Грижи се за сираците и вдовиците во нивната неволја
Не е тешко да се препознае дека живееме во свет без љубов. Укажувајќи на тоа какви луѓе ќе постојат во „последните денови“, апостол Павле напишал: „Критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви . . . без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1-3). Колку се само вистинити овие зборови!
МОРАЛНАТА клима на нашево време придонела да фали сочувство во срцата на многу луѓе. Луѓето се сѐ помалку заинтересирани за доброто на другите, а во некои случаи дури и за членовите на сопственото семејство.
Ова неповолно влијае врз многумина кои, поради различни околности, остануваат во немаштија. Како резултат на војните, природните катастрофи и раселувањето на луѓето што бараат засолниште, бројот на вдовици и сираци постојано расте (Проповедник 3:19). „Како последица од војната, повеќе од 1 милион [деца] станале сираци или се одвоени од своите семејства“, се вели во еден извештај на Фондот за деца при Обединетите нации. Сигурно знаеш и за голем број самохрани, напуштени или разведени мајки што се соочуваат со тешката задача самите да опстанат и да ги подигаат своите семејства. Ситуацијата ја влошува фактот што некои земји се соочуваат со сериозна економска криза, поради што многу нивни граѓани живеат во крајна сиромаштија.
Со оглед на сето ова, постои ли некаква надеж за оние што доживуваат неволја? Како можат да се ублажат страдањата на вдовиците и сираците? Дали некогаш ќе биде отстранет овој проблем?
Љубезна грижа во библиски времиња
Грижата за физичките и духовните потреби на вдовиците и сираците отсекогаш била составен дел од обожавањето на Бог. Кога ги жнееле своите жита или ги собирале плодовите, Израелците не требало да го собираат она што преостанувало на полето, не смееле да паберкуваат. Паберките требало да им ги остават „на придојденикот, на сирачето и на вдовицата“ (Второзаконие 24:19-21). Мојсеевиот закон конкретно наведувал: „Не ги расплачувајте вдовиците и сираците“ (Излез 22:22, 23). Вдовиците и сираците за кои се зборува во Библијата погодно ги претставуваат посиромашните луѓе, бидејќи со смртта на сопругот и таткото или на обата родитела, живите членови на семејството би можеле да бидат оставени сами и во немаштија. Патријархот Јов рекол: „Го избавував бедниот кога викаше и сиракот оставен без помош“ (Јов 29:12).
Во раните денови на христијанското собрание, грижата за оние што се мачеле и навистина биле во оскудица, како последица од загубата на родителите или на сопругот, била карактеристично обележје на вистинското обожавање. Со длабок интерес за доброто на таквите, ученикот Јаков напишал: „Обликот на обожавање кој е чист и неизвалкан од гледна точка на нашиот Бог и Татко е овој: да се грижиш за сираците и за вдовиците во нивната неволја и да се чуваш без дамка од светот“ (Јаков 1:27).
Освен што ги спомнува сираците и вдовиците, Јаков покажува длабока грижа и за другите што биле сиромашни и во немаштија (Јаков 2:5, 6, 15, 16). Апостол Павле ја покажал истата обѕирност. Кога нему и на Варнава им била доделена проповедничка задача, меѓу упатствата што ги добиле било и ‚да ги имаат на ум сиромасите‘. „Токму тоа и се трудев сесрдно да го правам“, со добра совест можел Павле да рече (Галатите 2:9, 10). Во извештајот за активностите на христијанското собрание набргу по неговото основање, било забележано: „Никој меѓу нив не беше во оскудица . . . Потоа секому му се делеше колку што имаше потреба“ (Дела 4:34, 35). Да, подготовката воведена во древниот Израел околу грижата за сираците, вдовиците и сиромашните била пренесена и во христијанското собрание.
Се разбира, дадената помош била скромна и во согласност со средствата на поединечните собранија. Парите не биле расфрлани, а оние на кои им се помагало навистина биле во оскудица. Ниеден христијанин не требало неправедно да ја искористува оваа подготовка, и на собранието не требало да му се наметнува непотребен товар. Ова јасно се гледало од упатствата на Павле изложени во 1. Тимотеј 5:3—16. Таму гледаме дека, доколку можеле да им помогнат на сиромашните, роднините требало да ја преземат таа одговорност. Бедните вдовици морале да исполнат извесни барања за да се квалификуваат за добивање помош. Сето ова ја одразува мудрата подготовка што ја користи Јехова во грижата за оние што се во оскудица. Сепак, тоа покажува дека треба да се примени и рамнотежа за никој да не ја злоупотреби укажаната љубезност (2. Солуњаните 3:10-12).
Грижа за сираците и вдовиците денес
Начелата што Божјите слуги ги следеле во минатото сѐ уште важат во собранијата на Јеховините сведоци кога станува збор за покажувањето грижа и укажувањето помош на оние што трпат неволја. Братската љубов е карактеристично обележје, исто како што рекол Исус: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Ако некои трпат немаштија или станале жртви на некоја катастрофа или на последиците од војна или граѓански борби, останатиот дел од меѓународното братство спремно наоѓа начини да помогне во духовен и во материјален поглед. Да обрнеме внимание на некои современи искуства кои покажуваат што се прави во тој поглед.
