Родители, заштитете го вашето скапоцено наследство
„Мудроста дава живот на оној што ја има“ (ПРОПОВЕДНИК 7:12).
1. Зошто родителите треба да ги сметаат своите деца за подарок?
РОДИТЕЛИТЕ донесуваат на свет ново живо суштество што има физички обележја и карактерни црти слични на нивните. Библијата ги нарекува децата „наследство од Јехова“ (Псалм 127:3, NW). Бидејќи Јехова е вистинскиот Животодавец, тој всушност им доверува на родителите нешто што му припаѓа нему (Псалм 36:9). Родители, како гледате на тоа што добивате еден таков скапоцен подарок од Бог?
2. Како реагирал Маној кога дознал дека ќе стане татко?
2 Секако дека еден таков подарок треба да се прими понизно, со благодарност и со ценење. Пред 3.000 години, израелецот Маној реагирал така кога еден ангел ѝ кажал на неговата жена дека ќе има дете. Кога ја чул добрата вест, Маној се помолил: „Господи, Те молам, Божјиот човек, што еднаш го испрати, нека дојде уште еднаш кај нас и нека нѐ поучи што треба да правиме со детето кога ќе се роди“ (Судии 13:8). Родители, што можете да научите од примерот на Маној?
Зошто денес ни е потребна Божја помош
3. Зошто особено денес е потребна Божја помош во подигањето на децата?
3 Денес, повеќе од кога и да е порано, на родителите им е потребна Јеховината помош за да ги подигнат своите деца. Зошто? Сатана Ѓаволот и неговите ангели се исфрлени од небото долу на Земјата. „Тешко на земјата“, предупредува Библијата, „зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:7-9, 12). „Како разрикан лав“, објаснува Библијата, Сатана ‚бара некого да проголта‘ (1. Петрово 5:8). Лавовите обично ги демнат најкревките, честопати младите. Затоа, мудро е христијанските родители да бараат од Јехова водство за тоа како да ги заштитат своите деца. Колкав напор вложуваш за да го правиш тоа?
4. а) Како би требало да реагираат родителите ако дознаат дека во нивниот крај слободно се шета лав? б) Што им е потребно на децата за да бидат заштитени?
4 Кога би дознале дека некој лав слободно се шета во вашиот крај, сигурно дека најважно ќе ви биде да ги заштитите своите деца. Сатана е како некој грабливец. Тој настојува да ги расипе Божјите слуги за да не бидат достојни за Божје одобрување (Јов 2:1-7; 1. Јованово 5:19). Децата се лесна мета. За да ги избегнат замките на Ѓаволот, тие мораат да го запознаат Јехова и да го слушаат. Неопходно е да имаат библиско спознание. „Ова значи вечен живот“, рекол Исус, „да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Освен тоа, на децата им е потребна мудрост — способност да го разберат и да го применат она што го учат. Бидејќи „мудроста дава живот на оној што ја има“, вие родители, треба да ја всадите вистината во срцата на вашите деца (Проповедник 7:12). Како би можеле да го направите тоа?
5. а) Како може да се всади мудрост? б) На кој начин во Пословици е опишано колку вреди мудроста?
5 Вие можете — и треба — да им читате на своите деца од Божјата Реч. Но, за да им помогнете да го сакаат и да го слушаат Јехова, потребно е нешто повеќе — потребно е да ги разберат работите. Да дадеме еден пример: Можеби на едно дете ќе му биде кажано да не ја преминува улицата додека не погледне лево и десно. Сепак, некои деца не слушаат. Зошто? Можеби на детето не му било доволно објаснето кои се последиците ако го удри автомобил. Или, пак, тоа не му го кажувале на начин што му ја врежува во мислите опасноста. Затоа не била надмината „глупоста“ што би можела да доведе до сообраќајна несреќа. Потребни се време и голема стрпливост за да се всади мудрост. Но, колку ли е скапоцена мудроста! „Нејзините патишта се пријатни“, стои во Библијата, „и сите нејзини патеки се полни со мир. Таа е дрво на живот, за оние кои се придржуваат за неа, и благословен е оној што ќе ја задржи“ (Пословици 3:13-18; 22:15).
