Надежта во воскресение има сила
„Сметам дека и сѐ друго е штета . . . за да Го познаам [Исус Христос], и силата на Неговото воскресение“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 3:8—10).
1, 2. а) Како пред многу години еден свештеник го опишал воскресението? б) Како ќе се одвива воскресението?
ВО ПОЧЕТОКОТ на 1890-тите, печатот известил за една необична проповед која ја одржал еден свештеник во Бруклин (Њујорк, САД). Тој рекол дека воскресението ќе се состои од повторно собирање и оживување на сите коски и меса кои некогаш биле во составот на човечко тело, сеедно дали биле уништени со оган или во несреќен случај, дали ги изел некој ѕвер или станале ѓубриво. Проповедникот сметал дека во еден одреден ден од 24 часа, воздухот ќе поцрни од раце, нозе, прсти, коски, жили и кожа на милијарди мртви луѓе. Овие делови ќе ги бараат другите делови од истото тело. Тогаш од небото и пеколот ќе дојдат душите за да ги населат овие воскреснати тела.
2 Воскресението преку реорганизација на првобитните атоми е нелогично, а луѓето немаат бесмртна душа (Проповедник 9:5, 10; Језекиил 18:4). Јехова, Богот на воскресението, нема потреба повторно да ги собира атомите на материјата која првобитно била во составот на едно човечко тело. На оние кои ќе воскреснат тој може да им обликува нови тела. На својот Син, Исус Христос, Јехова му дал сила да ги подига мртвите, со изглед за вечен живот (Јован 5:26). Затоа Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25, 26). Какво само радосно ветување! Тоа нѐ зајакнува да ги поднесеме испитите, па дури и да се соочиме со смрт како верни Сведоци на Јехова.
3. Зошто Павле требало да го брани воскресението?
3 Воскресението не е во склад со идејата дека луѓето имаат бесмртна душа — гледиште кое го застапувал грчкиот филозоф Платон. Тогаш, што се случило кога апостол Павле, сведочејќи им на угледните Грци на Ареопаг во Атина, алудирал на Исус и рекол дека Бог го воскреснал? Извештајот вели: „Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја“ (Дела 17:29—34). Многумина од оние кои го виделе воскреснатиот Исус Христос сѐ уште биле живи и, и покрај исмејувањето, посведочиле дека тој бил подигнат од мртвите. Но, лажните учители кои биле поврзани со собранието во Коринт го негирале воскресението. Затоа, во 1. Коринтјаните, поглавје 15, Павле изнел силна одбрана на ова христијанско учење. Внимателното проучување на неговите аргументи ја докажува вон секое сомнение сигурноста и силата на надежта во воскресение.
Цврст доказ за воскресението на Исус
4. Каков доказ од очевидци на воскресението на Исус навел Павле?
4 Забележи како ја започнал Павле својата одбрана (1. Коринтјаните 15:1—11). Освен ако не станале верници напразно, коринтјаните требало цврсто да се држат за добрата вест за спасение. Христос умрел за нашите гревови, бил погребан, и подигнат. Всушност, воскреснатиот Исус му се појавил на Кифа (Петар), а „потоа на дванаесеттемина“ (Јован 20:19—23). Го виделе околу 500 луѓе, можеби во приликата кога заповедал: ‚Одете, правете ученици‘ (Матеј 28:19, 20, NW). Го видел Јаков, како и сите верни апостоли (Дела 1:6—11). Во близина на Дамаск, Исус му се појавил на Савле „како на некое недоносче“ — како овој веќе да бил подигнат за духовен живот (Дела 9:1—9). Од проповедањето на Павле коринтјаните станале верници и ја прифатиле добрата вест.
5. На кој начин резонирал Павле, според она што е запишано во 1. Коринтјаните 15:12—19?
5 Забележи го начинот на кој резонирал Павле (1. Коринтјаните 15:12—19). Со оглед на тоа што очевидци проповедаат дека Христос воскреснал, како може да се рече дека не постои воскресение? Ако Исус не бил подигнат од мртвите, нашето проповедање и нашата вера се залудни, и ние сме лажливци кои сведочат против Бог со тоа што велиме дека тој го воскреснал Христос. Ако мртвите не воскреснуваат ‚сѐ уште сме во своите гревови‘, и оние кои се мртви во заедница со Христос загинале. Освен тоа, „ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш ние сме најбедни од сите луѓе“.
6. а) Што рекол Павле како потврда на воскресението на Исус? б) Кој е ‚последниот непријател‘, и како ќе биде уништен?
