Прашања од читателите
За какво обележување со печат се зборува во Откровение 7:3?
Во Откровение 7:1-3 стои: „Видов четири ангели како стојат на четирите агли на земјата, цврсто држејќи ги четирите земни ветрови, за да не дува никаков ветар на земјата, ниту на морето, ниту на некакво дрво. И видов друг ангел како влегува од исток и го има печатот на живиот Бог. И им викна на сет глас на четирите ангели на кои им беше дадено да им наштетат на земјата и на морето: ‚Немојте да ѝ наштетите на земјата, ниту на морето, ниту на дрвјата, додека не ги обележиме со печат челата на робовите на нашиот Бог!‘“
Откако ќе бидат пуштени „четирите земни ветрови“, ќе почне „големата неволја“, односно уништувањето на лажната религија и на остатокот на овој зол свет (Откровение 7:14). „Робовите на нашиот Бог“ се Христовите помазани браќа на Земјата (1. Петрово 2:9, 16). Според тоа, ова пророштво покажува дека запечатувањето на Христовите браќа ќе биде завршено кога ќе започне големата неволја. Меѓутоа, други библиски стихови покажуваат дека помазаниците имале и прво обележување со печат. Затоа понекогаш зборуваме за прво обележување со печат и за конечно обележување со печат, или запечатување. Каква разлика има меѓу нив?
Да го разгледаме значењето на зборот „обележи со печат“. Во старо време, печат се викал предметот што се користел за да се стави отпечаток на некој документ, но и самиот отпечаток. Во тоа време, било вообичаено да се стави печат на документ или на други работи за да се потврди дека се веродостојни или за да се знае кому му припаѓаат (1. Царевите 21:8; Јов 14:17).
Павле го споредил светиот дух со печат кога рекол: „Оној кој гарантира дека и ние заедно со вас му припаѓаме на Христос и кој нѐ помаза, е Бог. Тој го стави својот печат на нас и во срцата ни даде дух како гаранција за она што ќе дојде“ (2. Коринќаните 1:21, 22). Според тоа, Јехова ги помазува тие христијани со својот свет дух за да покаже дека тие се негова сопственост.
Меѓутоа, постојат две фази во обележувањето на помазаниците. Првото ставање печат се разликува од конечното запечатување, и тоа 1) според причината и 2) според времето кога се случуваат. Со првото обележување се избира нов член кој ќе припаѓа на групата помазани христијани. Запечатувањето, како конечен чин, служи за да се потврди дека овој избран поединец, кој на себе има печат, потполно ја докажал својата лојалност. Дури тогаш, при конечното запечатување, печатот ќе биде трајно врежан на ‚челото‘ на помазаникот, што ќе покаже дека тој е потполно испитан и верен ‚роб на нашиот Бог‘. Во Откровение, 7. поглавје, станува збор за оваа конечна фаза на запечатувањето (Откровение 7:3).
Во врска со времето кога го добиваат првиот печат, апостол Павле им напишал на помазаните христијани: „И вие се надевавте на него кога ја чувте речта на вистината, добрата вест за вашето спасение, и преку него, откако поверувавте, бевте запечатени со ветениот свет дух“ (Ефешаните 1:13, 14). Во многу случаи, извештајот од Библијата покажува дека христијаните од првиот век навистина биле обележани со печат кратко време откако ја чуле добрата вест и поверувале во Христос (Дела 8:15-17; 10:44). Таквото обележување било доказ дека тие го имале Божјето одобрување, односно признание. Но тоа не покажувало дека го имаат Божјето конечно признание. Зошто не?
Павле рекол дека помазаните христијани се запечатени за денот кога ќе бидат ослободени (Ефешаните 4:30). Ова покажува дека по првото обележување е потребно да помине време, обично многу години. Помазаниците треба да останат верни од денот кога се обележани со светиот дух до денот кога ќе бидат ослободени од физичкото тело — односно, додека не умрат (Римјаните 8:23; Филипјаните 1:23; 2. Петрово 1:10). Затоа, пред самиот крај на својот живот, Павле можел да рече: „Трката ја истрчав до крај, верата ја зачував. Отсега за мене се чува венецот на праведноста“ (2. Тимотеј 4:6-8). Освен тоа, на собранието од помазани христијани Исус му рекол: „Биди верен до смрт, и ќе ти ја дадам круната (венецот) на животот“ (Откровение 2:10, фуснота; 17:14).
Зборот „круна“, односно „венец“ е уште еден доказ дека ќе помине време меѓу првото обележување со печат и конечното запечатување. Зошто? Во минатото, на победникот во една трка обично му давале круна. За да ја добие круната, не било доволно само да ја започне трката. Морал да трча сѐ до крајот. Исто е и со помазаните христијани. Ако сакаат да бидат крунисани со бесмртен живот на небесата, тие мораат да истраат до крајот на својата трка — од првото обележување со печат до конечното запечатување (Матеј 10:22; Јаков 1:12).
Кога ќе бидат трајно запечатени преостанатите помазани христијани кои го добиле првиот печат? Сите што сѐ уште живеат на Земјата ќе добијат печат на „челото“ пред да започне големата неволја. Кога ќе бидат пуштени четирите ветрови на неволјата, сите духовни Израелци ќе бидат трајно обележани со печат, и покрај тоа што некои сѐ уште ќе бидат живи во тело и допрва ќе мораат да го завршат својот живот на Земјата.