‚Вистинитата уста трае довека‘
КАКО некое мало оганче што може да зафати и да уништи една цела шума, тој може да го загади целиот живот на еден човек. Може да биде полн со отров, но може да биде и „дрво на животот“ (Пословици 15:4). Смртта и животот се во негова власт (Пословици 18:21). Таква е силата на овој мал орган, нашиот јазик, што може да го извалка целото тело (Јаков 3:5—9). Мудри сме ако го пазиме својот јазик.
Во вториот дел од 12 поглавје од библиската книга Пословици, цар Соломон од древниот Израел дава скапоцен совет што ни помага да внимаваме на својот говор. Со помош на концизни пословици полни со смисла, мудриот крал покажува дека кажаните зборови не само што си носат последици туку и откриваат многу за особините на оној што ги кажува. Инспирираниот совет на Соломон е неопходен за секого што сака да ‚постави стражари на вратата на своите усни‘ (Псалм 141:3).
‚Грев што фаќа во стапица‘
„На нечесниот стапица му е гревот на неговата уста, а праведникот се избавува од беда“, вели Соломон (Пословици 12:13). Лажењето е грев на устата што станува смртоносна стапица за оној што го практикува (Откровение 21:8). Нечесноста може да изгледа како лесен начин да избегнеш казна или да се извлечеш од некоја непријатна ситуација. Но, зарем една лага не води честопати до други лаги? Исто како што еден човек што почнува да се коцка на мали суми е навлечен да става сѐ поголеми влогови во обид да го поврати она што го изгубил, така и еден лажливец брзо ќе се најде заплеткан во еден злобен круг.
Гревот на устата заплеткува и понатаму така што оној кој ги лаже другите на крај може да заврши лажејќи се себеси. На пример, еден лажливец може лесно да се убеди себеси дека знае многу и дека е многу паметен, иако всушност знае многу малку. На тој начин почнува да живее во лага. Навистина, „самиот си ласка во своите очи, додека не му се открие неговото беззаконие и го намрази“ (Псалм 36:2). Каква стапица се покажува лажењето! Праведниот, од друга страна, нема да се вовлече во таква тешка ситуација. Дури и во неволја, нема да прибегне кон лага.
‚Плод што наситува‘
„Немојте да се залажувате: со Бог нема подигрување“, предупредува апостол Павле. „Зашто, што човек сее, тоа и ќе пожнее“ (Галатите 6:7). Ова начело секако важи како за нашиот говор така и за нашите постапки. Соломон изјавува: „Од плодот на својата уста секој ќе се насити изобилно, а она што го направил со рацете, ќе му се врати“ (Пословици 12:14).
Устата што „кажува мудрост“ создава плодови што наситуваат (Псалм 37:30). За мудрост е потребно знаење, а ниеден човек не е ризница на сето знаење. Секој треба да послуша добар совет и да внимава на него. „На лудиот му се чини прав неговиот пат“, вели царот на Израел, „а мудриот човек слуша совети“ (Пословици 12:15).
Јехова ни дава добар совет преку својата Реч и преку својата организација, користејќи ги публикациите што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45; 2. Тимотеј 3:16). Колку е само глупаво да отфрлиме некој добар совет и да инсистираме да биде по наше! ‚Мораме да бидеме брзи на слушање‘ кога Јехова, „Оној, Кој ги учи луѓето на мудрост“ нѐ советува преку својот канал за комуникација (Јаков 1:19; Псалм 94:10).
Како реагира мудриот, а како безумниот на навреда или на неоправдана критика? Соломон одговара: „Безумниот веднаш го покажува својот бес, а умниот го покрива срамот“ (Пословици 12:16).
Кога е понижен, еден безумен човек одговара луто набрзина — „веднаш“. Но, еден паметен човек се моли за Божјиот дух за да примени самоконтрола. Тој одвојува време за да медитира за советот од Божјата реч и со благодарност размислува за Исусовите зборови: „Кој ќе ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“ (Матеј 5:39). Несакајќи да ‚врати зло за зло никому‘, умниот човек ја спречува својата уста да зборува непромислено (Римјаните 12:17). Кога и ние, на сличен начин, ќе покриеме каков и да било срам на кој можеби ќе наидеме, ќе избегнеме понатамошна расправија.
