Благоста — неопходна христијанска особина
„Облечете се во . . . благост“ (КОЛОШАНИТЕ 3:12).
1. Што ја прави благоста извонредна особина?
КОГА времето е благо, пријатно ни е и уживаме. Кога една личност е блага, односно со благ дух, така да се каже, задоволство е да се биде со неа. Сепак, „мекиот [благиот, NW] јазик крши и коски“, забележал мудриот цар Соломон (Пословици 25:15). Благоста е извонредна особина во која се споени пријатноста и силата.
2, 3. Каква врска постои помеѓу благоста и светиот дух, и што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Апостол Павле ја вклучил и благоста кога ги набројувал „плодовите на духот“ во Галатите 5:22, 23. Грчкиот збор што во 23. стих Преводот Нов свет го преведува со „благост“, во други библиски преводи честопати се преведува со „кротост“ или „нежност“. Факт е дека во повеќето други јазици е тешко да се најде точен еквивалент на овој грчки збор затоа што оригиналниот збор не опишува надворешна нежност или кротост туку внатрешна благост и љубезност; не го опишува начинот на постапување туку состојбата на умот и срцето.
3 За поцелосно да го сфатиме значењето и вредноста на благоста, да разгледаме четири библиски примери (Римјаните 15:4). Така ќе научиме не само што претставува оваа особина туку и како можеме да ја стекнеме и да ја покажуваме во сѐ што правиме.
„Од голема вредност во очите на Бог“
4. Од каде знаеме дека Јехова ја цени благоста?
4 Бидејќи благоста е еден од плодовите на Божјиот дух, логично е таа да биде тесно поврзана со Божјата прекрасна личност. Апостол Петар напишал дека „тивкиот и благ дух . . . е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:4). Всушност, благоста е божествена особина; Јехова многу ја цени. Сигурно, ова само по себе е доволна причина сите Божји слуги да негуваат благост. Но, на кој начин покажува благост семоќниот Бог, највисокиот Авторитет во универзумот?
5. Какви изгледи имаме поради Јеховината благост?
5 Кога првата човечка двојка, Адам и Ева, не ја послушале Божјата јасна заповед да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото, тоа го сториле намерно (Битие 2:16, 17). Овој своеволен чин на непослушност водел до грев, смрт и отуѓување од Бог, како за нив така и за нивното идно потомство (Римјаните 5:12). Иако Јехова имал потполно оправдана причина да ја донесе таа пресуда, тој не ја отпишал грубо човечката фамилија како сосема непоправлива и без можност да биде откупена (Псалм 130:3). Напротив, поради својата љубезност и поради својата спремност да не бара или да не очекува премногу — што е израз на благост — Јехова обезбедил средство преку кое грешното човештво може да му пристапи и да ја стекне неговата наклоност. Да, преку дарот на откупната жртва на својот Син, Исус Христос, Јехова ни овозможува да пристапиме до неговиот возвишен престол без да чувствуваме страв или ужас (Римјаните 6:23; Евреите 4:14—16; 1. Јованово 4:9, 10, 18).
6. Како можела да се види благоста во Божјите постапки со Каин?
6 Долго време пред Исус да дојде на земјата, Јеховината благост можела да се види кога Каин и Авел, синовите на Адам, му принеле жртва на Бог. Согледувајќи ја состојбата на нивното срце, Јехова го отфрлил приносот на Каин, но ‚погледнал милостиво‘ на Авел и на неговиот принос. Тоа што Бог гледал со благонаклоност на верниот Авел и неговата жртва предизвикало негативна реакција кај Каин. „Каин се налути многу, и лицето му се смени“, вели библискиот извештај. Како реагирал Јехова? Дали бил навреден од лошиот став на Каин? Не. На благ начин го прашал Каин зошто е толку лут. Јехова дури и објаснил што би можел да направи Каин за да биде ‚возвишен‘ (NW) (Битие 4:3—7). Навистина, Јехова е олицетворение на благоста (Излез 34:6).
Благоста привлекува и освежува
7, 8. а) Како можеме да ја разбереме Јеховината благост? б) Што откриваат за Јехова и за Исус зборовите од Матеј 11:27—29?
