Среќни се оние што истрајуваат кога страдаат
„Ги прогласуваме за среќни оние што истрајаа“ (ЈАКОВ 5:11).
1, 2. Што покажува дека Јехова немал намера човекот да страда?
НИТУ ЕДЕН нормален човек не сака да страда. Освен тоа, од Божјата вдахновена реч дознаваме дека и нашиот Творец, Јехова Бог, не сака луѓето да страдаат. Библијата ни кажува што се случило откако Бог ги создал првите маж и жена. Најнапред го создал мажот. „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7). Адам имал совршено тело и совршен ум, па затоа немало да се разболува и да умре.
2 Во какви услови требало да живее Адам? „Јехова Бог насади и градина во Еден, кон исток, и таму го смести човекот што го беше направил. Така Јехова Бог направи да никнат од земјата секакви дрвја привлечни за гледање и добри за јадење“ (1. Мојсеева 2:8, 9). Значи, Адам имал еден прекрасен дом. Во градината Еден немало никакво страдање.
3. Каква иднина му претстоела на првиот човечки пар?
3 Од 1. Мојсеева 2:18 го дознаваме следново: „Јехова Бог рече: ‚Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение‘“. Потоа Јехова создал совршена жена за Адам и со тоа им дал одлична основа за среќен семеен живот (1. Мојсеева 2:21-23). Библијата понатаму вели: „Бог ги благослови и им рече: ‚Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја‘“ (1. Мојсеева 1:28). Првите маж и жена имале прекрасна задача — да ја прошират градината Еден и, со текот на времето, да ја претворат целата Земја во рај. Освен тоа, требало да имаат среќни деца кои немало да страдаат. Каков величествен почеток! (1. Мојсеева 1:31).
Почеток на страдањата
4. Што се случувало со човечкиот род низ историјата?
4 Но, кога ќе се осврнеме на она што се случувало со човечкото семејство низ историјата, неминовно доаѓаме до заклучок дека нешто тргнало наопаку. Се случувале многу лоши работи и човечкиот род многу страдал. Низ вековите, сите потомци на Адам и Ева се разболувале, старееле и, на крајот, умирале. Што се однесува до Земјата, таа воопшто не личи на рај во кој живеат среќни луѓе. Всушност, во Римјаните 8:22 е даден еден точен опис на денешната состојба: „Целото создание заедно воздивнува и... во болка [е] сѐ досега“.
5. Каков удел имале нашите први родители во зачетокот на страдањето на целото човечко семејство?
5 Јехова не е виновен за огромното страдање што постои толку долго време (2. Самоилова 22:31). Дел од вината сносат самите луѓе. „Тие прават зло, одвратни се нивните дела“ (Псалм 14:1). На нашите први родители им бил даден идеален почеток. И сѐ ќе било во ред ако му останеле послушни на Бог. Но, Адам и Ева сакале да бидат независни од Јехова. Бидејќи отстапиле од него, тие го изгубиле совршенството. Постепено почнале да пропаѓаат и на крајот умреле. Несовршенството ни го пренеле и на нас (1. Мојсеева 3:17-19; Римјаните 5:12).
6. Каква улога одиграл Сатана во зачетокот на страдањето?
6 Но, во зачетокот на сето страдање имало удел и едно духовно суштество кое подоцна било наречено Сатана Ѓаволот. Тој бил обдарен со слободна волја, но го злоупотребил тој дар така што посакал да биде обожаван. Сепак, само Јехова треба да биде обожаван, а не неговите созданија. Сатана бил тој што ги навел Адам и Ева да посакаат да бидат независни од Јехова, ветувајќи им дека ‚ќе станат како Бог и ќе знаат што е добро, а што зло‘ (1. Мојсеева 3:5).
Само Јехова има право да владее
7. Што покажуваат последиците од побуната против Јехова?
7 Лошите последици од побуната покажуваат дека само Јехова, како Севишен Господар, има право да владее и дека само неговата влада е праведна. Во изминатите неколку илјади години се покажало дека Сатана, кој станал ‚владетел на овој свет‘, господари на злобен, неправеден и насилен начин што воопшто не е добар за никого (Јован 12:31). Долгото, неуспешно владеење на луѓето со кои господари Сатана исто така покажало дека тие не се способни праведно да владеат (Еремија 10:23). Според тоа, секој можен облик на владеење, освен Јеховиниот, е осуден на пропаст. Историјата многу јасно го докажува тоа.
8. Што има намера да стори Јехова со сите облици на човечко владеење, и како ќе ја исполни таа намера?