‚Јазик што исцелува‘
Гревот на устата може да предизвика голема штета во рамките на правосудството. Царот на Израел вели: „Кој говори вистина, открива што е право, а лажниот сведок — измамата“ (Пословици 12:17). Вистинскиот сведок говори вистина зашто неговото сведоштво е доверливо и веродостојно. Тој придонесува да се изврши правдата. Лажниот сведок, од друга страна, е полн со измама и унапредува неправда.
„Невнимателниот зборува како да прободува со меч“, продолжува Соломон, „а јазикот на мудрите е исцелување“ (Пословици 12:18). Зборовите можат да прободат како меч, убивајќи пријателства и подбуцнувајќи проблеми. Или, пак, можат да бидат прекрасни и пријатни, да ги зачувуваат пријателствата. А што друго се нарекувањето со погрдни имиња, викањето, постојаните критики и понижувачките навреди ако не убоди што нанесуваат длабоки емоционални рани? Колку е добро да ја поправиме која и да било грешка што ја правиме во овој поглед со исцелителни зборови на искрено извинување!
Во овие тешки времиња во кои живееме, не изненадува тоа што мнозина се со „скршено срце“ и „здробени во духот“ (Псалм 34:18, NW). Кога ‚им зборуваме утешно на потиштените души‘ и ‚ги поддржуваме слабите‘, зарем, всушност, не ја користиме исцелителната моќ на зборовите што ги кажуваме? (1. Солуњаните 5:14). Да, сочувствителните зборови можат да ги охрабрат тинејџерите што се борат со штетниот притисок од врсниците. Промислениот говор може да ги увери старите лица дека се потребни и дека се сакани. Љубезните зборови секако можат да им го разубават денот на оние што се болни. Кога е кажан со „дух на благост“, полесно е да се прифати дури и укор (Галатите 6:1). И колку само може да исцелува јазикот на оној што го користи за да ја сподели добрата вест за Божјето Царство со оние што слушаат!
‚Уста што истрајува‘
Користејќи го зборот „уста“ како синоним со зборот „јазик“, Соломон вели: „Вистинита уста трае довека, а лажливиот јазик само за миг“ (Пословици 12:19). Изразот „вистинита уста“ е во еднина на хебрејски и има подлабоко значење отколку само вистинит говор. Според еден прирачник, тој укажува на особини како трајност и веродостојност. Овој прирачник, исто така, вели: „Говорот што ја има оваа особина ќе истрае . . . засекогаш зашто ќе се покаже веродостоен, спротивно на лажливиот јазик . . . кој може да измами за миг, но не може да опстои кога ќе биде ставен на испит“.
„Измамата е во срцето на оние, кои смислуваат зло“, вели мудриот цар, „а радост во оние што делат мирољубиви совети“. Тој додава: „Праведникот не го стигнува никаква неволја, а нечесните се исполнети со зло“ (Пословици 12:20, 21).
Оние што смислуваат зло можат да донесат само болка и страдање. Од друга страна, оние што делат мирољубиви совети жнеат задоволство затоа што го прават она што е исправно. Исто така, се радуваат затоа што гледаат добри резултати. Најважно од сѐ, уживаат одобрување од Бог, зашто „одвратни Му се на Господа лажливите усни, а Му се мили кои зборуваат вистина“ (Пословици 12:22).
‚Говор што го прикрива знаењето‘
Опишувајќи уште една разлика помеѓу оној што внимава и оној што не внимава со зборовите, царот на Израел вели: „Благоразумниот човек го прикрива своето знаење, а безумничкото срце ја разгласува својата глупост“ (Пословици 12:23).
Благоразумниот, или паметниот човек знае кога да зборува а кога не. Тој го прикрива своето знаење така што се воздржува да не го истакнува нападно она што го знае. Ова не значи дека тој секогаш го крие своето знаење. Напротив, тој дискретно го покажува. Спротивно на тоа, безумниот брза да каже нешто и да ја открие својата глупавост. Затоа, нашите зборови нека бидат малку, а нашиот јазик нека се воздржува од фалење.
