Јехова — Оној кој е силен во моќта
„Поради големата моќ и големата сила во Него [тој е и силен во моќта, NW] ништо не недостига“ (ИСАИЈА 40:26).
1, 2. а) Од кој физички извор на моќ зависиме сите? б) Објасни зошто Јехова е врховниот Извор на целокупната моќ.
МОЌТА е нешто што голем дел од нас го земаме само по себе разбирливо. На пример, малку размислуваме за електричната енергија која ни дава светлина и топлина или за погодностите кога ќе вклучиме некој електричен апарат што можеби го поседуваме. Само неочекуван прекин на електричната енергија ни помага да сфатиме дека без неа, човечките градови практично ќе престанат да функционираат. Поголемиот дел од струјата од која зависиме доаѓа индиректно од најдоверливиот извор на енергија за Земјата — Сонцето.a Секоја секунда овој сончев реактор троши пет милиони тони нуклеарно гориво, опсипувајќи ја Земјата со енергија која го одржува животот.
2 Од каде доаѓа сета оваа сончева енергија? Кој ја изградил оваа небесна електрична централа? Јехова Бог. Укажувајќи на него, Псалм 73:16 вели: „Ти си ги поставил светилата и сонцето“. Да, Јехова е врховниот Извор на целокупната моќ, исто како што е Извор и на целокупниот живот (Псалм 35:9). Никогаш не треба да ја земаме неговата моќ како нешто само по себе разбирливо. Јехова, преку пророкот Исаија, нѐ потсетува да ги погледнеме небесните тела, како што се сонцето и ѕвездите, и да медитираме за тоа како настанале. „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Он сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него [тој е и силен во моќта, NW] ништо не недостига“ (Исаија 40:26; Јеремија 32:17).
3. На кој начин извлекуваме корист од манифестациите на Јеховината моќ?
3 Со оглед на тоа што Јехова е силен во моќта, можеме да бидеме уверени дека сонцето и понатаму ќе нѐ снабдува со светлината и топлината од кои зависи нашиот живот. Меѓутоа, ние не се ослонуваме на Божјата моќ само за нашите основни физички потреби. Нашето откупување од гревот и смртта, нашата надеж за иднината и нашата доверба во Јехова се неразделно поврзани со неговата примена на моќ (Псалм 27:6—9; Исаија 50:2). Библијата изобилува со примери кои сведочат за Јеховината моќ да создава и откупува, да го спасува својот народ и да ги уништува своите непријатели.
Божјата моќ се гледа во создавањето
4. а) Како влијаело врз Давид тоа што го набљудувал ноќното небо? б) Што откриваат небесните тела во врска со божествената моќ?
4 Апостол Павле објаснил дека ‚вечната слава [моќ, NW] на Творецот се гледа според неговите созданија‘ (Римјаните 1:20). Со векови пред тоа, псалмистот Давид кој како пастир сигурно честопати погледнувал во ноќното небо, ја согледал величественоста на универзумот и моќта на неговиот Создател. Тој напишал: „Кога ќе ги погледам небесата, дела на прстите Твои, па месечината и ѕвездите, што си ги поставил Ти: Што е тоа човек, та се сеќаваш на него, или синот човечки, па го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4). И покрај своето ограничено знаење за небесните тела, Давид сфатил дека тој е безначаен во споредба со Творецот на нашиот огромен универзум. Денес астрономите знаат многу повеќе за бескрајноста на универзумот и за моќта која го одржува. На пример, тие ни кажуваат дека нашето Сонце секоја секунда емитува енергија еквивалентна на експлозија на 100.000 милиони мегатони ТНТ.b До Земјата доаѓа само едно делче од таа енергија; па сепак тоа е доволно за да се одржува целокупниот живот на нашата планета. И покрај тоа, нашето Сонце во никој случај не е најмоќната ѕвезда на небото. Некои ѕвезди за само една секунда зрачат енергија која Сонцето ја зрачи за цел еден ден. Тогаш, замисли си со колкава моќ располага Оној кој ги создал небесните тела! Елијуј со право воскликнал: „Вседржителе! Ние не Го достигнуваме. Голем е по сила“ (Јов 37:23).
5. Каков доказ за Јеховина сила наоѓаме во неговите дела?