Педро не се сеќава многу на својата мајка, која умрела кога имал само една и пол година. Кога тој имал пет години, умрел и татко му. Така Педро останал сам со своите браќа. Јеховините сведоци веќе го посетувале татко им, па затоа со Педро и со неговите постари браќа била започната домашна библиска студија.
Педро раскажува: „Уште следната седмица почнавме да ги посетуваме состаноците. Додека се дружевме со браќата, можевме да ја почувствуваме љубовта што ја изразуваа кон нас. Собранието ми беше засолниште бидејќи браќата и сестрите покажуваа кон мене љубов и наклоност, исто како да ми беа родители“. Педро се сеќава дека еден христијански старешина го поканувал кај себе дома. Таму Педро учествувал во разговор и релаксација со семејството. „Тоа ми се многу драги спомени“, вели Педро, кој за својата вера почнал да проповеда на 11-годишна возраст, а се крстил на 15 години. Со помошта на собранието, и неговите постари браќа многу напредувале во духовен поглед.
Еве го и случајот на Дејвид. Тој и неговата сестра близначка биле напуштени кога родителите им се раздвоиле. Ги одгледале баба им, дедо им и една тетка. „Кога пораснавме и сфативме во каква ситуација се наоѓаме, нѐ обзеде чувство на несигурност и тага. Ни требаше нешто на кое можевме да се потпреме. Тетка ми стана Јеховин сведок, и благодарение на тоа, бевме поучени за библиската вистина. Браќата ни ја пружија својата наклоност и пријателство. Многу нѐ сакаа и нѐ храбреа да си поставуваме и достигнуваме цели и да продолжиме да работиме за Јехова. Кога имав околу десет години, еден слуга помошник доаѓаше и ме земаше во служба на теренот. Еден друг брат се грижеше за моите трошоци кога одев на конгреси. Трет дури ми помагаше да можам да давам прилози во Салата на Царството“.
Дејвид се крстил на 17 години, а подоцна почнал да служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико. Дури и сега признава: „Неколку старешини имаат удел во моето образование и ми даваат корисни совети. На тој начин го совладувам чувството на несигурност и осаменост“.
Абел, старешина во едно собрание во Мексико во кое има неколку вдовици на кои им е потребна помош, раскажува: „Уверен сум дека вдовиците имаат најубедлива потреба од емоционална поддршка. Понекогаш минуваат низ периоди на депресија; се чувствуваат осамени. Затоа, многу е важно да ги поддржуваме, да ги слушаме. Ние [собраниските старешини] често ги посетуваме. Добро е да се одвои време за да се посвети внимание на нивните проблеми. Ова придонесува да се чувствуваат духовно утешени“. Меѓутоа, понекогаш е потребна и економска помош. „Сега ѝ градиме куќа на една сестра вдовица“, неодамна рекол Абел. „Поминуваме некои саботи и попладниња во седмицата работејќи на нејзиниот дом.“
Во врска со своето лично искуство во обезбедувањето помош за сираците и вдовиците, друг собраниски старешина вели: „Верувам дека сираците имаат уште поголема потреба од христијанска љубов отколку вдовиците. Забележав дека кај нив е поголема веројатноста да се чувствуваат отфрлени отколку кај децата и адолесцентите што ги имаат обата родитела. Ним им се потребни многу изрази на братска наклоност. Добро е да ги побараме по состаноците за да видиме како се. Има еден женет брат кој уште како мал останал сираче. Секогаш срдечно го поздравувам на состанок, а тој, кога ќе ме види, ме прегрнува. Ова ги зајакнува врските на вистинската братска љубов“.
Јехова „ќе го спаси бедниот“
За да се излезе на крај со ситуацијата со вдовиците и сираците, основно е да се има доверба во Јехова. За него се вели: „Господ ги заштитува туѓинците, ги поткрепува сираците и вдовиците“ (Псалм 146:9). Целосно решение за ваквите проблеми ќе дојде само преку Божјето Царство во рацете на Исус Христос. Пророчки опишувајќи го тоа владетелство на Месијата, псалмистот напишал: „Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот“ (Псалм 72:12, 13).
Како што сѐ повеќе се приближува крајот на сегашниов систем на работи, сигурно ќе се зголемуваат и притисоците со кои христијаните, општо земено, се соочуваат (Матеј 24:9-13). Постои потреба христијаните секој ден да покажуваат уште поголема грижа еден за друг и да ‚имаат горлива љубов еден кон друг‘ (1. Петрово 4:7-10). Христијанските мажи, особено старешините, треба да покажуваат грижа и сочувство кон сираците. А зрелите жени во собранието можат да им понудат голема поддршка на вдовиците и да им бидат извор на утеха (Тит 2:3-5). Всушност, секој може да придонесе на тој начин што активно ќе покажува грижа за другите што доживуваат неволја.
Вистинските христијани не ‚ја затвораат вратата на своето нежно сочувство‘ кога ‚гледаат дека нивниот брат има потреба‘. Тие многу свесно внимаваат на опомената од апостол Јован: „Дечиња, да не се љубиме со збор ниту со јазик, туку со дело и вистина“ (1. Јованово 3:17, 18). Затоа, да се ‚грижиме за сираците и вдовиците во нивната неволја‘ (Јаков 1:27).
[Истакната мисла на страница 11]
„Да не се љубиме со збор ниту со јазик, туку со дело и вистина“ 1. Јованово 3:18
[Слики на страница 10]
Вистинските христијани се грижат за сираците и вдовиците материјално, духовно и емоционално