Продолжувајќи да прави разлики, Соломон изнесува една драматична мисла во врска со трудољубивоста и мрзливоста. Тој вели: „Трудољубивата рака ќе владее, а безгрижните ќе одат во подложност [а мрзливата рака ќе води до присилна работа, NW]“ (Пословици 12:24). Трудуљубивоста може да доведе до напредок и финансиска независност, а мрзливоста до присилна работа и слугување. „Со текот на времето“, вели еден изучувач, „мрзливиот човек ќе му стане роб на трудољубивиот“.
‚Збор што весели‘
Цар Соломон повторно се навраќа на говорот, внимателно набљудувајќи ја човечката природа. „Грижата во срцето го притиска човекот“, вели тој „а добриот збор го весели“ (Пословици 12:25).
Има многу грижи што можат да го притиснат срцето со тага. Она што е потребно за да се олесни товарот и да се развесели срцето е добар збор на охрабрување од некој што е полн со разбирање. Но, како ќе знаат другите колку е голема грижата во твоето срце ако не се отвориш и ако не зборуваш за тоа? Да, кога доживуваме неволја или депресија, треба да му се довериме на некој што ќе се соживее со нас и што може да ни помогне. Освен тоа, кога ги изразуваме чувствата со зборови ни се олеснува болката во срцето. Затоа, добро е да му се довериме на брачниот другар, на родителот или на некој сочувствителен и духовно квалификуван пријател.
Каде има подобри зборови на охрабрување од оние што се наоѓаат во Библијата? Затоа мораме да му се приближиме на Бог така што со ценење ќе медитираме за неговата инспирирана Реч. Таквото размислување секако може да внесе радост во срцето што е вознемирено и да им даде сјај на тажните очи. Псалмистот го потврдува ова велејќи: „Господовиот Закон е совршен — ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни — го веселат срцето; Господовата заповед е светла — ги просветлува очите“ (Псалм 19:7, 8).
Патека што донесува награда
Споредувајќи ја патеката на праведните со патеката на нечесните, царот на Израел вели: „Праведникот го води својот непријател [го испитува своето пасиште, NW], а нечесните ги заблудува нивниот пат“ (Пословици 12:26). Праведниот внимава на своето пасиште — друштвото и пријателите што ги бира. Ги избира мудро, обидувајќи се да избегне опасно друштво. Но не е така и со злобните кои одбиваат совет и инсистираат да биде по нивно. Заведени, тие талкаат наоколу.
Цар Соломон понатаму ја покажува разликата помеѓу мрзливите и трудољубивите од уште еден агол. „Мрзливиот нема да го улови својот лов“, вели тој, „а трудољубието е скапоцено благо за човекот“ (Пословици 12:27). „Мрзливиот“ нема да го „улови“ или не го „пече“ својот лов (ПСП). И навистина, тој не може да го заврши она што го започнал. Трудољубивоста, од друга страна, е синоним за богатство.
Мрзливоста е толку штетна што апостол Павле сметал за неопходно да им напише на сохристијаните во Солун и да укори некои поединци таму што ‚оделе неуредно‘ — што воопшто не работеле туку се плеткале во работи што не ги засегале. Таквите поединци им наметнале скап товар на другите. Затоа Павле отворено ги советувал, поттикнувајќи ги ‚мирно да работат за да си го јадат својот леб кој самите си го заработиле‘. Доколку не се оѕвиеле на овој силен совет, Павле ги советувал другите во собранието ‚да се тргнат‘ од нив — очигледно, да ги избегнуваат во друштвените активности (2. Солуњаните 3:6—12).
Мораме да го земеме при срце не само советот на Соломон во врска со трудољубивоста туку и неговиот совет за исправното користење на јазикот. Да настојуваме да го користиме тој мал орган за да донесеме исцелување и радост додека го избегнуваме гревот на устата и се стремиме по исправен правец. „Животот стои врз патеката на правдата“, нѐ уверува Соломон, „и на нејзиниот пат нема смрт“ (Пословици 12:28).
[Слики на страница 27]
„Мудриот човек слуша совети“
[Слики на страница 28]
„Јазикот на мудрите е исцелување“
[Слика на страница 29]
Тоа што ќе се довериме на некој доверлив пријател може да ни донесе утеха
[Слика на страница 30]
Тоа што со ценење медитираме за Божјата реч го радува срцето