Тие биле родени во Божјиот избран народ
„Господ, твојот Бог, те избра тебе... за да му бидеш негов сопствен народ“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 7:6).
1, 2. Кои извонредни дела ги направил Јехова за својот народ, и што направиле Израелците кратко откако излегле од Египет?
ВО 1513 ГОДИНА пр.н.е., Јехова стапил во нов однос со своите слуги на Земјата. Таа година понижил една светска сила и ги избавил Израелците од ропство. Со тоа станал нивни Спасител и Сопственик. Пред да го стори тоа, Бог му рекол на Мојсеј: „Кажи им на Израелците дека Јас Сум Господ; дека ќе ве избавам од теретот што ви го наметнаа Египетците. Ќе ве ослободам од ропството во кое ве држат; ќе ве избавам удирајќи силно и казнувајќи строго. Ќе ве земам за Свој народ, и ќе бидам ваш Бог“ (Излез 6:6, 7; 15:1-7, 11).
2 Кратко откако излегле од Египет, Израелците стапиле во сојуз со својот Бог, Јехова. Наместо да избира само некои поединци, семејства или племиња со кои ќе комуницира, оттогаш Јехова имал еден организиран народ на Земјата (Излез 19:5, 6; 24:7). На тој свој народ му дал закони со кои се одржувал редот во општеството и, што е уште поважно, закони што одредувале како треба да го обожаваат Бог. Мојсеј им рекол: „Кој народ е толку голем за да му бидат боговите толку близу како што ни е Господ, нашиот Бог, нам, кога ќе го повикаме? Кој е тој народ толку голем да би имал закони и уредби праведни како што е сиот овој Закон што јас ви го изнесувам денес?“ (Второзаконие 4:7, 8).
Родени во народ од сведоци
3, 4. Која била една важна причина од која Израел почнал да постои како народ?
3 По повеќе векови, преку својот пророк Исаија, Јехова ги потсетил Израелците на една важна причина од која почнале да постојат како народ. Исаија рекол: „Сега вака зборува Господ, Кој те создаде, Јакове, Кој те створи, Израеле: ‚Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој! Зашто Јас Сум Господ, твојот Бог, Израелев Светец, твој Спасител... Доведи Ми ги синовите од далеку, а Моите ќерки од крајот на земјата, сите кои се наречуваат со Моето Име, и кои ги создадов за Своја Слава, кои ги створив и ги направив. Зашто вие сте Ми сведоци‘, слово е Господово, ‚и Мои слуги кои ги избрав... народот што го создадов за себе ќе ја возвестува Мојата слава!‘“ (Исаија 43:1, 3, 6, 7, 10, 21).
4 Како народ што го носел Јеховиното име, Израелците требало да служат пред другите народи како сведоци на неговата севишност. Тие требало да бидат народ ‚создаден за Јеховина слава‘. Требало да ја ‚возвестуваат Јеховината слава‘, да раскажуваат за неговите прекрасни дела на избавување и со тоа да го прослават неговото свето име. Со еден збор, требало да бидат народ составен од сведоци на Јехова.
5. Во кој поглед Израел бил народ што веќе му припаѓал на Бог?
5 Во 11 век пр.н.е., цар Соломон покажал дека Јехова го издвоил Израел како посебен народ. Во една молитва што му ја упатил на Јехова, тој рекол: „Ти ги одвои од сите народи на земјата за Свое наследство“ (1. Цареви 8:53). И Израелците како поединци имале посебен однос со Јехова. Претходно, Мојсеј им рекол: „Вие сте синови на Господа, својот Бог... ти си народ посветен на Господа, својот Бог‘ (Второзаконие 14:1, 2). Значи, младите Израелци не морале да му се заветуваат на Јехова, односно да му го ветат својот живот. Тие биле родени како припадници на еден народ кој веќе му припаѓал на Бог (Псалм 79:13; 95:7). Секоја нова генерација била поучувана за Јеховините закони и требало да ги држи поради сојузот што го врзувал Израел за Јехова (Второзаконие 11:18, 19).
