Прашања од читателите
Некои тврдат дека Павле не доживеал бродолом на островот Малта, јужно од Сицилија, туку на друг остров. Каде доживеал бродолом?
Ова прашање се однесува на еден предлог од поново време дека апостол Павле не доживеал бродолом на островот Малта, туку на Кефалонија (или Кефалинија), во близина на Крф во Јонското Море, покрај брегот на западна Грција. Инспирираниот извештај ни кажува дека Павле тргнал од Цезареја под надзор на римскиот центурион Јулиј, заедно со други војници и придружници на Павле. Како што е прикажано на картата, отпловиле до Сидон и Мира. Се префрлиле на еден голем брод за жито од Александрија (Египет), и продолжиле на запад кон Книд. Не можеле да го задржат предложениот правец преку Егејско Море покрај врвот на Грција кон Рим. Силните ветрови ги натерале на југ кон Крит и под заштита на неговите брегови. Таму застанале во пристаништето Добри Пристаништа. Кога ‚испловиле од Крит‘, бродот бил „силно зафатен“ од ‚бурен ветар кој се викал Евроаквило‘. Тешкиот брод за жито бил ‚фрлан ваму-таму по морето“ 14 ноќи. На крајот доживеале бродолом и сите 276 лица биле исфрлени на островот кој во грчкиот текст на Светото писмо е наречен Мелите (Дела 27:1—28:1).
Низ годините биле давани различни предлози за тоа кој бил овој остров, Мелите. Некои мислат дека тоа бил островот Мелите Илирика, сега познат како Млет, во Јадранско Море покрај брегот на Хрватска. Но, ова не изгледа веројатно зашто северната местоположба на Млет не е во склад со следните фази од патувањето на Павле, имено Сиракуза (Сицилија), а потоа западниот брег на Италија (Дела 28:11—13).
Повеќето библиски преведувачи заклучиле дека Мелите се однесува на островот Мелите Африканус, сега познат како Малта. Последното пристаниште каде што застанал бродот на кој бил Павле било Добри Пристаништа, на Крит. Потоа еден бурен ветар го истуркал бродот на запад кон Кауда. Ветрот го туркал бродот уште многу денови. Сосема е логично бродот туркан од бурата да отиде уште позападно и да стигне до Малта.
Во врска со ветрот што преовладува таму и со „правецот и брзината со која бродот отстапувал од курсот“, Конибер и Хосон во својата книга The Life and Epistles of St. Paul (Животот и писмата на Св. Павле), забележале: „Растојанието помеѓу Клауда [или Кауда] и Малта е нешто помалку од 770 километри. Совпаѓањето е толку забележително што изгледа речиси невозможно да се верува дека копното до кое се приближиле морнарите на четиринаесеттата ноќ би можело да биде некое друго место освен Малта. Веројатноста е огромна“.
Иако може да бидат предложени и други локации, бродоломот на Малта, прикажан на придружната карта, изгледа дека одговара на библискиот извештај.
[Карта/слика на страница 31]
(Види во публикацијата)
Ерусалим
Цезареја
Сидон
Мира
Книд
КРИТ
КАУДА
МАЛТА
СИЦИЛИЈА
Сиракуза
Рим
МЛЕТ
ГРЦИЈА
КЕФАЛОНИЈА