7 Еден од најдобрите начини да се разберат Јеховините ненадминливи особини е да се проучи животот и службата на Исус Христос (Јован 1:18; 14:6—9). Додека бил во Галилеја, во текот на втората година од својата проповедничка активност, Исус извршил многу моќни дела во Хоразин, Витсаида, Капернаум и во блиските подрачја. Сепак, повеќето луѓе биле горди и рамнодушни, и одбиле да веруваат. Како реагирал Исус? Иако решително ги потсетил на последиците од нивното неверие, тој бил трогнат од сожалување поради бедната духовна состојба на ам хаарец, понизниот, обичен народ (Матеј 9:35, 36; 11:20—24).
8 Подоцнежните постапки на Исус покажале дека тој навистина ‚во потполност го познавал Таткото‘ и дека го имитирал. На обичниот народ, Исус му ја упатил оваа срдечна покана: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“. Каква само утеха и освежување им донеле овие зборови на оние што биле газени и угнетувани! Тие зборови ни се привлечни дури и нам денес. Ако искрено се облечеме во благост, ќе бидеме меѓу оние ‚на кои Синот сака да им го открие‘ својот Татко (Матеј 11:27—29).
9. Која особина е поврзана со благоста, и на кој начин Исус е добар пример во овој поглед?
9 Тесно поврзана со благоста е понизноста, да се биде „понизен во срце“. Гордоста, пак, води до самовозвишување и честопати може да предизвика човек да се однесува кон другите грубо и бездушно (Пословици 16:18, 19). Исус покажувал понизност во текот на својата земна служба. Дури и кога јавајќи влегол во Ерусалим шест дена пред својата смрт и кога бил поздравен како Цар на Евреите, Исус многу се разликувал од владетелите на светот. Тој го исполнил месијанското пророштво од Захарија: „Гледај! Твојот цар доаѓа кај тебе, со благ нарав и седи на магаре, да, на прле, подмладок на товарно животно“ (Матеј 21:5; Захарија 9:9). Верниот пророк Даниел добил визија во која видел како Јехова му доделува на својот Син авторитет да владее. Сепак, во едно претходно пророштво тој го опишал Исус како „најпонизниот од човештвото“. Благоста и понизноста навистина одат рака под рака (Даниел 4:17, NW; 7:13, 14).
10. Зошто христијанската благост не значи и слабост?
10 Прекрасната благост што ја покажуваат Јехова и Исус ни помага да им се приближиме (Јаков 4:8). Се разбира, благоста не значи и слабост. Далеку од тоа! Јехова, семоќниот Бог, покажува изобилство на динамична енергија и моќ. Неговиот гнев пламнува против неправедноста (Исаија 30:27; 40:26). Исто така, Исус покажал цврста решеност да не направи компромис, дури и кога бил нападнат од Сатана Ѓаволот. Одбил да ги толерира незаконските трговски практики на религиозните водачи од негово време (Матеј 4:1—11; 21:12, 13; Јован 2:13—17). Сепак, тој задржал благ нарав кога се справувал со недостатоците на своите ученици, и стрпливо ги поднесувал нивните слабости (Матеј 20:20—28). Еден библиски изучувач соодветно ја опишал благоста на следниов начин: „Зад нежноста стои сила со цврстина на челик“. Да покажуваме благост — особина што ја имал и Христос.
Човек со најблаг нарав во негово време
11, 12. Со оглед на неговото воспитување, зошто благоста на Мојсеј била толку извонредна?
11 Третиот пример што ќе го разгледаме е примерот на Мојсеј. Библијата го опишува како човек „со најблаг нарав од сите луѓе што беа на лицето на земјата“ (Броеви 12:3, NW, фуснота). Овој опис бил запишан под божествена инспирација. Извонредната благост му помогнала на Мојсеј да биде приемлив на Јеховиното водство.
