Лична студија што нѐ опремува како учители
„Длабоко размислувај за овие работи; биди задлабочен во нив, за твојот напредок да им биде видлив на сите. Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување“ (1. ТИМОТЕЈ 4:15, 16).
1. Што е точно за времето и за личната студија?
„ЗА СЀ постои одредено време“, вели Библијата во Проповедник 3:1 (NW). Ова сигурно важи и за личната студија. На мнозина им е тешко длабоко да размислуваат за духовни работи ако тоа е во погрешно време или на погрешно место. На пример, по цел ден напорна работа и по една обилна вечера, дали ќе бидеш расположен за проучување, особено ако си испружен во твојата омилена фотелја пред телевизорот? Веројатно не. Затоа, кое е решението? Јасно, мораме да избереме кога и каде да проучуваме со цел да извлечеме најголема корист од нашите напори.
2. Кое време честопати е најдобро за лична студија?
2 Мнозина утврдуваат дека најдобро време за да проучуваат е рано наутро, кога обично се најбудни. Други ја користат пладневната пауза како краток термин за проучување. Забележи како се спомнува времето за важни духовни активности во следниве примери. Цар Давид од древниот Израел напишал: „Соопшти ми ја наутро Твојата милост, зашто се надевам на Тебе. Покажи ми го патот по кој да тргнам, зашто ја вознесувам душата кон Тебе“ (Псалм 143:8). Пророкот Исаија признал нешто слично кога рекол: „Господ Господ ми даде вешт јазик за да знам да ги закрепнувам уморните со зборови. Секое утро Тој ми го буди увото за да го чујам како учениците“. Поентата е дека треба да проучуваме и да имаме блиска комуникација со Јехова кога умот ни е бистар, сеедно кој дел од денот е тоа (Исаија 50:4, 5; Псалм 5:3; 88:13).
3. Кои услови се пожелни за делотворно проучување?
3 Уште еден фактор во делотворното проучување е тоа што не треба да избереме да седнеме во најудобната фотелја или на најудобниот кауч. Така не се останува буден. Кога проучуваме, нашиот ум мора да биде стимулиран, а со преголема физичка удобност изгледа дека се постигнува сосема спротивното. Исто така, пожелно за проучување и медитирање е да има релативна тишина и да нема работи што го одвлекуваат вниманието. Обидот да проучуваш со радио, ТВ или деца што бараат да им го посветиш своето внимание нема да даде баш најдобри резултати. Кога Исус сакал да медитира, отишол на едно тивко место. Исто така, зборувал колку вреди да најдеме некое осамено место за да се молиме (Матеј 6:6; 14:13; Марко 6:30—32).
Лична студија што нѐ опремува да дадеме одговор
4, 5. Во кои аспекти брошурата Бара е од практична помош?
4 Личната студија е задоволувачка кога користиме различни библиски помагала за да копаме подлабоко во некоја тема, особено кога го правиме тоа за да одговориме на нечии искрени прашања (1. Тимотеј 1:4; 2. Тимотеј 2:23). За почеток, многу нови ја проучуваат брошурата Што бара Бог од нас?,a која сега е достапна на 261 јазик. Таа е многу едноставна но прецизна публикација, која целосно се темели на Библијата. Им помага на читателите брзо да сфатат кои се Божјите барања за вистинско обожавање. Меѓутоа, нејзиниот формат не дава простор за детално проучување на секоја тема. Ако твојот библиски студент постави сериозни прашања за извесни библиски теми што се дискутираат, како можеш да најдеш повеќе библиски информации што ќе му помогнат да си одговори на тие прашања?
5 Оние што имаат Watchtower Library (Библиотека Watchtower) на CD-ROM на нивен јазик лесно можат компјутерски да дојдат до најразлични извори на информации. Но, што е со оние луѓе што немаат ваква опрема? Да разгледаме две теми што се разгледани во брошурата Бара за да видиме како можеме да го прошириме нашето разбирање и како можеме да дадеме подетален одговор — особено ако некој постави прашања како што се ‚Кој е Бог?‘ и ‚Каков навистина бил Исус?‘ (Излез 5:2; Лука 9:18—20; 1. Петрово 3:15).
Кој е Бог?
6, 7. а) Кое прашање се појавува во врска со Бог? б) Каков сериозен пропуст направил еден свештеник во своето предавање?
