Јеховиниот суд ќе ги стигне злобните
‚Подготви се да го пресретнеш својот Бог‘ (АМОС 4:12).
1, 2. Зошто можеме да бидеме уверени дека Бог ќе ѝ стави крај на злобата?
ЌЕ ИМ стави ли Јехова некогаш крај на злобата и на страдањето на оваа Земја? Во почетокот на 21 век, ова прашање е поактуелно од кога и да е порано. Се чини дека каде и да се свртиме, гледаме докази колку луѓето се нечовечни еден со друг. Колку само копнееме по свет без насилство, тероризам и корупција!
2 Добрата вест е дека можеме да бидеме потполно сигурни дека Јехова ќе ѝ стави крај на злобата. Божјите особини нѐ уверуваат дека тој ќе преземе акција против злобните. Јехова е праведен и фер. Во Псалм 33:5, неговата Реч ни кажува: „Тој ги љуби правдата и правосудството“. Еден друг псалм вели дека Јехова „од дното на душата го мрази силникот“ (Псалм 11:5). Се разбира, Јехова, семоќниот Бог што ги љуби праведноста и правдата, нема засекогаш да го толерира она што го мрази.
3. Што ќе биде нагласено во натамошното разгледување на пророштвото на Амос?
3 Да разгледаме уште една причина зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ја отстрани злобата. Извештаите за неговите постапки во минатото го гарантираат ова. Во библиската книга Амос се наоѓаат впечатливи примери за начинот на којшто Јехова секогаш постапува со злобните. Натамошното разгледување на пророштвото на Амос ќе нагласи три работи во врска со Божјиот суд. Како прво, секогаш е заслужен. Второ, судот е неизбежен. И трето, тој е селективен, зашто Јехова извршува суд над злосторниците, но им укажува милост на оние што се каат и што се исправно настроени (Римјаните 9:17—26).
Божјиот суд секогаш е заслужен
4. Каде го испратил Јехова Амос, и со каква цел?
4 Во времето на Амос, Израелците веќе биле поделени на две царства. Едното било јужното двоплеменско царство Јуда, а другото било северното десетплеменско царство Израел. Јехова му дал налог на Амос да служи како пророк, испраќајќи го од неговиот роден град во Јуда да оди во Израел. Таму Бог ќе го користи Амос за да го објави Божјиот суд.
5. Против кои нации прво пророкувал Амос, и која е една причина поради која го заслужувале Божјиот неповолен суд?
5 Амос не го почнал своето дело со објавување на Јеховиниот суд над своеглавото северно царство Израел. Наместо тоа, почнал со објавување на неповолен Божји суд против шест околни нации. Тие нации биле Сирија, Филистеја, Тир, Едом, Амон и Моав. Но, дали тие навистина заслужувале да го доживеат Божјиот неповолен суд? Дефинитивно. Една причина е тоа што биле тврдокорни непријатели на Јеховиниот народ.
6. Зошто Бог ќе нанесел неволја врз Сирија, Филистеја и Тир?
6 На пример, Јехова ги осудил Сиријците ‚зашто го вршеле Галад‘ (Амос 1:3). Сиријците одзеле територија од Галад — регион во Израел што се наоѓал источно од реката Јордан — и му нанеле тешка неправда на Божјиот народ таму. Што е со Филистеја и Тир? Филистејците биле виновни затоа што земале израелски заточеници, или заробеници, и им ги продавале на Едомците, а некои Израелци паднале во рацете на тирските трговци со робови (Амос 1:6, 9). Замисли си само — Божјиот народ да се продава во ропство! Не е ни чудо што Јехова ќе нанесел неволја врз Сирија, Филистеја и Тир.
7. Што имале заедничко Едом, Амон и Моав со Израел, но како постапувале со Израелците?
