Чувај се од измама
„Пазете, некој да не ве одведе како свој плен со помош на . . . празна измама“ (КОЛОШАНИТЕ 2:8).
1-3. а) Кои примери покажуваат дека измамата навлегла во речиси сите пори на секојдневниот живот? б) Зошто не треба да нѐ изненади измамата во светот?
„КОЛКУМИНА од вас никогаш не биле излажани од некој клиент?“ Пред неколку години, еден професор по право спровел анкета поставувајќи го ова прашање. Каков одговор добил? Тој објаснува: „Од илјадници адвокати, само еден никогаш не бил излажан од некој клиент“. Зошто? „Адвокатот штотуку почнал да работи во една голема фирма и сѐ уште не разговарал со ниеден клиент“. Ова искуство илустрира една жална вистина — лажењето и измамата се нормална работа во денешниов свет.
2 Измамата ја има во многу облици и навлегла во речиси сите пори на современиот живот. Медиумите известуваат за голем број такви примери — политичарите лажат во врска со своите постапки, книговодителите и адвокатите го преувеличуваат профитот на корпорациите, оние што прават реклами ги мамат потрошувачите, оние што се парничат на суд ги мамат осигурителните компании. Ова се само неколку примери. Потоа, тука е и религиозната измама. Свештениците ги заведуваат масите поучувајќи лажни доктрини, како што се бесмртност на душата, пеколен оган и тројство (2. Тимотеј 4:3, 4).
3 Треба ли сета оваа измама да нѐ изненади? Не баш. Во врска со „последните денови“, Библијата предупредила: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо, заведувајќи и бидувајќи заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Како христијани, треба да бидеме будни во поглед на измамничките идеи што би можеле да нѐ одвратат од вистината. Логично, се поставуваат две прашања: ,Зошто измамата е толку раширена денес?‘, и ,Како можеме да внимаваме да не бидеме измамени?‘
Зошто денес има толку многу измама?
4. На кој начин Библијата објаснува зошто измамата е толку раширена во светот?
4 Библијата јасно ја образложува причината зошто измамата е толку раширена во овој свет. Апостол Јован напишал дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Тој ,злобен‘ е Сатана Ѓаволот. Во врска со него, Исус рекол: „[Тој] не стоеше цврсто во вистината, зашто вистината не е во него. Кога зборува лага, зборува според својата сопствена настроеност, бидејќи е лажливец и татко на лагата“. Според тоа, дали е чудно што овој свет го одразува духот, вредностите и измамничките особини на својот владетел? (Јован 8:44; 14:30; Ефешаните 2:1—3).
5. На кој начин Сатана ги засилил своите измамнички обиди во ова време на крајот, и кој му е посебна мета?
5 Во ова време на крајот, Сатана ги засилува своите обиди. Тој е исфрлен на земјата. Знае дека има уште малку време и исполнет е со „голем гнев“. Бидејќи е решен да уништи колку што е можно повеќе луѓе, тој „ја заведува целата населена земја“ (Откровение 12:9, 12). Сатана не е измамник само одвреме навреме. Напротив, тој е непопустлив во своите напори да ги заведе луѓето.a Ја користи секоја измамничка метода што ја има во својот арсенал — вклучувајќи лукавство и измама — за да ги заслепи умовите на неверниците и да ги одврати од Бог (2. Коринќаните 4:4). Овој мајстор на измамата е особено решен да ги проголта оние што го обожаваат Бог „со дух и со вистина“ (Јован 4:24; 1. Петрово 5:8). Никогаш не заборавај дека Сатана, всушност, тврдел: ,Секого можам да го одвратам од Бог‘ (Јов 1:9—12). Да разгледаме некои од „измамите“ на Сатана и како да се чуваме од нив (Ефешаните 6:11, ДХК).
Внимавај да не те измамат отпадниците
6, 7. а) Што можат да тврдат отпадниците? б) На кој начин Писмото јасно покажува што сакаат отпадниците?
6 Сатана долго време користел отпадници во своите обиди да ги заведе Божјите слуги (Матеј 13:36—39). Отпадниците можат да тврдат дека го обожаваат Јехова и дека веруваат во Библијата, но го отфрлаат видливиот дел од неговата организација. Некои од нив дури и се враќаат на доктрините што го обесчестуваат Бог, кои потекнуваат од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија (Откровение 17:5; 2. Петрово 2:19—22). Под божествена инспирација, писателите на Библијата користеле силни зборови за да ги разоткријат мотивите и методите на отпадниците.
