Како можеме да негуваме доблест
СОВРЕМЕНИТЕ речници ја дефинираат „доблеста“ како „морална извонредност; доброта“. Тоа е „исправно постапување и исправно размислување; доброта на карактерот“. Лексикографот Марвин Р. Винсент вели дека првобитната класична смисла на грчкиот збор преведен со „доблест“ била „извонредност од секаков вид“. Тогаш, не е за изненадување што особините како што се здраво просудување, храброст, самодисциплина, праведност, сочувство, истрајност, чесност, понизност и лојалност се поздравени како доблести во секое време. Доблеста е дефинирана и како „приспособување кон некое мерило за исправно“.
Кон чие мерило за извонредност, доброта и исправност треба да се приспособиме ние? „Според доминантната школа на морална филозофија“, се вели во списанието Newsweek, „скептицизмот предизвикан од Просветленоста ги сведе сите идеи за исправно и неисправно на работа на личен вкус, емоционално претпочитање или културен избор“. Но, дали само вкусот или она што некој го претпочита се задоволителен начин да се одреди што е исправно а што неисправно? Не. За да негуваме доблест, потребно ни е доверливо мерило за добро и лошо — мерило според кое извесна постапка, став или особина може да се проценат како добри или лоши.
Единствен вистински извор на морални мерила
Постои само еден вистински Извор на морални мерила — Творецот на човештвото, Јехова Бог. Набрзо откако го создал првиот човек, Адам, Јехова Бог му ја дал на човекот оваа заповед: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него навистина ќе умреш!“ (Битие 2:16, 17). Јехова Бог му го дал на дрвото тоа необично име за да го означи своето исклучително право да одлучува што е добро а што зло за своите творби. На тој начин, Божјите мерила за добро и лошо станале темел за суд, т.е. оценување на делата, гледиштето и обележјата на карактерот на еден човек. Без тие мерила не би можеле правилно да разликуваме исправно од неисправно.
Заповедта во врска со дрвото на познавање на доброто и злото поставила пред Адам и Ева избор — да бидат послушни или да не бидат послушни. За нив доблеста значела послушност кон таа заповед. Со текот на времето, Јехова открил понатаму што му е угодно, а што не му е угодно, и дал тоа да се запише за нас во Библијата. Значи, негувањето доблест налага да се приспособиме кон Јеховините праведни мерила изложени во Писмото.
Целосно запознај ги Божјите мерила
Со оглед на тоа што Јехова Бог ги поставил мерилата за добро и лошо и ги обелоденил во Библијата, зарем не треба во целост да ги запознаеме? Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).
На пример, размисли за недоразбирањето со кое се соочил Кунихито, спомнат во претходната статија, кога покажал скромност како што гледала на тоа неговата култура. Еден поблизок поглед на библиските мерила подоцна му помогнал да заземе поурамнотежен пристап. Библијата сигурно охрабрува на скромност, и дава совет против претераната самодоверба и дрскост (Пословици 11:2; Михеј 6:8, обата NW). Сепак, кога ги изложил квалификациите за „служба на надгледник“ апостол Павле зборувал за ‚тежнеење‘ по таа предност (1. Тимотеј 3:1). Ова ‚тежнеење‘ треба да се прави не само без некој да е фалбаџија или дрзок туку и без непотребно омаловажување на самиот себе.
Што вели Библијата за моралната извонредност во деловната сфера? Користењето сомнителни методи или дупки во законот на владините одредби и законите за даноци е вообичаена практика во денешниот деловен свет. Меѓутоа, сеедно што прават другите, библиското мерило е дека ние треба ‚чесно да се однесуваме во сѐ‘ (Евреите 13:18). Според тоа, негуваме доблест со тоа што сме чесни и фер со работодавачите, вработените, муштериите и световните влади (Второзаконие 25:13-16; Римјаните 13:1; Тит 2:9, 10). Чесноста сигурно унапредува доверба и добра волја. А кога договорите се изнесуваат на писмено, тоа честопати ги спречува недоразбирањата и сложените ситуации кои можат да настанат поради „непредвидениот настан“ (Проповедник 9:11, NW; Јаков 4:13, 14).
Облекувањето и дотерувањето е уште едно подрачје на кое треба да негуваме доблест. Изборот на облека се разликува во зависност од културата, а притисокот да се биде во чекор со најновите стилови и трендови може да биде силен. Но, зошто да ја следиме секоја нова мода? Библијата нѐ опоменува да ‚престанеме да се обликуваме според овој систем на работи‘ (Римјаните 12:2). Наместо да поставува правила, апостол Павле под инспирација напишал: „Сакам жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог“ (1. Тимотеј 2:9, 10). Ова основно мерило важи и за мажите и за жените. Се разбира, како резултат на културните преференции или на личниот вкус има место за прекрасна разноликост во стилот.
Исто така, Библијата ги идентификува моралните практики кои Бог отворено и јасно ги осудува. Во 1. Коринќаните 6:9, 10 го читаме предупредувањето: „Што! Зарем не знаете дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство? Не заведувајте се. Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи кои се држат за неприродни намени, ни мажи кои лежат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние кои зборуваат срамотно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство“. Овој стих ѝ помогнал на Марија, спомната претходно, да види дека според мерилото за морална извонредност кое го поставил Творецот, нејзината врска со Хуан била погрешна и дека мора да ја прекине за да има Божје одобрување. Јасно, за да негуваме доблест, треба темелно да ги запознаеме Јеховините мерила.
