Сакаш ли да живееш засекогаш?
„НЕ СЕ ПЛАШАМ да умрам“, рекла една постара жена од Јапонија. „Но, жал ми е што ќе морам да се разделам од овие цвеќиња.“ Една христијанка што ја посетила оваа жена во нејзиниот дом, можела да сфати зошто се чувствува така — жената имала прекрасна градина. Многу од оние што велат дека немаат страв од смртта, навистина уживаат во чудата на создавањето и, всушност, можеби копнеат да живеат вечно.
Да живеат вечно? Мнозина веднаш ќе ја отфрлат таквата помисла. Некои можеби дури и ќе речат дека воопшто не се заинтересирани да живеат вечно. Зошто човек би размислувал вака?
Вечниот живот — досаден?
Некои мислат дека би било досадно да се живее вечно. Можеби ќе посочат на едноличниот живот што го водат пензионерите, кои не прават ништо друго освен што седат и зјапаат во телевизорот. Ако и ти гледаш вака на работите, размисли за она што го рекол астрономот Роберт Џастроу кога го прашале дали вечниот живот би бил благослов или клетва. Тој одговорил: „Би бил благослов за оние што имаат љубопитен ум и незгаслива жед за учење. Помислата дека ќе можат вечно да усвојуваат знаење би била многу утешна за нив. Но, за оние што сметаат дека научиле сѐ што може да се научи, за оние чии умови се затворени, вечниот живот би бил страшна клетва. Тие нема да знаат што да прават со времето“.
Дали за тебе вечниот живот би бил досаден или не, во голема мера зависи од твојот став. Ако имаш „љубопитен ум и незгаслива жед за учење“, помисли само што би можел да постигнеш на полето на уметноста, музиката, архитектурата, градинарството или во кои и да било други активности што те интересираат. Вечниот живот на земјата би ти отворил прекрасни можности да го развиеш твојот потенцијал на најразлични полиња што те интересираат.
Вечниот живот би бил навистина задоволувачки затоа што би можеле засекогаш да покажуваме и да чувствуваме љубов. Создадени сме со способност да покажуваме љубов и просто цветаме кога се чувствуваме сакани. Вистинската љубов што можеме да ја споделуваме со другите ни носи длабоко задоволство кое не исчезнува како што поминува времето. Вечниот живот би ни дал бескрајна можност да расте нашата љубов не само кон луѓето туку, пред сѐ, кон Бог. „Ако некој го љуби Бога“, рекол апостол Павле, „него Бог го познава“ (1. Коринќаните 8:3). Каков само прекрасен изглед — да го познаваме Суверенот на вселената и тој да нѐ познава нас! Освен тоа, нема крај на она што може да се научи за нашиот Творец кој многу нѐ сака. Тогаш, може ли воопшто да стане збор дека вечниот живот ќе биде досаден и незадоволувачки?
Животот — минлив, па затоа скапоцен?
Некои мислат дека животот е толку скапоцен затоа што е краток. Можеби го споредуваат со златото, кое го има само во ограничени количини. Кога би имало злато насекаде, велат, тогаш тоа би изгубило на вредност. Сепак, златото и понатаму би било прекрасно. Сигурно истото важи и за животот.
Да се живее вечно би можело да се спореди со тоа да се има изобилство од воздух. За морнарите што се наоѓаат во некоја расипана подморница која не може да исплови на површината на водата, воздухот ќе има една посебна вредност. Што мислиш, дали, откако ќе бидат спасени, неблагодарно ќе се жалат дека сега имаат премногу воздух за дишење? Во никој случај!
Како и тие морнари, и ние можеме да бидеме спасени, но со уште подобар изглед — да живееме вечно. „Платата што ја дава гревот е смрт“, напишал апостол Павле, „а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Преку откупната жртва на Исус, Бог ќе го отстрани човечкото несовршенство и смртта, и ќе им го даде на послушните луѓе дарот на вечен живот. Колку само треба да сме благодарни за таквата подготовка полна со љубов!
Што ќе биде со твоите најмили?
