Научи лекција од Никодим
„АКО некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе од ден на ден својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Лука 9:23). Некои понизни рибари и еден презрен даночник спремно ја прифатиле таа покана. Тие оставиле сѐ за да го следат Исус (Матеј 4:18—22; Лука 5:27, 28).
Денес Исусовиот повик сѐ уште се слуша, и многумина се одѕвале на него. Меѓутоа, некои што наоѓаат задоволство во проучувањето на Библијата со Јеховините сведоци се колебаат да се ‚одречат од себеси и да го земат својот маченички столб‘. Не се спремни да ја прифатат одговорноста и привилегијата да бидат Исусови ученици.
Зошто некои се воздржуваат да ја прифатат Исусовата покана и да му се предадат на Јехова Бог? Секако, можеби на оние што не се одгледани во јудео-христијанскиот концепт на монотеизам им е потребно прилично време пред целосно да го сфатат постоењето на семоќен Творец, кој е личност. Сепак, дури и откако се увериле дека Бог е реален, некои се извлекуваат од тоа да ги следат стапките на Исус. Можеби се плашат што ќе мислат роднините и пријателите за нив ако станат Јеховини сведоци. Други, кои ја губат од вид итноста на времињата во кои живееме, се свртуваат кон стремежот по слава и богатство (Матеј 24:36—42; 1. Тимотеј 6:9, 10). Каков и да е можеби случајот, оние што и понатаму ја одложуваат одлуката да станат Исусови следбеници можат да научат лекција од извештајот за Никодим, еден богат еврејски владетел од времето на Исус.
Благословен со прекрасни можности
Само шест месеци откако Исус ја почнува својата земна служба, Никодим признава дека Исус ‚како учител е дојден од Бог‘. Импресиониран од чудата кои Исус штотуку ги направил во Ерусалим на Пасхата 30 н.е., Никодим доаѓа, под закрилата на темнината, за да признае дека верува во Исус и да научи повеќе за овој учител. Притоа, Исус му кажува на Никодим една длабока вистина за потребата да се биде ‚повторно роден‘ за да се влезе во Божјето Царство. Во таа прилика, Исус ги кажува и овие зборови: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:1—16).
Каков само прекрасен изглед стои пред Никодим! Тој може да стане близок соработник на Исус, со можност од прва рака да биде сведок на различните аспекти од Исусовиот живот на Земјата. Како владетел на Евреите и учител во Израел, Никодим има добро спознание за Божјата реч. Исто така, има длабок увид, кој се гледа по тоа што го препознал Исус како учител испратен од Бог. Никодим е заинтересиран за духовните работи, и е необично понизен. Колку мора да е тешко за еден член на врховниот суд на Евреите да го признае синот на еден дрводелец како човек испратен од Бог! Сите тие особини се непроценливи за да се стане ученик на Исус.
Интересот на Никодим за овој човек од Назарет изгледа не се намалува. Две и пол години потоа, на празникот Сеници, Никодим присуствува на еден состанок на Синедрионот. Во тоа време тој сѐ уште е „еден од нив“. Првосвештениците и фарисеите испраќаат службеници за да го уапсат Исус. Службениците се враќаат и известуваат: „Никогаш друг човек не зборувал така“. Фарисеите почнуваат да ги омаловажуваат: „Зарем и вие сте заведени? Поверувал ли во него некој од владетелите или од фарисеите? Но ова мноштво кое не го познава Законот е проклет народ“. Никодим не може повеќе да се воздржи. Тој проговара: „Зарем нашиот закон му суди на човек ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“ Потоа, тој станува мета на критика од страна на останатите фарисеи: „Зарем и ти си од Галилеја? Побарај и види дека ниеден пророк нема да биде подигнат од Галилеја“ (Јован 7:1, 10, 32, 45—52).
По шест месеци, на денот Пасха 33 н.е., Никодим гледа како Исусовото тело го симнуваат од маченичкиот столб. Тој му се придружува на Јосиф од Ариматеја, еден друг член на Синедрионот, во подготовката на Исусовото тело за погреб. За таа цел, Никодим донесува „ролна со смирна и алој“, што тежи околу 100 римски фунти, и е еквивалент на 33 килограми. Тоа претставува приличен трошок. Исто така, потребна му е храброст да се идентификува со „овој измамник“, како што останатите фарисеи го нарекуваат Исус. Брзо подготвувајќи го Исусовото тело за погреб, тие двајцата го положуваат Исус во еден нов спомен-гроб во близината. Меѓутоа, дури и во тој момент, Никодим сѐ уште не се идентификува како ученик на Исус! (Јован 19:38—42; Матеј 27:63; Марко 15:43).
Зошто не дејствувал
Јован во својот извештај не открил зошто Никодим се извлекувал да ‚го земе својот маченички столб‘ и да го следи Исус. Меѓутоа, оставил некои навестувања што би можеле да бидат објаснување за неодлучноста на овој фарисеј.
Пред сѐ, Јован истакнал дека еврејскиот владетел ‚дошол [кај Исус] ноќе‘ (Јован 3:2). Еден библиски изучувач тврди: „Никодим не дошол ноќе од страв туку за да избегне мноштвата да го попречуваат неговиот разговор со Исус“. Сепак, Јован укажал на Никодим како на „човекот кој првиот пат беше дошол кај [Исус] ноќе“ во истиот контекст во кој го спомнал Јосиф од Ариматеја како „Исусов ученик, но таен, поради стравот од Евреите“ (Јован 19:38, 39). Според тоа, веројатно Никодим доаѓал кај Исус под закрилата на темнината поради „стравот од Евреите“, исто како што и други во негово време се плашеле да имаат некаква врска со Исус (Јован 7:13).