Слобода на избор
6. Што морал да избере секој Израелец?
6 Иако Израелците биле родени во еден народ што веќе му припаѓал на Бог, секој од нив морал самиот да донесе одлука дали ќе му служи на Бог. Пред да влезат во Ветената земја, Мојсеј им рекол: „Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата дека пред вас ставам: живот и смрт, благослов и проклетство. И така, избери го животот, љубејќи Го Господа, својот Бог, за да живееш ти и твоето потомство. Па тој е твојот живот, твојот долг век, за да можеш да престојуваш мирно во земјата за која Господ им се заколна на твоите татковци Авраама, Исака и Јакова дека ќе им ја даде“ (Второзаконие 30:19, 20). Значи, секој Израелец морал сам да избере дали ќе го сака Јехова, дали ќе го слуша неговиот глас и дали ќе му биде верен. Бидејќи Израелците имале слободна волја, морале да ги прифатат и последиците од својот избор (Второзаконие 30:16-18).
7. Што се случило откако изумрела генерацијата на Исус Навин?
7 Времето на судиите јасно ни покажува какви се резултатите од верноста и последиците од неверноста. Кратко пред да почне тој период, Израелците го следеле добриот пример на Исус Навин и затоа биле благословени. „Народот Му служеше на Господа во текот на сиот Исусов век и во текот на сиот век на старешините, кои го надживееја Исуса и ги видоа сите големи дела што Господ ги направи за Израел“. Меѓутоа, некое време по смртта на Исус Навин, „го наследи друго поколение, што не Го познаваше Господа ни... делата што ги направил за Израел. Тогаш Израелевите синови почнаа да прават што не Му е по волја на Господа“ (Судии 2:7, 10, 11). Изгледа дека помладата, неискусна генерација, не го ценела тоа што со раѓање припаѓале на еден народ што му бил заветуван на Јехова Бог, за кого тој направил многу извонредни дела во минатото (Псалм 78:3-7, 10, 11).
Дали го исполниле својот завет
8, 9. а) На кој начин Израелците можеле да покажат дека од срце му се заветуваат на Јехова? б) Што стекнувале оние што давале доброволни жртви?
8 Јехова им дал на своите слуги многу прилики да го исполнат заветот што му го дале како народ. На пример, со Закон Бог пропишал какви жртви треба да се принесуваат, од кои некои биле задолжителни, а други биле доброволни (Евреите 8:3). Некои од тие жртви биле жртвите паленици, житните жртви и жртвите на заедништвото, кои требало да се принесуваат доброволно — дарови што му се давале на Јехова за да се стекне неговата наклоност и да му се покаже благодарност (Левит 7:11-13).
9 Таквите доброволни жртви му биле угодни на Јехова. За жртвите паленици и за житните жртви било речено дека се ‚за пријатен мирис на Господа‘ (Левит 1:9; 2:2). Кога се давала жртва на заедништвото, крвта и лојот на животното му се принесувале на Јехова, а некои делови од месото ги јаделе свештениците и оној што ја принесувал жртвата. Овој симболичен оброк означувал мирољубив однос со Јехова. Законот наведувал: „Ако му принесувате на Јехова жртва на заедништвото, принесете ја така, што ќе стекнете милост“ (Левит 19:5, NW). Иако сите Израелци веќе му припаѓале на Јехова со своето раѓање, оние што од срце сакале да му се заветуваат на Јехова давале доброволни жртви и со тоа ‚стекнале милост‘ и биле богато благословени (Малахија 3:10).
10. Како го изразил Јехова своето незадоволство во времето на Исаија и Малахија?