5 Ако ги ‚истражуваме Божјите дела‘, како што правел Давид, ќе видиме доказ за неговата моќ насекаде — во ветрот и брановите, во грмотевицата и молњата, во силните реки и величествените планини (Псалм 111:2, NW; Јов 26:12—14). Освен тоа, како што и Јехова го потсетил Јов, животните сведочат за Неговата сила. Меѓу нив е Веемотот, или нилскиот коњ. Јехова му рекол на Јов: „Неговата моќ е во неговите колкови . . . неговите силни коски се како стапови од ковано железо“ (Јов 40:15—18, NW). Застрашувачката моќ на дивиот бик била добро позната и во библиски времиња, и Давид се молел да биде поштеден од ‚усти на лавови и од роговите на дивите бикови ‘ (Псалм 21:21; Јов 39:9—11, NW).
6. Што симболизира бикот во Писмото, и зошто? (Види ја фуснотата.)
6 Поради својата сила, бикот во Библијата е употребен како симбол на Јеховината моќ.c Во визијата на апостол Јован за Јеховиниот престол прикажани се четири живи суштества, од кои едно е со лик на бик (Откровение 4:6, 7). Очигледно, едно од четирите главни својства на Јехова прикажани со овие херувими е моќта. Другите се љубовта, мудроста и правдата. Со оглед на тоа што моќта е една важна фасета на Божјата личност, јасното разбирање на неговата моќ и начинот на кој тој ја користи, ќе нѐ приближи кон него и ќе ни помогне да го имитираме неговиот пример добро користејќи ја секоја моќ што нам ни стои на располагање (Ефесјаните 5:1).
„Јехова над војските, Силниот“
7. Зошто можеме да бидеме сигурни дека доброто ќе триумфира над злото?
7 Во Писмото Јехова е наречен „Семоќен Бог“, титула која нѐ потсетува дека никогаш не треба да ја потценуваме неговата моќ или да се сомневаме во неговата способност да ги победи своите непријатели (1. Мојсеева 17:1, NW; 2. Мојсеева 6:3). Можеби сатанскиот злобен систем на ствари изгледа добро утврден, но во Јеховини очи „народите се како капка од ведро, и се сметаат како прашинка на терезија“ (Исаија 40:15). Благодарение на таквата божествена моќ, не постои сомнение дека доброто ќе триумфира над злото. Во време кога злобата е надвор од контрола, можеме да се тешиме од сознанието дека „Господ Саваот [Јехова над војските, NW], Силниот Израилев“ ќе го отстрани злото засекогаш (Исаија 1:24; Псалм 36:9, 10).
8. Со какви небесни војски располага Јехова, и што ни е показател за нивната моќ?
8 Изразот „Јехова над војските“ кој во Библијата се појавува 285 пати, е уште едно потсетување на Божјата моќ. Со „војските“ овде се укажува на мноштвото духовни суштества кои Јехова ги има на располагање (Псалм 102:20, 21; 148:2). Само еден од овие ангели, во една ноќ убил 185.000 асирски војници кои му се заканувале на Ерусалим (4. Царства 19:35). Ако ја признаеме моќта на Јеховините небесни војски, нема лесно да се уплашиме од противниците. Пророкот Елисеј не се вознемирил кога бил фатен во стапица од една цела војска која сакала да го убие бидејќи, за разлика од неговиот слуга можел, со очите на верата, да види огромно мноштво небесни сили кои го поддржуваат (4. Царства 6:15—17).
9. Зошто, како Исус, треба да имаме доверба во божествената заштита?
9 И Исус бил свесен за поддршката од ангелите кога се соочил со толпа вооружена со мечеви и стапови во градината Гетсиманија. Откако му рекол на Петар да го врати мечот на свое место, Исус му кажал дека, ако е потребно, Тој може да го замоли својот Татко за „повеќе од дванаесет легеони ангели“ (Матеј 26:47, 52, 53). Ако имаме слично сфаќање за небесните војски кои Бог ги има на располагање, и ние ќе имаме безрезервна доверба во божествената поддршка. Апостол Павле напишал: „Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Римјаните 8:31).
10. Во чија полза Јехова ја користи својата моќ?
10 Значи, ја имаме секоја причина да имаме доверба во Јеховината заштита. Тој секогаш ја користи својата моќ за добро и во склад со другите свои особини — правда, мудрост и љубов (Јов 37:23; Јеремија 10:12). Додека моќните луѓе честопати ги газат сиромашните и понизните заради себична добивка, Јехова ‚од прав го издига сиромавиот [понизениот, NW]‘ и ‚силен е за да спасува‘ (Псалм 112:5—7; Исаија 63:1). Како што сфатила и Марија, скромната и ненаметлива мајка на Исус, „Силниот“ несебично ја спроведува својата моќ во полза на оние кои се плашат од него, понижувајќи ги вообразените и воздигнувајќи ги понижените (Лука 1:46—53).