7 Нациите Едом, Амон и Моав имале нешто заедничко со Израел и една со друга. Сите три биле во сродство со Израелците. Едомците биле потомци на Авраам преку Исав, братот близнак на Јаков. Значи, во некоја смисла, тие му биле браќа на Израел. Амонците и Моавците биле потомци на Лот, внукот на Авраам. Но, дали Едом, Амон и Моав постапувале братски со своите израелски роднини? Воопшто не! Едом бездушно го користел мечот против „братот“, а Амонците садистички постапувале со израелските заробеници (Амос 1:11, 13). Иако Амос не спомнува директно дека Моавците го малтретирале Божјиот народ, тие имале долга историја на непријателство кон Израел. Казната за овие три роднински нации требало да биде остра. Јехова ќе испрати жестоко уништување врз нив.
Божјиот суд е неизбежен
8. Зошто Божјиот суд врз шесте нации околу Израел бил неизбежен?
8 Без сомнение, шесте нации што се спомнати во почетокот од пророштвото на Амос го заслужиле Божјиот неповолен суд. Освен тоа, никако не можеле да го избегнат. Од Амос 1. поглавје, 3. стих, па сѐ до 2. поглавје, 1. стих, Јехова шест пати вели: „Одлуката е неотповиклива“. Верно на својот збор, тој го извршил својот суд над тие нации. Историските факти докажуваат дека секоја од нив подоцна претрпела катастрофа. Па, барем четири од нив — Филистеја, Моав, Амон и Едом — на крајот престанале да постојат!
9. Што заслужувале жителите на Јуда, и зошто?
9 Понатаму, пророштвото на Амос го свртува вниманието на една седма нација — неговото домашно подрачје Јуда. Неговите слушатели од северното царство Израел можеби биле изненадени кога чуле дека Амос објавил суд врз царството Јуда. Зошто жителите на Јуда заслужувале неповолен суд? „Зашто го отфрлија Господовиот закон“, вели Амос 2:4. Јехова не го игнорирал таквото намерно непочитување на неговиот Закон. Според Амос 2:5, тој претскажал: „Ќе пуштам оган на Јуда, за да ги изгори ерусалимските дворци“.
10. Зошто Јуда не можела да ја избегне неволјата?
10 Неверната Јуда не можела да ја избегне претстојната неволја. По седми пат, Јехова рекол: „Одлуката е неотповиклива“ (Амос 2:4). Јуда ја добила претскажаната казна кога била опустошена од Вавилонците во 607 пр.н.е. Уште еднаш гледаме дека за злобните нема бегање од Божјиот суд.
11-13. Против која нација првенствено пророкувал Амос, и кои облици на угнетување ги имало таму?
11 Пророкот Амос штотуку го објавил Јеховиниот суд врз седум нации. Меѓутоа, ако некој помислил дека тој завршил со пророкувањето, се лажел. Амос ни оддалеку не бил готов! Тој првенствено добил налог да објави остра порака на суд против северното царство Израел. А Израел заслужувал неповолен суд од Бог поради жалосниот морален и духовен пад на нацијата.
12 Пророкувањето на Амос го разоткрило угнетувањето што станало вообичаено во царството Израел. Во врска со ова, во Амос 2:6, 7 се вели: „Господ зборува вака: ‚За три злостори, за четири злодејства, одлуката е неотповиклива: зашто го продаваа праведникот за сребро и бедниот за лесни обувки; зашто газат по главата на сиромавиот, и бедните [кротките, NW] ги водат на зло‘ “.
13 Праведните биле продавани „за сребро“, што веројатно значи дека судиите што зеле сребро како мито ги осудувале невините. Заемодавците ги продавале сиромашните во ропство за цената на „лесни обувки“, можеби поради некој незначителен долг. Бездушни мажи ‚ги газеле‘, односно со сите сили се труделе да ги доведат ‚сиромасите‘ до таква состојба што овие сиромаси си фрлале прав врз главата во знак на мака, тажење или понижување. Корупцијата била толку раширена што „кротките“ не можеле ни да се надеваат дека ќе најдат некаква правда.
14. Кој бил малтретиран во десетплеменското царство Израел?
14 Забележи кој бил малтретиран. Тоа биле праведните, сиромашните, бедните и кротките жители на земјата. Со сојузот на Законот што Јехова го склучил со Израелците, се барало да се покажува сочувство кон ранливите и сиромашните. Меѓутоа, за таквите поединци што живееле во десетплеменското царство Израел, условите не можеле да бидат полоши.