10 Меѓутоа, многу често Израелците како народ што му се заветувал на Бог му биле неверни на Јехова. Преку својот пророк Исаија, Јехова им рекол: „Не Ми принесуваше јагниња за паленици, не Ме почитуваше со жртви. А Јас не те принудував за приноси“ (Исаија 43:23). Освен тоа, жртвите што не биле давани од сѐ срце и од љубов немале вредност во Јеховините очи. На пример, три века откако живеел Исаија, во времето на пророкот Малахија, Израелците принесувале за жртва животни со маана. Затоа, Малахија им рекол: „Не сте Ми мили – говори Господ над Воинствата – и не примам жртва од вашите раце... Кога доведувате ограбена, хрома и болна стока, та ја принесувате како жртвен дар, зар да го примам тоа милостиво од вашата рака? – говори Господ над Воинствата“ (Малахија 1:10, 13; Амос 5:22).
Отфрлени како народ што му се заветувал на Бог
11. Каква можност му била дадена на Израел?
11 Во времето кога Израелците му се заветувале на Јехова како народ, тој им ветил: „Ако Ми се покорувате верно и го држите Мојот Завет, вие ќе Ми бидете посебна сопственост, покрај сите народи – па Мој е целиот свет! – вие ќе Ми бидете царство, свештеници, свет народ“ (Излез 19:5, 6). Меѓу нив требало да се појави ветениот Месија и да им даде можност први да станат членови на владата на Божјето царство (Битие 22:17, 18; 49:10; 2. Самоил 7:12, 16; Лука 1:31-33; Римјаните 9:4, 5). Но, поголемиот дел од Израелците не се држеле за заветот што го дале (Матеј 22:14). Тие го отфрлиле Месијата и на крајот го убиле (Дела 7:51-53).
12. Кои зборови што ги кажал Исус покажуваат дека Израел бил отфрлен како народ што му се заветувал на Јехова?
12 Неколку дена пред својата смрт, Исус им рекол на еврејските верски водачи: „Зарем никогаш не сте читале во Писмото: ‚Каменот што го отфрлија градителите, тој стана главен аголен камен. Тоа е од Јехова, и прекрасно е во нашите очи‘? Затоа ви велам: Божјето царство ќе се одземе од вас и ќе ѝ се даде на нација која ги донесува неговите плодови“ (Матеј 21:42, 43). За да покаже дека Јехова ги отфрлил како народ што му се заветувал, Исус рекол: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе — колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. Ете, вашата куќа ви се остава запустена“ (Матеј 23:37, 38).
Еден нов народ што му се заветувал на Бог
13. Кои пророчки зборови ги кажал Јехова во времето на Еремија?
13 Во времето на пророкот Еремија, Јехова прорекол нешто ново во врска со својот народ. Еремија напишал: „Еве доаѓаат денови – говори Господ – кога ќе склучам Нов Завет [нов сојуз, NW] со Израелевиот дом и со Јудиниот дом. Не Завет каков што склучив со нивните татковци во денот кога ги зедов за рака за да ги изведам од Египетската Земја, Завет што тие го раскинаа иако Јас Сум нивни господар – говори Господ. Туку, ова е Завет што ќе го склучам со Израелевиот дом по оние денови – говори Господ. Мојот закон ќе го ставам во нивната душа и ќе го напишам во нивното срце. И ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ“ (Еремија 31:31-33).
14. Кога и врз кој темел почнал да постои Јеховиниот нов народ што му се заветувал нему? Кој е тој нов народ?
14 Темелот за овој нов завет, односно сојуз, бил поставен кога умрел Исус и подоцна ја принел вредноста на својата пролеана крв пред својот Татко, во 33 година од н.е. (Лука 22:20; Евреите 9:15, 24-26). Меѓутоа, овој нов сојуз стапил на сила со излевањето на светиот дух на Пентекост 33 година од н.е., кога се родил еден нов народ, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Римјаните 2:28, 29; 9:6; 11:25, 26). Кога им пишувал на помазаните христијани, апостол Петар рекол: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, света нација, народ за посебна сопственост, за да ги објавите надалеку извонредностите‘ на оној кој ве повикал од темнината во својата чудесна светлина. Зашто некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ“ (1. Петрово 2:9, 10). Посебниот однос што постоел помеѓу Јехова и телесниот Израел бил прекинат. Во 33 година од н.е., Јехова ја пренел својата наклоност од земниот Израел врз духовниот Израел, христијанското собрание, ‚нацијата која ги донесувала плодовите‘ на Месијанското Царство (Матеј 21:43).
