Во чии ветувања можеш да имаш доверба?
„НЕГОВИТЕ ветувања беа, каков што тогаш беше и тој, големи; но неговите дела се, каков што тој е сега, никакви“. (Хенри VIII од Вилијам Шекспир.)
Големите ветувања на коишто укажал Шекспир биле ветувањата на англискиот кардинал Томас Вулзи, кој имал голема политичка моќ во Англија во 16 век. Некои можеби ќе речат дека овој опис на Шекспир важи и за најголемиот број ветувања што ги слушаат денес. На луѓето постојано им се ветува многу но добиваат малку. Затоа не е тешко да се сфати зошто стануваат сомничави во врска со сите ветувања.
Разочарувањата изобилуваат
На пример, за време на ужасните судири на Балканот во 1990-те, Советот за безбедност на Обединетите нации го прогласи босанскиот град Сребреница за „безбедно место“. Тоа изгледаше како сигурна гаранција од страна на меѓународната заедница. Така мислеа и илјадници муслимански бегалци во Сребреница. Меѓутоа, на крајот, ветувањето за безбедно прибежиште не значеше ништо (Псалм 146:3). Во јули 1995, напаѓачките сили едноставно ги отурнаа силите на ОН и го зазедоа градот. Повеќе од 6.000 муслимани изчезнаа, а најмалку 1.200 муслимански цивили беа убиени.
Секој аспект од животот е исполнет со неисполенти ветувања. Луѓето се чувствуваат измамени од „безбројните случаи на лажно и заведувачко рекламирање“ со кои денес се бомбардирани. Тие се разочарани од „неисполнетите ветувања од кампањите на илјадници политичари“ (The New Encyclopædia Britannica, том 15, 37. страница). Верските водачи во кои луѓето имаат доверба и кои ветуваат дека ќе се грижат за своите стада ги злоупотребуваат на најодвратен начин. Дури и во професии како што се образованието и медицината — кои наводно се водени од сочувство и грижа за другите — некои ја изневериле довербата што ја имале и ги искористувале или дури и ги убивале оние што биле оставени на нивна грижа. Не е ни чудо што Библијата нѐ предупредува да не веруваме на секој збор што е кажан! (Пословици 14:15).
Ветувања што се исполнети
Се разбира, многу луѓе си го одржуваат зборот, понекогаш и на своја голема штета (Псалм 15:4). Нивниот збор е гаранција и тие го почитуваат. Други искрено сакаат да ги исполнат ветувањата што ги дале со најдобра намера. Спремни се и желни се да го направат она што го ветиле, но едноставно не се способни да го сторат тоа. Околностите можат да ги расипат дури и најдобрите планови (Проповедник 9:11).
Која и да е причината, реалноста е дека на многу луѓе им е тешко да веруваат во ветувањата на кој и да било. Затоа се поставува прашањето: ,Дали има некои ветувања во кои можеме да имаме доверба?‘ Да. Можеме да имаме доверба во ветувањата што се наоѓаат во Божјата реч, Библијата. Зошто не разгледаш што вели следната статија во врска со ова? Можеби ќе дојдеш до заклучок, како што милиони веќе заклучиле, дека навистина можеме да имаме доверба во Божјите ветувања.
[Извор на слика на страница 3]
AP Photo/Amel Emric