Помогни им на другите да бидат послушни на она што го учи Библијата
„А она што е на добра земја, тоа се оние што ја слушаат речта со чисто и добро срце, па ја задржуваат и истрајно донесуваат плод“ (ЛУКА 8:15).
1, 2. а) За која цел е наменета книгата Што навистина учи Библијата? б) Во последниве години, како го благословил Јехова трудот на својот народ да прави ученици?
„КНИГАВА е одлична. Моите интересенти многу ја сакаат. И јас многу ја сакам. Со помош на оваа книга може да се почне да се проучува Библијата со луѓето на нивниот куќен праг.“ Така рекол еден полновремен проповедник на Јеховините сведоци во врска со книгата Што навистина учи Библијата?a Зборувајќи за истата публикација, еден постар објавител рекол: „Имав можност да им помогнам на многу луѓе да го запознаат Јехова во изминативе 50 години, колку што сум активен во службата. Но, морам да речам дека оваа публикација за проучување е нешто посебно. Уживам во освежувачките примери и во убавите слики“. Дали и ти го мислиш истото за книгата Што учи Библијата? Оваа публикација за проучување на Библијата е наменета да ти помогне да ја извршиш Исусовата заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20).
2 Без сомнение, Јеховиното срце се радува кога гледа како 6,6 милиони негови Сведоци спремно ја извршуваат Исусовата заповед да прават ученици (Изреки 27:11). Очигледно Јехова го благословува нивниот труд. Во текот на 2005 год., на пример, добрата вест се проповедаше во 235 земји и, во просек, се водеа преку 6.061.500 библиски студии. Како резултат на тоа, многу луѓе ‚ја чуја Божјата реч и ја прифатија, не како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е‘ (1. Солуњаните 2:13). Во текот на изминативе две години, повеќе од половина милион нови ученици го усогласиле својот живот со Јеховините мерила и му го заветувале својот живот на Бог.
3. Кои прашања во врска со тоа како да ја користиме книгата Што учи Библијата ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Дали во последно време си почувствувал колку е радосно да се проучува со некого? Во целиот свет сѐ уште има лица со „чисто и добро срце“ кои, откако ќе ја чујат Божјата реч, „ја задржуваат и истрајно донесуваат плод“ (Лука 8:11-15). Да видиме како можеш да ја користиш книгата Што учи Библијата во делото на правење ученици. За таа цел ќе разгледаме три прашања: 1) Како да започнеш библиска студија? 2) Кои методи на поучување се најделотворни? 3) Како да помогнеш некому да не биде само ученик туку и учител на Божјата пишана реч, Библијата?
Како да започнеш библиска студија
4. Зошто некои можеби се колебаат да ја проучуваат Библијата, и како можеш да им помогнеш да ја совладаат неодлучноста?
4 Ако ти речат да прескокнеш некој широк поток само со еден скок, можеби веднаш ќе се откажеш. Но, ако во потокот се поставени камења на правилни растојанија, веројатно би се обидел да преминеш на другата страна. Слично на тоа, некој што е многу зафатен можеби не може веднаш да се реши да ја проучува Библијата. Станарот можеби ќе мисли дека треба многу време и напор за да проучува. Како можеш да му помогнеш да престане да се двоуми? Со тоа што ќе водиш повеќе кратки, информативни разговори со помош на книгата Што учи Библијата, и така постепено ќе започнеш редовно да ја проучуваш со него Божјата реч. Ако се подготвуваш добро, секоја повторна посета кај станарот ќе биде како камен што ќе му помогне да склопи пријателство со Јехова.
5. Зошто треба да ја прочиташ книгата Што учи Библијата?