Јехова им ја открива моќта на Своите слуги
11. На кое сведоштво за Божјата моќ биле очевидци Израелците во 1513 година пр.н.е.?
11 Јехова во неколку прилики им ја покажал силата на своите слуги. Една таква прилика била на гората Синај во 1513 пр.н.е. Таа година Израелците веќе имале видено импресивен доказ за Божјата моќ. Десетте опустошувачки неволји ја откриле силната Јеховина рака и немоќта на египетските богови. Набрзо после тоа, чудесното преминување на Црвеното Море и уништувањето на фараоновата војска дале понатамошен доказ за божествената сила. Три месеци подоцна, на подножјето на гората Синај, Јехова ги повикал Израелците да станат негов „народ избран меѓу сите народи“. Тие, пак, од своја страна ветиле: „Сѐ што рекол Господ ќе направиме“ (2. Мојсеева 19:5, 8). Тогаш, Јехова дал жива демонстрација на својата моќ. Среде громови и молњи и гласен звук на рог, гората Синај била во дим и се тресела. Луѓето, кои стоеле на оддалеченост, биле преплашени. Но, Мојсеј им рекол дека тоа искуство треба да ги научи на побожен страв, страв кој требало да ги поттикне да му бидат послушни на својот семоќен и единствен вистински Бог, Јехова (2. Мојсеева 19:16—19; 20:18—20).
12, 13. Кои околности го навеле Илија да ја напушти својата доделба, но како Јехова го зајакнал?
12 После неколку века, во времето на Илија, гората Синај била сведок на уште една манифестација на божествената моќ. Пророкот веќе ја имал видено Божјата моќ на дело. Поради отпадништвото на израелската нација, Бог го ‚затворил небото‘ три и пол години (2. Летописи 7:13). Во текот на сушата која настапила после тоа, гавраните го хранеле Илија кај потокот Хорат, а подоцна скудната резерва од брашно и масло на вдовицата била на чудесен начин обновувана за да му биде обезбедена храна. Јехова дури и го овластил Илија да го воскресне синот на вдовицата. На крај, во еден драматичен испит на гората Кармил во врска со Господството, слегол оган од небото и ја проголтал жртвата на Илија (3. Царства 17:4—24; 18:36—40). Сепак, набрзо после тоа, Илија се уплашил и се обесхрабрил кога Језавела се заканила дека ќе го убие (3. Царства 19:1—4). Побегнал од земјата, мислејќи дека неговото дело како пророк завршило. За да го успокои и зајакне, Јехова љубезно му дал лична демонстрација на божествената моќ.
13 Додека Илија се криел во една пештера, видел една демонстрација, која влева стравопочит, на три сили кои се под Јеховина контрола: силен ветар, земјотрес и, на крај, оган. Меѓутоа, кога Јехова разговарал со Илија, тоа го сторил со „смирен, мек глас“ (NW). Му дал уште работа и го информирал дека во земјата има уште 7.000 верни обожаватели на Јехова (3. Царства 19:9—18). Ако, како Илија, некогаш се чувствуваме обесхрабрени поради тоа што не постигнуваме доволно резултати во нашата служба, можеме да го молиме Јехова за „сила која е над она што е нормално“ (NW) — сила која може да нѐ зајакне да продолжиме да ја проповедаме добрата вест без попуштање (2. Коринтјаните 4:7).
Јеховината моќ го гарантира исполнувањето на Неговите ветувања
14. Што открива личното име на Јехова, и како неговата моќ е поврзана со неговото име?
14 Исто така, Јеховината моќ е тесно поврзана со неговото име и со извршувањето на неговата волја. Единственото име Јехова, кое значи „Тој предизвикува да стане“, открива дека самиот тој предизвикува да стане Исполнител на ветувањата. Ништо или никој не може да го спречи Бог да ги оствари своите намери, без оглед на тоа колку скептиците можеби ги сметаат за нереалистични. Како што Исус еднаш им рекол на апостолите, „за Бога сѐ е можно“ (Матеј 19:26).
15. Како Авраам и Сара биле потсетени дека за Јехова ништо не е неможно?
