Што откриле кај Језраел?
СО ВЕКОВИ, локацијата на древниот град Језраел лежи опустошена. Некогаш бил значаен град во библиската историја. Сега, лишен од својата поранешна слава и покриен со слоеви земја, сведен е на тумба, или насип. Последниве години археолозите почнале да ги испитуваат остатоците на Језраел. Што откриваат овие урнатини за библиските извештаи?
Језраел во Библијата
Сместен во источниот дел на долината Језраел, градот Језраел се наоѓал во една од поплодните области на древната земја Израел. Право преку долината, на север, лежи ридот Море, каде што Мадијамците се улогориле додека се подготвувале да го нападнат судијата Гедеон и неговите трупи. Малку по на исток е бунарот Арад, во подножјето на Планината Гелвуја. Токму тука Јехова ја намалил војската на Гедеон од неколку илјади на само 300 мажи за да покаже дека е способен да го ослободи својот народ без моќна воена сила (Судии 7:1—25; Захарија 4:6). На планината Гелвуја, која се наоѓа во близината, првиот цар на Израел, Саул, бил поразен од Филистејците во една драматична битка во која биле убиени Јонатан и двајца други синови на Саул и во која самиот тој извршил самоубиство (1. Царства 31:1—5).
Библиските осврнувања на древниот град Језраел пружаат впечатливи контрасти. Тие зборуваат за злоупотребата на моќта и за отпадништвото на израелските владетели, но и за верноста и ревноста на Јеховините слуги. Токму во Језраел царот Ахав — владетелот на северното десетплеменско царство Израел во втората половина на десеттиот век пр.н.е. — го сместил својот царски дом, иако официјалната престолнина била Самарија (3. Царства 21:1). Токму од Језраел, Јеховиниот пророк Илија добил смртни закани од Језавела, Ахавовата жена која била туѓинка. Таа била бесна поради тоа што Илија бестрашно ги погубил пророците на Ваал, после испитот за вистинското Господство кое Илија го спровел на гората Кармил (3. Царства 18:36—19:2).
Потоа во Језраел било извршено едно злосторство. Бил убиен Језраелецот Навутеј. Царот Ахав се полакомил по лозјето на Навутеј. Кога тој инсистирал да го добие земјиштето, Навутеј лојално одговорил: „Да ме чува Господ да ти го дадам наследството од татковците свои“. Тој начелен одговор силно го разлутил Ахав. Гледајќи ја мрзоволноста на царот, царицата Језавела уредила едно нерегуларно судење, обвинувајќи го Навутеј за богохулство. Невиниот Навутеј бил прогласен за виновен и бил каменуван до смрт, а царот му го одзел лозјето (3. Царства 21:1—16).
Поради ова злобно дело, Илија прорекол: „Кучиња ќе ја изедат Језавела зад Језреелските ѕидови“. Пророкот понатаму изјавил: „И кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, него кучињата ќе го изедат . . . уште немало таков како Ахава, што да се оддава да го врши она што е неугодно пред очите на Господа, за кое го советуваше жена му Језавела“. Меѓутоа, поради тоа што Ахав се понизил кога Илија го изрекол Јеховиниот суд, Јехова објавил дека таа казна нема да дојде во животниот век на Ахав (3. Царства 21:23—29). Библискиот извештај понатаму раскажува дека во деновите на наследникот на Илија, Елисеј, Јуј бил помазан за цар на Израел. Кога вјавал во Језраел, Јуј заповедал Језавела да биде фрлена од прозорецот на нејзината палата, а коњите ја изгазиле под нозе. Подоцна било откриено дека кучињата мршојадци го оставиле само нејзиниот череп, нозете и дланките од рацете (4. Царства 9:30—37). Последниот библиски настан директно поврзан со Језраел следи после погубувањето на 70-те Ахавови синови. Јуј ги ставил нивните глави во два големи купа крај градската порта на Језраел, после што убил и други водечки луѓе и свештеници кои биле вклучени во отпадничкото владеење на Ахав (4. Царства 10:6—11).
Што откриле археолозите?
Во 1990 започнал еден заеднички проект на ископување на локацијата Језраел. Учествувале Институтот за археологија при универзитетот во Тел Авив (со претставник Дејвид Усишкин) и Британската школа за археологија во Ерусалим (со претставник Џон Вудхед). Во текот на седум периоди (секој период во траење од шест седмици) од 1990 до 1996, на локацијата работеле од 80 до 100 доброволци.
