„Симболична драма“ што ни користи нам
КОЛКУ би било тешко да се сфати значењето на некои библиски стихови ако не се разјаснети со помош на некои други делови од Библијата! Извештаите за некои од настаните и луѓето за кои се зборува во Божјата реч можеме да ги прифатиме едноставно како историски факти. Но, некои од нив содржат подлабоки вистини што не можат да се видат на прв поглед. Еден таков пример е извештајот за две жени од домаќинството на патријархот Авраам. Апостол Павле го нарекол овој извештај „симболична драма“ (Галатите 4:24).
Оваа драма го заслужува нашето внимание затоа што стварностите кои таа ги претставува се многу важни за сите што сакаат да добијат благослов од Јехова Бог. Пред да видиме зошто, да ги разгледаме околностите што го навеле Павле да го открие значењето на оваа драма.
Меѓу христијаните што живееле во првиот век во Галатија се појавил еден проблем. Некои од нив ‚внимателно држеле денови и месеци и раздобја и години‘ — како што се барало со Мојсеевиот закон. Тие тврделе дека верниците мораат да го држат Законот за да ја имаат Божјата наклоност (Галатите 4:10; 5:2, 3). Меѓутоа, Павле знаел дека тоа не се барало од христијаните. За да го докаже ова, се осврнал на еден настан што им бил познат на сите кои имале еврејско потекло.
Павле ги потсетил Галатите дека на Авраам, таткото на еврејскиот народ, му се родиле синовите Исмаил и Исак. Првиот син му го родила слугинката Агара, а вториот му го родила слободната жена Сара. Без сомнение, христијаните од Галатија што тврделе дека треба да се држи Мојсеевиот закон добро знаеле дека Сара во почетокот била неротка и дека му ја дала на Авраам својата слугинка Агара за да му роди дете наместо неа. Знаеле и дека, откако Агара забременила со Исмаил, почнала да се однесува со презир кон својата господарка, Сара. Но, како што ветил Бог, Сара сепак родила дете, Исак, и тоа на стари години. Подоцна Авраам ги отпуштил од дома Агара и Исмаил затоа што Исмаил постапувал лошо со Исак (Битие 16:1-4; 17:15-17; 21:1-14; Галатите 4:22, 23).
Две жени, два сојуза
Павле објаснил што претставуваат ликовите во оваа „симболична драма“. „Овие жени значат два сојуза“, напишал тој, „едниот од Синајската Гора, кој раѓа деца за ропство, и кој е Агара. А оваа Агара . . . одговара на денешниот Ерусалим, зашто е во ропство со своите деца“ (Галатите 4:24, 25). Агара го претставувала дословниот Израел, чиј главен град бил Ерусалим. Еврејскиот народ бил врзан за Јехова со сојузот на Законот што бил склучен на планината Синај. Овој сојуз на Законот им служел на Израелците како постојано потсетување дека се робови на гревот и дека треба да бидат откупени (Еремија 31:31, 32; Римјаните 7:14-24).
Тогаш, што претставува „слободната“ жена, Сара, и нејзиниот син, Исак? Павле покажал дека Сара, ‚неротката‘, ја симболизира Божјата жена, небесниот дел од неговата организација. Оваа небесна жена била неротка во таа смисла што пред да дојде Исус, немала на Земјата ‚деца‘ помазани со дух (Галатите 4:27; Исаија 54:1-6). Меѓутоа, на Пентекост 33 година од н.е., светиот дух бил излеан врз една група мажи и жени, кои на тој начин биле повторно родени како деца на оваа небесна жена. Јехова ги посинил овие деца и тие станале сонаследници со Исус Христос благодарение на еден нов сојуз (Римјаните 8:15-17). Еден од овие посинети деца, апостол Павле, можел да напише: „Горниот Ерусалим е слободен, и тој е наша мајка“ (Галатите 4:26).
Децата на жената
Според библискиот извештај, Исмаил го прогонувал Исак. Слично на тоа, во првиот век од н.е., децата на поробениот Ерусалим ги исмејувале и ги прогонувале децата на горниот Ерусалим. „Како што тогаш оној кој се роди на телесен начин [Исмаил], почна да го прогонува оној кој се роди на духовен начин [Исак], така е и сега“, објаснил Павле (Галатите 4:29). Кога Исус Христос дошол на Земјата и почнал да го објавува Царството, еврејските верски водачи постапувале со него исто како што постапувал Агариниот син Исмаил со Исак, вистинскиот наследник на Авраам. Му се потсмевале на Исус Христос и го прогонувале, очигледно сметајќи дека тие се законскиот наследник на Авраам, а Исус го сметале за натрапник.
Кратко пред да биде погубен на иницијатива на владетелите на дословниот Израел, Исус рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе — колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. Ете, вашата куќа ви се остава запустена“ (Матеј 23:37, 38).
Инспирираниот извештај за настаните во првиот век покажува дека од дословниот Израел што бил претставен со Агара не произлегле синовите што требало да бидат сонаследници со Исус. Јехова ги отфрлил Евреите што гордо верувале дека тоа наследство законски им припаѓа ним затоа што се родени во таа нација. Се разбира, некои Израелци станале сонаследници со Христос. Меѓутоа, таа чест ја добиле на темел на својата вера во Исус, а не поради своето потекло.
На Пентекост 33 година од н.е. се дознало кои ќе бидат некои од тие сонаследници со Христос. Како што минувало времето, Јехова помазал и други да бидат синови на горниот Ерусалим.
Павле ја објаснил оваа „симболична драма“ со цел да покаже колку е подобар новиот сојуз во однос на сојузот на Законот што бил даден преку Мојсеј. Никој не можел да ја добие Божјата милост со тоа што ќе го држел Мојсеевиот закон, бидејќи сите луѓе се несовршени, и Законот едноставно истакнувал дека му робуваат на гревот. Сепак, како што објаснил Павле, Исус дошол „за да ги ослободи со откупување оние кои се под законот“ (Галатите 4:4, 5). Значи, верата во вредноста на Христовата жртва водела до ослободување од осудата на Законот (Галатите 5:1-6).
Зошто ни користи нам
Зошто треба да бидеме заинтересирани за инспирираното објаснување на оваа драма што го дал Павле? Една причина е што ни помага да го разбереме значењето на некои работи од Библијата кои инаку би останале нејасни. Објаснувањето ја зајакнува нашата доверба во складноста на целата Библија (1. Солуњаните 2:13).
Освен тоа, нашата среќа во иднина зависи од стварностите што се симболизирани со оваа драма. Да не се појавеле синовите на горниот Ерусалим, не би ни преостанувало ништо друго освен засекогаш да бидеме робови на гревот и смртта. Но, кога ќе владеат Христос и неговите совладетели, како што му ветил Бог на Авраам, „сите народи на земјата ќе бидат благословени“ (Битие 22:18). Ова ќе се обистини кога луѓето засекогаш ќе бидат ослободени од последиците на гревот, несовршенството, болката и смртта (Исаија 25:8, 9). Какво прекрасно време ни претстои!
[Слика на страница 11]
Сојузот на Законот бил склучен на планината Синај
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Слика на страница 12]
Што претставува ‚симболичната драма‘ за која зборувал апостол Павле?