Божествено водство при изборот на брачен партнер
„Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“ (ПСАЛМ 32:8).
1. Кои фактори се потребни за еден добар брак?
ЕДЕН акробат се исфрла од својот трапез кој се ниша, се свиткува и вешто прави салто во воздухот. Кога се исправа од своето салто, ги пружа рацете и него го дофаќа еден обратно поставен артист на трапез од спротивната страна. Еден пар лизгачи на мраз лесно се лизгаат заедно на лизгалиште. Одеднаш, мажот ја крева партнерката и ја оттурнува во воздух. Таа се завртува, се спушта грациозно на едната лизгалка и продолжува да кружи со него на мразот. Обете изведби изгледаат како да се речиси без труд. Сепак, кој е тој што макар би пробал да го стори тоа без вежбање, без способен партнер и особено без исправен вид водство или инструкции. На сличен начин, добриот брак може да изгледа како чиста случајност. Меѓутоа, и тој зависи од добар партнер, од координирани напори, а особено од мудар совет. Всушност, потребно е исправно водство.
2. а) Кој го воспоставил брачното уредување, и со каква цел? б) Како биле правени некои договори за брак?
2 Сосема е природно еден млад неженет маж или немажена жена да размислува за брачен партнер — животен партнер. Уште од времето кога бил воспоставен од Јехова Бог, бракот меѓу маж и жена е нормален начин на живот. Но, првиот човек, Адам, не ја избрал сам својата сопруга. Јехова му ја дал со љубов (Битие 2:18-24). Првиот пар требало да се намножи, и на крајот Земјата да се наполни со луѓе. По таа прва заедница, договорите за брак обично ги правеле родителите на младоженецот и невестата, понекогаш откако ќе добиеле согласност од нив (Битие 21:21; 24:2-4, 58; 38:6; Исус Навин 15:16, 17). Иако во некои земји и култури сѐ уште се вообичаени такви договорени бракови, денес многумина сами си избираат брачен партнер.
3. Како треба да се избира брачен партнер?
3 Како треба да се избира брачен партнер? Некои паѓаат под влијание на надворешноста — она што им е пријатно и пожелно за окото. Други бараат материјални користи, некој кој добро ќе се грижи за нив и кој ќе им ги задоволува потребите и желбите. Но, дали некој од овие пристапи сам по себе ќе води до еден среќен и задоволителен однос? „Миловидноста е лажлива, убавината е суетна“, се вели во Пословици 31:30, „жена со страв од Господа, заслужува пофалба.“ А во тоа лежи и една важна поента: Кога избираш партнер, земи го во обѕир Јехова.
Љубезно водство од Јехова
4. Каква помош дава Бог во врска со избирањето брачен партнер?
4 Нашиот љубезен небесен Татко, Јехова, ни ја дал својата пишана Реч за да нѐ води во сѐ. Тој вели: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17). Значи, не изненадува тоа што, за избор на брачен партнер, во Библијата можат да се најдат упатства кои го положиле испитот на времето. Јехова сака нашиот брак да биде траен и среќен. Затоа, ни дал помош да ги разбереме и да ги примениме овие упатства. Зар тоа не е она што би го очекувале од нашиот Творец полн со љубов? (Псалм 19:8).
5. Што е витално за трајна среќа во бракот?
5 Кога го вовел брачното уредување, Јехова имал намера тоа да биде трајна врска (Марко 10:6-12; 1. Коринќаните 7:10, 11). Затоа ‚тој мрази развод‘ (NW), а го дозволува само ако причина за него е „блуд“ (Малахија 2:13-16; Матеј 19:9). Според тоа, изборот на брачен партнер е еден од најсериозните чекори што можеме да ги направиме и не треба површно да гледаме на него. Малку се таквите одлуки што имаат толкав потенцијал за среќа или за жалост. Додека добриот избор може да збогати нечиј живот и да го направи задоволителен, лошиот избор може да доведе до бескрајна тага (Пословици 21:19; 26:21). За да продолжи среќата, витално е човек да избере мудро и да биде спремен да прифати трајна обврска, зашто Бог го воспоставил бракот како партнерство кое ќе цвета во хармонија и соработка (Матеј 19:6).
