„Дојде часот!“
„Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот“ (ЈОВАН 13:1).
1. Како што се приближува Пасхата 33 н.е., од какви шпекулации врие Ерусалим, и зошто?
СО СВОЕТО крштавање во 29 н.е. Исус го започнал патот што требало да води до „часот“ на неговата смрт, воскресение и прославување. Сега е пролет 33 н.е. Поминати се само неколку седмици откако членовите на еврејскиот врховен суд, Синедрионот, се советувале да го убијат Исус. Дознавајќи за нивниот план, можеби од Никодим, член на Синедрионот кој бил пријателски настроен кон него, Исус го напуштил Ерусалим и заминал во селските подрачја од другата страна на Јордан. Со приближувањето на празникот Пасха, многу луѓе одат од тоа подрачје во Ерусалим, и градот врие од шпекулации за Исус. „Што мислите?“, се прашуваат луѓето меѓу себе. „Нема ли да дојде на празникот?“ Главните свештеници и фарисеите уште повеќе го зголемуваат возбудувањето давајќи наредби ако некој го види Исус, да ги извести каде се наоѓа (Јован 11:47—57).
2. Кој чин на Марија поттикнува полемика, и на што укажува Исусовиот одговор во нејзина одбрана во врска со свесноста за ‚неговиот час‘?
2 На 8 нисан, шест дена пред Пасхата, Исус е повторно во близина на Ерусалим. Доаѓа во Витанија — родното место на неговите сакани пријатели Марта, Марија и Лазар — место на околу 3 километри од Ерусалим. Петок навечер е, и Исус го поминува Сабатот таму. Следната вечер, кога Марија му служи употребувајќи скапоцено мирисливо масло, учениците приговараат. Исус одговара: „Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение; оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш“ (Јован 12:1—8; Матеј 26:6—13). Исус знае дека ‚му дошол часот да премине од овој свет кон Отецот‘ (Јован 13:1). Уште пет дена и тој ќе „ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10:45). Од тој момент, чувството на итност влијае врз сѐ што прави и поучува Исус. Каков само прекрасен пример ни дава ова додека горливо го чекаме крајот на овој систем на работи! Разгледај што се случило со Исус веќе наредниот ден.
Денот на Исусовото триумфално влегување
3. а) Како влегува Исус во Ерусалим во недела, 9 нисан, и како реагираат повеќето од луѓето околу него? б) Каков одговор им дава Исус на фарисеите кои се жалат во врска со мноштвото?
3 Во недела, 9 нисан, Исус доаѓа триумфално во Ерусалим. Додека се приближува кон градот — јавајќи на прле од магарица, во исполнување на Захарија 9:9 (NW) — мнозина од луѓето кои се собираат околу него ги рашируваат своите горни облеки по патот, а други сечат гранки од дрвјата и ги простираат пред него. „Благословен е Царот, Кој доаѓа во името Господово [Јеховино, NW]!“, извикуваат тие. Некои фарисеи од мноштвото сакаат Исус да ги укори учениците. Меѓутоа, Исус одговара: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат“ (Лука 19:38—40; Матеј 21:6—9).
4. Зошто Ерусалим е раздвижен кога Исус влегува во градот?
4 Само неколку седмици пред тоа, мнозина од мноштвото виделе како Исус го воскреснал Лазар. Сега тие и понатаму им кажуваат на другите за ова чудо. Затоа, кога Исус влегува во Ерусалим, целиот град е раздвижен. „Кој е Овој?“, прашуваат луѓето. А мноштвата велат: „Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски“. Гледајќи што се случува, фарисеите се жалат: „Ете, светот тргна по Него“ (Матеј 21:10, 11; Јован 12:17—19).
5. Што се случува кога Исус оди во храмот?
5 Како што има обичај кога го посетува Ерусалим, Исус, Големиот Учител, влегува во храмот за да поучува. Таму му приоѓаат слепи и сакати, и тој ги лекува. Кога го гледаат ова и слушаат како момчињата во храмот извикуваат: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“ (NW), главните свештеници и книжниците се разлутуваат. „Слушаш ли што велат?“, протестираат тие. „Да!“, одговара Исус. „Зар никогаш не сте читале: ‚Од устата на младенците и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба‘?“ Додека продолжува да поучува, Исус внимателно разгледува што се случува во храмот (Матеј 21:15, 16; Марко 11:11).
6. Како Исусовиот пристап сега е поинаков од оној претходно, и зошто?
