Мажот и жената — секој има ценета улога
ЈЕХОВА БОГ го создал прво Адам, а потоа Ева. Пред создавањето на Ева, Адам стекнал искуство во животот. Во тој период, Јехова му дал извесни упатства (1. Мојсеева 2:15-20). Адам требало да ѝ ги пренесе на својата жена и така да послужи како Божји говорник. Затоа е логично дека тој требало да предводи во сѐ што било поврзано со служењето на Бог.
Слично се поставени работите и во христијанското собрание, и ако го анализираме тоа уредување, можеме многу да научиме. Апостол Павле напишал: „На жената не ѝ дозволувам... да господари над мажот, туку нека молчи. Зашто, прво е создаден Адам, а потоа Ева“ (1. Тимотеј 2:12, 13). Ова не значи дека жената воопшто не треба да каже нешто на еден состанок на христијанското собрание, туку треба да молчи во таа смисла што не треба да влезе во расправии со некој маж. Таа не треба да ја омаловажува неговата положба како именуван брат или да настојува да поучува во собранието. На мажите им е дадена задачата да го надгледуваат собранието и да го поучуваат, а жените ги збогатуваат христијанските состаноци со тоа што учествуваат на различни начини.
Апостол Павле ни помага да сфатиме какви улоги Бог им дал на мажот и жената кога вели: „Не настана мажот од жената, туку жената од мажот... Сепак, во Господарот ниту жената постои без мажот, ниту мажот без жената [никој од нив не е независен од другиот]. Зашто, како што жената настана од мажот, така и мажот е роден од жената, а сѐ потекнува од Бог“ (1. Коринќаните 11:8-12).
Жените имаат благородни задачи
Под Законот што Бог му го дал на Израел, жените имале многу задачи и имале право да бидат иницијативни. На пример, во Изреки 31:10-31 се зборува за една „вредна жена“ која купувала добри материјали и им правела квалитетна облека на членовите на своето семејство. Таа дури ‚изработувала облека и ја продавала‘! (Стихови 13, 21-24). „Како трговски брод“, таа извонредна жена наоѓала добра храна, дури и ако морала да ја набави од далечни места (Стих 14). ‚Размислувала за нива и потоа ја купувала‘ и ‚садела лозје‘ (Стих 16). Бидејќи знаела ‚добро да тргува‘, можела многу да заработи (Стих 18). Освен што ‚водела грижа за сите свои домашни‘, оваа марлива жена, која се боела од Јехова, несебично им помагала и на другите (Стихови 20, 27). Не е чудо што е пофалена! (Стих 31).
Јеховините закони што ги запишал Мојсеј им давале на жените многу можности да растат духовно. На пример, во Исус Навин 8:35 читаме: „Од сето она што го заповеда Мојсеј, немаше ниту еден збор што Исус Навин не го прочита наглас пред целата израелска заедница, пред жените, децата и дојденците што одеа со нив“. А за свештеникот Езра, Библијата вели: „[Тој], на првиот ден од седмиот месец, го донесе законот пред заедницата, пред мажите, жените и пред сите што можеа да го разберат она што го слушаа. И од него читаше на глас на плоштадот што е пред Водната Порта, од зори до пладне, пред мажите, жените и пред другите што можеа да разберат. И целиот народ внимателно го слушаше читањето на книгата на законот“ (Неемија 8:2, 3). Жените извлекле поука од таквото читање на Законот. Исто така, тие ги славеле верските празници (5. Мојсеева 12:12, 18; 16:11, 14). И што е најважно, жените во стариот Израел можеле лично да бидат пријатели со Јехова Бог и можеле самите да му се молат (1. Самоилова 1:10).
Во првиот век од н.е., богобојазливи жени имале чест да му служат на Исус (Лука 8:1-3). Една жена му излеала масло врз главата и на нозете додека бил на вечера во Витанија (Матеј 26:6-13; Јован 12:1-7). Жени имало меѓу оние на кои Исус им се појавил по своето воскресение (Матеј 28:1-10; Јован 20:1-18). По Исусовото вознесение на небото, се состанала една група од околу 120 луѓе, меѓу кои имало и „некои жени и... Марија, мајката на Исус“ (Дела 1:3-15). Многу, ако не и сите овие жени, несомнено биле во горната соба во Ерусалим на денот на Педесетницата 33 год. од н.е., кога бил излеан светиот дух и Исусовите ученици преку чудо почнале да зборуваат на повеќе различни јазици (Дела 2:1-12).
Меѓу оние што го искусиле исполнувањето на Јоил 2:28, 29 имало и мажи и жени, како што покажал и апостол Петар на денот на Педесетницата кога го цитирал тој стих: „[Јас, Јехова] ќе го излеам својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат... Дури и на своите робови и на своите робинки ќе го излеам својот дух во тие денови“ (Дела 2:13-18). Во периодот по Педесетницата 33 год. од н.е., христијанките имале чест да ги добијат даровите на духот. Тие пророкувале, но не во смисла да претскажуваат идни настани, туку зборувале за библиските вистини на странски јазици.
Во своето писмо до христијаните во Рим, апостол Павле пофално зборувал за „Фива, нашата сестра“ и им ја препорачал. Исто така ги спомнал Трифена и Трифоса, нарекувајќи ги жени „кои се трудат во Господарот“ (Римјаните 16:1, 2, 12). Иако овие жени не биле именувани како старешини или слуги помошници во раното христијанско собрание, сепак, заедно со многу други жени ја имале честа Бог да ги избере да му бидат придружници на неговиот Син, Исус Христос, во небесното Царство (Римјаните 8:16, 17; Галатите 3:28, 29).