7 Која е целта на отпадниците? Повеќето од нив не се задоволни само со тоа да ја напуштат верата што некогаш можеби ја сметале за вистинска. Честопати, тие сакаат да повлечат и други со себе. Наместо да излезат и да си прават свои ученици, многу отпадници настојуваат „да ги одвлечат учениците [то ест, Христовите ученици] по себе“ (Дела 20:29, 30). Во врска со лажните учители, апостол Павле го дал следново итно предупредување: „Пазете, некој да не ве одведе како свој плен“ (Колошаните 2:8). Зарем овие зборови не го опишуваат она што се обидуваат да го направат многу отпадници? Како што некој киднапер ја одвлекува од семејството жртвата што не се сомнева во ништо, отпадниците ги демнат членовите на собранието што имаат доверба во нив, настојувајќи да ги одвлечат од стадото.
8. Кои методи ги користат отпадниците за да ја постигнат својата цел?
8 Кои методи ги користат отпадниците за да ја постигнат својата цел? Честопати се служат со извртувања, полувистини и отворени лаги. Исус знаел дека неговите следбеници ќе бидат малтретирани од оние што „ќе говорат лажно против“ нив (Матеј 5:11, ДХК). Тие злобни противници ќе го кажуваат она што не е вистина со намера да ги измамат другите. Апостол Петар предупредил на отпадниците што ќе користат „измамливи зборови“, ќе шират „измамливи учења“ и ,ќе го извртуваат Писмото‘ за да ги постигнат своите цели (2. Петрово 2:3, 13; 3:16). За жал, отпадниците успеваат ,да ја поткопаат верата на некои‘ (2. Тимотеј 2:18).
9, 10. а) Како можеме да внимаваме да не нѐ измамат отпадниците? б) Зошто не се вознемируваме ако нашето разбирање за Божјата намера треба да претрпи промени?
9 Како можеме да внимаваме да не нѐ измамат отпадниците? На тој начин што ќе го следиме советот од Божјата реч, кој гласи: „Да ги држите на око оние кои предизвикуваат поделби и кои предизвикуваат прилики за спрепнување, спротивно на учењето што сте го научиле, и избегнувајте ги“ (Римјаните 16:17). Ние ,ги избегнуваме‘ така што ги отфрламе нивните резонирања — сеедно дали ни ги кажуваат тие лично или користат печатен материјал или Интернет. Зошто заземаме таков став? Прво, затоа што Божјата реч ни заповеда да постапуваме така, а ние имаме доверба дека Јехова секогаш ни го мисли најдоброто (Исаија 48:17, 18).
10 Второ, ние ја сакаме организацијата од која сме ги научиле скапоцените вистини што толку јасно нѐ одвојуваат од Големиот Вавилон. Во исто време, признаваме дека нашето спознание за Божјата намера не е совршено; низ годините нашето разбирање претрпело промени. Лојалните христијани се задоволуваат со тоа да чекаат Јехова да ги направи сите тие прочистувања (Пословици 4:18). Во меѓувреме, нема да ја напуштиме организацијата што Бог сака да ја користи, бидејќи гледаме јасен доказ дека тој ја благословува (Дела 6:7; 1. Коринќаните 3:6).
Внимавај да не се залажуваш
11. Зошто несовршените луѓе имаат склоност да се залажуваат?
11 Несовршените луѓе имаат една склоност што Сатана гледа да ја искористи — да се мамат самите, т.е. да се залажуваат. „Поизмамливо од сѐ е срцето“, стои во Еремија 17:9. А Јаков напишал: „Секој е искушуван со тоа што неговата сопствена желба го одвлекува и мами“ (Јаков 1:14). Ако нашето срце е измамено, тоа може да нѐ намами на грев, правејќи тој да ни изгледа привлечно и безопасно. Таквото гледиште е измамничко, бидејќи ако му потклекнеме на гревот, на крајот тоа ќе нѐ одведе во пропаст (Римјаните 8:6).
12. На кои начини можеме да паднеме во замката да почнеме да се залажуваме?
12 Лесно можеме да паднеме во замката да почнеме да се залажуваме. Измамливото срце може да почне да си наоѓа оправдувања за некоја сериозна карактерна маана или да си наоѓа изговори за некој сериозен грев (1. Самоил 15:13—15, 20, 21). Исто така, нашето очајничко срце може да се обиде на разни начини да ги оправда сомнителните постапки. На пример, да ја спомнеме забавата. Некои облици на забава се корисни и претставуваат вистинско уживање. Меѓутоа, голем дел од она што го нуди овој свет — во филмовите, на телевизиските програми и на Интернет сајтовите — е непристојно и неморално. Лесно е да се убедиме дека можеме да гледаме гнасна забава без да ни наштети. Некои дури и резонираат: „Мене не ме пече совеста, тогаш во што е проблемот?“ Но, таквите поединци ,се залажуваат самите себе со лажно резонирање‘ (Јаков 1:22).