5 Меѓутоа, пред да можеш да помогнеш некому да извлече корист од книгата Што учи Библијата, самиот ти треба добро да се запознаеш со неа. Дали ја прочита од почеток до крај? Едни маж и жена ја понеле оваа публикација кога отишле на годишен одмор и почнале да ја читаат додека биле на плажа. Кога им пристапила некоја жена што им продавала разни производи на туристите, ѝ паднал в очи насловот Што навистина учи Библијата? Им рекла дека само неколку часа претходно се молела во врска со истото прашање, барајќи од Бог да ѝ одговори. Брачната двојка радосно ѝ дала на жената примерок од книгата. Дали ти ‚си откупил време‘ да ја прочиташ оваа публикација, можеби и по втор пат, додека си чекал некаде или за време на паузата на работа или на училиште? (Ефешаните 5:15, 16). Ако да, веќе си се запознал со оваа публикација за проучување на Библијата и ќе можеш да создаваш прилики да зборуваш со другите за она што го пишува во неа.
6, 7. Како можеш да ја користиш книгата Што учи Библијата за да започнуваш библиски студии?
6 Кога ја нудиш оваа книга додека си во служба на проповедање, добро користи ги сликите, библиските стихови и прашањата на страници 4, 5 и 6. На пример, би можел да започнеш разговор поставувајќи го прашањето: „Кога ќе се земат предвид сите проблеми со кои се соочуваат луѓето денес, што мислите, каде можеме да најдеме сигурно водство?“ Откако внимателно ќе го сослушаш одговорот, прочитај 2. Тимотеј 3:16, 17 и објасни дека Библијата дава вистинско решение за проблемите на човештвото. Потоа обрни му внимание на станарот на страници 4 и 5, и постави го прашањето: „Што најмногу ве загрижува од она што е прикажано на овие страници?“ Кога станарот ќе каже што е тоа, подај му ја книгата да ја држи додека ти го читаш од својата Библија стихот што е наведен на таа тема. Потоа прочитај го текстот од страница 6, и речи му на станарот: „Разгледајте ги овие шест прашања на дното на страницава. На кое од нив би сакале да добиете одговор?“ Откако станарот ќе посочи едно прашање, покажи му го поглавјето што го дава одговорот на тоа прашање, остави му ја книгата и договори се кога да дојдеш повторно за да поразговарате за тоа прашање.
7 За да се изнесе оваа презентација треба само околу пет минути. Меѓутоа, за тоа кратко време ќе можеш да дознаеш што го загрижува станарот, ќе имаш прочитано и објаснето два библиски стиха и ќе имаш поставено темел за повторна посета. Твојот краток разговор со станарот можеби ќе биде најохрабрувачкото и најутешно нешто што го доживеал во последно време. Како резултат на тоа, дури и некој што е многу зафатен веројатно едвај ќе чека повторно да биде со тебе уште неколку минути за да му помогнеш да го направи следниот чекор на „патот што води во живот“ (Матеј 7:14). Со текот на времето, како што се зголемува интересот на станарот, така и проучувањето би требало да трае подолго. Тоа може да се постигне ако предложиш да седнете и да проучувате малку подолго во термин што ќе го договорите.
Најделотворни методи на поучување
8, 9. а) Како можеш да го подготвиш твојот интересент да ги совлада препреките и испитите на кои веројатно ќе наиде? б) Каде можат да се најдат огноотпорни материјали за да се изгради цврста вера?
8 Штом некој ќе почне да биде послушен на она што го учи Библијата, веројатно ќе наиде на препреки што би можеле да го спречат неговиот напредок. Апостол Павле рекол: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Павле ги споредил тие неволји со оган што ќе ги изгори неквалитетните градежни материјали, но материјалите како што се златото, среброто и скапоцените камења ќе останат неоштетени (1. Коринќаните 3:10-13; 1. Петрово 1:6, 7). За да му помогнеш на интересентот да ги стекне особините што се потребни за да опстои на испитите на кои ќе наиде, треба да му помогнеш со тоа што ќе градиш со огноотпорни материјали.
9 Псалмистот ги споредува „зборовите на Јехова“ со „сребро пречистено во топилничка печка во земја, седумпати очистено“ (Псалм 12:6). Всушност, Библијата ги содржи сите скапоцени материјали што можат да се употребат за да се изгради цврста вера (Псалм 19:7-11; Изреки 2:1-6). А книгата Што учи Библијата ти покажува како да го користиш делотворно Светото писмо.
