Веруваш ли дека Ѓаволот е вистинска личност?
БИБЛИЈАТА го опишува Ѓаволот како вистинска личност. Тој е невидлив за луѓето од истата причина од која Бог е невидлив за човечките очи. „Бог е дух“, вели Библијата (Јован 4:24). Ѓаволот е духовно суштество. Меѓутоа, за разлика од Творецот, Ѓаволот имал почеток.
Долго пред Јехова Бог да ги создаде луѓето, тој создал мноштво духовни суштества (Јов 38:4, 7). Во Библијата овие духови се наречени ангели (Евреите 1:13, 14). Сите нив Бог ги создал совршени — ниту еден не бил ѓавол ниту, пак, имал некаква лоша особина. Тогаш, како настанал Ѓаволот? На оригиналните јазици од Библијата зборот „ѓавол“ значи „клеветник“, па затоа се однесува на некој што зборува злобни лаги за другите. „Сатана“ значи „противник“. Исто како што еден чесен човек станува крадец кога ќе почне да краде, така и еден од совршените духовни синови на Бог постапил според една погрешна желба и станал Сатана Ѓаволот. Со следниве зборови Библијата објаснува како некој станува расипан: „Секој е искушуван со тоа што неговата сопствена желба го одвлекува и мами. Тогаш желбата, кога станува плодна, раѓа грев; а гревот, пак, кога е извршен, донесува смрт“ (Јаков 1:14, 15).
Очигледно, така и се случило. Кога Јехова Бог го создал првиот човечки пар, Адам и Ева, ангелот што подоцна се побунил против Бог внимателно го набљудувал сето тоа. Тој знаел дека Јехова им заповедал на Адам и Ева да ја наполнат Земјата со праведни луѓе, кои ќе го обожаваат Творецот (Битие 1:28). Овој ангел забележал дека има можност да добие чест и углед. Поттикнат од алчност, копнеел по она што со право му припаѓа само на Творецот — обожавање од луѓето. Наместо да ја отфрли, овој духовен Божји син ја подгревал таквата неисправна желба, сѐ додека не го навела да каже лага и потоа да се побуни. Разгледај што сторил.
Бунтовниот ангел искористил една змија за да зборува со првата жена, Ева. „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“ ја прашала змијата Ева. Кога Ева ја цитирала Божјата заповед и казната ако не ја послушаат, змијата изјавила: „Навистина, не ќе умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото“ (Битие 3:1-5). Обвинението било дека Бог не им ја кажал вистината на Адам и Ева. Кога би јадела од тоа дрво, Ева би станала како Бог и би имала право да одлучува што е добро а што лошо. Тоа била првата лага што некогаш била кажана. Кога ја кажал, тој ангел станал клеветник. Исто така, станал противник на Бог. Затоа Библијата го означува овој Божји непријател како „празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“ (Откровение 12:9).
„Будно пазете“
Лагата што Ѓаволот ѝ ја кажал на Ева успеала, токму како што имал испланирано. Библијата вели: „Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, па и тој јадеше“ (Битие 3:6). Ева му поверувала на Сатана и не го послушала Бог. Успеала да го натера и Адам да го прекрши Божјиот закон. Така, Ѓаволот успеал да го наведе првиот човечки пар да се побуни против Бог. Оттогаш наваму, Сатана невидливо влијае врз луѓето. Која му е целта? Да ги оттргне луѓето од обожавањето на вистинскиот Бог и да ги наведе да го обожаваат него (Матеј 4:8, 9). Затоа, со добра причина Библијата предупредува: „Бидете трезвени, будно пазете. Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8).
Колку јасно Библијата го опишува Ѓаволот како вистинска духовна личност — ангел кој станал расипан и опасен! Првиот чекор што ќе ни помогне будно да се пазиме од него е да сфатиме дека тој навистина постои. Но, за да бидеме трезвени и будно да пазиме потребно е и нешто повеќе. Важно е да бидеме свесни за „намерите“ и методите на Сатана наменети да ги заведе луѓето (2. Коринќаните 2:11). Кои се неговите сплетки? И што ќе ни помогне да не им подлегнеме?
Ѓаволот ги искористува вродените потреби на луѓето
Ѓаволот ги набљудува луѓето уште од нивното создавање. Тој ја знае природата на човекот — неговите потреби, интереси и неговите желби. Сатана Ѓаволот многу добро знае дека човекот е создаден со духовни потреби и затоа итро ги искористува овие потреби. Како? Со тоа што ги храни луѓето со религиозни лаги (Јован 8:44). Многу религиозни учења за Бог се противречни и збунувачки. Што мислиш, на кого му користи ова? Не може сите противречни учења да се вистинити. Тогаш, зарем не е можно Сатана да ги создал многуте религиозни учења со посебна цел да ги заведе луѓето? Всушност, Библијата зборува за него како за „богот на овој систем на работи“, кој им ги заслепил умовите на луѓето (2. Коринќаните 4:4).
Вистината од Бог нѐ штити од религиозните измами. Библијата ја споредува вистината од Божјата реч со појас што еден војник од старо време го носел за да му ги штити бедрата (Ефешаните 6:14). Ако стекнуваш спознание за Библијата и ако тесно се придржуваш за нејзината порака, како да си опашан со неа, тогаш Божјата реч ќе те чува да не бидеш заведен од религиозните лаги и измами.
