Каде може да се најде вистинска утеха?
„Богот и Таткото на нашиот Господ Исус Христос . . . нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 1:3, 4).
1. Поради кои околности луѓето можеби чувствуваат голема потреба од утеха?
ПОРАДИ некоја осакатувачка болест, човек може да има чувство дека животот му е уништен. По некој земјотрес, бура и глад, луѓето остануваат без ништо. Во војните може да загинат членови на семејството, да бидат уништени домови или, пак, оние што имаат свој дом може да бидат принудени да напуштат сѐ што поседуваат. Поради неправдите, луѓето можеби имаат чувство дека нема каде да се обратат за помош. На оние што се погодени од вакви неволји, очајнички им е потребна утеха. Каде можат да ја најдат?
2. Зошто на утехата што ја дава Јехова ѝ нема рамна?
2 Некои поединци и организации настојуваат да дадат утеха. Љубезните зборови се многу ценети. Акциите за материјална помош помагаат да се задоволат краткорочните потреби. Но, само Јехова, вистинскиот Бог, може да ја поправи целата штета и да ја даде помошта што е потребна за никогаш да не се повторат такви несреќи. Во врска со него, Библијата вели: „Нека е благословен Богот и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја, за да можеме ние да ги тешиме оние кои се во каква и да е неволја, преку утехата со која Бог нѐ теши нас самите“ (2. Коринќаните 1:3, 4). Како нѐ теши Јехова?
Коренот на проблемите
3. На кој начин утехата што ја дава Бог го открива коренот на проблемите на човештвото?
3 Како последица од Адамовиот грев, целата човечка фамилија наследила несовршеност и тоа е причина за безброј проблеми што на крајот водат до смрт (Римјаните 5:12). Ситуацијата уште повеќе ја отежнува фактот што Сатана Ѓаволот е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 1. Јованово 5:19). Јехова не останал само на тоа да изрази жалење поради несреќната ситуација со која се соочува човештвото. Тој го испратил и својот единороден Син како откуп што ќе обезбеди избавување и ни кажал дека можеме да бидеме ослободени од последиците на адамскиот грев ако практикуваме вера во Неговиот Син (Јован 3:16; 1. Јованово 4:10). Исто така, Бог претскажал дека Исус Христос, на кого му е доверена сета власт на небото и на земјата, ќе го уништи Сатана и целиот негов злобен систем на работи (Матеј 28:18; 1. Јованово 3:8; Откровение 6:2; 20:10).
4. а) Што обезбедил Јехова за да ја зајакне нашата доверба во неговите ветувања за ослободување? б) Како Јехова ни помага да увидиме кога ќе дојде ослободувањето?
4 За да ја зајакне нашата доверба во неговите ветувања, Бог зачувал обилни докази дека сѐ што ќе претскаже се исполнува (Исус Навин 23:14). Во Библијата тој вклучил запис за она што го сторил за да ги избави своите слуги дури и во ситуации кога од човечка гледна точка немало никакви изгледи за успех (Излез 14:4—31; 2. Цареви 18:13—19:37). А преку Исус Христос, Јехова покажал дека неговата намера вклучува лекување на луѓето од „секаков вид болест“, па дури и воскреснување на мртвите (Матеј 9:35; 11:3—6). Кога ќе се случи сето ова? Како одговор, Библијата содржи еден опис на последните денови од овој стар систем, кои им претходат на Божјите нови небеса и нова земја. Исусовиот опис се совпаѓа со времињата во кои живееме (Матеј 24:3—14; 2. Тимотеј 3:1—5).
Утеха за луѓето што се во неволја
5. Кога му давал утеха на древниот Израел, на што го насочил Јехова вниманието на луѓето?
5 Од начинот на кој Јехова постапувал со древните Израелци учиме како им давал утеха во времиња на неволја. Ги потсетил каков Бог е тој. Така им била зајакната довербата во неговите ветувања. Јехова ги поттикнал своите пророци да користат живописни контрасти помеѓу него како вистински, жив Бог и идолите, кои не можеле да си помогнат ниту себеси ниту на своите обожаватели (Исаија 41:10; 46:1; Еремија 10:2—15). Кога Јехова рекол преку Исаија „Тешете го, тешете го, Мојот народ“, Тој го поттикнал својот пророк да користи илустрации и описи на Неговите дела на создавање за да ја нагласи величественоста на Јехова како единствен вистински Бог (Исаија 40:1—31).