13, 14. а) Кој библиски пример покажува дека нашата совест не е секогаш сигурен водич? б) Како можеме да внимаваме да не се залажуваме?
13 Како можеме да внимаваме да не се залажуваме? Како прво, треба да запомниме дека не можеме секогаш да се потпреме на човечката совест. Размисли, на пример, за апостол Павле. Пред да стане христијанин, тој ги прогонувал Христовите следбеници (Дела 9:1, 2). Можеби во тоа време совеста не го печела затоа што правел така. Но, очигледно е дека таа го водела во погрешен правец. „Бев во незнаење и постапував без вера“, рекол Павле (1. Тимотеј 1:13). Значи, тоа што совеста не нѐ пече поради некој облик на забава, само по себе не е гаранција дека постапуваме исправно. Сигурен водич може да биде само здрава совест што е исправно школувана на темел на Божјата реч.
14 За да не се залажуваме, еве неколку корисни предлози што треба да ги имаме на ум. Преиспитај се во молитва (Псалм 26:2; 2. Коринќаните 13:5). Чесното самоиспитување може да ти ги отвори очите и да увидиш дека треба да направиш некои промени во гледиштето или во постапките. Слушај ги другите (Јаков 1:19). Бидејќи самоиспитувањето обично е пристрасно, мудро е да ги послушаш непристрасните зборови на зрелите сохристијани. Ако утврдиш дека донесуваш одлуки или постапуваш на начин што во очите на урамнотежени, искусни соверници не е баш како што треба, би можел да се запрашаш: ,Дали можеби совеста не ми е исправно школувана или, пак, срцето ме лаже?‘ Редовно храни се од Библијата и од библиските публикации (Псалм 1:2). Тоа ќе ти помогне да ги задржиш своите мисли, ставови и чувства во склад со Божјите начела.
Чувај се од лагите на Сатана
15, 16. а) Кои лаги ги користи Сатана во своите обиди да нѐ измами? б) Како можеме да избегнеме да бидеме измамени од тие лаги?
15 Сатана користи најразлични лаги во своите обиди да нѐ измами. Тој се обидува да нѐ увери дека материјалните поседи се извор на среќа и задоволство, но честопати се покажало точно токму спротивното (Проповедник 5:10—12). Тој би сакал да веруваме дека овој злобен свет ќе постои засекогаш, иако имаме јасни докази дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5). Сатана ја шири идејата дека воопшто не е штетно да се води неморален живот, иако оние што трчаат по задоволства честопати трпат горки последици (Галатите 6:7). Како можеме да избегнеме да бидеме измамени од такви лаги?
16 Извлечи корист од библиските примери. Библијата содржи предупредувачки примери на поединци што биле измамени од лагите на Сатана. Тие ги сакале материјалните работи, изгубиле од вид во кое време живеат или, пак, се оддале на неморал — и сето ова водело до лоши последици (Матеј 19:16—22; 24:36—42; Лука 16:14; 1. Коринќаните 10:8—11). Учи од примерите во денешно време. За жал, одвреме навреме некои христијани го губат чувството на итност и почнуваат да мислат дека пропуштаат нешто добро затоа што му служат на Бог. Можеби ќе ја напуштат вистината за да водат живот на таканаречено задоволство. Меѓутоа, таквите се „на лизгава патека“, бидејќи порано или подоцна ќе ги трпат последиците од своето безбожно однесување (Псалм 73:18, 19). Мудро е да учиме од грешките на другите (Пословици 22:3).
17. Зошто Сатана ја шири лагата дека Јехова не нѐ сака и дека во негови очи не сме вредни?
17 Има уште една лага што Сатана ја користи многу ефикасно — лагата дека Јехова не нѐ сака и дека во негови очи не сме вредни. Сатана имал на располагање илјадници години за да ги анализира несовршените луѓе. Тој добро знае дека обесхрабрувањето може да нѐ ослабне (Пословици 24:10). Затоа ја шири лагата дека сме безвредни во Божји очи. Ако успее да нѐ ,собори‘ и да нѐ увери дека Јехова не нѐ сака, може да се најдеме во искушение да се предадеме (2. Коринќаните 4:9). И токму тоа е она што сака да го постигне големиот Измамник! Тогаш, како можеме да внимаваме да не бидеме измамени од оваа сатанска лага?