Завет што го дава секој поединец
15. На какво крштавање ги поттикнал Петар луѓето што го слушале на Пентекост 33 година од н.е.?
15 По Пентекост 33 година од н.е., секој поединец, Евреин или не-Евреин, требало лично да му се заветува на Бог и да се крсти „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“a (Матеј 28:19). На Пентекост, апостол Петар им рекол на Евреите и на прозелитите што ја прифатиле добрата вест: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за простување на вашите гревови, и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“ (Дела 2:38). Тие Евреи и прозелити требало да покажат со своето крштавање не само дека му се заветувале на Јехова туку и дека го прифатиле Исус како средство преку кое Јехова ќе им ги прости гревовите. Морале да го признаат како Јеховин Првосвештеник и како свој Водач, Глава на христијанското собрание (Колошаните 1:13, 14, 18).
16. Во времето на Павле, како станале дел од духовниот Израел оние што биле исправно настроени кон вечен живот — и Евреи и не-Евреи?
16 Со години подоцна, апостол Павле рекол: „Прво на оние во Дамаск, па и на оние во Ерусалим, и по целата земја Јудеја, и на нациите им ја однесов пораката да се покаат и да се обратат кон Бог правејќи дела кои прилегаат на покајание“ (Дела 26:20). Откако ги уверил луѓето — Евреите и не-Евреите — дека Исус е Христос, Месијата, Павле им помогнал да сторат сѐ што треба за да му се заветуваат на Бог и да се крстат (Дела 16:14, 15, 31-33; 17:3, 4; 18:8). Со тоа што се свртеле кон Бог, таквите нови ученици станале припадници на духовниот Израел.
17. Кое запечатување се ближи кон крај, и кое друго дело брзо се одвива?
17 Денес се ближи конечното запечатување на преостанатите духовни Израелци. Кога ќе биде завршено, на ‚четирите ангели‘ што ги задржуваат ветровите на уништување на „големата неволја“ ќе им биде дозволено да ги пуштат. Во меѓувреме, брзо се собира ‚големото мноштво‘ луѓе, кои имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Овие „други овци“ по своја волја избираат да положат вера во „крвта на Јагнето“ и да се крстат како симбол на заветот што му го дале на Јехова (Откровение 7:1-4, 9-15; 22:17; Јован 10:16; Матеј 28:19, 20). Меѓу нив има многу млади што биле воспитани од христијански родители. Ако ти си еден од тие млади, сигурно ќе те интересира да ја прочиташ следната статија.
[Фуснота]
За повторување
• Зошто младите Израелци не морале лично да му се заветуваат на Јехова?
• Како можеле Израелците да покажат дека се држат за својот завет?
• Зошто Јехова го отфрлил Израел како народ што му се заветувал нему, и како бил заменет?
• Од Пентекост 33 година од н.е., што морале да прават и Евреите и не-Евреите за да станат припадници на духовниот Израел?
[Слика на страница 21]
Младите Израелци биле родени како припадници на Божјиот избран народ
[Слика на страница 23]
Секој Израелец морал лично да донесе одлука да му служи на Бог
[Слика на страница 23]
Доброволните жртви им давале можност на Израелците да покажат дека го сакаат Јехова
[Слика на страница 25]
По Пентекост 33 година од н.е., Христовите следбеници морале лично да му се заветуваат на Бог и тоа да го симболизираат со крштавање