6. Какви показатели давал Јехова понекогаш во врска со тоа кога ќе дошло избавувањето?
6 Јехова понекогаш давал утеха на тој начин што конкретно го кажувал времето, наскоро или во подалечна иднина, кога ќе бил избавен неговиот народ. Како што наближувало избавувањето од Египет, тој им рекол на угнетените Израелци: „Со уште една несреќа ќе ги удрам фараонот и Египет . . . Потоа ќе ве пушти оттука“ (Излез 11:1). Кога во деновите на цар Јосафат три нации што биле во сојуз ја нападнале Јуда, Јехова им рекол дека Тој ќе интервенира во нивна корист „утре“ (2. Летописи 20:1—4, 14—17). Од друга страна, пак, Исаија пишувал за нивното избавување од Вавилон скоро 200 години однапред, а преку Еремија биле дадени уште детали речиси сто години пред избавувањето. Колку само биле охрабрувачки овие пророштва за Божјите слуги кога наближило времето за избавување! (Исаија 44:26—45:3; Еремија 25:11—14).
7. Што било честопати вклучено во ветувањата за избавување, и како влијаело тоа врз верните луѓе во Израел?
7 Вредно е да се забележи дека ветувањата што му дале утеха на Божјиот народ честопати содржеле информации во врска со Месијата (Исаија 53:1—12). Од генерација на генерација тие им влевале надеж на верните луѓе додека се соочувале со бројни испити. Во Лука 2:25 читаме: „Гледај! Во Ерусалим имаше еден човек по име Симеон, и тој човек беше праведен и богобојазлив, и тој ја исчекуваше Израеловата утеха [всушност, доаѓањето на Месијата], и светиот дух беше врз него“. Симеон знаел за месијанската надеж запишана во Писмото и тоа што го исчекувал нејзиното исполнување го обликувало неговиот живот. Не разбирал како ќе се одвива сето тоа и лично не доживеал да види како се обистинува претскажаното спасение, но се радувал кога го препознал Оној што подоцна се покажал како Божје „средство за спасение“ (Лука 2:30).
Утеха дадена преку Христос
8. Каква била разликата помеѓу помошта што ја дал Исус и она што многу луѓе мислеле дека им е потребно?
8 Додека Исус Христос ја извршувал својата служба на земјата, не давал секогаш таква помош каква што луѓето мислеле дека им е потребна. Некои копнееле по Месија што ќе ги ослободи од омразениот римски јарем. Но, Исус не се залагал за револуција; тој им рекол ‚да му го плаќаат цезаровото на цезарот‘ (Матеј 22:21). Божјата волја вклучувала многу повеќе отколку народот да биде ослободен од доминацијата на некој политички режим. Луѓето сакале да го направат Исус цар, но тој рекол дека ќе ја „даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28; Јован 6:15). Сѐ уште не било време да преземе царска власт, и авторитетот да владее требало да му го додели Јехова, а не незадоволните мноштва.
9. а) Која утешна порака ја објавувал Исус? б) Како ја покажал Исус врската помеѓу пораката и ситуациите со кои се соочувале луѓето? в) За што положила основа Исусовата служба?
9 Утехата што ја дал Исус била составен дел од „добрата вест за Божјето царство“. Ова било пораката што ја објавувал Исус каде и да одел (Лука 4:43). Тој ја нагласил врската помеѓу таа порака и секојдневните проблеми на луѓето покажувајќи што ќе стори тој за човештвото како месијански Владетел. На луѓето што страдале одново им дал причина зошто да живеат со тоа што им го враќал видот и говорот (Матеј 12:22; Марко 10:51, 52), исцелувал сакати делови од телото (Марко 2:3—12), ги очистувал Израелците од одвратни болести (Лука 5:12, 13) и ги отстранувал тешките болести (Марко 5:25—29). Им донел големо олеснување на ужалените членови на семејствата со тоа што ги кренал нивните деца од мртвите (Лука 7:11—15; 8:49—56). Ја покажал својата способност да ги држи под контрола опасните бури и да ги задоволи потребите за храна на големите мноштва (Марко 4:37—41; 8:2—9). Освен тоа, Исус ги поучил за начела во животот што ќе можеле да им помогнат ефикасно да се справат со постоечките проблеми и што ќе ги исполнеле нивните срца со надеж за праведно владетелство под Месијата. Така, додека Исус ја извршувал својата служба, не само што ги тешел оние кои слушале со вера туку положил и основа за да се охрабрат луѓето во текот на следните илјадалетија.