10. Како можеш да го насочиш врз Библијата вниманието на интересентот?
10 Додека проучувате, насочи го вниманието на интересентот на библиските стихови што се наведени во секое поглавје што го разработувате. Користи прашања за да му помогнеш на интересентот да ги разбере клучните библиски стихови и помогни му да увиди како се однесуваат тие стихови на него лично. Внимавај на тоа да не му кажуваш ти што треба да прави. Наместо тоа, следи го примерот на Исус. Кога некој човек што добро го познавал Законот му поставил едно прашање, Исус му одговорил: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ Човекот дал одговор на темел на Светото писмо, а Исус му помогнал да види како тоа начело се однесува на него. Кажувајќи еден пример, Исус исто така му помогнал на човекот да види како треба да влијае врз него тоа учење (Лука 10:25-37). Книгата Што учи Библијата е полна со едноставни примери што можеш да ги употребиш за да му помогнеш на некој интересент да ги примени на себе библиските начела.
11. Колку материјал би требало да обработите при секое проучување?
11 Во книгата Што учи Библијата се користи едноставен, директен јазик за да се објасни Божјата реч, исто како што и Исус пренел сложени идеи со едноставни зборови (Матеј 7:28, 29). И ти прави така. Пренеси ги информациите едноставно, јасно и точно. Не брзај да го поминеш материјалот. Наместо тоа, дозволи околностите и способноста на интересентот да бидат мерило за тоа колку пасуси ќе разгледате секогаш кога ќе проучувате. Исус ги знаел ограничувањата на своите ученици и не ги оптоварувал со повеќе информации отколку што им биле потребни во моментот (Јован 16:12).
12. Како треба да се користи додатокот?
12 Книгата Што учи Библијата содржи додаток од 14 теми. Врз основа на потребите на интересентот, ти како негов учител треба да процениш како најдобро да се употреби овој материјал. На пример, ако на некој интересент му е тешко да сфати некоја тема или има прашања за некои работи поради неговите поранешни верувања, може да биде доволно да му го свртиш вниманието на соодветниот дел од додатокот и тој самиот да си ја разгледа темата. Од друга страна, пак, можеби потребите на интересентот налагаат ти да го обработиш материјалот заедно со него. Додатокот содржи важни библиски теми, како што се: „,Душа‘ и ‚дух‘ — кое е точното значење на овие зборови?“ и „Кој е ‚Големиот Вавилон‘?“ Ако треба, разговарај за овие теми со својот интересент. Бидејќи не се дадени прашања за темите од додатокот, ќе треба да се запознаеш со она што го пишува внатре за да можеш да поставиш добри прашања.
13. Каква улога игра молитвата во зајакнувањето на верата?
13 „Ако Јехова не ја гради куќата, залудно се трудат нејзините градители“, пишува во Псалм 127:1. Затоа, додека се подготвуваш да водиш библиска студија, моли го Јехова за помош. Во твоите молитви на почетокот и на крајот од проучувањето со некој интересент нека се види колку близок однос со Јехова имаш. Охрабри го да го моли Јехова за мудрост да ја разбере неговата Реч и за сила да ги примени советите што се дадени во неа (Јаков 1:5). На тој начин интересентот ќе биде зајакнат да ги поднесе искушенијата и ќе продолжи да јакне во верата.
Помогни им на интересентите да станат учители
14. Каков напредок треба да постигнат оние што ја проучуваат Библијата?
14 За да можат интересентите да бидат послушни на сѐ што им заповедал Исус на своите ученици, треба да напредуваат од ученици на Божјата реч до учители на Божјата реч (Матеј 28:19, 20; Дела 1:6-8). Што можеш да направиш за да му помогнеш на некој интересент да постигне таков духовен напредок?
15. Зошто треба да го охрабриш интересентот да доаѓа на христијанските состаноци?