6 Павле го потврдува воскресението на Исус (1. Коринтјаните 15:20—28). Со оглед на тоа што Христос е „првина“ од оние кои спијат во смрт, и други ќе бидат воскреснати. Бидејќи смртта е резултат на непослушноста на човекот Адам, воскресението е преку човек — Исус. Оние кои му припаѓаат нему требало да бидат подигнати за време на неговата присутност. Христос ‚го уништува секое началство, секоја власт и сила‘ која се противи на Божјиот суверенитет и тој владее како Цар сѐ додека Јехова не ги стави сите непријатели под неговите нозе. Дури и ‚последниот непријател‘ — смртта наследена од Адам — ќе биде уништена преку заслугата на Исусовата жртва. Потоа Христос ќе му го предаде Царството на својот Бог и Татко, потчинувајќи му се на ‚Оној, Кој што му потчинил сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ‘.
Крстени за мртвите?
7. Кои се „крштаваат за да бидат мртви“, и што значи тоа за нив?
7 Противниците на воскресението биле запрашани: „Што ќе прават оние кои се крштаваат за да бидат мртви?“ (1. Коринтјаните 15:29, NW). Павле не мислел дека живите треба да се крстат во корист на мртвите, зашто Исусовите ученици мора лично да научат, да веруваат и да се крстат (Матеј 28:19, 20; Дела 2:41). Помазаните христијани се „крштаваат за да бидат мртви“ на тој начин што се подронуваат во еден животен пат кој води до смрт и воскресение. Ваквото крштавање почнува кога Божјиот дух ја зачнува во нив небесната надеж и завршува кога се подигнати од смрт за бесмртен духовен живот на небото (Римјаните 6:3—5; 8:16, 17; 1. Коринтјаните 6:14).
8. Во што можат да бидат сигурни христијаните, дури и ако Сатана и неговите слуги ги убијат?
8 Како што покажуваат и зборовите на Павле, надежта во воскресение ги прави христијаните способни да се справат со опасности секој час и да се соочуваат со смрт секој ден заради тоа што го вршат делото на проповедање на Царството (1. Коринтјаните 15:30, 31). Тие знаат дека Јехова може да ги воскресне во случај да му дозволи на Сатана и на неговите слуги да ги убијат. Само Бог може да им ја убие душата, или животот, во Гехената, што симболизира вечно уништување (Лука 12:5).
Потреба да се биде буден
9. Што мора да избегнуваме за надежта во воскресение да ни биде поткрепувачка сила во животот?
9 Надежта во воскресение го поддржувала Павле. Додека бил во Ефес, неговите непријатели можеби го фрлиле во арена за да се бори со диви ѕверови (1. Коринтјаните 15:32). Ако се случило тоа, тој бил избавен, исто како што и Даниил бил спасен од лавовите (Даниил 6:16—22; Евреите 11:32, 33). Со оглед на тоа што се надевал на воскресение, Павле го немал ставот на отпадниците на Јуда од времето на Исаија. Тие велеле: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (Исаија 22:13). За надежта во воскресение да има поткрепувачка сила во нашиот живот како и во животот на Павле, мораме да ги избегнуваме оние кои имаат ваков нездрав дух. „Не лажете се“, предупредил Павле. „Лошите зборови [друштва, NW] ги расипуваат добрите обичаи“ (1. Коринтјаните 15:33). Се разбира, ова начело важи за различни аспекти од животот.
10. Како можеме да ја одржиме жива нашата надеж во воскресение?
10 На оние кои се сомневале во воскресението, Павле им рекол: „Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога — за ваш срам го велам ова“ (1. Коринтјаните 15:34). Во ова „време на крајот“ треба да дејствуваме во склад со точното спознание за Бог и Христос (Даниил 12:4; Јован 17:3, обата NW). Тоа ќе ја одржи во живот нашата надеж во воскресение.
Воскреснати — со какво тело?
11. Како го илустрирал Павле воскресението на помазаните христијани?
11 Потоа Павле се позанимавал со некои прашања (1. Коринтјаните 15:35—41). Можеби со цел да фрли сомневање врз воскресението, некој можел да праша: „Како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?“ Како што покажал Павле, едно семе засадено во почвата, всушност, умира додека се менува за да стане садница. На сличен начин, духовно родениот човек мора да умре. Исто како што едно растение се подига од семето како ново тело така и воскреснатото тело на помазаниот христијанин се разликува од човечкото тело. Иако го има истиот животен образец како пред да умре, тој е подигнат како ново суштество со духовно тело способно да живее на небото. Секако, оние кои ќе воскреснат на Земјата ќе бидат подигнати во човечко тело.