Поучување со кое се всадува мудрост
6. а) Зошто децата честопати постапуваат немудро? б) Каква битка се води?
6 Честопати децата ќе направат нешто што не треба, но не затоа што не биле поучени што е исправно туку затоа што поучувањето не го допрело нивното срце — нивната внатрешна личност. Ѓаволот води битка за срцата на младите. Тој прави сплетки за да ги изложи на безбожните влијанија на овој свет. Исто така, се обидува да ја искористи нивната наследена грешна склоност да го прават она што е лошо (Битие 8:21; Псалм 51:5). Родителите треба да сфатат дека се води вистинска борба за срцата на нивните деца.
7. Зошто не е доволно на детето само да му се каже што е исправно или погрешно?
7 Родителите обично му кажуваат на детето што е исправно или погрешно и мислат дека го поучиле на извесно морално начело. Можеби ќе му речат дека не е исправно да се лаже, да се краде или да се има сексуални односи со некој со кој не си во брак. Меѓутоа, детето треба да има посилна мотивација да послуша отколку да биде послушно само затоа што тоа му го велат родителите. Се работи за Јеховините закони. Детето треба да сфати дека е мудро да ги слуша Божјите заповеди (Пословици 6:16-19; Евреите 13:4).
8. Како треба да се поучуваат децата за да им се помогне да постапуваат мудро?
8 Сложеноста на универзумот, разновидноста на живите суштества, промената на годишните времиња — сите тие работи можат да му помогнат на едно мало дете да сфати дека постои еден семудар Творец (Римјаните 1:20; Евреите 3:4). Освен тоа, детето треба да биде поучено дека Бог го сака и дека се погрижил преку жртвата на Неговиот Син да му даде вечен живот и дека може да го радува Бог ако му биде послушно. Тогаш детето веројатно ќе сака да му служи на Јехова, и покрај тоа што Ѓаволот ќе се обидува да го спречи (Пословици 22:6; 27:11; Јован 3:16).
9. а) Што е потребно за да се поучат децата на начин што ќе им го спаси животот? б) Што им е речено на татковците да прават, и што вклучува тоа?
9 За да се поучи детето на начин што ќе го заштити и ќе го мотивира да го прави она што е исправно, потребно е да се вложи време, да се посвети внимание и да се планира. Родителите треба да го прифатат Божјето водство. Библијата вели: „Вие, татковци . . . подигајте ги [своите деца] во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“ (Ефешаните 6:4). Што значи тоа? Според оригиналниот грчки јазик, ‚менталното насочување‘ ја пренесува мислата ‚да се всади ум‘. Значи, татковците, всушност, се поттикнати да го всадат Јеховиниот ум во своите деца. Тоа ќе биде голема заштита за младите. Тоа што во умот на децата ќе бидат всадени Божјите мисли, односно неговиот начин на размислување, ќе ги спречи да постапуваат неисправно.
Желба мотивирана од љубов
10. Што е важно да знаеш за делотворно да го поучиш своето дете?
10 Меѓутоа, за да ја исполниш својата желба да го воспиташ детето на исправен начин, треба да бидеш мотивиран од љубов. Еден важен фактор е добрата комуникација. Дознај што се случува во животот на твоето дете и какви гледишта има. Во една опуштена атмосфера, тактично поттикни го детето да ти се отвори. Понекогаш можеби ќе се изненадиш од она што ќе го каже. Посебно внимавај да не претераш со твојата реакција. Наместо тоа, сочувствително и заинтересирано сослушај го.
11. Како може родителот да го всади Божјиот ум во своето дете?
11 Точно, можеби на твоето дете си му ги читал од Библијата Божјите закони со кои се забранува сексуален неморал, дури и повеќе пати (1. Коринќаните 6:18; Ефешаните 5:5). Така, децата можеби добро запомниле што сака а што не сака Јехова. Меѓутоа, потребно е уште нешто за да го всадиш Јеховиниот ум во умот на детето. На децата им е потребна помош за да сфатат колку се вредни Јеховините закони. Треба да бидат уверени дека неговите закони се праведни и корисни, дека е исправно да ги слушаат и дека со тоа покажуваат љубов. Може да се рече дека си го всадил Божјиот ум во своите деца само ако длабоко разговараш со нив на темел на Писмото така што тие ќе го прифатат Божјето гледиште.