6 Колку само сега е поинаков пристапот на Исус од оној што го имал шест месеци пред тоа! Тогаш влегол во Ерусалим за празникот Сеници „не јавно, туку некако тајно“ (Јован 7:10). И секогаш преземал мерки безбедно да си замине кога животот му бил во опасност. Сега тој отворено влегува во градот каде што се издадени наредби да биде фатен! Исто така, Исус немал обичај да се рекламира како Месија (Исаија 42:2; Марко 1:40—44). Тој не сакал бучно рекламирање или искривени извештаи за него да кружат од уста на уста. Сега мноштвата отворено изјавуваат дека тој е Цар и Спасител — Месијата — и тој ги отфрла барањата на верските водачи да ги замолчи! Зошто ваква промена? Бидејќи ‚дошол часот да се прослави Синот Човечки‘, како што изјавува Исус веќе наредниот ден (Јован 12:23).
Смела акција — потоа животоспасувачки поуки
7, 8. Како Исусовите постапки на 10 нисан 33 н.е., го одразуваат она што го сторил тој на Пасхата 30 н.е.?
7 Откако пристигнува во храмот во понеделник, 10 нисан, Исус дејствува во склад со она што го видел претходното попладне. Почнува да ‚ги пади оние, што продаваат и купуваат во храмот, и да им ги превртува масите на менувачите и столовите на оние, што продаваат гулаби; и не позволува никој преку храмот да пренесе каков и да било сад‘. Осудувајќи ги престапниците, тој изјавува: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘; а вие го направивте како разбојничко гнездо“ (Марко 11:15—17).
8 Исусовите постапки го одразуваат она што го сторил тој три години пред тоа, кога го посетил храмот на Пасхата 30 н.е. Меѓутоа, овојпат јавната осуда е поостра. Трговците во храмот сега ги нарекува ‚разбојници‘ (Лука 19:45, 46; Јован 2:13—16). Такви се бидејќи бараат претерани цени од оние кои треба да купат животни за жртви. Главните свештеници, книжниците и водечките луѓе меѓу народот слушаат што прави Исус и повторно бараат начини да биде убиен. Сепак, тие не знаат како да го елиминираат Исус поради тоа што сите луѓе, вчудовидени од неговото поучување, се држат за него за да го слушаат (Марко 11:18; Лука 19:47, 48).
9. Каква поука дава Исус, и каква покана им упатува на своите слушатели во храмот?
9 Додека продолжува да поучува во храмот, Исус изјавува: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки“. Да, тој знае дека му преостануваат само уште неколку дена од човечкиот живот. Откако раскажува дека зрното пченица мора да умре за да роди плод — што одговара на тоа дека тој ќе умре и ќе стане средство за да им пренесе вечен живот на другите — Исус им упатува покана на своите слушатели, велејќи: „Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец“ (Јован 12:23—26).
10. Што чувствува Исус во врска со агониската смрт која го очекува?
10 Размислувајќи за својата агониска смрт која ќе настапи за само четири дена, Исус продолжува: „Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час!“ Но, она што го очекува Исус не може да се избегне. „Но“, вели тој, „заради тоа и дојдов на овој час.“ Навистина, Исус е во согласност со целокупната Божја подготовка. Тој е одлучен да дозволи божествената волја да ги води неговите постапки сѐ до неговата жртвена смрт (Јован 12:27). Каков само пример ни дал тој — пример на потполна подложност на божествената волја!
11. Какви поуки му дава Исус на мноштвото кое штотуку чуло глас од небото?
11 Длабоко загрижен за тоа како неговата смрт ќе влијае врз репутацијата на неговиот Татко, Исус се моли: „Оче, прослави Го името Свое!“ На чудење на мноштвото собрано во храмот, од небото доаѓа еден глас кој изјавува: „Го прославив и пак ќе Го прославам“. Големиот Учител ја користи оваа прилика да му каже на мноштвото зошто се слушнал гласот, какви ќе бидат последиците од неговата смрт и зошто треба тие да практикуваат вера (Јован 12:28—36). Претходните два дена за Исус сигурно биле исполнети со многу активности. Но, пред него стоел еден пресуден ден.
Ден за јавни осуди
12. Како во вторник, на 11 нисан, верските водачи се обидуваат да го фатат Исус во стапица, и со каков резултат?