Современиот пристап на археологијата е да се испита доказот на локацијата сам за себе, без осврнување на однапред смислени идеи и теории. Според тоа, за еден археолог кој ги проучува земјите од Библијата, библискиот извештај не го кажува конечниот збор на таа тема. Сите други извори и физички докази мора да бидат земени предвид и внимателно одмерени. Меѓутоа, како што кажува Џон Вудхед, не постои некој друг пишан древен доказ кој се однесува на Језраел освен неколкуте поглавја во Библијата. Затоа, библиските извештаи и хронологија треба да бидат дел од кое и да било истражување. Што откриле напорите на археолозите?
Како што биле откопувани тврдините и земјените садови, од почетокот станало јасно дека урнатините датираат уште од таканаречената Железна доба, ставајќи ги со тоа точно во периодот на библискиот Језраел. Но, понатамошните ископувања довеле до неколку изненадувања. Првото било големината на градот и неговите масивни тврдини. Археолозите очекувале да наидат на тврдини кои би можеле да се споредат со оние на древната Самарија, главниот град на царството Израел. Меѓутоа, со понатамошното копање, станало јасно дека Језраел е далеку поголем. Со должина на ѕидовите од 300 на 150 метри, вкупното подрачје кое лежело во нејзините тврдини било трипати поголемо од кој и да било друг град откриен во Израел од тој период. Бил опкружен со исушен ендек, така што височината од тврдините изнесувала 11 метри. Според професор Усишкин, тој ендек бил без преседан во библиските времиња. „Не наоѓаме ништо слично во Израел сѐ до периодот на крстоносците“, рекол тој.
Едно друго неочекувано обележје било отсуството на големи градби во центарот на градот. Огромни количества црвеникаво кафеава почва донесена за време на изградбата на градот биле искористени да се направи една издигната израмнета површина — еден вид огромен подигнат подиум, или платформа — во склоп на заграденото земјиште. Second Preliminary Report (Втор подготвителен извештај) за ископувањата кај Тел Језраел коментира дека овој истакнат подиум би можел да биде доказ дека Језраел бил повеќе од царска престолнина. Ова списание навело: „Би сакале да укажеме на можноста дека Језраел можеби бил средишна воена база за израелската царска армија во времето на Амвриските [Амвриј и неговите потомци] цареви . . . каде што се држеле и обучувале војниците кои јавале во царските бојни коли и коњаницата“. Судејќи по големината на овој подигнат подиум, како и по самото заградено земјиште, Вудхед претпоставува дека тоа би можело да биде еден вид место за паради каде што се прикажувала воената моќ на најголемата сила од бојни коли на Средниот Исток во тоа време.
Ископаните остатоци на градската порта се обележје од посебен интерес за археолозите. Тие покажуваат влезна порта од која се влегува во најмалку четири простории. Меѓутоа, поради тоа што многу камења од локацијата биле ограбени низ вековите, наодите не довеле до конечен заклучок. Вудхед е со мислење дека остатоците укажуваат на порта од која се влегува во шест простории со слични димензии на оние пронајдени во Мегидон, Асор и Газер.a
Археолошките откритија укажуваат на неочекувано краткотрајно постоење на град со идеална локација, и во воен и во географски поглед. Вудхед истакнува дека, како голем утврден град, Језраел постоел само еден одреден период —се користел само неколку децении. Ова е во чиста спротивност со многу други клучни библиски локации во Израел, како што се Мегидон, Асор и престолнината Самарија, кои повеќе пати биле повторно изградувани, проширувани и населувани во текот на различни периоди. Зошто оваа идеална локација толку брзо престанала да се користи? Вудхед претпоставува дека Ахав и неговата династија речиси предизвикале економски колапс со нивното расипничко трошење на националните ресурси. Тоа било очигледно од прекумерната големина и сила на Језраел. Новата влада на Јуј веројатно сакала да се огради од спомените за Ахав и затоа го напуштила градот.