12. Како може родителот да му помогне на своето дете да стекне исправно гледиште за сексуалните односи?
12 Кога зборувате за сексот, би можел да прашаш: „Мислиш ли дека човек нема да биде среќен ако биде послушен на Јеховиниот закон да нема сексуални односи пред бракот?“ Охрабри го детето да го објасни својот одговор. Откако ќе поразговарате за прекрасниот начин на кој Бог овозможил да се роди едно дете, би можел да прашаш: „Што мислиш, дали нашиот Бог, кој толку многу нѐ сака, би дал закони што ќе ни ја одземат радоста на животот? Или, пак, мислиш дека ги дал своите закони за да бидеме среќни и да нѐ заштити?“ (Псалм 119:1, 2; Исаија 48:17). Дознај што мисли твоето дете за тоа. Тогаш би можел да го свртиш вниманието на некои примери од кои може да се види дека сексуалниот неморал водел до душевни болки и проблеми (2. Самоил 13:1-33). Ако логично ги разгледуваш работите со детето и тоа го разбира и го прифаќа Божјето гледиште, тогаш си успеал во голема мера да го всадиш Божјиот ум во неговиот. Но, можеш да направиш уште нешто.
13. Особено што треба да разбере детето за да биде мотивирано да го слуша Јехова?
13 Ќе биде мудро не само да го поучиш детето какви се последиците ако не му е послушно на Јехова туку и да му објасниш дека Јехова лично е засегнат од начинот на кој живееме. Со помош на Библијата, објасни му на детето дека можеме да му нанесеме болка на Јехова кога не ја извршуваме неговата волја (Псалм 78:41, NW). Би можел да прашаш: „Зошто не сакаш да го повредиш Јехова?“, и да му објасниш: „Божјиот непријател Сатана тврди дека му служиме на Јехова од себични причини, а не затоа што го сакаме“. Потоа објасни како Јов го израдувал Божјето срце со тоа што останал беспрекорен и така дал одговор на лажливото обвинение на Сатана (Јов 1:9-11; 27:5). Твоето дете треба да разбере дека, во зависност од тоа како се однесува, може или да го растажи или да го израдува Јехова (Пословици 27:11). Децата можат да бидат поучени на оваа и на многу други важни лекции со помош на книгата Учи од Големиот Учител.a
Добри резултати
14, 15. а) Кои поуки од книгата Учител ги мотивирале децата? б) Кои добри резултати си ги имал додека си ја користел оваа книга? (Види ја и рамката на страници 18 и 19.)
14 Еден дедо од Хрватска што ја чита книгата Учител со својот седумгодишен внук пишува дека детето му рекло: „Мама ми рече да направам нешто, ама јас не сакав. Тогаш се сетив на поглавјето ‚Послушноста те заштитува‘, и затоа се вратив и ѝ реков дека ќе ја послушам“. Во врска со поглавјето „Зошто не треба да лажеме“, една брачна двојка од Флорида (САД) рекла: „Во неа има прашања што ги подбудуваат децата да си го отворат срцето и да ги признаат грешките што инаку не би ги признале“.
15 Книгата Учител има повеќе од 230 слики, а покрај секоја слика, или неколку слики, има текст. „Честопати, погледот на син ми ќе му се залепи за некоја слика и не сака да ја свртиме следната страница“, забележала една благодарна мајка. „Сликите не се само привлечни туку и поучни, или барем ги наведуваат децата да поставуваат прашања. За една слика на која едно дете гледа телевизија во темна соба, син ми праша: ‚Мамо, што прави ова дете?‘ со глас што покажа дека знае дека нешто не е во ред“. Текстот покрај таа слика гласи: „Кој може да гледа сѐ што правиме?“
Многу важно образование за денешново време
16. За што е многу важно да бидат поучени децата денес, и зошто?
