Бог или човек?
„ЈАС сум светлината на светот. Кој ме следи мене, никако нема да оди во темнина, туку ќе ја поседува светлината на животот“ (Јован 8:12). Овие зборови ги изговорил Исус Христос. Еден учен човек од првиот век за него напишал: „Во него внимателно се скриени сите блага на мудроста и спознанието“ (Колошаните 2:3). Освен тоа, Библијата вели: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Мораме да имаме точно спознание за Исус за да ги задоволиме своите духовни потреби.
Многу луѓе низ целиот свет слушнале за Исус Христос. Неговото влијание врз човечката историја е неоспорно. Всушност, календарот што се користи во поголемиот дел од светот е направен според годината во која се верува дека е роден. Многу луѓе ги означуваат датумите пред таа година како пр.Хр, или пред Христа, а за датумите по таа година, тие користат по Хр., или по Христа.
Сепак, постојат различни мислења за тоа кој бил Исус. За некои, тој бил само еден извонреден човек кој оставил свој белег врз историјата. Други, пак, го обожаваат како Семоќен Бог. Некои хиндуистички мислители го споредуваат Исус Христос со хиндуистичкиот бог Кришна, за кого многумина велат дека е отелотворен бог. Дали Христос бил само човек или бил некој што треба да е обожаван? Кој точно бил тој? Од каде дошол? Каква личност бил? И каде е сега? Како што ќе видиме во следната статија, книгата која има многу да каже за Исус дава веродостојни одговори на овие прашања.