18. Како нѐ уверува Библијата во Јеховината љубов?
18 Лично земи го при срце она што го вели Библијата за Божјата љубов кон нас. Божјата реч користи живи илустрации за да нѐ увери дека Јехова го забележува и го сака секого од нас како поединец. Тој ги става твоите солзи во ,својата мешина‘, што значи дека ги гледа и ги помни солзите што ги пролеваш додека се бориш да останеш верен (Псалм 56:8, NW). Тој знае кога си ,со скрушено срце‘ и во тие моменти е близу до тебе (Псалм 34:18). Го знае секој детаљ за тебе, па дури и бројот на ,сите влакна на твојата глава‘ (Матеј 10:29—31). Над сѐ, Бог ,го дал својот единороден Син‘ за тебе (Јован 3:16; Галатите 2:20). Понекогаш можеби ќе ти биде тешко да веруваш дека тие стихови важат и за тебе лично. Меѓутоа, мораме да му веруваме на Јехова. Тој сака да веруваме дека нѐ сака не само сите како група туку и секого од нас како поединец.
19, 20. а) Зошто е важно да ја препознаеш и да ја отфрлиш сатанската лага дека Јехова не те сака? б) На кој начин еден патувачки надгледник им помага на потиштените?
19 Препознај ја и отфрли ја лагата. Ако знаеш дека некој лаже, можеш да се заштитиш од тоа да бидеш измамен. Исто така, самото сознание дека Сатана сака да веруваш во лагата дека Јехова не те сака може многу да ти помогне. Како одговор на една статија од Стражарска кула што предупреди на тактиките на Сатана, една христијанка рекла: „Не сфаќав дека Сатана се обидува да ги искористи моите сопствени чувства за да ме обесхрабри. Сознанието за тоа ме мотивира да се борам со тие чувства“.
20 Размисли за искуството на еден патувачки надгледник во една јужноамериканска земја. Кога прави пастирски посети кај соверниците што се потиштени, тој често ги прашува: ,Дали веруваш во тројство?‘ Оној што е обесхрабрен обично одговара: ,Се разбира дека не‘, затоа што сфаќа дека тоа е една од лагите на Сатана. Потоа патувачкиот старешина прашува: ,Дали веруваш во пеколен оган?‘ Повторно го добива истиот одговор: ,Се разбира дека не!‘ Тогаш патувачкиот старешина им кажува дека Сатана користи уште една лага што обично не се препознава како лага. Тој им го свртува вниманието на книгата Приближи му се на Јехова,b каде што на 249. страница, во 21. пасус, е разоткриена лагата дека Јехова не нѐ сака нас како поединци. Патувачкиот надгледник известува дека има позитивни резултати од тоа што на ваков начин им помага на обесхрабрените да ја препознаат и да ја отфрлат оваа сатанска лага.
Чувај се од измама
21, 22. Зошто не сме во незнаење во врска со измамничките тактики на Сатана, и на што треба да бидеме решени?
21 Во текот на овој завршен дел од последните денови може да се очекува дека Сатана ќе продолжи да шири купишта лаги и измами. За среќа, Јехова не нѐ оставил во незнаење во врска со измамничките тактики на Сатана. Библијата и библиските публикации на „верниот и разборит роб“ јасно ги разоткриваат злобните методи на Ѓаволот (Матеј 24:45). Бидејќи сме предупредени однапред, ние практично сме и вооружени однапред (2. Коринќаните 2:11).
22 Затоа, да продолжиме да се чуваме од резонирањата на отпадниците. Да бидеме решени да ја избегнуваме подмолната стапица на тоа да се залажуваме. Исто така, да ги препознаеме и да ги отфрлиме сите лаги на Сатана. На тој начин ќе го зачуваме нашиот однос со ,Богот на вистината‘, кој ја мрази измамата (Псалм 31:5; Пословици 3:32).
[Фусноти]
a Во врска со формата на глаголот што во Откровение 12:9 е преведен со „заведува“, едно стручно дело вели дека тој „укажува на постојано дејство што преминало во навика“.
b Издадена од Јеховините сведоци.
Дали се сеќаваш?
• Зошто во светот денес има толку многу измама?
• Како можеме да внимаваме да не бидеме измамени од отпадниците?
• Како можеме да се чуваме од секаква склоност да се залажуваме?
• Како можеме да избегнеме да бидеме измамени од сатанските лаги?
[Слика на страница 17]
Немој да се залажуваш во поглед на забавата
[Слики на страница 18]
Додека внимаваш да не се залажуваш, преиспитај се во молитва, слушај ги другите и редовно храни се од Божјата реч