6 Лекција 2 во брошурата Бара дава одговор на многу битното прашање, ‚Кој е Бог?‘ Ова е основна работа затоа што човек не може да го обожава вистинскиот Бог ако не Го познава или ако можеби се сомнева во Неговото постоење (Римјаните 1:19, 20, Евреите 11:6). Сепак, луѓето низ целиот свет имаат стотици замисли за тоа кој е Бог (1. Коринќаните 8:4—6). Секоја религиозна филозофија има различен одговор на прашањето за Божјиот идентитет. Во христијанскиот свет, повеќето религии го сметаат Бог за тројство. Еден истакнат свештеник од САД одржал предавање со наслов „Дали го познаваш Бог?“, но ниту еднаш во својот говор не го спомнал божественото име, иако неколку пати ги цитирал Хебрејските списи. Се разбира, тој читал од еден библиски превод што го користел двосмисленото и анонимно „Господ“ наместо Јехова или Јахве.
7 Колку само битна работа пропуштил тој свештеник кога цитирал од Еремија 31:33, 34: „И веќе не ќе го учи другарот другар ни братот брат, зборувајќи: ‚Познајте Го Господа [хебрејски, „Запознајте го Јехова“]!‘ туку сите ќе Ме познаваат, и мало и големо, говори Господ [хебрејски, Јехова]“. Во преводот што го користел било изоставено Божјето препознатливо име, Јехова (Псалм 103:1, 2).
8. Што ја илустрира важноста на употребата на Божјето име?
8 Псалм 8:9 (NW) илустрира зошто е толку значајно да се употребува Јеховиното име: „О Јехова, наш Господе, колку е величествено твоето име по целата земја“. Спореди го тоа со: „Господи, Боже наш! Колку е величествено Твоето Име по целата земја“ (ДХК; види и ПСП). Сепак, како што беше спомнато во претходната статија, можеме да го стекнеме „самото спознание за Бог“ ако дозволиме да нѐ просветлува неговата Реч. Но, кое помагало за проучување на Библијата веднаш ќе одговори на нашите прашања за важноста на божественото име? (Пословици 2:1—6).
9. а) Која публикација може да ни помогне да ја објасниме важноста на употребата на божественото име? б) Како многу преведувачи пропуштиле да покажат почит кон Божјето име?
9 Можеме да свртиме во брошурата Божественото име кое ќе остане засекогаш, која е преведена на 69 јазици.b Делот со наслов „Божјето име — неговото значење и изговор“ (страници 6—11) јасно покажува дека во древните хебрејски текстови хебрејскиот тетраграматон (од грчкиот јазик, што значи „четири букви“) се појавува речиси 7.000 пати. Сепак, свештениците и преведувачите на јудаизмот и на христијанскиот свет намерно го изоставиле во повеќето нивни библиски преводи.c Како можат да тврдат дека го познаваат Бог и дека имаат прифатлив однос со него ако одбиваат да го признаат по неговото име? Неговото вистинско име го отвора патот за да разбереме кои се неговите намери и кој е тој. Освен тоа, каква вредност има делот од Исусовата пример-молитва „Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое“ ако Божјето име не се ни користи? (Матеј 6:9; Јован 5:43; 17:6).
Кој е Исус Христос?
10. На кои начини можеме да стекнеме целосна слика за животот и службата на Исус?
10 Лекција 3 од брошурата Бара носи наслов „Кој е Исус Христос?“ Во само шест пасуси, накратко се изнесени податоци за Исус, за неговото потекло и за тоа со каква цел дошол на Земјата. Меѓутоа, ако сакаш комплетен извештај за неговиот живот, нема подобар — со исклучок на самите извештаи од евангелијата — отколку во книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел, која стои на располагање на 111 јазици.d Оваа книга изнесува комплетен хронолошки извештај за Исусовиот живот и учења, темелен на четирите евангелија. Нејзините 133 поглавја ги обработуваат настаните од Исусовиот живот и служба. За поинаков, аналитички пристап, можеш да погледнеш во Увид, том 2, под насловот „Исус Христос“.
11. а) Што ги прави Јеховините сведоци поинакви во нивното верување во врска со Исус? б) Кои се некои библиски стихови што јасно ја побиваат доктрината за тројството и која публикација е од помош во овој поглед?