10. Што е овозможено со Исусовата жртва?
10 Повеќе од 60 години откако Исус го положил својот човечки живот како жртва и бил воскреснат за небесен живот, апостол Јован бил инспириран да напише: „Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не извршите грев. А сепак, ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Користите од Исусовата совршена човечка жртва ни носат многу голема утеха. Знаеме дека можеме да имаме простување на гревовите, чиста совест, одобрен однос со Бог и изглед за вечен живот (Јован 14:6; Римјаните 6:23; Евреите 9:24—28; 1. Петрово 3:21).
Светиот дух како утешител
11. Која натамошна подготовка за утеха ја ветил Исус пред својата смрт?
11 Додека бил со своите апостоли последната вечер пред својата жртвена смрт, Исус зборувал за уште една подготовка што ја направил неговиот небесен Татко за да ги утеши. Исус рекол: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник [утешител; грчки параклетос] за да биде со вас засекогаш, духот на вистината“. Исус ги уверил: „Помошникот, светиот дух . . . ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков“ (Јован 14:16, 17, 26). Како им донел утеха светиот дух?
12. На кој начин улогата на светиот дух како помош во меморијата на Исусовите ученици помогнала да им се даде утеха на мнозина?
12 Апостолите биле опсежно поучени од Исус. Тие сигурно никогаш немало да го заборават тоа искуство, но дали ќе се сетеле на она што го рекол тој? Дали ќе биле изгубени важни поуки поради нивната несовршена меморија? Исус ги уверил дека светиот дух ‚ќе ги потсети на сѐ што им рекол‘. Затоа, околу осум години по Исусовата смрт, Матеј можел да го напише првото евангелие, во кое ја запишал Исусовата охрабрувачка Проповед на гората, неговите многубројни илустрации во врска со Царството и неговата подробна дискусија за знакот на неговата присутност. Повеќе од 50 години подоцна, апостол Јован можел да напише еден веродостоен извештај полн со подробни детали за последните неколку дена од Исусовиот живот на земјата. Колку само се покажале охрабрувачки овие инспирирани извештаи сѐ до нашево време!
13. Како светиот дух им послужил како учител на раните христијани?
13 Освен тоа што светиот дух ги потсетил учениците на кажаните зборови, тој исто така ги поучил и ги водел до едно поцелосно разбирање на Божјата намера. Додека Исус сѐ уште бил со своите ученици, им кажал некои работи што тогаш не ги разбрале јасно. Меѓутоа, подоцна, поттикнати од светиот дух, Јован, Петар, Јаков, Јуда и Павле напишале објаснувања за натамошниот развој на Божјата намера. Така, светиот дух служел како учител со тоа што им дал скапоцено уверување дека имаат божествено водство.
14. На кои начини светиот дух му помогнал на Јеховиниот народ?
14 Чудесните дарови на духот помогнале да се разјасни и тоа дека Бог ја префрлил својата наклоност од телесниот Израел врз христијанското собрание (Евреите 2:4). Исто така, плодовите на тој дух во животот на секој поединец биле еден важен фактор да се препознаат оние што навистина биле Исусови ученици (Јован 13:35; Галатите 5:22—24). Исто така, духот ги зајакнал членовите на собранието да бидат смели и бестрашни сведоци (Дела 4:31).
Помош кога сме под огромен притисок
15. а) Со какви притисоци се соочувале христијаните во минатото и во денешно време? б) Зошто можеби и оние што даваат охрабрување понекогаш имаат потреба да бидат охрабрени?