12 Во вторник, на 11 нисан, Исус повторно влегува во храмот за да поучува. Таму наидува на непријателски настроена публика. Укажувајќи на Исусовите постапки претходниот ден, главните свештеници и постарите мажи од народот го прашуваат: „Со каква власт го вршиш тоа и кој Ти ја дал таа власт?“ Вештиот Учител ги збунува со својот одговор, и раскажува три живи илустрации — две за едно лозје и една за свадбена гозба — кои разоткриваат колку се злобни неговите противници. Разлутени од она што го слушаат, верските водачи сакаат да го фатат. Но, се плашат од мноштвата кои го сметаат Исус за пророк. Затоа се обидуваат да го намамат да каже нешто заради кое би можеле да го уапсат. Одговорите кои ги дава Исус ги замолчуваат (Матеј 21:23—22:46).
13. Каков совет им дава Исус на своите слушатели во врска со книжниците и фарисеите?
13 Со оглед на тоа што книжниците и фарисеите тврдат дека поучуваат за Божјиот закон, сега Исус ги поттикнува своите слушатели: „Сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат“ (Матеј 23:1—3). Каква само силна јавна осуда! Но, тој сѐ уште не завршил со нив. Ова е неговиот последен ден во храмот, и тој смело изнесува серија разоткривања — едно по друго како одекнувачки татнежи.
14, 15. Какви остри јавни осуди изговара Исус против книжниците и фарисеите?
14 „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери!“, изјавува Исус шест пати. Тие се такви бидејќи, како што објаснува тој, го затвораат Царството небесно пред луѓето, не дозволувајќи им на оние кои им се на патот да влезат во него. Овие лицемери преминуваат море и копно за да направат еден прозелит, само за да го направат подложен на вечно уништување. Додека ги занемаруваат „потешките работи од Законот, имено, правдата и милосрдноста и верноста“, тие обрнуваат големо внимание на плаќањето десеток. Всушност, ја чистат „чашата и чинијата однадвор, додека внатре се полни со грабеж и неправда“ во таа смисла што нивната внатрешна расипаност и гнилеж се скриени зад надворешното покажување побожност. Освен тоа, тие се спремни да им градат гробови на пророците и да ги украсуваат за да свртат внимание кон сопствените добротворни дела, иако се „синови на оние, што ги убиле пророците“ (Матеј 23:13—15, 23—31).
15 Осудувајќи го недостигот на духовни вредности кај неговите противници, Исус вели: „Тешко вам, слепи водачи“. Тие се морално слепи бидејќи ставаат поголем акцент врз златото во храмот отколку врз духовната вредност на тоа место на обожавање. Во продолжение Исус ги изрекува најсилните зборови на јавна осуда. „Змии, потомство на отровници, како ќе побегнете од судот на Геената?“ (NW) Да, Исус им кажува дека заради тоа што го следат својот зол правец, тие ќе претрпат вечно уништување (Матеј 23:16—22, 33). Да покажуваме и ние храброст во објавувањето на пораката за Царството, дури и тогаш кога таа вклучува разоткривање на лажната религија.
16. Кое важно пророштво им го кажува Исус на своите ученици додека седат на Маслинската Гора?
16 Сега Исус го напушта храмот. Како што попладневното сонце постепено се спушта на хоризонтот, тој и неговите апостоли се искачуваат на Маслинската Гора. Додека седат таму, Исус го дава пророштвото во врска со уништувањето на храмот и знакот на неговата присутност и завршетокот на системот на работи. Значењето на овие пророчки зборови се протега дури до нашево време. Таа вечер, Исус им го кажува на своите ученици и ова: „Знаете дека за два дена е Пасхата, и Синот човечки треба да биде предаден за да го приковаат“ (NW) (Матеј 24:1—14; 26:1, 2).
Исус ‚ги сака своите до крај‘
17. а) Во текот на Пасхата на 14 нисан, каква поука им дава Исус на 12-темина? б) Каква комеморација воведува Исус откако го отпушта Јуда Искариот?
17 Во следните два дена — 12 и 13 нисан — Исус не се покажува отворено во храмот. Верските водачи гледаат да го убијат, и тој не сака ништо да го спречи во прославувањето на Пасхата со неговите апостоли. Со заоѓањето на сонцето во четврток започнува 14 нисан — последниот ден од Исусовиот живот на Земјата како човек. Таа вечер, Исус и неговите апостоли се заедно во една куќа во Ерусалим каде што е направена подготовка да ја прослават Пасхата. Додека заедно уживаат во Пасхата, тој на 12-темина им дава една прекрасна поука за понизност со тоа што им ги мие нозете. Откако го отпушта Јуда Искариот, кој се сложил да го предаде својот Господар за 30 сребреници — цената на еден роб според Мојсеевиот закон — Исус го воведува Меморијалот на својата смрт (2. Мојсеева 21:32; Матеј 26:14, 15, 26—29; Јован 13:2—30).