16 Децата треба да знаат како треба а како не треба да ги користат своите интимни органи. Сепак, не е секогаш лесно да се зборува за тоа. Една колумнистка рекла дека израснала во време во кое се сметало за непристојно да се користат имињата на половите органи. Во врска со воспитанието на своите деца, таа напишала: „Морам да ја совладам срамежливоста“. Всушност, кога родителите избегнуваат да зборуваат за сексот затоа што се срамат, не го заштитуваат своето дете. Сексуалните напасници ја искористуваат неукоста на детето. Книгата Учи од Големиот Учител ја обработува оваа тема на еден пристоен, достоинствен начин. Детето нема да ја изгуби невиноста ако го информирате за сексот, но може да му ја одземат ако не го сторите тоа.
17. Како книгата Учител им помага на родителите да ги поучат децата за сексот?
17 Во 10. поглавје, во кое се зборува за злите ангели што дошле на Земјата и имале деца, на детето му е поставено прашањето: „Што знаеш ти за сексуалните односи?“ Книгата дава едноставен, пристоен одговор. Понатаму, во 32. поглавје се објаснува како можат децата да бидат заштитени од сексуалните напасници. Добивме многу писма што потврдуваат дека таквата поука е многу важна. Една мајка забележала: „Минатата недела, кога син ми Џејван отиде на лекарски преглед, докторката праша дали сме разговарале со него за исправната употреба на интимните органи на телото. Беше многу импресионирана што сме го направиле тоа со помош на нашата нова книга“.
18. Што е кажано во книгата Учител во врска со искажувањето почит на државните симболи?
18 Во едно друго поглавје се зборува за библискиот извештај за тројцата млади Евреи Седрах, Мисах и Авденаго, кои одбиле да се поклонат пред еден кип што ја претставувал државата Вавилон (Даниел 3:1-30). Можеби некои не гледаат никаква поврзаност помеѓу тоа да му се оддава почест на некој кип и да се поздравува знамето, како што е кажано во книгата Учител. Меѓутоа, забележи што имал да каже авторот Едвард Гафни во едно интервју за U.S. Catholic. Тој спомнал дека, кога по првиот училишен ден неговата ќерка му рекла дека научила една „нова молитва на училиште“, ѝ рекол да му ја каже. „Ја стави раката на срце“, рекол Гафни, „и гордо започна: ‚Се колнам дека ќе му бидам верна на знамето . . .‘ “. Тој продолжил: „Одеднаш, сфатив. Јеховините сведоци беа во право. Уште во почетокот се воведува некој аспект на обожавање на државата во училиштата — безусловна лојалност до краен степен“.
Вреди да се вложи напор
19. Како ќе бидете наградени ако ги поучувате своите деца?
19 Навистина, вреди да вложите напор за да ги поучите своите деца. Една мајка од Канзас (САД) заплакала кога добила писмо од својот син. Тој напишал: „Многу сум среќен што воспитанието што го добив ми помогна да бидам релативно стабилен и урамнотежен во емоционален поглед. Ти и тато заслужувате пофалба за тоа“ (Пословици 31:28). Книгата Учи од Големиот Учител може да им помогне на уште многу родители да ги поучат децата на таков начин што ќе го заштитат ова скапоцено наследство.
20. На што треба секогаш да мислат родителите, и како треба тоа да влијае врз нив?
20 Нашите деца заслужуваат да го добијат сето време, внимание и напор што можеме да им ги дадеме. Тие се мали само кратко време. Искористете ја секоја прилика да бидете со нив и да им помагате. Никогаш нема да зажалите за тоа. Тие ќе ве засакаат. Секогаш мислете на тоа дека вашите деца се подарок што ви го дал Бог. Колку скапоцено наследство се тие! (Псалм 127:3-5). Затоа, така и постапувајте со нив, како да сте одговорни пред Бог за тоа како ги подигате, затоа што факт е дека навистина сте одговорни.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци. Види го 40. поглавје, „Како да го израдуваме Бог“.
Како би одговорил?
• Зошто особено денес родителите треба да ги заштитат своите деца?