15 Уште од првиот пат кога ќе почнете да проучувате, повикај го интересентот да доаѓа со тебе на собраниските состаноци. Објасни му дека токму на тие состаноци ти добиваш обука да бидеш учител на Божјата реч. Во текот на повеќе седмици, одвојувај по неколку минути секогаш кога ќе завршите со проучувањето за да ја опишеш програмата на духовна поука што се изнесува на различните состаноци и собири. Зборувај воодушевено за користа што ја извлекуваш од тие состаноци (Евреите 10:24, 25). Штом интересентот ќе почне редовно да доаѓа на состаноците, голема е веројатноста да стане и учител на Божјата реч.
16, 17. Кои цели може да си ги постави и да ги постигне еден интересент што проучува?
16 Помогни му на интересентот да си постави достижни цели. На пример, охрабри го да им зборува на некој пријател или роднина за она што го учи. Исто така, предложи му да си постави цел да ја прочита целата Библија. Ако му помогнеш да си направи распоред за редовно читање на Библијата и да се држи за него, таа навика ќе му користи долго време откако ќе се крсти. Освен тоа, зошто не му предложиш да си постави цел да запомни барем еден библиски стих што дава одговор на некое клучно прашање од секое поглавје од книгата Што учи Библијата? На тој начин ќе стане „работник кој нема од што да се срами, кој исправно се служи со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15).
17 Наместо да го научиш интересентот само да ги повторува напамет библиските стихови или да ги прераскаже, охрабри го да ги објасни соодветните библиски стихови кога им дава одговор на оние што го прашуваат за неговата вера. Ќе биде добро да вежбате дијалози, при што ти ќе ја имаш улогата на роднина или колега што го прашува да му ги објасни своите верувања. Додека интересентот дава одговор, покажи му како да одговори „благо и со длабока почит“ (1. Петрово 3:15).
18. Кога еден интересент ќе ги исполни условите да биде некрстен објавител, како можеш да му помогнеш понатаму?
18 Со текот на времето, интересентот можеби ќе ги исполни условите да учествува во службата на проповедање. Нагласи му дека е голема чест да се учествува во тоа дело (2. Коринќаните 4:1, 7). Штом старешините ќе утврдат дека ги исполнува условите да биде некрстен објавител, помогни му да подготви едноставна презентација и потоа оди со него во служба на проповедање. Продолжи редовно да работиш со него во различни гранки од службата и поучи го да се подготвува и да прави делотворни повторни посети. Твојот добар пример ќе му влијае позитивно (Лука 6:40).
‚Спаси се и себеси и оние што те слушаат‘
19, 20. Каква цел треба да си поставиме, и зошто?
19 Без сомнение треба да се вложи многу труд за да му се помогне некому ‚добро да ја запознае вистината‘ (1. Тимотеј 2:4). Меѓутоа, малку радости во животот можат да се споредат со задоволството што го чувствуваме кога ќе му помогнеме некому да стане послушен на она што го учи Библијата (1. Солуњаните 2:19, 20). Всушност, ние имаме голема чест што сме „Божји соработници“ во ова светско образовно дело! (1. Коринќаните 3:9).
20 Преку Исус Христос и моќните ангели, Јехова наскоро ќе ги повика на одговорност оние „што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Солуњаните 1:6-8). Во прашање се животи. Можеш ли да си поставиш за цел да водиш барем една домашна библиска студија со книгата Што навистина учи Библијата? Додека учествуваш во ова дело, имаш можност да „се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16). Денес, повеќе од кога и да е порано, многу е итно да им помогнеме на другите да бидат послушни на она што го учи Библијата.
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.
Што научи?
• За каква цел е наменета книгата Што учи Библијата?
• Како можеш да започнуваш библиски студии со помош на книгата Што учи Библијата?
• Кои методи на поучување се најдобри?
• Како можеш да му помогнеш на некој интересент да стане учител на Божјата реч?
[Слика на страница 26]
Дали добро ја користиш оваа книга?
[Слика на страница 27]
Еден краток разговор може да роди во некого поголема желба да ја запознае Библијата
[Слика на страница 29]
Што можеш да направиш за да го насочиш вниманието на интересентот врз Библијата?
[Слика на страница 30]
Помогни му на интересентот да напредува