12 Мојсеј имал необично воспитување. Јехова се погрижил овој син на верни еврејски родители да остане жив во еден период на предавство и убиство. Во првите години од неговиот живот за него се грижела мајка му, која внимателно го поучувала за вистинскиот Бог, Јехова. Подоцна, Мојсеј бил одведен од својот дом за да живее во околина која била сосема поинаква. „Мојсеј беше поучен за сета мудрост на Египќаните“, раскажал Стефан, еден од првите христијански маченици. „Навистина, [Мојсеј] беше силен во своите зборови и дела“ (Дела 7:22). Неговата вера дошла до израз кога ги гледал неправдите што ги натрупале врз неговите браќа фараоновите надзорници над робовите. Поради тоа што убил еден Египќанец кого го видел како удира некој Евреин, Мојсеј морал да избега од Египет во Мадијамската земја (Излез 1:15, 16; 2:1—15; Евреите 11:24, 25).
13. Како влијаел врз Мојсеј 40-годишниот престој во Мадијам?
13 На возраст од 40 години, Мојсеј морал сам да се грижи за себе. Во Мадијам ги сретнал седумте ќерки на Рагуил и им помогнал да нацрпат вода за големото стадо на нивниот татко. Кога се вратиле дома, младите жени воодушевено му објасниле на Рагуил дека „еден Египетец“ ги избавил од пастирите што им правеле проблеми. На покана на Рагуил, Мојсеј останал да живее со тоа семејство. Неволјите што ги доживеал не предизвикале огорченост кај него ниту, пак, го спречиле да научи да го приспособи својот начин на живот на новата околина. Тој останал непоколеблив во желбата да ја извршува Јеховината волја. Во текот на 40 долги години, во кои се грижел за овците на Рагуил, се оженил со Сепфора и ги подигнал своите синови, Мојсеј ја стекнал и ја изострил особината што ќе стане карактеристична за него. Да, неволјите го научиле Мојсеј на благост (Излез 2:16—22; Дела 7:29, 30).
14. Опиши еден настан од времето кога Мојсеј бил водач на Израел што ја покажува неговата благост.
14 Откако Јехова го поставил за водач на нацијата Израел, кај Мојсеј сѐ уште можела да се види особината благост. Еден млад човек го известил Мојсеј дека Елдад и Модад пророкуваат во логорот — иако не биле присутни кога Јехова го излеал својот дух врз 70-те постари мажи што требало да служат како помошници на Мојсеј. Исус Навин изјавил: „Мојсеј, мој господару, замолкни ги!“ Мојсеј благо одговорил: „Зар завидуваш заради мене! Ох, кога сиот Господов народ би станал пророк! Кога Господ би Го излеал Својот Дух на нив!“ (Броеви 11:26—29). Благоста помогнала да се смири таа напната ситуација.
15. Иако Мојсеј бил несовршен, зошто треба да се следи неговиот добар пример?
15 Во една прилика благоста на Мојсеј како да затаила. На Мерива, во близина на Кадис, тој пропуштил да му припише слава на Јехова, Чудотворецот (Броеви 20:1, 9—13). Иако Мојсеј бил несовршен, неговата непоколеблива вера го поддржувала во текот на целиот живот, а неговата извонредна благост ни е привлечна дури и нам денес (Евреите 11:23—28).
Грубоста наспроти благоста
16, 17. Какво предупредување имаме во извештајот за Навал и Авигеја?
16 Еден предупредувачки пример имаме од времето на Давид, кратко по смртта на Божјиот пророк Самоил. Се работи за еден брачен пар, Навал и неговата сопруга, Авигеја. Колку само различни биле тие двајца! Авигеја била „многу умна“, а нејзиниот сопруг бил „суров и опак“. Кога Давидовите луѓе, кои помогнале да се зачуваат од крадци големите стада на Навал, побарале освежување од него, тој грубо ги одбил. Оправдано огорчен, Давид и една чета од неговите луѓе ги препашале мечевите и тргнале да се соочат со Навал (1. Самоил 25:2—13).