12. Што се мисли со изразите „небесни тела“ и „земни тела“?
12 Како што рекол и Павле, човечкото тело се разликува од телото на животните. Дури и телата на животните се разликуваат од еден до друг вид (1. Мојсеева 1:20—25). ‚Небесните тела‘ на духовните суштества се разликуваат во славата од ‚земните тела‘ од крв и месо. Постојат разлики и во славата на Сонцето, Месечината и ѕвездите. Но, воскреснатите помазаници имаат далеку поголема слава.
13. Според 1. Коринтјаните 15:42—44, што се сее и што се подига?
13 Откако ги спомнал разликите, Павле додал: „Такво е и воскресението на мртвите“ (1. Коринтјаните 15:42—44). Тој рекол: „Се сее за распаѓање, воскреснува во нераспаѓање“. Овде Павле можеби мислел на помазаниците како група. Таа е посеана во распаѓање при смртта, а се подига во нераспаѓање, ослободена од грев. Иако поднесува навреди од светот, таа е подигната за небесен живот и се јавува со Христос во слава (Дела 5:41; Колосјаните 3:4). При смртта се сее „физичко тело“ (NW) а се подига ‚духовно тело‘. Бидејќи ова е можно во случајот со духовно родените христијани, можеме да бидеме сигурни дека и други можат да бидат подигнати за живот на Земјата.
14. Како Павле го ставил Христос наспроти Адам?
14 Потоа Павле го ставил Христос наспроти Адам (1. Коринтјаните 15:45—49). Адам, првиот човек, ‚станал жива душа‘ (1. Мојсеева 2:7). ‚Последниот Адам‘ — Исус — ‚станал животодавен дух.‘ Тој си го дал животот како откупна жртва, најпрвин во корист на своите помазани следбеници (Марко 10:45). Како луѓе, тие ‚го носат ликот на оној кој е направен од прав‘ (NW), но кога ќе воскреснат стануваат како последниот Адам. Се разбира, од Исусовата жртва ќе извлече корист целото послушно човештво, вклучувајќи ги и оние кои ќе воскреснат на Земјата (1. Јованово 2:1, 2).
15. Зошто помазаните христијани не воскреснуваат во тело, и како се подигани за време на Исусовата присутност?
15 При смртта, помазаните христијани не се подигаат во тело (1. Коринтјаните 15:50—53). Распадливото тело од крв и месо не може да ги наследи нераспадливоста и небесното Царство. Некои помазаници не требало долго да спијат во смрт. Откако верно ќе го завршат својот земен пат за време на Исусовата присутност, тие ќе ‚се изменат, во еден момент, за миг на окото‘. Моментално ќе бидат подигнати за духовен живот во нераспадливост и слава. На крај, Христовата небесна „невеста“ ќе брои 144.000 (Откровение 14:1; 19:7—9; 21:9; 1. Солунјаните 4:15—17).
Победа над смртта!
16. Според Павле и раните пророци, што ќе се случи со смртта наследена од грешниот Адам?
16 Павле триумфално изјавил дека смртта ќе биде проголтана засекогаш (1. Коринтјаните 15:54—57, NW). Кога распадливото и смртното ќе се облече во нераспадливост и бесмртност, ќе се исполнат зборовите: „Смртта е проголтана за секогаш“. „Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?“ (Исаија 25:8; Осија 13:14). Осилото кое предизвикува смрт е гревот, а силата на гревот бил Законот, кој ги осудувал грешниците на смрт. Но, поради жртвата и воскресението на Исус, смртта наследена од грешниот Адам повеќе нема да победува (Римјаните 5:12; 6:23).
17. Како се применуваат денес зборовите од 1. Коринтјаните 15:58?
17 „И така, браќа мои возљубени“, рекол Павле, „бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати [богато вработени, NW] во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Коринтјаните 15:58). Овие зборови се применуваат на денешниот помазан остаток и на Исусовите „други овци“, дури и ако умрат во овие последни денови (Јован 10:16). Нивниот труд како објавители на Царството не е залуден, зашто ги чека воскресение. Затоа, како Јеховини слуги, да останеме зафатени во делото Господово додека го чекаме денот кога ќе можеме радосно да извикнеме: „Смрт, каде ти е победата?“
Надежта во воскресение исполнета!
18. Колку била силна надежта на Павле во воскресение?