6. Зошто младите мажи и жени треба особено да внимаваат кога избираат партнер, и како можат да ја донесат најмудрата одлука?
6 Младите мажи и жени треба особено да внимаваат физичката привлечност и силните импулси да не го искриват нивното просудување кога избираат партнер. Всушност, однос темелен само на тие фактори може брзо да се претвори во презир, па дури и во омраза (2. Самоил 13:15). Од друга страна, пак, додека го запознаваме нашиот партнер и подобро се разбираме самите себе можеме да негуваме трајна љубов. Исто така, треба да сфатиме дека тоа што е најдобро за нас можеби не е токму она што нашето срце во почетокот го сака (Еремија 17:9). Затоа божественото водство што се наоѓа во Библијата е толку важно. Тоа ни помага да согледаме како да ги донесуваме најмудрите одлуки во животот. Псалмистот го претставувал Јехова како вели: „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе“ (Псалм 32:8; Евреите 4:12). Иако бракот може да ја задоволи нашата вродена потреба од љубов и другарство, тој наметнува и предизвици кои бараат зрелост и проникливост.
7. Зошто некои не го прифаќаат библиски темелениот совет за избор на партнер, но сепак, до што би можел да доведе тој правец?
7 Мудар правец е да се внимава што има да каже Зачетникот на бракот во врска со избирањето партнер. Сепак, можеби даваме отпор кога библиски темелениот совет доаѓа од родителите или од христијанските старешини. Можеби мислиме дека тие не нѐ разбираат во потполност, а силните емотивни желби можат да нѐ тераат да ја следиме склоноста на срцето. Меѓутоа, кога ќе настапи реалноста, можеби ќе зажалиме што не сме внимавале на мудриот совет кој ни бил даден за наше добро (Пословици 23:19; 28:26). Можеме да се најдеме во брак во кој нема љубов, да имаме деца за кои ќе ни биде тешко да се грижиме, а можеби дури и сопруг неверник. Колку би било жалосно ако едно уредување, кое би можело да ни донесе најголема среќа, стане извор на голема неволја!
Побожна оддаденост — клучен фактор
8. Како побожната оддаденост помага еден брак да истрае и да донесе среќа?
8 Мора да се признае дека заемната привлечност помага да се зацврсти еден брак. Но, за една брачна заедница да истрае и да донесе среќа, заедничките вредности се уште поважни. Заедничката оддаденост на Јехова Бог обликува една трајна врска и унапредува единство на начин кој не го прави ниеден друг фактор (Проповедник 4:12). Кога еден христијански пар го сосредоточува својот живот на вистинското обожавање на Јехова, тој е духовно, умствено и морално обединет. Ја проучуваат Божјата реч заедно. Се молат заедно, и тоа ги обединува нивните срца. На христијанските состаноци се во меѓусебно друштво и работат заедно во службата на теренот. Сево ова помага да се создаде една духовна врска која уште повеќе ги зближува. Што е уште поважно, тоа донесува Јеховин благослов.
9. Што сторил Авраам за да најде сопруга за Исак, и со каков резултат?
9 Поради својата побожна оддаденост, верниот патријарх Авраам настојувал да му угоди на Бог кога дошло време да се избере сопруга за неговиот син Исак. На својот доверлив слуга во домаќинството му рекол: „Да те заколнам во Господа, во Бога на небото и Бога на земјата, дека нема да земеш за мојот син за жена ниедна од ќерките на Хананците, меѓу кои живеам, туку ќе отидеш во мојот роден крај и ќе му земеш жена на мојот син Исак . . . [Јехова] ќе го испрати Својот ангел пред тебе, и оттаму ќе му доведеш жена на мојот син“. Ребека се покажала извонредна сопруга која Исак многу ја сакал (Битие 24:3, 4, 7, 14-21, 67).
10. Кои библиски обврски им се дадени на сопрузите и на сопругите?
