Уморни, но не попуштаме
„Бог, Творец на вечните краишта . . . На заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот“ (ИСАИЈА 40:28, 29).
1, 2. а) Која привлечна покана им е упатена на сите што сакаат да го практикуваат чистото обожавање? б) Што може да претставува сериозна опасност за нашата духовност?
КАКО ученици на Исус, добро ни е позната неговата привлечна покана: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам . . . Зашто мојот јарем е благ и мојот товар е лесен“ (Матеј 11:28—30). Исто така, на христијаните им се понудени „раздобја на освежување од лицето на Јехова“ (Дела 3:19). Сигурно си осетил на своја кожа какво освежување доаѓа кога ги учиме библиските вистини, кога имаме светла надеж за иднината и кога ги применуваме Јеховините начела во нашиот живот.
2 Сепак, некои обожаватели на Јехова поминуваат низ периоди на емоционален умор. Во некои случаи овие периоди на обесхрабрување се кратки. Во други, чувството на замор може да трае подолго. Како што одминува времето, некои можеби чувствуваат дека нивните христијански должности им стануваат бреме, а не освежувачки товар, како што ветил Исус. Таквите негативни чувства можат да претставуваат сериозна опасност за односот на еден христијанин со Јехова.
3. Зошто Исус го дал советот од Јован 14:1?
3 Кратко пред да биде уапсен и погубен, Исус им рекол на своите ученици: „Да не се вознемирува вашето срце. Практикувајте вера во Бог, практикувајте вера и во мене“ (Јован 14:1). Исус ги кажал овие зборови зашто апостолите наскоро требало да се соочат со трагични настани. По тоа ќе следел налет на прогонство. Исус знаел дека неговите апостоли може да се спрепнат како последица од потполно обесхрабрување (Јован 16:1). Ако не ги контролирале, чувствата на тага можеле да им ја ослабнат духовноста и да ги наведат да ја изгубат довербата во Јехова. Ова важи и за христијаните денес. Обесхрабрувањето што трае долго време може да ни нанесе голема мака и може да чувствуваме тежина во срцето (Еремија 8:18). Нашата внатрешна личност може да ослабне. Под ваков притисок, можеме да станеме емоционално и духовно парализирани, па дури и да ја изгубиме желбата да го обожаваме Јехова.
4. Што може да ни помогне за да не ни се умори фигуративното срце?
4 Навистина е на место библискиот совет: „А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (Пословици 4:23). Библијата дава практични совети што ни помагаат да го заштитиме нашето фигуративно срце од обесхрабрување и духовен умор. Меѓутоа, најпрво треба да препознаеме која е причината за нашиот умор.
Христијанството не е товар
5. Каква привидна противречност има во врска со христијанското учеништво?
5 Точно, за да се биде христијанин потребен е силен напор (Лука 13:24). Исус дури рекол: „Кој не го носи својот маченички столб и не оди по мене, не може да биде мој ученик.“ (Лука 14:27). На прв поглед, овие зборови можеби изгледа дека се во противречност со изјавата на Исус дека неговиот товар е лесен и дека освежува, но всушност овде нема никаква противречност.
6, 7. Зошто може да се рече дека нашиот облик на обожавање не уморува?
6 Силниот напор и тешката работа, иако физички уморуваат, можат да донесат задоволство и освежување кога се вршат од добра причина (Проповедник 3:13, 22). А што би можело да биде подобра причина од тоа да ги споделуваме прекрасните библиски вистини со нашите ближни? Исто така, нашата борба да живееме според Божјите високи морални мерила станува безначајна кога ќе се спореди со користите што ги добиваме како резултат на тоа (Пословици 2:10—20). Дури и кога сме прогонувани, за нас е чест да страдаме поради Божјето Царство (1. Петрово 4:14).
7 Товарот на Исус навистина освежува, особено кога ќе се спореди со духовната темнина во која се наоѓаат оние што остануваат под јаремот на лажната религија. Бог нежно нѐ сака и не ни наметнува неразумни барања. Јеховините „заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3). Вистинското христијанство што е прикажано во Писмото не е товар. Очигледно е дека нашиот облик на обожавање не предизвикува умор и обесхрабрување.
‚Симни го секој товар‘
8. Што е честопати причината за духовниот умор?
8 Секогаш кога се чувствуваме духовно уморни, тоа е веројатно поради сѐ поголемиот товар што овој расипан систем на работи го става врз нас. Бидејќи „целиот свет лежи во власта на злобниот“, опкружени сме со негативни сили што можат да нѐ исцрпат и да ни ја нарушат христијанската рамнотежа (1. Јованово 5:19). Небитните работи можат да ни ја комплицираат и да ни ја попречат христијанската рутина. Овие дополнителни товари можат да нѐ оптоварат, па дури и да ни го скршат духот. Затоа, сосем е на место кога Библијата нѐ советува „да го симнеме секој товар“ (Евреите 12:1—3).
9. Како можат да нѐ оптоварат материјалните стремежи?
9 На пример, тоа што светот е преокупиран со престиж, пари, забава, патувања заради уживање и други материјални стремежи може да влијае врз нашиот начин на размислување (1. Јованово 2:15—17). Некои христијани од првиот век кои тежнееле по богатство многу си го искомплицирале животот. Апостол Павле објаснува: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).