18 Од зборовите на Павле запишани во 1. Коринтјаните, поглавје 15, очигледно е дека надежта во воскресение имала сила во неговиот живот. Тој бил апсолутно сигурен дека Исус бил подигнат од мртвите и дека и други ќе бидат ослободени од општиот гроб на човештвото. Дали ти имаш такво цврсто уверување? Павле ги сметал себичните користи за „отпад“ и ‚се одрекол од сѐ‘ за да може ‚да го запознае Христос и силата на Неговото воскресение‘. Апостолот бил спремен да се подложи на смрт како Христовата со надеж дека ќе го добие „раното воскресение“ (NW). Тоа, наречено и „првото воскресение“, го доживуваат Исусовите 144.000 помазани следбеници. Да, тие се подигнати за духовен живот на небото, додека „останатите мртви“ (NW) ќе бидат воскреснати на Земјата (Филипјаните 3:8—11; Откровение 7:4; 20:5, 6).
19, 20. а) Кои поединци од библискиот запис ќе бидат подигнати за живот на Земјата? б) Чие воскресение со душа го чекаш?
19 Надежта во воскресение станала славна реалност за помазаниците кои биле верни до смрт (Римјаните 8:18; 1. Солунјаните 4:15—18; Откровение 2:10). На преживеаните од „големата неволја“ (NW) ќе им се оствари надежта во воскресение на Земјата додека ‚морето ги дава своите мртви, и смртта и хадесот ги предаваат мртвите кои се во нив‘ (Откровение 7:9, 13, 14; 20:13). Меѓу подигнатите за живот на Земјата ќе биде Јов, кој загубил седум синови и три ќерки. Замисли си ја само неговата радост кога ќе им изрази добредојде — и колку само ќе бидат восхитени тие што ќе имаат уште седум браќа и уште три прекрасни сестри! (Јов 1:1, 2, 18, 19; 42:12—15).
20 Каков само благослов ќе биде кога Авраам и Сара, Исак и Ребека — да, и уште многу други, вклучувајќи ги „сите пророци“ — ќе бидат подигнати за живот на Земјата! (Лука 13:28). Еден од тие пророци бил Даниил, кому му било ветено воскресение под месијанското владеење. Даниил почива в гроб веќе 2.500 години, но преку силата на воскресението наскоро ќе ‚го добие својот дел‘ како еден од ‚кнезовите по целата земја‘ (Даниил 12:13; Псалм 44:16). Каков восхит ќе биде да им се изрази добредојде не само на верните од старо време туку и на своите татко, мајка, син, ќерка или на другите драги кои ти ги одземал непријателот смрт!
21. Зошто не треба да одложуваме да им правиме добро на другите?
21 Некои наши пријатели и сакани можеби му служат на Бог со децении и веќе се во години. Поодминатата старост можеби им отежнува да излезат на крај со предизвиците на животот. Колку само е љубезно да им ја дадеме која и да било помош што можеме токму сега! Тогаш нема да жалиме дека на некој начин сме пропуштиле ако станат жртви на смртта (Проповедник 9:11; 12:1—7; 1. Тимотеј 5:3, 8). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да ги заборави добрите работи што ги правиме за другите, без оглед на нивната возраст или околности. „Додека имаме време“, напишал Павле, „да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Галатјаните 6:10; Евреите 6:10).
22. До исполнувањето на надежта во воскресение, на што треба да бидеме одлучни?
22 Јехова е „Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха“ (2. Коринтјаните 1:3, 4). Неговата Реч нѐ теши и ни помага да ги тешиме другите со силната надеж во воскресение. Сѐ додека не станеме сведоци на исполнувањето на таа надеж со тоа што мртвите ќе бидат подигнати за живот на Земјата, да бидеме како Павле кој имал вера во воскресението. Да го имитираме особено Исус, чија надеж во Божјата сила да воскреснува била исполнета. Оние кои се во спомен-гробовите наскоро ќе го чујат гласот на Христос и ќе излезат. Нека ова ни донесе утеха и радост. Но, пред сѐ, да му бидеме благодарни на Јехова кој ја овозможил победата над смртта преку нашиот Господ Исус Христос!
Каков е твојот одговор?
• Каков доказ од очевидци на воскресението на Исус навел Павле?
• Кој е ‚последниот непријател‘, и како ќе биде уништен?
• Во случајот со помазаните христијани, што се сее и што се подига?
• Кои поединци од библискиот запис би сакал да ги запознаеш кога ќе бидат подигнати за живот на Земјата?
[Слика на страница 16]
Апостол Павле изнел силна одбрана на воскресението
[Слики на страница 20]
Воскресението на Јов, на неговото семејство и уште на многу други ќе биде причина за бескрајна радост!