10 Ако сме христијани кои не се во брак, побожната оддаденост ќе ни помогне да развиеме особини што ќе ни помогнат да ги исполниме библиските барања за брак. Во обврските на сопрузите и на сопругите спаѓаат оние што ги навел апостол Павле: „Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господ . . . Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос го љубеше собранието и се даде себеси за него . . . мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела . . . секој од вас поединечно така нека ја љуби својата жена како самиот себе; жената, пак, треба да има длабока почит кон својот маж“ (Ефешаните 5:22-33). Како што можеме да видиме, инспирираните зборови на Павле ја нагласуваат потребата од љубов и почит. Повинувањето на овој совет вклучува побожен страв од Јехова. Тоа бара обврзаност со цело срце како во добри така и во лоши времиња. Христијаните кои размислуваат за брак треба да бидат во состојба да ја преземат оваа одговорност.
Одлука кога да се стапи во брак
11. а) Кој совет во врска со тоа кога да се стапи во брак е даден во Писмото? б) Кој пример покажува дека е мудро да се следи библискиот совет запишан во 1. Коринќаните 7:36?
11 Битно е да знаеме кога сме спремни да стапиме во брак. Со оглед на тоа што ова се разликува од човек до човек, Писмото не ја пропишува возраста. Меѓутоа, тоа покажува дека е подобро да се чека додека ‚да помине цветот на младоста‘, кога силните сексуални импулси можат да го искриват доброто просудување (1. Коринќаните 7:36). „Кога гледав како моите пријателки излегуваат и се мажат, многу од нив во тинејџерски години, понекогаш ми беше тешко да го применам овој совет“, вели Мишел. „Но сфатив дека советот е од Јехова, и тој ни го кажува само она што е за наша корист. Додека чекав да се омажам, можев да се сосредоточам на мојот однос со Јехова и да стекнам извесно искуство во животот, кое не е можно некој да го има во тинејџерските години. По неколку години бев подобро подготвена да се справам со одговорностите, како и со проблемите кои се појавуваат во бракот.“
12. Зошто е мудро човек да не брза со брак додека е сѐ уште млад?
12 Оние што брзаат да стапат во брак додека сѐ уште се прилично млади честопати увидуваат дека, како што зреат, нивните потреби и желби се менуваат. Тогаш сфаќаат дека работите кои во почетокот им изгледале пожелни, повеќе не им се толку важни. Една млада христијанка решила да се мажи кога имала 16 години. Баба ѝ се омажила на тие години, а ист бил случајот и со мајка ѝ. Кога младиот човек за кој била заинтересирана одбил да се ожени со неа во тоа време, таа избрала некој друг кој бил готов на тоа. Но, подоцна во животот многу жалела за својата избрзана одлука.
13. Што им недостига обично на оние што предвреме стапуваат во брак?
13 Кога се размислува за брак, важно е да се има зрело разбирање за сѐ што вклучува тој. Прераниот брак може да донесе мноштво проблеми за кои еден млад пар веројатно не е ни доволно подготвен. Можеби им недостига искуство и зрелост кои се потребни за да се справат со стресовите на бракот и подигањето на децата. На брак треба да се нафатиме само кога сме физички, умствено и духовно спремни да прифатиме трајно партнерство.
14. Што е потребно за да се излезе на крај со стресните ситуации во бракот?
14 Павле напишал дека оние што стапуваат во брак „ќе имаат неволја во своето тело“ (1. Коринќаните 7:28). Ќе настанат проблеми бидејќи се работи за две различни личности, а ќе се разликуваат и гледиштата. Поради човечката несовршеност можеби ќе ни биде тешко да ја исполниме нашата библиска улога во брачното уредување (1. Коринќаните 11:3; Колошаните 3:18, 19; Тит 2:4, 5; 1. Петрово 3:1, 2, 7). За да се бара и следи божественото водство со цел во љубов да се решат стресните ситуации, потребни се зрелост и духовна стабилност.
15. Каква улога можат да играат родителите во подготвувањето на своите деца за брак? Илустрирај.