10. Што можеме да научиме за богатството од илустрацијата на Исус за сејачот?
10 Кога се чувствуваме уморни и обесхрабрени во нашата служба за Бог, можно ли е причината да биде тоа што стремежот по материјални работи ни ја задушува духовноста? Ова е многу веројатно, како што покажал и Исус во илустрацијата за сејачот. Исус ги споредил „тегобните грижи на овој систем на работи и измамничката моќ на богатството“ со трње што ‚се вовлекува и го задушува‘ семето на Божјата реч во нашето срце (Марко 4:18, 19). Затоа, Библијата нѐ советува: „Вашиот начин на живот нека биде ослободен од љубовта кон парите, и бидете задоволни со она што го имате сега. Зашто тој рекол: ‚Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам‘ “ (Евреите 13:5).
11. Како да се ослободиме од работите што можат да нѐ оптоварат?
11 Понекогаш она што ни го комплицира животот не е стремежот по повеќе работи, туку што правиме со работите што веќе ги имаме. Некои претрпеле емоционален умор поради сериозни здравствени проблеми, затоа што им починал некој сакан или поради некои други тешки проблеми. Увиделе дека одвреме навреме треба да прават мали промени. Една брачна двојка решила да прекине со некои свои хобија и неважни лични проекти. Тие, всушност, ги прегледале своите работи и буквално спакувале и тргнале настрана сѐ што било поврзано со тие проекти. Повремено, сите ние можеме да извлечеме корист ако размислиме какви навики имаме и што поседуваме, и ако го симнеме секој непотребен товар за да не се умориме и да не малаксаме во своите души.
Неопходни се разумност и скромност
12. Што треба да си признаеме во врска со нашите грешки?
12 Нашите сопствени грешки, дури и во малите работи, можат постепено да ни го искомплицираат животот. Колку само има вистина во зборовите на Давид: „Беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме“ (Псалм 38:4). Честопати, само неколку практични промени можат да ни ги олеснат тешките бремиња.
13. Како може разумноста да ни помогне да имаме урамнотежено гледиште за нашата служба?
13 Библијата нѐ охрабрува да стекнеме ‚практична мудрост и способност за расудување‘ (Пословици 3:21, 22, NW). „Мудроста одозгора е . . . разумна“, вели Библијата (Јаков 3:17). Некои се чувстуваат под притисок да држат чекор со она што другите го прават во христијанската служба. Меѓутоа, Библијата нѐ советува: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг. Оти секој ќе го носи својот сопствен товар“ (Галатите 6:4, 5). Точно, добриот пример на сохристијаните може да нѐ охрабри да му служиме на Јехова со цело срце, но практичната мудрост и разумноста ќе ни помогнат да си поставиме реалистични цели што се во склад со нашите околности.
14, 15. Како можеме да покажеме мудрост кога се грижиме за нашите физички и емоционални потреби?
14 Нашата разумност, дури и во работи што можеби ни изгледаат како не многу важни, може да ни помогне да ги спречиме чувствата на умор. На пример, дали стекнуваме урамнотежени навики што придонесуваат за добро физичко здравје? Разгледај го примерот на една брачна двојка што служи во една канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци. Тие увиделе колку е корисна практичната мудрост за да се спречи уморот. Сопругата вели: „Без разлика колку работа имаме, се трудиме секоја вечер да си легнеме отприлика во исто време. Исто така, редовно вежбаме. Ова навистина ни помага. Научивме кои ни се границите и се држиме во рамките на тие граници. Се трудиме да не се споредуваме со оние што изгледа како да имаат неисцрпна енергија“. Дали редовно јадеме здрави оброци и дали доволно се одмараме? Посветувањето разумно внимание на нашето општо здравје може да ги намали чувствата на емоционална и духовна истоштеност.
15 Некои од нас имаат посебни потреби. На пример, една христијанска сестра има служено во полновремената служба на неколку тешки доделби. Имала сериозни здравствени проблеми, меѓу кои и рак. Што ѝ помага да се справи со стресните ситуации? Таа вели: „Важно ми е да имам време кога можам да бидам сама и во потполн мир. Колку повеќе чувствувам дека стресот и уморот се насобираат, толку поитно ми требаат моменти на тивко спокојство кога можам да читам и да се одморам“. Практичната мудрост и способноста за расудување ни помагаат да ги сфатиме и да ги задоволиме нашите лични потреби со што ќе избегнеме духовен умор.
Јехова Бог нѐ исполнува со сила
16, 17. а) Зошто е многу важно да се грижиме за нашето духовно здравје? б) Што треба да вклучиме во нашата секојдневна рутина?
16 Се разбира, грижата за нашето духовно здравје е многу важна. Кога имаме близок однос со Јехова Бог, можеби физички ќе се умориме, но никогаш нема да се умориме од тоа да го обожаваме. Јехова е оној што „на заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот“ (Исаија 40:28, 29). Апостол Павле, кој лично ја искусил вистинитоста на овие зборови, напишал: „Не се откажуваме, но дури и ако човекот којшто сме однадвор се распаѓа, оној којшто сме однатре, сигурно се обновува од ден на ден“ (2. Коринќаните 4:16).