8 Денес, откако Јехова дозволил да поминат неколку илјади години во кои луѓето се обидувале да владеат независно од него, тој со право може да ги отстрани сите тие облици на владеење од Земјата и да ги замени со своја влада. Едно пророштво во врска со ова вели: „Во деновите на тие цареви [човечките владетели], небесниот Бог ќе подигне царство [неговата небесна влада во рацете на Христос], кое нема никогаш да пропадне... Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44). Бог ќе му стави крај на демонското и на човечкото владеење, и неговото небесно Царство ќе биде единственото што ќе постои и што ќе владее со Земјата. Христос ќе биде Цар, а заедно со него ќе владеат 144.000 верни луѓе земени од Земјата (Откровение 14:1).
Какво добро се постигнува со страдањето
9, 10. Што научил Исус од тоа што пострадал?
9 Добро е да разгледаме зошто оние што ќе владеат во небесното Царство навистина добро одговараат за својата улога. Прво, Исус Христос покажал дека ги исполнува сите услови да биде Цар. Тој живеел покрај Јехова неброени години и ја вршел волјата на својот Татко како негов „вешт градител“ (Изреки 8:22-31). Кога Јехова решил Исус да дојде на Земјата, Исус спремно прифатил. Кога бил овде, целосно се посветил на тоа да им зборува на другите за Јеховиното Царство и за неговата власт. Исус ни дал извонреден пример на сите нас со својата апсолутна подложност на Божјата власт (Матеј 4:17; 6:9).
10 Исус бил малтретиран и на крајот бил убиен. Во текот на својата служба, имал можност да види од прва рака во каква бедна состојба се наоѓаат луѓето. Дали имало нешто добро од тоа што го видел ова и што и самиот страдал? Да. Во Евреите 5:8 се вели: „Иако беше Син Божји, се научи на послушност од она што го претрпе“. Она што Исус го доживеал на Земјата му помага да има уште поголемо разбирање и сочувство. Тој на своја кожа ја почувствувал состојбата во која се наоѓа човечкото семејство. Можел да сочувствува со оние што страдале и уште подобро да разбере како ќе може да ги спаси од маките. Забележи како апостол Павле го истакнува ова во своето писмо до Евреите: „Затоа мораше во сѐ да стане како своите ‚браќа‘, за да биде милосрден и верен како првосвештеник во Божјата служба, за да принесе жртва помирница за гревовите на народот. А бидејќи и самиот страдаше кога беше искушуван, тој може да им дојде на помош на оние што се во искушенија“. „Зашто, нашиот првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нас во нашите слабости, туку таков кој во сѐ е испитан како и ние, но не згрешил. Затоа, да пристапиме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта, за Бог да ни покаже милосрдие и да ни покаже незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евреите 2:17, 18; 4:14-16; Матеј 9:36; 11:28-30).
11. Како она што го доживеале на Земјата ќе им помогне на идните цареви и свештеници кога ќе владеат?
11 Речиси истото може да се каже и за 144.000-те, кои „се откупени“ од Земјата за да владеат заедно со Исус Христос во небесното Царство (Откровение 14:4). Сите тие биле родени како луѓе на Земјата, пораснале во свет исполнет со страдање, а и самите страдале. Мнозина од нив биле малтретирани, а некои биле дури и убиени затоа што сакале да му останат верни на Јехова и да го следат Исус. Но тие не се ‚срамеле од сведоштвото за нивниот Господар, туку биле спремни да поднесуваат зло заради добрата вест‘ (2. Тимотеј 1:8). Поради она што го доживеале на Земјата, тие навистина ќе можат добро да му судат на човечкото семејство од небото. Научиле да бидат посочувствителни, пољубезни и поспремни да им помагаат на луѓето (Откровение 5:10; 14:2-5; 20:6).
Среќни се и оние што имаат надеж да живеат на Земјата
12, 13. Како им помага страдањето на оние што се надеваат да живеат на Земјата?
12 Дали страдањата што ги доживуваат денес можат некако да им помогнат на оние што се надеваат да живеат засекогаш во рајот на Земјата, на која ќе нема болест, тага и смрт? Сами по себе, маките и болките што ги носи страдањето не се нешто што човек би го посакал. Сепак, кога страдаме на некој начин, стекнуваме уште подобри особини и стануваме посреќни.
13 Забележи што вели вдахновената Божја реч во врска со ова: „Но дури и ако трпите поради праведноста, среќни сте“. „Ако ве исмејуваат поради Христовото име, среќни сте“ (1. Петрово 3:14; 4:14). „Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат и лажно ви припишуваат секакви зла. Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5:11, 12). „Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот“ (Јаков 1:12).
14. Во која смисла Јеховините слуги се среќни кога страдаат?