Дали ја одложуваш одлуката да станеш Исусов ученик поради она што би можеле да го речат твоите роднини, пријатели или колеги? „Стравот му поставува стапица на човекот“, вели една пословица. Како можеш да се справиш со тој страв? Пословицата продолжува: „Кој се надева на Господа, наоѓа закрила“ (Пословици 29:25). За да изградиш таква доверба во Јехова, треба да увидиш дека Бог ќе те поддржува кога си во неволја. Моли му се на Јехова, и барај да ти дава храброст кога донесуваш дури и ситни одлуки во врска со своето обожавање. Постепено, твојата вера и доверба во Јехова ќе пораснат до тој степен што ќе можеш да донесуваш поголеми одлуки во согласност со Божјата волја.
Можеби положбата и престижот на Никодим, како член на владејачката класа, исто така го спречиле да го преземе важниот чекор — да се откаже од себеси. Во тоа време сигурно сѐ уште многу му значела неговата положба како член на Синедрионот. Дали се колебаш да преземеш акција да станеш Христов следбеник затоа што можеби ќе изгубиш некоја престижна положба во општеството или можеби ќе мораш да жртвуваш некои шанси за унапредување? Ниедна од овие работи не може да се спореди со честа да може да му се служи на Највишиот во универзумот, кој е спремен да ти ги исполни барањата што ги упатуваш во согласност со неговата волја (Псалм 10:17; 83:18; 145:18).
Една друга можна причина за одолжувањето на Никодим можеби била поврзана со неговото богатство. Како фарисеј, можеби врз него влијаеле другите, ‚кои биле љубители на пари‘ (Лука 16:14). Фактот што можел да си дозволи скапа ролна со смирна и алој сведочи за неговото богатство. Некои денес ја одложуваат одлуката да ги преземат одговорностите како христијани затоа што се тегобно загрижени за своите материјални поседи. Меѓутоа, Исус ги опоменал своите следбеници: „Престанете тегобно да се грижите за својата душа, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете . . . Зашто вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:25—33).
Многу изгубил
Интересно е тоа што извештајот за Никодим, кој се појавува само во евангелието на Јован, не кажува дали тој некогаш станал Исусов следбеник или не. Според една традиција, Никодим зазел став за Исус, се крстил, станал мета на прогонство од Евреите, бил симнат од својата положба и, на крајот, бил протеран од Ерусалим. Како и да било, едно е сигурно: Многу изгубил со тоа што одолжувал додека Исус бил овде на Земјата.
Да почнал да го следи Исус во времето кога првпат се сретнал со него, Никодим можел да стане негов близок ученик. Со своето знаење, увид, понизност и свесност за духовните потреби, Никодим можел да стане извонреден ученик. Да, можел да ги слушне вчудовидувачките говори на Големиот Учител, да научи животоважни лекции од Исусовите илустрации, да биде сведок на восхитувачките чуда што ги направил Исус и да добие сила од Исусовата проштална опомена до своите апостоли. Но, сето тоа го пропуштил.
Неодлучноста на Никодим значела голема загуба за него. Во неа спаѓала и Исусовата срдечна покана: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души. Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28—30). Никодим ја пропуштил можноста да го доживее ова освежување буквално од самиот Исус!
Како е со тебе?
Од 1914 Исус Христос е присутен како Цар на Божјето небесно Царство. Претскажувајќи што ќе се случува во текот на неговата присутност, тој меѓу другото рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Пред да дојде крајот, тоа светско проповедничко дело мора да се изврши. Исус Христос се радува поради тоа што земаат удел несовршените луѓе. И ти можеш да учествуваш во ова дело.
Никодим признал дека Исус дошол од Бог (Јован 3:2). Од проучувањето на Библијата можеби и ти си дошол до сличен заклучок. Можеби си направил промени во начинот на живот за да се приспособиш кон библиските мерила. Дури можеби ги посетуваш состаноците на Јеховините сведоци за да примиш додатно спознание за Библијата. Заслужуваш пофалба за тие напори. Сепак, Никодим не требало да остане само на тоа да покажува ценење за Исус како оној што е испратен од Бог. Тој требало да ‚се одрече од себеси и да го земе од ден на ден својот маченички столб и да го следи [Исус] постојано‘ (Лука 9:23).
Земи го при срце она што ни го кажува апостол Павле. Тој напишал: „Работејќи заедно со него, исто така ве преколнуваме да не ја прифатите Божјата незаслужена љубезност и да ја промашите нејзината цел. Зашто тој вели: ‚Во време на прифаќање те чув, и во ден на спасение ти помогнав‘. Гледај! Сега е особено прифатливото време. Гледај! Сега е денот на спасението“ (2. Коринќаните 6:1, 2)
Сега е време да ја развиеш онаа вера што ќе те поттикне на акција. За таа цел, медитирај за работите што ги проучуваш во Библијата. Моли му се на Јехова, и барај од него помош да покажуваш таква вера. Додека ја доживуваш помошта од неговата рака, твоето ценење и твојата љубов кон него ќе те поттикнат да сакаш да ‚се откажеш од себеси и да го земаш од ден на ден својот маченички столб и постојано да го следиш Исус Христос‘. Дали ќе дејствуваш сега?
[Слика на страница 9]
Во почетокот, Никодим храбро го бранел Исус
[Слика на страница 9]
И покрај противењето, Никодим помогнал да се подготви Исусовото тело за погреб
[Слика на страница 10]
Личното проучување и молитвата можат да те зајакнат да преземеш акција
[Слика на страница 10]
Дали ќе ја прифатиш предноста да работиш под водството на Исус Христос?