15 Родителите можат своите деца да ги подготват за брак на тој начин што ќе им помагаат да сфатат колку е важно да се следи божественото водство. Со вешта употреба на Писмото и на христијанските публикации, родителите можат да им помогнат на своите потомци да одредат дали тие или нивните потенцијални партнери се спремни да ја преземат обврската за брак.a Осумнаесетгодишната Бласам мислела дека е вљубена во еден младич во нејзиното собрание. Тој бил полновремен пионер, и сакале да се земат. Но, родителите ја замолиле да причека една година, мислејќи дека таа сѐ уште е премлада. Подоцна Бласам напишала: „Многу сум благодарна што го послушав тој мудар совет. За таа година малку созреав и почнав да увидувам дека тој младич ги нема особините што би придонеле некој да биде добар брачен партнер. На крајот, тој ја напушти организацијата, а јас го избегнав она што ќе беше катастрофа во мојот живот. Колку само е убаво да се има мудри родители на чие просудување можеме да се потпреме!“
‚Стапување во брак само во Господ‘
16. а) Како може да бидат искушани христијаните во врска со ‚стапувањето во брак во Господ‘? б) Кога се во искушение да стапат во брак со неверник, за што треба да размислуваат христијаните?
16 Упатството од Јехова до христијаните е многу јасно: ‚Стапувај во брак само во Господ‘ (1. Коринќаните 7:39). Христијанските родители и нивните деца можат да бидат искушани во тој поглед. Како? Можеби младите сакаат да стапат во брак, но можеби во собранието нема слободни партнери за нив. Барем така им изгледа. На некое место можеби има помалку слободни мажи отколку жени, или можеби во тоа место нема ниеден што се смета за погоден. Некој младич кој не е предаден член на собранието може да покаже интерес за една млада христијанка (или обратно), и постои притисок да се компромитираат мерилата што ги поставил Јехова. Под такви околности, добро би било да се размисли за примерот на Авраам. Еден начин на кој го задржал својот добар однос со Бог било тоа што се погрижил син му Исак да се ожени со вистинска обожавателка на Јехова. Исак го сторил истото во случајот со син му Јаков. Ова од сите барало напори, но му било угодно на Бог и имало за резултат негов благослов (Битие 28:1-4).
17. Зошто стапувањето во брак со неверник веројатно ќе биде катастрофално, и која е најважната причина зошто да ‚се стапува во брак само во Господ‘?
17 Во малку случаи неверникот на крајот станал христијанин. Меѓутоа, браковите со неверници честопати се покажуваат катастрофални. Оние што се ставени во нееднаков јарем не ги делат истите верувања, мерила или цели (2. Коринќаните 6:14). Ова може да има штетен ефект врз комуникацијата и врз брачната среќа. На пример, една христијанка многу жали поради тоа што кога по еден изградувачки состанок ќе се врати дома, не може да дискутира со својот сопруг неверник за духовни работи. Што е уште поважно, се разбира, ‚да се стапи во брак во Господ‘ е работа на лојалност кон Јехова. Кога се повинуваме на Божјата реч, нашите срца нема да нѐ осудуваат, бидејќи го правиме она што е „угодно во негови очи“ (1. Јованово 3:21, 22).
18. Кога се размислува за брак, на кои важни работи треба да им се обрне внимание, и зошто?
18 Кога се размислува за брак, доблеста и духовноста на потенцијалниот партнер треба да бидат од првенствена грижа. Христијанската личност, заедно со љубовта кон Бог и оддаденоста кон него со цела душа, имаат многу поголема вредност отколку физичката убавина. Оние што ја ценат и ја исполнуваат својата обврска да бидат духовно јаки брачни партнери уживаат божествено одобрување. А најголемата сила што може да ја постигне еден пар доаѓа од заемната оддаденост на Творецот и од целосното прифаќање на неговото водство. На тој начин му се искажува чест на Јехова, а бракот започнува на цврста духовна подлога која ќе придонесе за трајна заедница.
[Фуснота]
Како би одговорил?
• Зошто е потребно божествено водство за да се избере добар брачен партнер?
• Како побожната оддаденост ќе помогне да се зајакне брачната врска?
• Како можат родителите да ги подготват своите деца за брак?
• Зошто е важно да ‚се стапува во брак само во Господ‘?
[Слики на страница 17]
Применувањето на библискиот совет при изборот на твојот партнер може да донесе голема среќа
[Слики на страница 18]
Од ‚стапувањето во брак само во Господ‘ произлегуваат богати благослови