Колку голема чест имаат побожните жени денес! „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“, стои во Псалм 68:11. Таквите жени се за пофалба! На пример, тие вешто им помагаат на луѓето да ја проучуваат Библијата, па затоа многумина ги прифаќаат точните учења што му се по волја на Бог. Пофалба заслужуваат и мажените христијанки, кои им помагаат на своите деца да станат верници и покажуваат големо разбирање за своите сопрузи кои имаат многу собраниски должности (Изреки 31:10-12, 28). Бог ги смета за драгоцени и жените што не се во брак, а од мажите бара ‚да ги советуваат... постарите жени како мајки, а помладите жени како сестри — со сета чистота‘ (1. Тимотеј 5:1, 2).
Различните задачи на мажите
На мажите Бог им дал задача која очекува да ја исполнат. Павле рекол: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Коринќаните 11:3). И мажите имаат свој поглавар — Христос. Да, тие се одговорни пред Христос и, што е најважно, пред Бог. А Бог очекува мажите да бидат љубезни поглавари (Ефешаните 5:25). Тоа не се променило од времето кога првите луѓе живееле на Земјата.
Библијата покажува дека Бог им дал на мажите задачи што тие како поглавари ќе можат да ги извршат. На пример, Јехова му заповедал на Ное да гради арка за да им го спаси животот на другите во времето на Потопот (1. Мојсеева 6:9 — 7:24). На Авраам му ветил дека, преку неговото потомство, сите семејства и народи на Земјата ќе бидат благословени. Главен дел од тоа потомство е Исус Христос (1. Мојсеева 12:3; 22:18; Галатите 3:8-16). Бог го избрал Мојсеј да ги изведе Израелците од Египет (2. Мојсеева 3:9, 10, 12, 18). Јехова преку Мојсеј ги дал законите што се познати како Сојуз на законот, односно Мојсеев закон (2. Мојсеева 24:1-18). Сите писатели на Библијата, без исклучок, биле мажи.
Како Глава на христијанското собрание, Исус ‚дал луѓе [односно мажи] како дарови‘ (Ефешаните 1:22; 4:7-13). Кога ги навел условите за надгледници, Павле зборувал за мажите (1. Тимотеј 3:1-7; Тит 1:5-9). Затоа во собранието на Јеховините сведоци мажите се именувани да служат како надгледници, односно старешини, и како слуги помошници (Филипјаните 1:1, 2; 1. Тимотеј 3:8-10, 12). Само мажите треба да служат како пастири во христијанското собрание (1. Петрово 5:1-4). Но, како што веќе спомнавме, и жените добиле од Бог прекрасни задачи.
Среќни со својата улога
Мажите и жените се среќни кога ги исполнуваат своите улоги што им ги дал Бог. А кога сопрузите и сопругите земаат пример од Христос и неговото собрание, тогаш нивните бракови се среќни. „Мажи“, им напишал Павле, „сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него... така и секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“ (Ефешаните 5:25-33). Според тоа, сопрузите треба да бидат љубезни, а не себични поглавари. Христос го сака и се грижи за своето собрание, иако тоа не се состои од совршени луѓе. Така треба да биде и со сопрузите. Секој од нив треба да ја сака својата сопруга и да се грижи за неа.
Мажената христијанка треба „длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33). Во врска со тоа, како пример може да ѝ послужи собранието. Во Ефешаните 5:21-24 стои: „Бидете подложни еден на друг во страв од Христос. Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието — тој, спасителот на тоа тело. И како што собранието му е подложно на Христос, така и жените нека им бидат подложни на своите мажи во сѐ“. Иако понекогаш на жената можеби ѝ е тешко да му биде подложна на својот сопруг, сепак така „прилега [соодветно е, исправно е] во Господарот“ (Колошаните 3:18). Ако задржи на ум дека тоа го радува Господарот Исус Христос, ќе ѝ биде полесно да му се подложи на својот сопруг.
Дури и ако сопругот не ѝ е соверник, христијанката треба да биде подложна на неговата улога на поглавар. Апостол Петар вели: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Петрово 3:1, 2). Сара, која го почитувала својот сопруг Авраам, ја имала таа чест да го роди Исак и да му биде прамајка на Исус Христос (Евреите 11:11, 12; 1. Петрово 3:5, 6). Бог сигурно ќе ги награди сопругите што се однесуваат како Сара.
Кога мажите и жените ги исполнуваат своите улоги што ги добиле од Бог, тогаш владее мир и хармонија. Како резултат на тоа, тие се задоволни и среќни. Освен тоа, кога ги исполнуваат библиските барања, мажот и жената на достоинствен начин ги исполнуваат своите ценети улоги што ги добиле од Бог.
[Рамка на страница 7]
Што мислат тие за улогата што ја добиле од Бог
„Мојот сопруг е многу љубезен како поглавар“, вели Сузана. „Обично разговараме за одлуките, а кога тој ќе одлучи што ќе правиме или нема да правиме, знам дека тоа е за наше добро. Јехова одредил работите да бидат така поставени за мажените христијанки. Тоа мене ме прави вистински среќна, а нашиот брак стабилен. Ние двајцата сме блиски и заедно се трудиме да ги достигнеме нашите духовни цели.“
Една жена што се вика Минди вели: „Улогата што Јехова им ја дал на христијанките, нѐ уверува дека тој многу нѐ сака. Мислам дека со тоа што го почитувам мојот сопруг, како и со поддршката што му ја давам околу задачите што ги има во собранието, покажувам дека го ценам начинот на кој Јехова ги поставил работите“.
[Слики на страница 5]
Бидејќи мажот има улога на поглавар, Бог им дал на Ное, Авраам и Мојсеј различни задачи
[Слика на страница 7]
„Жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“