11 Во христијанскиот свет, полемиката во врска со Исус се сосредоточува на тоа дали тој е „Божји Син“, односно „Бог Син“ — со други зборови, препирката во врска со тоа што Катехизмот на католичката црква (Catechism of the Catholic Church) го нарекува „главна мистерија на христијанската вера“, тројството. За разлика од религиите на христијанскиот свет, Јеховините сведоци веруваат дека Исус има божествено потекло, но дека не е Бог. Една одлична дискусија на оваа тема се наоѓа во брошурата Дали треба да се верува во Тројство?, преведена на 95 јазици.* Меѓу бројните стихови што ги користи за да ја побие доктрината за тројството се Марко 13:32 и 1. Коринќаните 15:24, 28.
12. Кое натамошно прашање го заслужува нашето внимание?
12 Горенаведените дискусии во врска со Бог и Исус Христос служат за да се илустрира на кои начини можеме лично да проучуваме со цел да им помогнеме на оние што не се запознати со библиската вистина да стекнат точно спознание (Јован 17:3). Но, што е со оние што многу години се поврзани со христијанското собрание? Со оглед на тоа што имаат насобрано библиско спознание, дали сѐ уште треба да обрнуваат внимание на нивната лична студија на Јеховината реч?
Зошто ‚да обрнуваме постојано внимание‘?
13. Кое погрешно гледиште би можеле да го имаат некои во врска со личната студија?
13 Некои што се членови на собранието многу години, можат да стекнат навика едноставно да се потпираат на библиското спознание што го стекнале во првите неколку години како Јеховини сведоци. Лесно е да си резонираш: „Јас не морам да проучувам толку многу како новите. Види само колку пати сум ја прочитал Библијата и библиските публикации изминативе години“. Тоа би било исто како да речеш: „Навистина сега не морам многу да обрнувам внимание на мојата исхрана, па види само колку оброци сум изел досега“. Знаеме дека на телото му е потребно постојано да се храни со добра, исправно подготвена храна за да остане здраво и активно. Колку само уште повеќе истото важи за одржувањето на нашето духовно здравје и сила! (Евреите 5:12—14).
14. Зошто треба да обрнуваме постојано внимание на себеси?
14 Затоа, сите ние, сеедно дали долго време сме библиски студенти или не, треба да обрнеме внимание на Павловиот совет до Тимотеј, кој во тоа време бил зрел, одговорен надгледник: „Обрнувај постојано внимание на себе и на своето поучување. Остани во овие работи, зашто правејќи го ова ќе се спасиш и себеси и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:15, 16). Зошто треба да го земеме при срце Павловиот совет? Сети се, Павле исто така покажал дека ние водиме борба против „Ѓаволовите сплетки“ и „против злите духовни сили на небесните места“. А апостол Петар предупредил дека Ѓаволот ‚бара некого да проголта‘, а тој „некого“ би можел да биде кој и да е од нас. Нашата самодопадливост може да биде токму онаква поволна прилика каква што бара тој (Ефешаните 6:11, 12; 1. Петрово 5:8).
15. Која духовна одбрана ја имаме и како можеме да ја одржуваме?
15 Затоа, како можеме да се одбраниме? Апостол Павле нѐ потсетува: „Земете ја потполната воена опрема од Бог за да можете да се спротивставите во зол ден и, откако темелно сте извршиле сѐ, цврсто да стоите“ (Ефешаните 6:13). Ефикасноста на оваа духовна воена опрема не зависи само од квалитетот што го имала во почетокот туку и од редовното одржување. Затоа, потполната опрема од Бог мора да го вклучува најновото спознание за Божјата реч. Ова покажува колку е важно да бидеме во чекор со разбирањето на вистината што го открива Јехова преку својата Реч и преку класата на верниот и разборит роб. Редовната лична студија на Библијата и на библиските публикации е многу битна за одржување на нашата духовна опрема (Матеј 24:45—47; Ефешаните 6:14, 15).
16. Што можеме да сториме за да се увериме дали нашиот ‚голем штит на верата‘ е во добра состојба?