15 Да илустрираме: Еднаш Јехова им ветил на Авраам и Сара дека од нивното потомство ќе направи голема нација. Меѓутоа, тие немале деца многу години. Кога Јехова им рекол дека ветувањето само што не се исполнило, обајцата биле многу стари и Сара се насмеала. Како одговор, ангелот рекол: „Има ли нешто неможно за Господа?“ (1. Мојсеева 12:1—3; 17:4—8; 18:10—14). Четири века подоцна, кога на моавските низини Мојсеј конечно ги собрал Авраамовите потомци — сега веќе голема нација — ги потсетил дека Бог го исполнил своето ветување. Мојсеј рекол: „[Ти и понатаму живееш, NW] бидејќи [Јехова] ги засака твоите татковци и ве избра вас, потомците нивни по нив, и те изведе Сам со големата сила Своја од Египет, за да ги порази од пред тебе народите што беа поголеми и посилни од тебе, да те воведе и да ти ја даде земјата нивна во наследство, која сега ја имаш“ (5. Мојсеева 4:37, 38).
16. Зошто садукеите западнале во грешка одрекувајќи дека има воскресение на мртвите?
16 Со векови подоцна, Исус им упатил критика на садукеите кои не верувале во воскресение. Зошто тие одбивале да веруваат во Божјето ветување дека ќе ги врати мртвите? Исус им рекол: „Не ги познавате Писмата, ниту силата Божја“ (Матеј 22:29). Писмото нѐ уверува дека „сите, кои што се во [спомен, NW] гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:27—29). Ако знаеме што вели Библијата за воскресението, нашата доверба во Божјата моќ ќе нѐ увери дека мртвите ќе станат. Бог ‚ќе ја проголта смртта засекогаш . . . зашто така вели Господ“ (Исаија 25:8).
17. Во кој иден ден ќе биде неопходна доверба во Јехова на еден посебен начин?
17 Во блиска иднина ќе дојде време кога секој од нас ќе треба да има доверба во Божјата спасувачка моќ на еден посебен начин. Сатана Ѓаволот ќе покрене напад врз Божјиот народ кој ќе изгледа незаштитен (Језекиил 38:14—16). Тогаш Бог ќе ја покаже својата голема моќ во наша полза, и секој ќе мора да спознае дека тој е Јехова (Језекиил 38:21—23). Сега е време да ја градиме нашата вера и доверба во Семоќниот Бог за да не се поколебаме во тоа пресудно време.
18. а) Какви користи извлекуваме од медитирањето за Јеховината моќ? б) Кое прашање ќе биде разгледано во следната статија?
18 Без сомнение, постојат многу причини да медитираме за Јеховината моќ. Додека размислуваме за неговите дела, понизно сме поттикнати да го фалиме нашиот Величествен Творец и да му благодариме за тоа што ја користи својата моќ на начин кој е мудар и полн со љубов. Ако имаме доверба во Јехова над војските, никогаш нема да бидеме заплашени. Нашата вера во неговите ветувања ќе биде непоколеблива. Но запомни, ние сме создадени според Божји лик. Според тоа, и ние имаме моќ — иако во ограничена мера. Како можеме да го имитираме нашиот Творец во начинот на кој ја покажуваме својата моќ? Тоа ќе биде разгледано во следната статија.
[Фусноти]
a Нашироко се смета дека фосилните горива како што се нафтата и јагленот — главните извори на енергија за електричните централи — својата енергија ја црпат од Сонцето.
b За разлика од ова, најмоќната нуклеарна бомба која некогаш била испробана имала експлозивна моќ еквивалентна на 57 мегатони ТНТ.
c Дивиот бик на кој се укажува во Библијата веројатно бил европски бизон (латински urus). Пред две илјади години, овие животни можеле да се најдат во Гол (сега Франција), а Јулиј Цезар за нив го дал следниов опис: „Овие европски бизони се малку помали од слонови, но по својата природа, боја и облик се бикови. Многу се силни и брзи: штом ќе здогледаат човек или ѕвер, не ги поштедуваат“.
Можеш ли да одговориш на овие прашања?
• Како творештвото сведочи за Јеховината моќ?
• Кои војски може да ги употреби Јехова за да го поддржи својот народ?
• Кои се некои прилики кога Јехова ја покажал својата моќ?
• Каква гаранција имаме дека Јехова ќе ги исполни своите ветувања?
[Слики на страница 10]
„Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал?“
[Извор на слика]
Photo by Malin, © IAC/RGO 1991
[Слики на страница 13]
Медитирањето за демонстрациите на Јеховината моќ ја гради верата во неговите ветувања