‚Подготви се да го пресретнеш својот Бог‘
15, 16. а) Зошто Израелците биле предупредени: „Подготви се . . . да го пресретнеш својот Бог“? б) На кој начин Амос 9:1, 2 покажува дека злобните не ќе можат да го избегнат извршувањето на Божјиот суд? в) Што се случило со десетплеменското царство Израел во 740 пр.н.е.?
15 Бидејќи неморалот и други гревови биле раширени во Израел, имало добра причина пророкот Амос да ја предупреди бунтовничката нација: „Подготви се . . . да го пресретнеш својот Бог“ (Амос 4:12). Неверниот Израел не можел да го избегне извршувањето на Божјиот суд што доаѓал зашто по осми пат Јехова изјавил: „Одлуката е неотповиклива“ (Амос 2:6). Во врска со злобните што можеби ќе се обидат да се скријат, Бог рекол: „Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси. Ако се забијат во подземјето, мојата рака ќе ги откорне. Ако се искачат и на небото, оттаму ќе ги слезам“ (Амос 9:1, 2).
16 Злобните не можеле да го избегнат извршувањето на Јеховиниот суд врз нив ни кога би копале ‚во подземјето‘, што фигуративно ги означува обидите да се скријат длабоко во земјата. Ниту, пак, можеле да го избегнат Божјиот суд така што би ‚се искачиле на небото‘, односно би се обиделе да најдат прибежиште високо во планините. Јеховиното предупредување било јасно: Нема скривалиште кај што тој не може да стигне. Божјата правда барала царството Израел да сноси одговорност за своите злобни дела. Тоа време дошло. Во 740 пр.н.е. — околу 60 години откако Амос го запишал своето пророштво — царството Израел било поразено од асирските освојувачи.
Божјиот суд е селективен
17, 18. Што открива 9. поглавје од Амос за милоста на Бог?
17 Пророштвото на Амос ни помага да сфатиме дека Божјиот суд е секогаш заслужен и неизбежен. Но, книгата на Амос укажува дека Јеховиниот суд е и селективен. Бог може да ги најде злобните и да изврши суд над нив каде и да се скријат. Исто така, може да ги најде покајниците и праведните — оние на кои што тој избира да им покаже милост. Ова на многу убав начин е нагласено во последното поглавје од книгата Амос.
18 Според 8. стих од 9. поглавје од Амос, Јехова рекол: „Нема да го сотрам сосем Јакововиот дом“. Како што е забележано во стиховите од 13. до 15., Јехова ветил дека ‚ќе ги поврати заробените‘ (ПСП) од својот народ. Ним ќе им биде укажана милост и ќе уживаат безбедност и напредок. „Орачот ќе го стигнува жетварот“, ветил Јехова. Замисли си го тоа — толку изобилна жетва што дури нема ни да биде собрана целата кога повторно ќе дојде време за орање и сеење!
19. Што се случило со еден остаток од Израел и Јуда?
19 Може да се рече дека Јеховиниот суд над злобните, како во Јуда така и во Израел, бил селективен затоа што на оние што се каеле и на оние што биле исправно настроени им била покажана милост. Во исполнување на ова пророштво за обнова, што е запишано во 9. поглавје од Амос, во 537 пр.н.е., еден покајнички остаток од Израел и Јуда се вратил од вавилонско ропство. Кога се вратиле во својата сакана татковина, го обновиле чистото обожавање. Исто така, живеејќи во безбедност, повторно ги изградиле своите куќи и посадиле лозја и градини.
Јеховиниот неповолен суд ќе дојде!
20. Во што треба да нѐ увери разгледувањето на пораките на суд што ги објавил Амос?
20 Нашето разгледување на пораките за Божјиот суд што ги објавил Амос треба да нѐ увери дека Јехова ќе ѝ стави крај на злобата во нашево време. Зошто можеме да веруваме во ова? Прво, овие примери за тоа како постапувал Бог во минатото со злобните ни покажуваат како ќе постапи во наше време. Второ, извршувањето на Божјиот суд врз отпадничкото царство Израел потврдува дека Бог ќе го уништи христијанскиот свет, делот од „Големиот Вавилон“, светското царство на лажната религија, кој заслужува најголем прекор (Откровение 18:2).