Учи со срцето
Доблеста не е пасивно избегнување на она што е лошо. Таа има морална сила. Доблесната личност има доброта. „Доблеста“, вели еден професор, „треба да се учи и со срцето и со главата.“ Значи, негувањето доблест налага повеќе отколку само темелно познавање на Божјата реч. Тоа бара медитирање за она што е напишано во неа така што нашите срца се исполнуваат со благодарност кон Јехова и сме поттикнати да ги примениме библиските начела во својот живот.
„Колку го љубам твојот закон!“ извикнал псалмистот. „По цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:97). А цар Давид напишал: „Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои [Божји] дела; размислувам за делата на твоите раце“ (Псалм 143:5). И ние треба медитирањето во молитва да го направиме составен дел на нашето проучување на Библијата и на библиски темелените публикации.
Навистина, одвојувањето време за марливо проучување проследено со медитирање може да биде предизвик. Но, стремежот кон доблест бара да откупуваме време од другите активности (Ефешаните 5:15, 16). Ејрон, 24-годишен, откупува такво време така што секој ден станува 30 минути порано отколку некогаш. Тој раскажува: „Во почетокот, само ја читав Библијата по цел половина час. Дури неодамна ја сфатив важноста на медитирањето. Сега користам по отприлика половина од тоа време за да размислувам за прочитаното. Тоа е навистина наградувачки“. Медитирањето може да се прави и во други прилики. Во една мелодија за Јехова, Давид пеел: „Размислувам [медитирам] за Тебе во ноќните бдеења“ (Псалм 63:6). А Библијата раскажува: „Во предвечерје, Исак излезе да се прошета [за да медитира, NW] по полето“ (Битие 24:63).
Медитирањето е непроценливо во негувањето доблест, зашто ни помага да чувствуваме на начинот на кој чувствува Јехова и неговите гледишта да ги направиме свои гледишта. Марија, на пример, знаела дека Јехова го забранува блудот. Но, за да ‚се гади од злото и да се држи за доброто‘ требало да медитира за клучните библиски стихови (Римјаните 12:9). Ѝ било помогнато да ја увиди потребата да прави промени откако го прочитала Колошаните 3:5, каде сме поттикнати да ‚ги умртвиме своите телесни членови во поглед на блуд, нечистота, сексуална страст, штетна желба и лакомост‘. Марија морала да се праша: ‚Кој вид сексуална страст морам да го умртвам? Што е тоа кое треба да го избегнувам, а може да побуди нечисти желби? Треба ли да направам некакви промени во начинот на кој постапувам со лицата од спротивниот пол?‘
Медитирањето вклучува и размислување за резултатот од некоја постапка. Павле ги поттикнува христијаните да се воздржуваат од блуд и да вежбаат самосовладување за „никој да не оди толку далеку да ги повредува и да ги загрозува правата на својот брат“ (1. Солуњаните 4:3-7). Добри прашања за размислување се следниве: ‚Каква штета ќе си направам себеси, на моето семејство или на другите ако постапам вака? Како ќе влијае тоа на мене духовно, емоционално и физички? Како испаднало со другите кои го прекршиле Божјиот закон во минатото?‘ Ваквото размислување ја направило Марија поцврста во срцето, а истото може да го постигне и кај нас.
Учи од примерите
Може ли доблеста да се научи во училница? Ова е прашање кое ги збунувало мислителите со милениуми. Грчкиот филозоф Платон бил наклонет кон размислувањето дека може. Аристотел пак, од своја страна, резонирал дека доблеста се стекнува преку пракса. Еден новинар ја резимирал дебатата околу ова прашање вака: „Накратко, етиката на доблеста човек не може да ја научи сам. Ниту, пак, таа може да се научи од учебници. Добриот карактер доаѓа од живеењето во заедници . . . каде се охрабрува на доблест и каде таа се наградува“. Но, каде да најдеме вистински доблесни поединци? Додека повеќето култури нудат некои примери на доблест — барем во своите митолошки херои и приказни — Библијата содржи изобилство вистински примери.
Најистакнат пример за доблест е Јехова. Тој секогаш постапува на доблесен начин и го прави она што е праведно и добро. Ние можеме да негуваме доблест ако станеме „имитатори на Бог“ (Ефешаните 5:1). А Божјиот син, Исус Христос, ‚ни оставил пример за тесно да ги следиме неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21). Освен тоа, Библијата содржи извештаи за многу верни поединци како, на пример, Авраам, Сара, Јосиф, Рут, Јов, Даниел и тројцата негови еврејски другари. Не треба да ги превидиме ниту примерите на доблест меѓу денешните Јеховини слуги.
Можеме да успееме
Можеме ли всушност да успееме во правењето на она што е доблесно во Божји очи? Со оглед на тоа што сме наследиле несовршеност, понекогаш во нас може да се води жестока битка меѓу умот и телото — меѓу желбата да се прави она што е доблесно и следењето на нашите грешни склоности (Римјаните 5:12; 7:13-23). Но, со Божја помош може да се извојува битката (Римјаните 7:24, 25). Јехова ја дал својата Реч и публикациите темелени на Библијата. Со марливо проучување на Писмото и медитирање за него во молитва, можеме да станеме чисти во срцето. Од такво чисто срце може да излезат доблесни мисли, зборови и постапки (Лука 6:45). На темел на примерите на Јехова Бог и на Исус Христос можеме да изградиме побожна личност. А сигурно можеме многу да научиме и од поединците кои верно му служат на Бог денес.
Апостол Павле ги поттикнал своите читатели ‚да размислуваат и понатаму‘ за доблесни и за други работи вредни за пофалба. Тоа сигурно ќе има за резултат Божји благослов (Филипјаните 4:8, 9). Со Јеховина помош можеме да успееме во негувањето доблест.
[Слика на страница 6]
Направи го медитирањето дел од твоето проучување на Библијата
[Слика на страница 7]
Изгради побожна личност имитирајќи го Христос Исус