Некои можеби мислат: ‚Што ќе биде со моите најмили? Вечниот живот на Земјата нема ништо да ми значи ако тие не се со мене‘. Можеби ти си стекнал спознание од Библијата и си дознал за можноста да живееш вечно на рајска Земја (Лука 23:43; Јован 3:16; 17:3). Нормално, сакаш и членовите на твоето потесно семејство, како и други лица што ти се мили, а и твоите драги пријатели да бидат таму и да ги доживеат истите радости што ти се надеваш да ги доживееш во Божјиот ветен нов свет на праведност (2. Петрово 3:13).
Но, што ако твоите пријатели и твоите најмили не покажуваат интерес да живеат засекогаш на рајска Земја? Не дозволувај тоа да те обесхрабри. Продолжи да стекнуваш точно библиско спознание и постапувај во склад со него. Апостол Павле напишал: „Зашто, од каде знаеш, жено, дали нема да го спасиш својот маж? Или, од каде знаеш, мажу, дали нема да ја спасиш својата жена?“ (1. Коринќаните 7:16). Луѓето можат да се променат. На пример, еден човек што порано бил против христијанството се променил и подоцна станал старешина во христијанското собрание. Тој вели: „Толку сум благодарен што моето сакано семејство лојално се држеше за своите библиски начела во текот на целото мое противење“.
Бог е многу заинтересиран за твојот живот и за животот на твоите најмили. Всушност, „Јехова . . . не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Јехова Бог сака ти и твоите најмили да живеете засекогаш. Неговата љубов е поголема од љубовта на несовршените луѓе (Исаија 49:15). Зошто тогаш да не продолжиш да градиш добар однос со Бог? Потоа можеби ќе можеш да им помогнеш на твоите најмили и тие да го направат истото. Иако сега можеби ја немаат надежта да живеат вечно, нивниот став може да се смени кога ќе видат како постапуваш во склад со точното спознание од Библијата.
А што е со блиските што можеби ти ги одзела смртта? За милиони што умреле, Библијата ја нуди прекрасната надеж за воскресение — да бидат разбудени од смртта и да живеат во Рајот на Земјата. Исус Христос ветил: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите . . . ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Дури и оние што умреле без да го познаваат Бог ќе бидат вратени во живот, бидејќи Библијата вели: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Каква само радост ќе биде да ги пречекаме оние што повторно ќе се вратат во живот!
Вечниот живот — радосен изглед
Ако можеш да бидеш среќен и задоволен сега, и покрај сите проблеми во овој свет, тогаш сигурно ќе можеш да уживаш и во вечниот живот на рајската Земја. Меѓутоа, кога еден Јеховин сведок ѝ кажал на една жена какви благослови ќе донесе вечниот живот, таа рекла: „Не сакам да живеам вечно. Овој живот од 70 или 80 години ми е доволен“. Христијанскиот старешина што бил присутен во таа прилика, ја прашал: „Дали некогаш сте размислувале како би се чувствувале Вашите деца кога Вие би умреле?“ Низ образите ѝ се стркалале солзи кога помислила на тагата што ќе ја чувствуваат кога би ја изгубиле мајка си. „За првпат сфатив колку сум била себична“, признава таа, „и можев да видам дека вечниот живот не е себична надеж туку значи да се живее за другите.“
Некои можеби си мислат дека никому не му е важно дали тие се живи или мртви. Сепак, важно му е на нашиот Животодавец, кој вели: „Животот ми мој . . . Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее!“ (Езекиел 33:11). Бидејќи Бог е толку заинтересиран дури и за животот на безбожниците, односно злобните, тогаш сигурно е многу заинтересиран и за оние што го сакаат него.
Цар Давид од древниот Израел имал доверба дека Јехова чувствува грижа полна со љубов. Тој во една прилика рекол: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ [Јехова, NW] ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Давид најверојатно бил сигурен дека родителите го сакаат. Но, дури ако и тие — луѓе со кои бил во најблиска врска — го оставеле, тој знаел дека Бог нема да го напушти. Затоа што нѐ сака и се грижи за нас, Јехова ни нуди вечен живот и бескрајно пријателство со него (Јаков 2:23). Зарем не треба со благодарност да ги прифатиме овие прекрасни дарови?
[Слика на страница 7]
Љубовта кон Бог и кон ближниот ќе направи да вреди да се живее вечно