14 Се разбира, не нѐ прави среќни самото страдање кое можеби го поднесуваме. Среќата и задоволството се резултат на тоа што знаеме дека страдаме затоа што ја вршиме Јеховината волја и го следиме Исус. На пример, во првиот век, некои апостоли биле затворени, а потоа биле изведени пред еврејскиот виш суд и биле осудени затоа што проповедале за Исус Христос. Биле истепани со стапови и потоа ги пуштиле. Како гледале апостолите на ова? Библијата вели дека тие ‚си заминале од Судскиот совет, радувајќи се што биле достојни да поднесат срам поради неговото име‘ (Дела 5:17-41). Не се радувале затоа што биле истепани и чувствувале болка, туку биле среќни бидејќи знаеле дека тоа ги снашло затоа што му се верни на Јехова и одат по стапките на Исус (Дела 16:25; 2. Коринќаните 12:10; 1. Петрово 4:13).
15. На кој начин тоа што страдаме сега може да ни помогне во иднина?
15 Ако ги поднесуваме противењето и прогонството со исправен став, ќе станеме поиздржливи и ќе можеме да ги поднесеме страдањата што можеби ќе нѐ снајдат во иднина. Читаме: „Сметајте дека навистина имате за што да се радувате, браќа мои, кога ќе се најдете во разни искушенија, знаејќи дека искушувањето на вашата вера во вас гради истрајност“ (Јаков 1:2, 3). Нешто слично се вели и во Римјаните 5:3-5: „Се радуваме и во неволји, зашто знаеме дека неволјата донесува истрајност, истрајноста — испитаност, испитаноста — надеж, а надежта нема да разочара“. Значи, колку повеќе искушенија трпиме сега затоа што сме христијани, толку подобро ќе можеме да ги поднесеме и другите испити што можеби ќе нѐ снаоѓаат во иднина, сѐ додека трае овој злобен поредок.
Јехова ќе отплати
16. Што ќе стори Јехова за идните цареви и свештеници, и како со тоа ќе им надомести за нивното страдање?
16 Дури и ако загубиме материјални добра кога луѓето ни се противат и нѐ прогонуваат затоа што сме христијани, можеме да бидеме среќни бидејќи знаеме дека Јехова многу ќе нѐ награди. На пример, апостол Павле им го напишал следново на некои што имале надеж за живот на небото: „Со радост го поднесовте одземањето на вашиот имот, знаејќи дека имате подобар и траен посед“ како владетели во Божјето Царство (Евреите 10:34). И замисли си колку ќе се радуваат кога под водство на Јехова и Христос ќе можат да излеат прекрасни благослови врз сите жители на Земјата во новиот свет! Колку се точни зборовите што апостол Павле им ги напишал на верните христијани: „Сметам дека страдањата на сегашново време не се ништо во споредба со славата што ќе се објави врз нас“ (Римјаните 8:18).
17. Што ќе стори Јехова за оние кои се надеваат да живеат на Земјата и кои верно му служат сега?
17 На сличен начин, и оние што имаат надеж за живот на Земјата можеби ќе изгубат или доброволно ќе се откажат од нешто бидејќи му служат на Јехова. Но, тој ќе ги награди далеку над нивните очекувања со она што ќе го стори за нив во иднина. Ќе им даде совршен, бескраен живот во рај на Земјата. Во тој нов свет, Јехова „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). Какво величествено ветување! Ниту една жртва што ја правиме за Јехова во сегашниов свет, не може да се рамни со прекрасниот живот што тој ќе им го даде на своите верни слуги кои трпат страдања.
18. Кое утешно ветување ни го дава Јехова во својата Реч?
18 Ниедно страдање што можеби ќе мора да го трпиме во иднина нема со ништо да ни го помрачи вечниот живот во Божјиот нов свет. Сето тоа ќе биде потполно надоместено со прекрасните услови што ќе владеат во новиот свет. Во Исаија 65:17, 18 се вели: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето. Туку, радувајте се и веселете се довека поради она што го создавам!“ Затоа Јаков, полубратот на Исус, со право изјавил: „Ги прогласуваме за среќни оние што истрајаа“ (Јаков 5:11). Навистина, ако верно ги издржиме страдањата денес, ќе бидеме среќни и сега и во иднина.
Како би одговорил?
• Како луѓето почнале да страдаат?
• Како им помагаат страдањата на идните владетели и жители на Земјата?
• Зошто можеме да бидеме среќни сега и покрај тоа што страдаме?
[Слика на страница 27]
На нашите први родители им претстоела прекрасна иднина
[Слика на страница 29]
Тоа што го гледал страдањето му помага на Исус да биде добар Цар и Првосвештеник
[Слика на страница 31]
Апостолите ‚се радувале што биле достојни да поднесат срам‘ поради својата вера