17 Забележи го изразот „од ден на ден“. Ова подразбира секојдневно да ги користиме подготовките од Јехова. Една мисионерка што 43 години верно служела, морала да се соочи со периоди на физички умор и обесхрабрување. Но, не попуштила. Таа вели: „Си стекнав навика да станувам рано за пред да почнам со работа да можам да поминам некое време во молитва до Јехова и да ја читам неговата Реч. Оваа секојдневна рутина ми помогна да издржам сѐ досега“. Навистина можеме да сметаме на Јеховината поткрепувачка сила ако редовно, да „од ден на ден“, му се молиме и размислуваме за неговите возвишени особини и за неговите ветувања.
18. Каква утеха им дава Библијата на верните што се остарени или што се болни?
18 Ова им е од особена помош на оние што се чувствуваат обесхрабрени поради старост или лошо здравје. Таквите можат да станат потиштени, не затоа што се споредуваат со другите туку затоа што се споредуваат со она што самите тие некогаш биле. Колкава само утеха е што знаеме дека Јехова ги цени постарите! Библијата вели: „Седите коси се венец на слава; се наоѓаат на патот на правдата“ (Пословици 16:31). Јехова ги знае нашите ограничувања и многу го цени тоа што го обожаваме од сѐ срце и покрај нашите слабости. А добрите дела што веќе сме ги направиле се неизбришливо запишани во Божјето сеќавање. Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, со тоа што им служевте на светите и понатаму им служите“ (Евреите 6:10). Колку само сме радосни што меѓу нас се оние што со децении му се лојални на Јехова!
Не се предавај
19. Каква корист имаме од тоа што сме зафатени да го правиме она што е добро?
19 Мнозина веруваат дека редовната енергична физичка активност може да го намали уморот. Слично на тоа, редовните духовни активности можат да ни помогнат да ги намалиме чувствата на емоционална или духовна истоштеност. Библијата вели: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме. Тогаш, навистина, сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:9, 10). Забележи ги изразите „да го правиме она што е добро“ и „да правиме добро“. Тие укажуваат на акција од наша страна. Тоа што ќе им правиме добро на другите може навистина да ни помогне да не попуштиме во нашата служба за Јехова.
20. За да се бориме против обесхрабрувањето, чие друштво треба да го избегнуваме?
20 Спротивно на тоа, кога се дружиме и кога сме вклучени во активности со луѓе на коишто не им се важни Божјите закони, можеме да си наметнеме заморен товар. Библијата нѐ предупредува: „Каменот е тежок и песокот е тежок, ама и од двете е потежок безумниковиот бес“ (Пословици 27:3). За да се бориме против чувствата на обесхрабрување и умор, треба да го избегнуваме друштвото на оние што секогаш размислуваат негативно и што се склони да им наоѓаат маани и да ги критикуваат другите.
21. Како можеме да ги охрабриме другите на христијанските состаноци?
21 Христијанските состаноци се подготовка од Јехова што може да ни влее духовна енергија. На нив имаме извонредна прилика да се храбриме еден со друг со освежувачки поуки и друштво (Евреите 10:25). Сите во собранието треба да се трудат да охрабрат кога коментираат на состаноците или кога имаат учество во програмата од подиумот. Оние што го преземаат водството како учители особено имаат одговорност да ги охрабруваат другите (Исаија 32:1, 2). Дури и кога треба да се даде опомена или укор, тонот со кој е кажан советот треба да освежува (Галатите 6:1, 2). Нашата љубов кон другите навистина ќе ни помогне да му служиме на Јехова без да попуштиме (Псалм 133:1; Јован 13:35).
22. И покрај нашата несовршена човечка природа, зошто можеме да бидеме исполнети со храброст?
22 Да се обожава Јехова во ова време на крајот вклучува работа. А, христијаните не се имуни на последиците од умствениот умор, емоционалните болки и стресните ситуации. Нашата несовршена човечка природа е кршлива, како некој глинен сад. Сепак, Библијата вели: „Ова благо го имаме во земјени садови, за силата која ја надминува нормалната да биде од Бог, а не од нас“ (2. Коринќаните 4:7). Да, ќе се умориме, но никогаш да не попуштиме ниту, пак, да се предадеме. Наместо тоа, да бидеме „исполнети со храброст и да речеме: ‚Јехова е мој помошник‘ “ (Евреите 13:6).
Кратко повторување
• Кои се некои тешки товари што би можеле да ги симнеме?
• Како можеме да имаме удел во тоа да им го правиме „она што е добро“ на нашите сохристијани?
• Како нѐ поткрепува Јехова кога се чувствуваме уморни или обесхрабрени?
[Слика на страница 23]
Исус знаел дека обесхрабрувањето што трае долго време може да ги вознемири апостолите
[Слика на страница 24]
Некои прекинале со извесни хобија и неважни лични проекти
[Слика на страница 26]
И покрај нашите ограничувања, Јехова многу го цени тоа што го обожаваме од сѐ срце