• Кое поучување всадува мудрост?
• За кои многу важни работи треба да разговарате со своите деца во денешно време?
• Како книгата Учител им помогнала на родителите да ги поучуваат своите деца?
[Рамка/слики на страници 18 и 19]
Книга за сите
Целта на книгата Учи од Големиот Учител е да им се помогне на родителите или на други возрасни лица да читаат и да разговараат со децата за поуките што ги дал Исус Христос. Меѓутоа, и мнозина од возрасните, кои ја читале книгата за своја душа, изразија голема благодарност за она што го научиле од неа.
Еден човек од Тексас (САД) изјави: „Учи од Големиот Учител е едноставна книга, но кажува многу. Таа ги мотивира луѓето од сите возрасти — мотивира дури и такви како мене, на 76 години. Едно големо ‚благодарам‘ од човек што му служи на Јехова од младоста“.
Една читателка од Лондон (Англија) пишува: „Прекрасните слики едноставно им ги пленуваат срцата и на децата и на родителите. Изгледот на книгата, како и прашањата што ги содржи, се извонредни. Освен тоа, прекрасно е да се види дека во неа се обработени и осетливи теми, како што е темата во 32. поглавје, со наслов ‚Како Исус бил заштитен‘ “. Таа заклучува: „Без сомнение, иако оваа книга главно е наменета за децата на Јеховините сведоци, мислам дека и на учителите, а и на други луѓе, ќе им биде многу мило да ја имаат. Се радувам што ќе можам и јас да ја користам во иднина“.
Една жена од Масачусетс (САД) вели дека во книгата има многу „внимателно обмислени слики“, и додава: „Забележав дека, иако ова е книга за деца, сепак темите што се разгледани можат да ни помогнат и нам, возрасните, да размислуваме за нашиот личен однос со Јехова“.
„Е оваа книга е навистина нешто прекрасно!“ — воскликнала една жена од Мејн (САД). „Не е само за малите туку и за сите нас што сме Божји деца. Ме трогна до длабочината на срцето и силно ги разбранува моите чувства. Потоа полека ги смири и почувствував спокојство. Се чувствувам многу блиска со мојот Татко Јехова. Тој ми ја тргна сета болка што ме притискаше низ годините и многу јасно кажа што му е намерата“. Таа заклучува: „Мојата порака до сите е: ‚Ве молам, прочитајте ја‘ “.
Една жена од Кјото (Јапонија) пишува дека кога им ја читала книгата на внуците, тие ѝ поставувале многу прашања како, на пример: „ ,Што прави ова дете? Зошто го караат тоа девојче? Што прави оваа мајка? А овој лав?‘ Во неа има работи што нѐ интересираат и затоа ја сакам повеќе од која и да било друга книга што би ја зела од библиотека“.
Еден татко од Калгари (Канада) вели дека веднаш штом ја добил книгата почнал да им ја чита на шестгодишната ќеркичка и на деветгодишното синче. „Тие одлично реагираа уште од самиот почеток“, вели тој. „Внимаваа во своите книги и од срце одговараа на прашањата. Чувствуваа дека имаат свој удел во проучувањето затоа што книгата им дава прилика да кажат што мислат тие. Просто живнаа од читањето, а ќерка ми ми рече дека сака секоја вечер да проучуваме од новата книга.“
Откако во една прилика проучувал со своето дете, еден татко изјавил: „Со часови разговаравме со син ми за Јехова и за неговите намери. Ми поставуваше многу прашања во врска со книгата. Очите ми се насолзија кога ми рече ‚добра ноќ‘ и ме праша: ‚Може ли пак да разговараме вака, тато? Имам многу прашања и сакам да знам сѐ за Јехова‘ “.
[Слика на страница 15]
Родители, што можете да научите од примерот на Маној?
[Слика на страница 16]
Млади, што можете да научите од примерот на тројцата Евреи?
[Слики на страница 17]
Сликите и текстовите покрај нив во книгата „Учител“ многу помагаат во поучувањето
Каква лага му кажува Ананија на Петар?
Кој може да гледа сѐ што правиме?