18. Какви понатамошни поуки со љубов им дава Исус на своите 11 верни апостоли, и како ги подготвува за своето претстојно заминување?
18 После свеченото воведување на Меморијалот, апостолите се впуштаат во една вжештена расправија околу тоа кој од нив е најголем. Наместо да ги укори, Исус стрпливо ги поучува за вредноста да им се служи на другите. Свесен дека тие останале покрај него во текот на неговите испити, тој склопува со нив личен сојуз за царство (Лука 22:24—30). Исто така, Исус им заповеда да се љубат еден со друг исто како што тој ги љуби (Јован 13:34). Додека се задржува во таа соба, Исус со љубов ги подготвува за своето претстојно заминување. Ги уверува во своето пријателство, ги охрабрува да практикуваат вера и им ја ветува помошта од светиот дух (Јован 14:1—17; 15:15). Пред да ја напуштат куќата, Исус го моли својот Татко: „Дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој“. Навистина, Исус ги подготвил апостолите за своето заминување, и сигурно ‚ги сакал своите до крај‘ (Јован 13:1; 17:1).
19. Зошто Исус е во агонија во Гетсиманската градина?
19 Можеби е доста после полноќ кога Исус и неговите 11 верни апостоли доаѓаат во Гетсиманската градина. Тој често одел таму со своите апостоли (Јован 18:1, 2). За неколку часа Исус ќе умре како да е подол криминалец. Агонијата од ова очекувано искуство и од прекорот што тоа може да му го донесе на неговиот Татко е толку силна што, додека Исус се моли, неговата пот станува како капки крв кои паѓаат на земјата (Лука 22:41—44). „Дојде часот!“, им вели Исус на апостолите. „Еве, наближи оној што Ме предава“. Додека тој сѐ уште зборува, Јуда Искариот се приближува, придружуван од големо мноштво луѓе кои носат факли и ламби и оружје. Доаѓаат да го уапсат Исус. Тој не се спротивставува. „Но“, објаснува тој, „како ќе се исполнат Писмата, ако ова не стане?“ (Марко 14:41—43; Матеј 26:48—54).
Прославен е Синот Човечки!
20. а) Какви свирепости го снаоѓаат Исус откако е уапсен? б) Зошто Исус извикува: „Се сврши“ само неколку моменти пред да умре?
20 Откако е уапсен, Исус е обвинет од лажни сведоци, осуден од пристрасни судии, изречена му е пресуда од Понтиј Пилат, исмејуван е од свештеници и толпи, а војниците се подигруваат со него и го измачуваат (Марко 14:53—65; 15:1, 15; Јован 19:1—3). Во петок напладне Исус е прикован на маченички столб и трпи многу силна болка додека од тежината на неговото тело се раскинуваат раните од клинците во рацете и нозете (Јован 19:17, 18). Околу три часот попладне, Исус извикува: „Се сврши!“ Да, тој довршил сѐ за што дошол на Земјата. Предавајќи му го својот дух на Бог, ја наведнува главата и умира (Јован 19:28, 30; Матеј 27:45, 46; Лука 23:46). На третиот ден после тоа, Јехова го воскреснува својот Син (Марко 16:1—6). Четириесет дена после своето воскресение, Исус се вознесува на небесата и е прославен (Јован 17:5; Дела 1:3, 9—12; Филипјаните 2:8—11).
21. Како можеме да го имитираме Исус?
21 Како можеме ‚тесно да ги следиме Исусовите стапки‘? (1. Петрово 2:21, NW). Како него, енергично да се напрегаме во делото на проповедање на Царството и на правење ученици и смело и храбро да зборуваме за Божјата реч (Матеј 24:14; 28:19, 20; Дела 4:29—31; Филипјаните 1:14). Никогаш да не изгубиме од вид каде се наоѓаме во струјата на времето ниту, пак, да пропуштаме да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела (Марко 13:28—33; Евреите 10:24, 25). Да дозволиме целиот наш правец на постапување да биде воден од волјата на Јехова Бог и од свесноста дека живееме во „времето на крајот“ (Даниил 12:4, NW).
Како би одговорил?
• Како тоа што Исус знаел дека му е близу смртта влијаело врз неговата последна служба во храмот во Ерусалим?
• Што покажува дека Исус ‚ги сакал своите до крај‘?
• Што укажуваат за Исус настаните од последните неколку часа од неговиот живот?
• Како можеме да го имитираме Христос Исус во нашата служба?
[Слика на страница 18]
Исус ‚ги сакал до крај‘