21. Зошто христијанскиот свет заслужува неповолен суд од Бог?
21 Нема никакво сомнение дека христијанскиот свет заслужува неповолен суд од Бог. Жалосните религиозни и морални услови во него зборуваат сами за себе. Јеховиниот суд врз христијанскиот свет — и врз остатокот од сатанскиот свет — е заслужен. Тој е и неизбежен, зашто кога ќе биде време да се изврши судот, ќе важат зборовите на Амос од 1. стих од 9. поглавје: „Никој не ќе избега, никој не ќе се спаси“. Да, каде и да се скријат злобните, Јехова ќе ги најде.
22. Кои точки во врска со Божјиот суд се разјаснети во 2. Солуњаните 1:6—8?
22 Божјиот суд секогаш е заслужен, неизбежен и селективен. Ова може да се види од зборовите на апостол Павле: „Праведно [е] од Божја страна да им возврати со неволја на оние кои вам ви нанесуваат неволја, а вам кои трпите неволја, олеснување заедно со нас при откровението на Господ Исус од небото со своите моќни ангели во пламенен оган, кога ќе донесе одмазда над оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Солуњаните 1:6—8). „Праведно [е] од Божја страна“ да им плати на оние што заслужуваат неповолен суд затоа што им нанесуваат неволји на неговите помазаници. Тој суд ќе биде неизбежен, зашто злобните нема да го преживеат ‚откровението на Исус со неговите моќни ангели во пламенен оган‘. Божјиот суд ќе биде и селективен во таа смисла што Исус ќе донесе одмазда над „оние кои не го познаваат Бог и над оние кои не се послушни на добрата вест“. А, извршувањето на Божјиот суд ќе им донесе утеха на побожните што трпат неволји.
Надеж за праведните
23. Каква надеж и утеха можеме да извлечеме од книгата на Амос?
23 Пророштвото на Амос содржи прекрасна порака на надеж и утеха за поединците што се исправно настроени. Како што е претскажано во книгата Амос, Јехова не го уништил сосем својот народ од древни времиња. Тој на крајот повторно ги собрал заробениците од Израел и Јуда, ги вратил во нивната татковина и ги благословил со голема сигурност и напредок. Што значи ова за нашево време? Тоа нѐ уверува дека за време на извршувањето на Божјиот суд, Јехова ќе ги најде злобните каде и да се кријат, а ќе ги најде и поединците што тој смета дека заслужуваат да им покаже милост каде и да живеат на оваа Земја.
24. На кои начини се благословени современите слуги на Јехова?
24 Додека го чекаме времето кога Јехова ќе го изврши својот суд врз злобните, што доживуваме како негови верни слуги? Па, Јехова нѐ благословува со преобилен духовен напредок! Имаме начин на обожавање во кој ги нема лагите и извртувањата што се последица од лажните учења на христијанскиот свет. Јехова нѐ благословува и со изобилство духовна храна. Но, не заборавај дека со овие богати благослови од Јехова доаѓа и голема одговорност. Бог очекува да ги предупредиме другите за претстојниот суд. Сакаме да направиме сѐ што можеме за да ги најдеме оние што се „исправно наклонети кон вечниот живот“ (Дела 13:48). Да, сакаме да им помогнеме на колку што е можно повеќе луѓе да извлечат корист од духовниот напредок што сега го уживаме. Освен тоа, сакаме да го преживеат претстојното извршување на Божјиот суд врз злобните. Се разбира, за да ги уживаме овие благослови, мораме да имаме исправна состојба на срцето. Како што ќе видиме во следната статија, и ова е нагласено во пророштвото на Амос.
Како ќе одговориш?
• Како покажува пророштвото на Амос дека Јеховините неповолни судови секогаш се заслужени?
• Каков доказ дава Амос за да покаже дека Божјиот суд е неизбежен?
• На кој начин книгата Амос покажува дека Бог го извршува својот суд селективно?
[Слика на страници 16 и 17]
Царството Израел не го избегнало Божјиот суд
[Слика на страница 18]
Во 537 пр.н.е., еден остаток од Израел и Јуда се вратил од вавилонско ропство