Сите досега ископани докази потврдуваат дека локацијата Језраел била главен израелски центар во периодот на Железната доба. Неговата големина и тврдини се во склад со неговиот опис во Библијата како важна царска престолнина на Ахав и Језавела. Знаците за нејзината ограничена населеност во текот на овој период се согласуваат со библиските извештаи за градот: брзо станал проминентен за време на владеењето на Ахав и потоа, на заповед од Јехова, очигледно бил турнат во срам кога Јуј ‚ги убил сите други од домот на Ахава во Језраел, и сите големци негови, и блиски негови, и свештениците негови, така што од него не останал ниту еден (4. Царства 10:11).
Хронологијата на Језраел
„Во археологијата е многу тешко да се тргне од прецизна појдовна точка за да се одреди некој датум “, признава Џон Вудхед. Така, додека археолозите ги разгледуваат резултатите од седумгодишните ископувања, ги споредуваат и со откритија од други археолошки наоѓалишта. Тоа довело до повторни проценки и дебати. Зошто? Затоа што уште од ископувањата на израелскиот археолог Јигаел Јадин кај Мегидон во текот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, многумина од археолошкиот свет го сметале за потврден фактот дека тој открил тврдини и градски порти кои датираат од периодот на цар Соломон. Сепак, тврдините, земјените садови и портите кои се најдени во Језраел довеле до тоа некои да ги оспоруваат овие заклучоци.
На пример, земјените садови кои се пронајдени кај Језраел се идентични со оние во слојот кај Мегидон, а кои Јадин ги поврзал со Соломоновото владеење. Структурата на портите и димензиите на двете наоѓалишта се слични, ако не и идентични. Вудхед вели: „Сите докази или го враќаат местото Језраел во Соломоновиот период или го поместуваат датирањето на овие обележја во другите наоѓалишта [Мегидон и Асор] до периодот на Ахав“. Поради тоа што Библијата јасно ја поврзува локацијата Језраел со периодот на Ахав, тој го смета за поразумно прифаќањето на фактот дека овие слоеви даваат слика на времето на Ахавовото владеење. Дејвид Усишкин се согласува: „Библијата вели дека Соломон го изградил Мегидон — не вели дека ги изградил токму тие порти“.
Може ли да се дознае историјата на Језраел?
Дали овие археолошки откритија и дебатата која следи од нив фрлаат сомневање врз библискиот извештај за Језраел или за Соломон? Всушност, археолошката полемика има мала директна врска со библискиот извештај. Археологијата ја испитува историјата врз поинаква основа од онаа на библиската нарација. Таа поставува поинакви прашања и става поинаков нагласок. Библискиот проучувач и археологот би можеле да се споредат со патници на речиси паралелни маршрути. Едниот патник вози по улица, а другиот оди пеш по тротоарот. Нивниот фокус и нивните интереси се различни. Сепак, нивните перспективи честопати се надополнуваат наместо да се спротивставуваат. Споредувањето на импресиите на двајцата патници може да доведе до фасцинантен увид.
Библијата содржи пишан запис за древни настани и луѓе; археологијата се обидува да ги најде информациите за овие настани и луѓе, испитувајќи какви и да било траги од нив кои сѐ уште можат да се најдат во земјата. Меѓутоа, тие остатоци обично се многу непотполни и отворени на различни толкувања. Во овој поглед, во својата книга Archaeology of the Land of the Bible—10,000—586 B.C.E (Археологија на земјата од Библијата — 10.000 — 586 пр. н.е), Амихаи Мазар коментира: „Археолошката теренска работа . . . во голема мера е уметност, како и комбинација на обучување и професионална вештина. Никаква строга методологија не може да осигура успех, а флексибилноста и креативната мисла од страна на оние кои предводат во работата на терените се задолжителни. Карактерот, талентот и здравиот разум на археологот се исто толку важни колку и неговото обучување и средствата кои му се на располагање“.
Археологијата го потврдила постоењето на главен царски и воен центар во Језраел, центар кој постоел неочекувано кратко време во текот на историскиот период кој се совпаѓа со владеењето на Ахав — токму како што кажува Библијата. Покренати се многу други интересни прашања кои археолозите можеби уште со години ќе ги проучуваат. Сепак, страниците на Божјата реч, Библијата, и понатаму јасно и гласно зборуваат, давајќи ни ја целосната приказна на начин на кој археолозите никогаш нема да можат.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Мистеријата на портите“ во Стражарска кула од 15 август 1988 (англ.).
[Слики на страница 26]
Археолошки ископувања во Језраел
[Слика на страница 28]
Ханански идол најден во Језраел