16 Павле го истакнува како многу битен дел од нашата опрема за одбрана „големиот штит на верата“, со кој можеме да ги одбиеме и изгаснеме Сатановите распалени стрели на лажни обвиненија и отпаднички учења (Ефешаните 6:16). Затоа е неопходно да проверуваме колку е цврст нашиот штит на верата и кои чекори да ги преземеме за да ја одржуваме и зајакнуваме. На пример, би можел да се запрашаш: ‚Како се подготвувам за седмичната студија на Библијата користејќи ја Стражарска кула? Дали проучувам доволно за да можам другите ‚да ги поттикнувам кон љубов и кон извонредни дела‘ давајќи добро промислени одговори за време на состаноците? Дали ја отворам Библијата и ги читам стиховите што се наведени, но не се цитирани? Дали ги охрабрувам другите со моето воодушевено учество на состаноците?‘ Нашата духовна храна е цврста, и за да извлечеме потполна корист, потребно е темелно да ја „свариме“ (Евреите 5:14; 10:24).
17. а) Каков отров користи Сатана во обидот да ја поткопа нашата духовност? б) Што е противотров за Сатановиот отров?
17 Сатана ги знае слабостите на грешното тело и неговите сплетки се подмолни. Еден начин на кој го шири своето злобно влијание е со тоа што ја прави порнографијата сѐ подостапна на ТВ, Интернет, на видеокасети и во отпечатени публикации. Некои христијани дозволиле овој отров да навлезе во нивната ослабена одбрана, а тоа водело до губење на предности во собранието или, пак, до уште потешки последици (Ефешаните 4:17—19). Што е противотров на Сатановиот духовен отров? Не смееме да го запоставиме нашето редовно лично проучување на Библијата, нашите христијански состаноци и потполната воена опрема од Бог. Сите заедно ни даваат способност да разликуваме исправно од неисправно и да го мразиме она што го мрази Бог (Псалм 97:10; Римјаните 12:9).
18. Како може „мечот на духот“ да ни помогне во нашата духовна борба?
18 Ако ја одржуваме нашата навика редовно да ја проучуваме Библијата, не само што ќе ја имаме цврстата одбрана што ни ја дава нашето точно спознание за Божјата реч туку ќе можеме и ефикасно да напаѓаме со помош на „мечот на духот, односно Божјата реч“. Божјата реч е „поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Ефешаните 6:17; Евреите 4:12). Ако станеме вешти во употребата на тој „меч“, тогаш, кога се соочуваме со искушенија, ќе можеме да го распознаеме она што можеби изгледа безопасно, па дури и привлечно, и да го разоткриеме како смртоносна стапица на злобниот. Нашето складиште од библиско спознание и разбирање ќе ни помогне да го отфрлиме она што е зло и да го правиме она што е добро. Затоа, секој од нас треба да се запраша: ‚Дали мојот меч е остар или ’рѓосан? Дали ми е тешко да се сетам на библиски стихови што можат да го зајакнат нападот?‘ Да ги задржиме нашите добри навики на лично проучување на Библијата и со тоа да му се спротивставиме на Ѓаволот (Ефешаните 4:22—24).
19. Какви користи можеме да имаме ако се посветиме на личната студија?
19 Павле напишал: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“. Ако ги земеме при срце Павловите зборови до Тимотеј, можеме да ја зајакнеме нашата духовност и да ја направиме нашата служба поделотворна. Духовните старешини и слуги помошници можат да бидат од поголема корист за собранието, а сите ние можеме да останеме цврсти во верата (2. Тимотеј 3:16, 17; Матеј 7:24—27).
[Фусноти]
a Обично, некое новозаинтересирано лице што ја проучува брошурата Бара ќе премине на книгата Спознание кое води до вечен живот, двете издадени од Јеховините сведоци. Предлозите што се дадени овде ќе помогнат да се расчистат препреките за духовен напредок.
b Објавена од Јеховините сведоци. Оние што имаат Insight on the Scriptures (Увид во Писмото) можат да погледнат во том 2, под насловот „Јехова“.
c Значајно е тоа што во некои македонски преводи на Библијата хебрејскиот тетраграматон е преведен со „Јехова“ и „Јахве“.
d Издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Кои околности придонесуваат за делотворна лична студија?
• Каква грешка прават многу библиски преводи во врска со Божјето име?
• Кои библиски стихови би ги употребил за да ја побиеш доктрината за тројство?
• Што мораме да сториме за да се заштитиме од Сатановите сплетки, дури и ако сме вистински христијани многу години?
[Слики на страница 19]
За делотворна лична студија, потребен ти е соодветен амбиент во кој има што помалку работи што го одвлекуваат вниманието
[Слики на страница 23]
Дали твојот „меч“ е остар или ’рѓосан?