17 Кога до Авигеја стигнала веста за она што се случило, таа набрзина подготвила леб, вино, месо, суво грозје и смоквини колачиња, и тргнала да го пресретне Давид. „Господару, нека вината падне врз мене“, го преколнувала таа. „Дозволи ѝ на твојата слугинка да им проговори на твоите уши, и удостои се да ги сослушаш зборовите на својата слугинка.“ Давидовото срце омекнало на благата молба на Авигеја. Откако го чул нејзиното објаснување, Давид изјавил: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој те испрати денес кај мене во пресрет! Нека е благословена твојата мудрост, и благословена да бидеш ти што ме задржа денес за да не навалам врз себеси крвна вина“ (1. Самоил 25:18, 24, 32, 33). Грубоста на крајот го одвела Навал во смрт. А убавите особини на крајот ѝ донеле радост на Авигеја кога му станала жена на Давид. Нејзината благост е пример за сите што му служат на Јехова денес (1. Самоил 25:36—42).
Стреми се кон благост
18, 19. а) Кои промени стануваат видливи кога се облекуваме во благост? б) Што може да ни помогне делотворно да се преиспитаме?
18 Значи, мора да покажуваме благост. Таа е нешто повеќе од нежност во однесувањето; таа е привлечна карактерна особина што ги освежува другите. Во минатото, можеби ни било навика да зборуваме грубо и да се однесуваме нељубезно. Меѓутоа, кога сме ја научиле библиската вистина сме се промениле и сме станале помили и попријатни. Павле зборувал за оваа промена кога ги поттикнал сохристијаните: „Облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост“ (Колошаните 3:12). Библијата ја споредува оваа преобразба со промената на крвожедни диви ѕверови — волк, леопард, лав, мечка и кобра — во мирољубиви домашни животни — јагне, јаре, теле и крава (Исаија 11:6—9; 65:25). Ваквите промени во личноста се толку извонредни што набљудувачите се зачудени. Но, ние ја припишуваме оваа преобразба на дејствувањето на Божјиот дух бидејќи во неговите навистина исклучителни плодови спаѓа и благоста.
19 Дали ова значи дека, штом еднаш сме ги направиле потребните промени и сме му се предале на Јехова, повеќе не треба да работиме на тоа да бидеме со благ нарав? Тешко. Зарем не треба постојано да водиме грижа за новата облека и да ја одржуваме чиста и претставителна? Ако се задлабочиме во Божјата реч и медитираме за примерите што ги содржи таа, тоа ќе ни помогне да се погледнеме себеси одново и пообјективно. Што открива за тебе огледалото на инспирираната Божја реч? (Јаков 1:23—25).
20. Како можеме да успееме да покажуваме благост?
20 По природа, луѓето имаат различен нарав. На некои Божји слуги им е полесно да покажуваат благост отколку на други. Сепак, сите христијани треба да ги негуваат плодовите на Божјиот дух, вклучувајќи ја и благоста. Павле со љубов го опоменал Тимотеј: „Стреми се кон праведност, побожна оддаденост, вера, љубов, истрајност, благ нарав“ (1. Тимотеј 6:11). Зборот „стреми се“ покажува дека е потребно да се вложи напор. Еден библиски превод го преведува овој поттик со ‚биди решен на‘ (New Testament in Modern English — Нов завет на современ англиски јазик, од Џ. Б. Филипс). Ако вложуваш напор да медитираш за добрите примери од Божјата реч, тие можат да станат дел од тебе, исто како да ти се всадени. Тие ќе те обликуваат и ќе те водат (Јаков 1:21).
21. а) Зошто треба да се стремиме кон благост? б) За што ќе дискутираме во следната статија?
21 Начинот на кој се однесуваме со другите покажува до каде сме стигнале во тој поглед. „Кој е меѓу вас мудар и со разбирање?“, прашува ученикот Јаков. „Нека ги покаже своите дела преку своето добро однесување со благост која ѝ припаѓа на мудроста“ (Јаков 3:13). Како можеме да ја покажуваме оваа христијанска особина дома, во христијанската служба и во собранието? Следната статија ќе ни даде корисно водство.
За повторување
• Што научи за благоста од примерот на
• Јехова?
• Исус?
• Мојсеј?
• Авигеја?
• Зошто треба да се стремиме кон благост?
[Слика на страница 16]
Зошто Јехова погледнал со наклоност на приносот на Авел?
[Слика на страница 17]
Исус покажал дека благоста и понизноста одат рака под рака
[Слика на страница 18]
Мојсеј дал добар пример на благост