Приближи му се на Бог
Пастир кој се грижи за тебе
‚СЕ ГРИЖИ ЛИ Бог за мене?‘ Ако некогаш ти се наметнувало тоа прашање, знај дека не си единствениот. Многумина од нас поминале низ разни тешки ситуации, па затоа понекогаш можеби се прашуваме дали Творецот на оваа огромна вселена воопшто го забележува тоа. Би сакале да знаеме: дали Јехова Бог се грижи за секого од нас? Додека бил на Земјата, Исус, кој најдобро го познава Јехова, преку една споредба ни дал охрабрувачки одговор на ова прашање.
Во споредбата, Исус користел примери од пастирскиот живот. Тој рекол: „Ако некој човек има сто овци и една од нив залута, нема ли да ги остави оние деведесет и девет в планина и да тргне да ја бара залутаната? И ако успее да ја најде, вистина, ви велам, повеќе ќе се радува поради неа отколку поради оние деведесет и девет што не залутале. Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Матеј 18:12-14). Да ја разгледаме подетално оваа споредба со која Исус ја опишал нежната грижа на Јехова за секој свој слуга.
Пастирот се чувствувал одговорен за секоја овца во стадото. Ако некоја залутала, тој знаел која е таа. Секоја овца ја познавал по името што ѝ го дал (Јован 10:3). Грижливиот пастир немал мир додека не ја врател во стадото залутаната овца. Но, со тоа што ја барал неа, тој не ги доведувал во опасност другите 99 што ги оставил. Честопати, по неколку пастири ги паселе овците заедно и ги пуштале стадата да се мешаат.a Затоа, пастирот што отишол да ја бара залутаната овца можел привремено да им го остави стадото на другите пастири, со доверба дека ќе се грижат за него. Кога ќе ја најдел загубената овца здрава и жива, пастирот имал голема причина за радост. Го ставал преплашеното животинче на своето рамо и го носел назад во стадото каде што било на сигурно (Лука 15:5, 6).
Кога ја објаснил оваа споредба, Исус рекол дека Бог ‚не сака да загине ниту еден од малите‘. Претходно, Исус ги предупредил своите ученици дека не смеат да поколебаат во верата некој ‚од малите кои веруваат‘ во него (Матеј 18:6). Според тоа, што учиме за Јехова од Исусовата споредба? Дека тој е Пастир кој многу се грижи за секоја своја овца, вклучувајќи ги и ‚малите‘, односно оние што се безначајни во очите на светот. А во Божји очи, секој негов слуга е скапоцен.
Ако сакаш да се увериш дека ти многу му значиш на Бог, би било добро да научиш нешто повеќе за Големиот Пастир, Јехова Бог, и за тоа како да му се приближиш. На тој начин, ќе можеш да стекнеш доверба каква што имал апостол Петар, кој најверојатно од прва рака ја слушнал Исусовата споредба за загубената овца. Петар подоцна напишал: „Сите свои грижи фрлете ги на [Бог], зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:7).
[Фуснота]
a Одвојувањето на стадата не било проблем бидејќи секоја овца го препознава повикот на својот пастир (Јован 10:4).