, спремни алатки на угнетувачот. Тие биле класифицирани во грешниците . . . препуштени сами на себе. Оние луѓе кои воделе пристоен живот се држеле понастрана од нив, нивните единствени пријатели или другари можеле да се најдат меѓу оние кои, како и нив, биле отфрлени“.
b Бизнисот или финансиските работи во кои е вклучена извесна мера лага, измама или лукавство можат да спаѓаат во тој вид грев на кој мислел Исус. Како показател за тоа, откако го дал упатството кое е запишано во Матеј 18:15—17, Исус ја дал илустрацијата за робови (вработени) кои должеле пари и пропуштиле да ги вратат.
c Еден библиски изучувач коментирал: „Понекогаш се случува престапникот повеќе да обрне внимание кога има двајца или тројца (особено ако тие се луѓе достојни за почит) отколку кога е еден, особено ако тој еден е лице со кое има разлики во мислењето“.
Дали се сеќаваш?
◻ За каков грев првенствено се применува Матеј 18:15—17?
◻ Што треба да запомниме ако мора да го преземеме првиот чекор?
◻ Кој може да ни биде од помош ако мора да прејдеме на вториот чекор?
◻ Кој е вклучен во преземањето на третиот чекор, и на кој начин сепак можеме да го придобиеме својот брат?
[Слика на страница 18]
Евреите ги избегнувале митниците. Матеј се одвратил од своите патишта и почнал да го следи Исус
[Слика на страница 20]
Честопати, работата можеме да ја средиме „во четири очи“