Склоноста на човекот да обожава го терала да го истражува непознатото. Ова го изложило на уште еден од Сатановите измамливи изуми. Искористувајќи ја љубопитноста на човекот за необичното и мистериозното, Сатана го користи спиритизмот за да има контрола врз многумина. Исто како што ловецот користи мамка за да ја намами својата жртва, Сатана користи измами како што се претскажувањето, астрологијата, хипнозата, вражањето, читањето на дланка и магијата за да привлече и да улови луѓе од целиот свет (Левит 19:31; Псалм 119:110).
Како можеш да се заштитиш да не бидеш уловен во замката на спиритизмот? Второзаконие 18:10-12 вели: „Кај тебе нека не се најде некој, кој би ги гонел низ оган својот син или својата ќерка; кој би се бавел со гатање, чародејство, вражање и волшебништво: никој кој би баел, кој би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците. Зашто му се гади на Господа, секој што прави нешто такво; заради таквите одвратности нив и ги гони пред тебе Господ, твојот Бог“.
Советот од Библијата е конкретен: немој да имаш ништо со спиритизмот. Што ако си бил вклучен во некаков облик на спиритизам и сега сакаш да престанеш со тоа? Можеш да го следиш примерот на раните христијани во градот Ефес. Кога ја прифатиле „Јеховината реч“, Библијата вели дека ‚мнозина од оние кои се занимавале со магија ги собрале своите книги и ги изгореле пред сите‘. Тие книги биле скапи. Нивната вредност била 50.000 сребреници (Дела 19:19, 20). Сепак, христијаните во Ефес не се двоумеле да ги уништат.
Сатана ги лови луѓето на нивните слабости
Еден совршен ангел станал Сатана Ѓаволот затоа што ѝ подлегнал на желбата да биде величан. Тој исто така побудил кај Ева гордост, себична желба да биде како Бог. Денес, Сатана контролира многумина со тоа што во нив побудува чувство на гордост. На пример, некои сметаат дека нивната раса, етничка група или националност е подобра од другите. Колку е спротивно ова на учењето од Библијата! (Дела 10:34, 35). Библијата јасно вели: „[Бог] од еден човек ја создаде секоја човечка нација“ (Дела 17:26).
Понизноста е делотворна одбрана против обидите на Сатана да поттикне гордост кај луѓето. Библијата нѐ советува ‚да не мислиме за себе повеќе отколку што треба да мислиме‘ (Римјаните 12:3). Таа вели: „Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (Јаков 4:6). Еден сигурен начин да се спротивставиме на обидите на Сатана е да бидеме понизни и да ги покажуваме и другите особини што ги одобрува Бог.
Исто така, Ѓаволот знае дека на човекот му се слабост погрешните телесни желби и едвај чека да го искористи тоа. Јехова Бог имал намера луѓето да уживаат во животот. Кога желбите се исполнуваат во рамките на Божјата волја, тоа носи вистинска среќа. Но Сатана ги заведува луѓето да ги задоволат своите желби на неморален начин (1. Коринќаните 6:9, 10). Многу подобро е умот да се сосредоточи на работи што се чисти и доблесни (Филипјаните 4:8). Ова ќе ти помогне да имаш цврста контрола над своите мисли и емоции.
Постојано спротивставувај му се на Ѓаволот
Можеш ли успешно да му се спротивставиш на Ѓаволот? Да, можеш. Библијата нѐ уверува: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас“ (Јаков 4:7). Но дури и ако му се спротивставиш, тој нема веднаш да се откаже и да престане да ти прави понатамошни проблеми додека стекнуваш спознание за Бог. Не, Ѓаволот ќе се обиде во „некое друго погодно време“ (Лука 4:13). Меѓутоа, не треба да се плашиш од Ѓаволот. Ако продолжиш да му се спротивставуваш, нема да може да те оттргне од вистинскиот Бог.
Сепак, за да му се спротивставиме на Ѓаволот, потребно е да знаеме кој е тој, како ги заведува луѓето и кои заштитни мерки можеме да ги преземеме против неговите сплетки. Има само еден извор на точно спознание во врска со тоа — Божјата реч, Библијата. Затоа, биди цврст во својата одлука да го проучуваш инспирираното Свето писмо и да го применуваш во животот тоа што го учиш од него. На Јеховините сведоци во твоето место ќе им биде мило бесплатно да ти помогнат да проучуваш во време што ти одговара тебе. Те молиме, не се воздржувај да контактираш со нив или да им пишеш на издавачите на ова списание.
Додека ја проучуваш Библијата, треба да сфатиш дека Сатана може да употреби противење или прогонство за да те натера да престанеш да ја учиш вистината од Божјата реч. Некои од твоите блиски можеби ќе ти се налутат затоа што ја проучуваш Библијата. Ова може да се случи затоа што тие не ги знаат прекрасните вистини што се наоѓаат во неа. Други можеби ќе ти се потсмеваат. Но дали Бог ќе се радува ако попуштиш на таквиот притисок? Ѓаволот сака да те обесхрабри за да престанеш да учиш за вистинскиот Бог. Зошто да му дозволиш на Сатана да победи? (Матеј 10:34-39). Ништо не му должиш нему, а на Јехова му го должиш сопствениот живот. Затоа, биди одлучен да му се спротивставиш на Ѓаволот и ‚да му го зарадуваш срцето на Јехова‘ (Пословици 27:11).
[Слика на страница 6]
Оние што станале христијани ги запалиле своите книги за спиритизам
[Слика на страница 7]
Цврсто одлучи да ја проучуваш Библијата