15 Сите што му се оддадени и лојални на Јехова доживуваат некаков вид прогонство (2. Тимотеј 3:12). Меѓутоа, не е мал бројот на оние христијани што биле изложени на премногу силен притисок. Во денешни времиња, некои биле гонети од толпи и ставани во нечовечните услови на концентрационите логори, затворите и работничките логори. Владите презеле улога на активни прогонители или, пак, дозволиле извесни беззаконски елементи да беснеат без да бидат казнети. Освен тоа, некои христијани се соочиле со големи здравствени проблеми или со сериозни семејни кризи. Исто така, притисок може да чувствува и некој зрел христијанин што им помага на своите соверници да се справуваат со тешки ситуации. Во такви случаи, можеби и оној што дава охрабрување има потреба да биде охрабрен.
16. Како добил помош Давид кога бил под голем притисок?
16 Кога цар Саул бил во потера по Давид за да го убие, Давид му се обратил на Бог како на свој Помошник: „Послушај ја, Боже, мојата молитва“, молел тој. „Мојата душа се надева на тебе“ (Псалм 54:2, 4; 57:1). Дали Давид добил помош? Да. Во текот на тој период, Јехова го користел пророкот Гад и свештеникот Авијатар за да му даде водство на Давид, а го користел и Јонатан, синот на Саул, за да го зајакне овој млад човек (1. Самоил 22:1, 5; 23:9—13, 16—18). Исто така, Јехова им дозволил на Филистејците да ја нападнат земјата и со тоа го одвратил Саул од неговата потера (1. Самоил 23:27, 28).
17. Каде се обратил за помош Исус кога бил под силен притисок?
17 И самиот Исус Христос бил под силен притисок додека се ближел крајот на неговиот живот на земјата. Бил сосема свесен како би можело неговото однесување да се одрази врз името на неговиот небесен Татко и што би можело да значи тоа за иднината на целото човештво. Горливо се молел, дури и ‚западнал во агонија‘. Бог се погрижил Исус да ја добие поддршката што му била потребна во тој тежок момент (Лука 22:41—44).
18. Каква утеха им дал Бог на раните христијани што биле жестоко прогонувани?
18 По основањето на собранието во првиот век, христијаните биле толку жестоко прогонувани што сите освен апостолите се разбегале од Ерусалим. Мажи и жени биле дословно одвлекувани од своите домови. Каква утеха им дал Бог? Уверувањето од неговата Реч дека имаат „подобар и траен посед“, непропадливо наследство на небесата со Христос (Евреите 10:34; Ефешаните 1:18—20). Како што продолжиле да проповедаат, виделе доказ дека Божјиот дух бил со нив, а нивните искуства им дале натамошна причина да се радуваат (Матеј 5:11, 12; Дела 8:1—40).
19. Што мислел Павле за утехата што ја дава Бог, иако трпел жестоко прогонство?
19 Со текот на времето, Савле (Павле), кој и самиот бил насилнички прогонител, станал мета на прогонство затоа што станал христијанин. На островот Кипар имало некој гаталец што се обидел да ја спречи службата на Павле служејќи се со измама и извртување на работите. Во Галатија, Павле бил каменуван и оставен затоа што мислеле дека е мртов (Дела 13:8—10; 14:19). Во Македонија бил тепан со стапови (Дела 16:22, 23). По насилството од некоја толпа во Ефес, тој напишал: „Бевме под крајно голем притисок над нашата сила, така што не бевме сигурни дури ни за својот живот. Всушност, во себе чувствувавме дека ја примивме смртната пресуда“ (2. Коринќаните 1:8, 9). Но, во истото писмо Павле ги напишал утешните зборови цитирани во 2. пасус од оваа статија (2. Коринќаните 1:3, 4).
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 Како можеш и ти да даваш таква утеха? Во нашево време има многу луѓе на кои им е потребна утеха кога трпат болка, или поради некоја несреќа што погодува илјадници луѓе или поради некоја неволја што ги погодува само нив. Во следната статија ќе разгледаме како да даваме утеха и во едниот и во другиот случај.
Се сеќаваш ли?
• Зошто утехата од Бог има најголема вредност?
• Каква утеха ни е дадена преку Христос?
• На кој начин светиот дух се покажал како утешител?
• Наведи примери за утехата што ја дал Бог кога неговите слуги биле под голем притисок.
[Слики на страница 15]
Библијата покажува дека Јехова дал утеха избавувајќи го својот народ
[Слики на страница 16]
Исус давал утеха со тоа што поучувал, лекувал и воскреснувал мртви
[Слика на страница 18]
Исус добил помош одозгора